У.бр.72/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 декември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 16, 17 и 19 од Одлуката за усвојување на Елаборат за измени и дополнувања на текстуалниот дел на одредбите за спроведување на ДУП за прва урбана единица Охрид, донесена од Советот на Општина Охрид на 14 август 2000 година (“Службен гласник на Општина Охрид” бр.5/2000).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.72/01 од 24 октомври 2001 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од Одлуката означени во точката 1 на оваа одлука затоа што се постави прашањето за нивната уставност и законитост.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 16 од Одлуката на урбанистичките проекти предвидени со оваа одлука, согласност дава Главниот архитект на градот.

Во одделни случаи Главниот архитект може да побара мислење од стручна комисија. Стручната комисија ја именува Главниот архитект од стручни лица за соодветниот предмет.

Во оспорениот член 17 од Одлуката е предвидено дека урбанистичкиот проект од член 16 на оваа одлука на кого е дадена согласност, претставува измена на дел од Деталниот план за конкретниот објект и истиот е составен дел на Деталниот план за прва урбана единица.

Според член 19, одредбите од овој елаборат се однесуваат за сите детални урбанистички планови и за нивните измени, кои со денот на донесувањето на оваа одлука се во сила и тоа: ДУП за прва урбана единица со измените, ДУП за ПЦГП Охрид со измените; ДУП за втора урбана единица со измените; ДУП за трета урбана единица со измените; ДУП за четврта урбана единица; ДУП за петта урбана единица; ДУП за шеста урбана единица со измените; ДУП за седма урбана единица со измените; ДУП за осма урбана единица; ДУП за девета урбана единица со измените; ДУП за десета урбана единица со измените; ДУП за единаесета урбана единица со измените; ДУП за населбата 15-ти корпус со измените; ДУП за населбата Железничка со измените; ДУП за Радојца Новичиќ со измените; Урбанистички проект за седма зона од ЦГП од седма урбана единица; Урбанистички проект за шеста зона од ЦГП од седма урбана единица; ДУП за населбата Пештани со измените; ДУП за населбата Трпејца со измените; ДУП Бејбунар 1; ДУП за населбата Чекоштина; ДУП за туристичкиот комплекс Свети Стефан со измените; ДУП за населбата Љубаништа; ДУП за потегот Лагадин-Пештани.

Одредбите од овој елаборат ќе се применуваат поодделно за секој ДУП од став 1 на овој член.

5. Во членот 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е утврдена уредувањето и хуманизација на просторот и заштита и унапредување на животната средина.

Според член 115 од Уставот на Република Македонија во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено и во областа на урбанизмот.

Во членот 52 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95), главниот архитект на градот покренува иницијатива за измена и дополнување на деталните урбанистички планови; покренува иницијатива за изработка на урбанистички и архитектонско-урбанистички планови, дава стручно мислење на деталните урбанистички планови и урбанистичките и архитектнско-урбанистичките проекти, дава насоки за изработка на архитектонски проекти за да се валоризираат вредностите во архитектурата и зачувување на амбиенталните вредности на одделни градски квартови; дава согласност на архитектонските проекти што се од големо значење за градот, а значењето се утрдува во правилникот за таков вид на објекти изготвени и усвоени во единициата на локалната самоуправа; дава согласност на проектите за просторно уредување на позначајни објекти или квартови во градот; му предлага на советот дополнување норми и правилници од областа на архитектурата; покренува иницијатива за ревитализација на одредени градски квартови; се грижи за сигурноста и архитектнското наследство и за архитектонско обликуваниот изглед на објектите во градот и учествува во работата на комисиите и телата надлежни за урбанизам и архитектура.

Од означената законска одредба произлегува дека надлежностите на главниот архитект на градот се децидно утврдени. При тоа, не е спорно дека главниот архитект во рамките на утврдените надлежности за одделни прашања дава и согласност – согласност на архитектонските проекти што се од големо значење за градот, а значењето се утрдува со правилник за таков вид објекти изготвен и усвоен во единицата на локалната самоуправа, како и согласност на проектите за партерно уредување на позначајни објекти или квартови во градот. Меѓутоа, во никој случај ваквото законско овластување на галвниот архитект на градот не може да се поистовети со согласноста утврдена во оспорената одредба на членот 16 од Одлуката. Според мислењето на Судот, и покрај тоа што е во прашање урбанистички проект за одделни објекти, објектите, односно површината за изградба на објектите определени со регулациони и градежни линии, максимална висина на објектите и другите поблиски услови за изградба, се елементи на деталниот урбанистички план, што значи дека во случајов главниот архитект дава согласност на урбанистичките проекти за одделни објекти кои се елемент на деталниот план.

Според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработувње, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Според член 11 од Законот детален урбанистички план се донесува за одделни делови на населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план.

Според ставот 2 на овој член од Законот деталниот урбанистички план содржи особено: меѓу другото, план на намена на просторот и објектите, план на градежни парцели и површина за изгрдба на објекти определени со регулациони и градежни линии, максимална висина на објектите и други поблиски услови за изгрдба и одредби за спроведување на планот.

Од наведените законски одредби произлегува дека и преку спроведувањето на урбанистичките планови се обезбедува просторното и урбанистичкото планирање и дека одредбите за нивно спроведување се содржина на деталните планови.

Тргнувајќи од законската определба дека и одредбите за спроведување на деталните планови се содржина на плановите, според мислењето на Судот овластувањето на главниот архитект на градот утврдено во оспорената одредба на член 16 од Одлуката не е во рамките на законските овластувања поради што Судот оцени дека ставот 1 од оваа одредба не е во согласност со член 8 алинеја 10 од Уставот, со членот 11 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање и со членот 52 од Законот за локалната самоуправа. Со оглед на тоа што и ставот 2 на членот 16 од Одлуката е во функција на ставот 1 Судот оцени дека одредбата во целина не е во согласност со означените уставни и законски одредби.

Исто така, Судот смета дека и оспорениот член 17 од Одлуката е во функција на членот 16, односно според овој член урбанистичкиот проект од член 16 на кого е дадена согласност претставува измена на дел од Деталниот урбанистички план за прва урбана единица – Охрид за конкретниот објект и истиот е составен дел на Деталниот план, што укажува на фактот дека се во прашање измена и дополнување на овој план, поради што оцени дека не е во согласност со означените уставни и законски одредби.

Во поглед на одредбата содржана во членот 19 од Одлуката, Судот оцени дека не е во согласност со означените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање од причини што одредбите за реализација се составен дел на деталниот план, во случајов на Деталниот план за прва урбана единица Охрид и со нивната измена не е допуштено да се уредуваат прашања и за означените детални планови, поради што оцени дека не е во согласност со наведените законски одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски

У.бр.72/2001
12 декември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов