У.бр.73/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 5 април 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 31 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за евиденции во здравството („Службен весник на Република Македонија“ бр.164/2013).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативaта членот 46 од Законот за евиденции во здравството („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2009 и 53/2011) содржел 3 става. Со изменувањето и дополнувањето на Законот за евиденции во здравството („Службен весник на Република Македонија“ бр.164/2013 и 150/2015) не произлегувало дека законската одредба од став 2 на член 46 од основниот текст на законот била избришана и ниту било пропишано дека законската одредба од став 3 на член 46 требало да стане став 2 на член 46 од Законот за евиденции во здравството. Оттука, во иницијативата е наведено дека зборовите: “до министерот за здравство, кој донесува решение во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата” биле содржани во основниот текст во став 3 на член 46 од Законот за евиденции во здравството.

Во иницијативата е наведено дека оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причина што меѓу одредбата која се менувала и новата изменета одредба требало да постои согласност односно хармонија и тогаш новооформената одредба би претставувала една логично правно функционална целина која во правниот промет ќе се претставувала во својата полна операционализација како на самата себеси, така и во однос на законот во целина. Понатаму, во иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба по што истата да се укине како спротивна на Уставот.

3. Судот на седница утврди дека според член 31 од Законот за изменување и дополнување на Законот за евиденции во здравството („Службен весник на Република Македонија“ бр.164/2013) во членот 46 став 1 точката 2 се брише. Во ставот 2 од овој член зборовите: “до министерот за здравство, кој донесува решение во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата” се заменуваат со зборовите: „Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности.

Сoгласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Согласно член 46 став 1 од Законот за евиденции во здравството („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2009), инспекторот од членот 45 на овој закон е овластен со решение да: нареди преземање на мерки за отстранување на неправилностите кои ќе ги утврди во врска со спроведувањето на овој закон (точка 1) и забрани прибирање, обработка, чување, доставување и користење на лични податоци во збирки, односно нивното бришење, ако не е обезбедена нивната целосна заштита, или недоследно се спроведуваат одредбите и постапките од овој закон (точка 2). Против решението од ставот 1 на овој член може да се поднесе жалба во рок од осум дена од денот на врачувањето на решението (став 2). Жалбата се поднесува до министерот за здравство, кој донесува решение во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата (став 3).

Според член 31 од Законот за изменување и дополнување на Законот за евиденции во здравството („Службен весник на Република Македонија“ бр.164/2013) во членот 46 став 1 точката 2 се брише. Во ставот 2 зборовите: “до министерот за здравство, кој донесува решение во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата” се заменуваат со зборовите: „Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за евиденции во здравството („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2015) не е интервенирано во членот 46 од истиот закон.

Според наводите од иницијативата, Судот утврди дека со иницијативата се бара Уставниот суд да изврши корекција на оспорениот дел од одредбата на ставот 3 од членот 46 од Законот за евиденции во здравството („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/2009, 53/2011 164/2013 и 150/2015).

Тргнувајќи од наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата и во однос на кои го оспорува член 31 став 2 од наведениот закон, Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причини што во суштина подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да се впушти во уставно – судска оцена и да констатира дека законодавецот направил грешка на начин што во оспорениот член 31 се повикал на став 2, а не на став 3 на член 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за евиденции во здравството („Службен весник на Република Македонија“ бр.164/2013).

Во конкретниот случај, станува збор за очигледна техничка грешка, како што наведува и Владата на Република Македонија, која грешка според Судот не е од влијание во однос на правната сигурност на граѓаните, односно не може да предизвика забуна во однос на правилната примена на одредбите од актуелниот закон.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот утврди дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Законодавецот е орган чија надлежност е да ги креира прописите, да ги менува и дополнува, а воедно и да врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.73/2016
05.04.2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски