У.бр.73/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 9 јули 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување Изменување и дополнување на Детален урбанистички план “Дебар Маало 1” Општина Центар-Скопје, број 07-9816/4 од 21.12.2012 година, донесенa од Советот на Општина Центар-Скопје на 94-та седница одржана на 21.12.2012 година, објавенa во Службен гласник на Општина Центар број 17/2012 од 25.12.2012 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување на постапката за оценување на уставноста и законитоста на Програмата за урбано планирање „ Ф „ на Општина Центар-Скопје за 2012 година во делот: „Поради економскиот развој на општина Центар-Скопје, врз основа на член 17 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011), овие планови ќе се донесат во скратена постапка, пропишана во член 24-а став 2, 3 и 4 од наведениот закон“ број 07-5339/2, донесена на 69-та седница на Советот на Општина Центар Скопје, одржана на 29 декември 2011 година и објавена во Службен гласник на Општина Центар број 18/2011 од 30.12.2011 година.

3. Томислав Мирковски од Скопје, во својство на претседател на Заедницата на сопственици на станови на улица „Франклин Рузвелт“ број 42/3-14 од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесoa иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорените акти означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според наводите од иницијативата, со оспорената програма и одлука, во времето на нивното донесување и важење биле повредени уставните начела на владеење на правото и за обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија и истите биле донесени во постапка која не била во согласност со член 8 став 1 алинеa 10 од Уставот на Република Македонија, како и со членовите 17, 22, 24, 24-a, 25, 26, 29 и 31 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во образложението на иницијативата, подносителите ја цитираат содржината на оспорената програма и одлука, одредбите од Уставот кои сметаат дека се повредени со донесување на истите, како и релевантни одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање и укажуваат дека таа била донесена во постапка што не е пропишана со закон, односно спротивно на членовите наведени од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Понатаму, во иницијативата е наведено дека не било спорно дека според членовите 17 и 24-а од Законот, општината може да донесе програма за изработување на плановите во скратена постапка заради економски развој на општината, но во конкретниот случај намерно се изигрувале овие одредби од Законот и била направена повреда на начелото на владеење на правото од причина што во оспорената програма била дадена генерална определба сите планови кои веќе биле предвидени за изработка и во 2012 година и во 2013 година да се донесат во скратена постапка. Исто така, е наведено дека во правниот основ за донесување на оспорената програма не бил наведен членот 17 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој пак, претставувал директен материјален основ за донесување на истата.

Во однос на оспорената одлука, во иницијативата е наведено дека едно од усвоените измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план се состоело во тоа што во потегот помеѓу улиците „Франклин Рузвелт“, „Мајаковски“ и „Црвена вода“, во градежната парцела на зградата означена како 18,5 била предвидена нова улица (всушност ќорсокак) која била означена како „улица 3“. Меѓутоа, на увид на граѓаните на јавната анкета и јавната презентација бил изложен Предлог-план каде ја немало вцртано оваа улица, а потоа, сепак бил донесен планот кој бил различен во тој дел од изложениот Предлог-план, односно Советот на Општината Центар донел план кој се разликувал од изложениот план по тоа што предметната улица сега била вцртана. Со тоа, во усвоените изменувања и дополнувања на планот биле направени значајни промени на регулациони линии и намената на земјиштето во однос на изложениот Предлог-план на јавната презентација и јавната анкета.

Исто така во иницијативата е наведено дека, во конкретниот случај Градот Скопје имал дадено мислење на доставен Предлог-план во кој не била содржана „улица 3“ и на тој начин Градот бил изманипулиран при давањето на мислењето. Како аргумент дека не била спроведена законска постапка за донесуване на оспорената одлука бил и фактот што Записник од спроведената Јавна презентација, број 25-25/22 од 24.07.2012 година; Извештај од Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог планот, број 25-25/23 од 24.07.2012 година и Известување по постапување по Извештај по спроведена Јавна анкета и Јавна презентација, број 25-25/24 од 24.07.2012 година.

Во иницијативата се бара да се укинат оспорените акти и со оглед на можноста за потешки последици од спроведување на истите да се донесе решение за запирање од извршување на поединечни акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на истите.

4. Судот на седница утврди дека според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).

Постапката за донесувањето на оспорената Одлука отпочнала со Законот за просторно и урбанистичко планирање од 2005 година со погоре наведените измени и дополнувања на Законот.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во глава II од Законот за просторно и урбанистичко планирање како “Планирање на просторот”, во која се содржани членовите од 7-48 од Законот.

Co член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Cо членот 17 од Законот е уредено: За изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна програма. Во годишната програма општините и градот Скопје можат да утврдат одредени планови заради економски развој на општината, да се донесат во постапка, пропишана во членот 24-а ставови 2, 3 и 4 на овој закон.(став 1)

Програмата од ставот 1 на овој член, општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.(став 2)

Изработката на плановите од програмата од ставот 1 на овој член, се финансира од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје.(став 3)

Градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во градот Скопје формираат Комисија составена најмалку од три члена од кои еден архитект со овластување за изработка на урбанистичките планови и две стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацрт плановите од членот 7 точка 2 на овој закон и дава предлог до градоначалникот за одобрување на локална урбанистичка планска документација. Градоначалникот на градот Скопје формира Комисија составена најмалку од пет члена од кои двајца архитекти со овластување за изработка на урбанистичките планови и три стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацртот на Генералниот урбанистички план на градот Скопје. Во комисијата формирана од градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во градот Скопје е потребно најмалку еден член да не е лице вработено во општинската администрација, а во комисијата формирана од градоначалникот на градот Скопје најмалку два члена да не се лица вработени во администрацијата на градот Скопје. (став 4)

Во ставот 5 на овој член, е наведено дека, заради ефикасно спроведување на политиката на планирање и уредување на просторот, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје се должни да обезбедат стручно следење на спроведувањето на плановите и да извршат согледување за степенот на реализација на плановите, заради подготвување на Програма за изработка на урбанистички планови.

За обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичкото планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партиципативното тело се состои од: претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена. (став 6)

Изработката на плановите од програмата од ставот 1 на овој член можат да ја финансираат и заинтересирани правни и физички лица чиишто програмски барања и подрачја на интерес се прифатливи за општината и градот Скопје. (став 7)

Со членот 21 став 1 од Законот е определено: На нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Стручна ревизија на планот од членот 7 точка 1 на овој закон, врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за работите од областа на просторното планирање и се состои од најмалку три члена од стручно-научни институции, истакнати научни и стручни работници од областа на просторното и урбанистичко планирање и од други области суштествени за изработка на планската документација. (став 2)

Стручна ревизија на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон финансирани од Буџетот на Република Македонија, и на државната урбанистичка планска документација врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Стручната комисија се состои од најмалку три члена, од кои најмалку двајца се со овластување за носител на изработка на урбанистички планови. (став 3)

Стручна ревизија на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општините и буџетот на градот Скопје и на локалната урбанистичка планска документација, врши овластено правно лице од членот 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или градоначалникот на градот Скопје. (став 4)

Забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот. (став 5)

Стручна ревизија не може да врши изработувачот на планот на кој се врши ревизија. (став 6)

Доколку изработувачот и донесувачот на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, на државната и локалната урбанистичка планска документација и на проектот за инфраструктура, не ги прибават потребните податоци и информации согласно со членот 29 од овој закон, на истите не може да се врши стручна ревизија. (став 7)

Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Со членот 24 тав 1 на овој закон е определено: По нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон. (став 2)

За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај. (став 3)

За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение. (став 4)

Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. (став 5)

Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината. (став 6)

Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. (став 7)

Извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот. (став 8)

Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози. (став 9)

Доколку комисијата од став 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета. (став 10)

Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот. (став 11)

Со членот 24-а став 1 од Законот е уредено: Урбанистичките планови за кои Владата на Република Македонија донела програма за приоритетна изработка согласно со членот 16 став 4 од овој закон се донесуваат по скратена постапка во која урбанистичкиот план се изработува и донесува како предлог на планот.

На предлогот на планот се врши стручна ревизија согласно со членот 21 став 3 од овој закон се спроведува стручна расправа согласно со членот 23 од овој закон и се спроведува јавна презентација и јавна анкета согласно со членот 24 од овој закон. Јавната анкета трае десет работни дена и се организира во рок од три работни дена по добивање на одговор на стручното мислење од страна на изготвувачот на планот. Стручната расправа се одржува во периодот на времетраењето на јавната анкета, а извештајот од стручната расправа се изработува во рок од три дена по одржаната стручна расправа. Извештајот од јавната анкета се изработува во рок од пет работни дена по завршување на јавната анкета, а по извештајот на комисијата изработувачот на планот постапува во рок од седум работни дена. (став 2)

Комисијата од членот 17 став 4 на овој закон дава стручно мислење на предлогот на планот во рок од пет работни дена по доставувањето на предлогот на планот од страна на изработувачот. (став 3)

На предлогот на планот се бара согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот која се издава во рок од пет дена од поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Предлогот на планот се донесува во рок од десет работни дена од приемот на согласноста. (став 4)

Согласно член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 2 на овој член од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 3 од истиот член од Законот, согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на донесувачот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на согласноста не одговори во наведениот рок, ќе се смета дека согласноста е издадена.

Во ставот 4 на членот 25 од овој Закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според ставот 5 од погоре наведениот член од Законот, градоначалникот на општината е должен најдоцна 15 дена по добивање на согласноста од ставот 2 на овој член да го достави предлогот на планот до Советот на општината, а советот е должен во рок од 15 дена од приемот на предлогот на планот да го стави на седница и да одлучи по истиот.

Според членот 26 став 7 од Законот, општините во градот Скопје, урбанистичките планови ги донесуваат по претходно добиено позитивно мислење од градоначалникот на градот Скопје – за што градоначалникот овластува стручно лице, дипломиран инженер архитект со најмалку три години работно искуство во областа на урбанистичкото планирање. Мислењето од градоначалникот на градот Скопје се издава во рок од 8 дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот, а доколку не се издаде во определениот рок ќе се смета дека мислењето е дадено.

Со членот 28 став 5 од Законот е определено дека измени и дополнувања на плановите и делови од плановите од членот 7 на овој закон се вршат по истата постапка пропишана за нивно донесување.

Судот на седница утврди дека, во конкретниот случај, Советот на Општина Центар-Скопје, врз основа на член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на Општината Центар-Скопје (“Службен гласник на Општина Центар-Скопје” број 1/06) и член 26 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011), на 94-та седница одржана на 21.12.2012 година, донел Одлука за донесување Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Градска четврт “Дебар Маало 1“, Општина Центар-Скопје.

Во членот 1 од Одлуката е предвидено дека со истата се донесува Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Градска четврт Дебар Маало 1, Општина Центар, Скопје, согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” број 08/2002); Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011); Правилникот за поблиската содржина размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” број 78/2006) и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” број 142/2010, 64/2011 и 98/2011).

Во членот 2 од Одлуката е определена границата на планскиот опфат.

Во членот 3 од Одлуката е наведена содржината во утврдените граници на опфатот од членот 2 и тоа: општ дел, планска програма, документациона основа, планска документација, сообраќај, комунална инфраструктура, атмосферска канализација, фекална канализација, електро-енергетика со локација на објекти, П.П.Т. мрежа и објекти, топлификација, услови за изградба, како и графички дел со документациона основа и планиран развој.

Во членот 4 од Одлуката се наведени составните делови на одлуката и тоа: текстуален дел на планот; графички прилози; нумерички дел; услови за градба; Програма за урбано планирање “Ф” на Општина Центар за 2012 година, број 07-5339/2 од 29.12.2011 година; Планска програма изработен од изготвувачот на планот тех.број 42-1/12 од април 2012; Извештај од извршена Стручна ревизија на планот изготвен од АД за планирање, проектирање и инженеринг “ТАЈФА ПЛАН ДОО”-Скопје,тех. Број 056/06/12 од јуни 2012 година; Извештај за постапување по забелешките на Стручната ревизија од изготвувачот на планот од тех.број 42/12-10 од јуни 2012 година; Решение од градоначалникот на Општина Центар за формирање Комисија за давање Мислење по планот, број 08-1140/1 од 10.03.2011 година; Мислење по Предлог планот од Комисијата формирана од градоначалникот на Општина Центар, број 08-5330/1 од 05.07.2012 година; Извештај за постапување по забелешките од Мислењето од Комисијата од изготвувачот на планот од тех.број. 42/12 од јули 2012 година; Решение за Јавна презентација и јавна анкета по Предлог планот, број 08-5303/1 од 04.07.2012 година; Соопштение за организирање на Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог планот, број 08-5303/2 од 04.07.2012 година и доказ за објава во две јавни гласила; Решение за формирање на Стручна комисија за изготвување на Извештај од Јавна презентација и Јавна анкета, број 08-5303/3 од 20.07.2012 година; Записник од спроведената Јавна презентација, број 25-25/22 од 24.07.2012 година; Извештај од Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог планот, број 25-25/23 од 24.07.2012 година; Известување по постапување по Извештај по спроведена Јавна анкета и Јавна презентација, број 25-25/24 од 24.07.2012 година; Мислење по Предлог планот од Град Скопје, број 13-3680/2 од 12.09.2012 година; Известување од национална установа, конзерваторски центар-Скопје, број 07-431/2 од 06 јули 2011 година; Решение за одобрување на Заштитно конзерваторски основи од Министерството за култура, Управа за заштита на културно наследство, број 08-173/2 од 02.02.2010 година; Решение за одобрување на Анекс на Заштитно конзерваторски основи од Министерството за култура, Управа за заштита на културно наследство, број 08-173/6 од 19.08.2010 година; Мислење од Министерството за култура-Управа за заштита на културното наследство, број 17-1333/8 од 13.11.2012 година; Одлука за неспроведување на стратегиска оцена донесена од градоначалникот на Општина Центар број. 08-5691/1 од 17.07.2012; Мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање, број 15-7926/2 од 06.09.2012 година; Мислење од Министерството за одбрана, Сектор за недвижности и услуги, број 17/2-31/79 од 27.11.2012 година;Мислење од Дирекција за заштита и спасување, Подрачно одделение за заштита и спасување-Центар, број 10-147/9 од 15.08.2012 година; Мислење од ЈП Водовод-Скопје, број 1201-9712/2 од 07.09.2012 година; Мислење од ЕВН-Македонија АД Скопје, број 27-4/262 од 04.09.2012 година; Мислење од АД ГА-МА-Скопје, број 0308-1810/1 од 12.07.2012 година; Одговор од Друштво за дистрибуција на топлинска енергија “Дистрибуција на топлина” ДООЕЛ-Скопје, број 01-999/2 од 05.09.2012 година и Согласност од Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просторот, број 16-22035/2 од 29.11.2012 година.

Во членот 5 од Одлуката, се наведени административните работи во врска со заверка на предметниот план, бројот на примероците, чувањето, доставувањето на органите и местото на изложување на планот заради достапност на јавноста.

Во членот 6 од Одлуката е наведена обврската на Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје, во рок од 30 дена од донесување на предметниот план, да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон, како и обврска за предавање на картираните подлоги на Агенцијата за катастар на недвижности на чување и користење.

Во членот 7 од Одлуката е наведена обврска за чување и грижа за реализација на Одлуката за донесување на Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Дебар Маало 1, Општина Центар-Скопје со сите нејзини делови од страна на Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје.

Во член 8 од оваа одлука е предвидено дека истата влегува во сила од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Центар“-Скопје.

Одлуката е донесена под број 07-9816/4 од 21.12.2012 година и е објавена во “Службен гласник на Општина Центар-Скопје” со број 17 од 25 декември 2012 година.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Oд приложената и прибавената документација Судот на седница утврди дека при донесување на оспорената одлука биле преземени следниве дејствија:

– Програма за урбано планирање “Ф” на Општина Центар за 2012 година, број 07-5339/2 од 29.12.2011 година, донесена од Советот на Општина Центар и објавена во Службен гласник на Општина Центар број 18/2011 од 25.12.2012 година;

– Писмо за достава на Програма за урбано планирање “Ф” на Општина Центар за 2012 година, број 07-5339/16 од 11.01.2012 година;

– Програма за дополнување на Програмата за урбано планирање “Ф” на Општина Центар за 2011 година, број 07-1193/2 од 18.03.2011 година, донесена од Советот на Општина Центар;

-Планска програма за изработка на изменување и дополнување на Детален урбанистички план “Дебар Маало 1”, Општина Центар, Скопје од април 2012, од изготвувачот на планот Друштво за производство, услуги и промет “Билд Доел” Скопје, од април 2011, тех.бр. 42-1/12 од 25.04.2012;

-Извештај од Стручна ревизија на изменување и дополнување на Детален урбанистички план “Дебар Маало 1”, Општина Центар-Скопје, од јуни 2012 година, Предлог план, изготвен од А.Д. за урбанизам, архитектура и инженеринг “Тајфа -План”-Скопје, тех.број 056/06/12 од јуни 2012 година;

-Одговор на Стручна ревизија, изменување и дополнување на Детален урбанистички план “Дебар Маало 1, Општина Центар-Скопје, планиран развој 2011-2016 година, Предлог план, од изготвувачот на планот од мај 2011 година, технички број 005/01/11;

-Решение за формирање Комисија, донесено од градоначалникот на Општина Центар-Скопје, број 08-1140/1 од 10.03.2011 година;

-Мислење по Предлог-планот за изменување и дополнување на ДУП Градска четврт “Дебар Маало 1“ број 08-5330/1 од 05.07.2012 година, дадено од Комисијата формирана од градоначалникот на Општина Центар-Скопје, број 08-1140/1 од 10.03.2011;

-Одговор на мислење – од фаза Извештај за постапување по забелешките од стручното мислење од Комисијата- од изготвувачот на планот од јули 2012 година, тех. бр. 42-10/12;

-Решение за Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог- планот, број 08-5303/1 од 04.07.2012 година, во кое помеѓу другото е наведено дека јавната анкета ќе трае 11 работни дена, односно од 06.07.2012 година до 20.07.2012 година;

-Соопштение за организирање Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог-планот, број 08-5303/2 од 04.07.2012 година;

-Изводи од дневни весници “Нова Македонија“ и “Дневник“, двете од 06 јули 2012 година, во кои е објавено Соопштението за Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог-планот;

-Решение за формирање на Стручна комисија за изготвување на Извештај од Јавна презентација и Јавна анкета, број 08-5303/3 од 20.07.2012 година;

-Записник од спроведена Јавна презентација по Предлог-планот, број 25-25/22 од 24.07.2012 година;

Извештај од Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог-планот, во период од 06.07.2012 година до 20.07.2012 година, број 25-25/23 од 24.07.2012 година, за вкупно 41 доставени анкетни листови од граѓани и правни лица, од кои вкупно 14 прифатени и 2 делумно прифатени забелешки и предлози по предметниот Предлог-план;

-Приемна книга (лист) од Македонска пошта, вкупно 2 листови за извршена достава на Извештај од јавна анкета на 50 граѓани и правни лица;

-Мислење по Предлог-планот, издадено од Град Скопје-Сектор за планирање и уредување на просторот, број 13-3680/2 од 12.09.2012 година;

-Мислење од Министерството за култура-Управа за заштита на културното наследство, број 17-1333/8 од 13.11.2012 година, по Предлог-план;

-Мислење од Н.У. Конзерваторски центар- Скопје , број 07-431/2 од 06.07.2012 година и заштитно конзерваторски основи за културно наследство, изработени од Н.У. Конзерваторски центар- Скопје заведени под број 07-35/1 од 21 01.2010 година ;

-Решение за одобрување на заштитно конзерваторски основи, издадено од Министерството за култура-Управа за заштита на културното наследство, 08-173/2 од 02.02.2010 година;

– Одлука за неспроведување на Стратегиска оцена, донесена од градоначалникот на општината, под број 08-5691/1 од 17.07.2012 година;

-Мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање, број 5-7926/2 од 06.09.2012 година;

-Мислење од Министерството за одбрана, број 17/2-31/79 од 27.11.2012 година;

-Мислење од АД ГА-МА-Скопје, број 0308-1810/1 од 12.07.2012 година;

-Мислење од Македонски телеком АД -Скопје, број 251-338796/2 од 13.09.2012 година;

-Одговор од Друштво за дистрибуција на топлинска енергија “Дистрибуција на топлина” ДООЕЛ-Скопје, број 01-999/2 од 05.09.2012 година;

-Мислење од ЕВН-Македонија АД Скопје, КЕЦ Скопје, број 27-4/262 од 04.09.2012 година;

-Мислење од Дирекцијата за заштита и спасување-Подрачно одделение за заштита и спасување Центар, број 10-147/9 од 15.08.2012 година;

-Мислење од ЈП Водовод и канализација -Скопје, број 1201-9712/2 од 07.09.2012 година;

-Согласност од Министерството за транспорт и врски на предметниот Предлог-план, број 16-22035/2 од 29.11.2012 година;

– Одлука за донесување Изменување и дополнување на Детален урбанистички план “Дебар Маало 1“, Општина Центар-Скопје, број 07-9816/4/ од 21.12.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје;

– Предметната Одлука е објавена во “Службен гласник на Општина Центар-Скопје” број 17/2012 од 25 декември 2012 година.

5. Судот утврди дека од приложената и прибавена документација произлегува дека оспорената Одлука е донесена во предвидената законска постапка.

Тргнувајќи од анализата на образложението на иницијативата во кое е наведено дека биле направени промени во регулационите линии и намената на земјиштето во изменувањето и дополнувањето на оспорениот план кој бил донесен од Советот на Општина Центар. Тоа од причина, дека во однос на изложениот план на спроведената јавна презентација и јавна анкета бил прикажан Предлог-план во кој не била содржана „улицата 3„ и според наводите во иницијативатата требало да бидат повторени јавната презентација и јавната анкета, а тоа не било сторено. Отука, подносителите на иницијативтата сметаат дека била повредена постапката за донесување на Планот и Градот Скопје бил изманипулиран во постапката на давење на мислење, но според оцена на Судот овие наводи се неосновани.

Од увидот и споредбата на изводот од Предлог-планот кој бил изложен на јавната презентација и јавната анкета, Комисијата од членот 24 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање изготвила Извештај од Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог-планот, во период од 06.07.2012 година до 20.07.2012 година, број 25-25/23 од 24.07.2012 година, за вкупно 41 доставени анкетни листови од граѓани и правни лица, од кои вкупно 14 прифатени и 2 делумно прифатени забелешки и предлози по предметниот Предлог-план и не дала предлог на Градоначалникот на Општина Центар повторно да биде спроведена јавна презентација и јавна анкета за оспорениот план. Покрај тоа наведеното земјиште односно деловите од катастарската парцела се сопственост на Република Македонија и истото земјиште функционира како јавна површина, видно од приложената Документациона основа – Инвентаризација на постојната инфраструктура приложена кон донесената Одлука за Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Градска четврт “Дебар Маало 1” Општина Центар-Скопје, донесенa од Советот на Општина Центар-Скопје, каде е предвидена пристапна улица која е од јавен карактер.

Во однос на тврдењето во иницијативата дека во конкретниот случај Градот Скопје имал дадено позитивно мислење на доставен Предлог –план во кој не била содржана „улицата 3„ Судот утврди дека истото е неосновано. Со дадената Согласност од Министерството за транспорт и врски на предметниот Предлог-план, Сектор за уредување на просторот, број 16-22035/2 од 29.11.2012 година, јасно се потврдува дека постапката за изработка и донесување на Предлог –планот била спроведена согласно со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и прописите донесени врз основа на истиот.

Оттука, со оглед дека оспорениот план во делот кој се оспорува со иницијативата, е истоветен како и Предлог-планот кој бил изложен по повод спроведената Јавна презентација и Јавна анкета, на начин што презентираниот Предлог-план во делот што се оспорува со иницијативата не претпрпел суштинска промена од аспект на поединечната класа на намена на земјиштето, вклучително и по однос на „улицата 3„ граѓаните во случајов подносителите на иницијативата, не се обесправени во можноста да се изјаснат по однос на ново настанатата состојба.

По однос на содржината на урбанистичките планови, за Уставниот суд ирелевантно е со какви и кои содржини и плански решенија, тие се уредени, бидејќи не е во надлежност на овој суд да ја цени содржината на плановите, ниту пак да ги цени заклучоците за оправданоста или неоправданоста на прифатените или неприфатените забелешки и предлози по анкетни листови од граѓани, што е во надлежност на други стручни органи, туку во надлежност на Уставниот суд е да ја цени законитоста на постапката во која плановите се донесуваат.

Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека со вака донесената оспорена одлука, не се доведува во прашање начелото на владеење на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата од член 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, поради што во случајов основано не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот.

6.Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според член 15-а став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, државната урбанистичка планска документација и локалната урбанистичка планска документација се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат. Планската програма се состои од текстуален и графички дел.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Тргнувајќи од наведените уставни, законски и деловнички одредби наспрема наводите од иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причини што подносителите на иницијативата ја оспоруваат Програмата за урбано планирање „Ф„ на Општина Центар-Скопје за 2012 година во делот: „ Поради економскиот развој на општина Центар-Скопје, врз основа на член 17 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011), овие планови ќе се донесат во скратена постапка, пропишана во член 24-а став 2, 3 и 4 од наведениот закон„ донесена на 69-та седница на Советот на Општина Центар Скопје, одржана на 29 декември 2011 година и објавена во Службен гласник на Општина Центар број 18/2011 од 30.12.2011 година, без притоа да бидат наведени соодветни аргументи кои ја прават програмата несогласна со Уставот.

Оваа оспорена програма и делот кој конкретно се оспорува се однесуваат на изминатата 2012 година и со донесувањето на новата Програма за урбано планирање “Ф” на Општина Центар за 2013 година, истата повеќе не се применува.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена со член 110 од Уставот, содржината на оспорената програма и уставно судската практика наспрема наводите во иницијативата, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на оспорената програма, односно, Судот не може да се впушти во утврдување на ставови во смисла на тоа дали законодавецот треба да прави или не, исклучоци во однос на донесувањето на деталните урбанистички планови во скратена постапка, кои не се предвидени во Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на оспорената Програма, поради што се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата во тој дел, согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.73/2013
09.07.2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева