У.бр.67/2006

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 31 мај 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 став 2 од Законот за странците („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека од содржината на оспорената законска одредба произлегувало дека законодавецот предвидел овластување за Владата на Република Македонија да истата ја определува висината на средствата за издржување кои се неопходни да ги поседува странецот во периодот на престојот во Република Македонија. Меѓутоа, според подносителот на иницијативата, во Законот за странците недостасувале, односно истиот не содржел критериуми, односно конкретна законска рамка и параметри за утврдување на висината на средствата за издржување поради што основано можело да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со принципот на поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Законското овластување Владата на Република Македонија да ја пропишува – определува висината на средствата за издржување без постоење на законска рамка, според подносителот на иницијативата, исто така, не било ниту во функција на утврдување и разработка на одделни законски одередби заради нивно извршување како што предвидел членот 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 12 од Законот за странците е предвидено дека поседување на средства за издржување во смисла на членот 11 став 1 алинеја 3 и членот 38 став 1 алинеја 3 на овој закон странецот ги докажува на еден од следниве начини:

– поседува парични средства во готово во домашна или странска конвертибилна валута,
– поседува важечко средство на безготовинско плаќање (кредитни картички, травел чекови и слично),
– гарантно писмо или покана од правно лице,
– поседува недвижни ствари и други средства согласно со закон (недвижен имот или изнајмува недвижен имот во Република Македонија врз основа на кој може да обезбеди средства за издржување за време на престојот во Република Македонија, средства по основ на директни странски вложувања, производно-техничка соработка и корпорација и друго).

Владата на Република Македонија ја определува висината на средствата за издржување од ставот 1 на овој член.

Согласно лен 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот е утврдено дека Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, а според алинејата 5 на овој член од Уставот таа донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Тргнувајќи од дикцијата и суштината на одредбата на член 91 од Уставот, а со оглед на тоа што во оспорената законска одредба станува збор за овластување на носител на извршната власт кои своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите – Владата на Република Македонија, при оценување на согласноста на оваа одредба со Уставот треба да се има во предвид и Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005 и 37/2006), во кој освен организација, системски се уредува и надлежноста и начинот на работа на Владата на Република Македонија.

Од овој аспект според член 2 од овој закон, Владата како носител на извршната власт е орган на Република Македонија кој работите од својата надлежност ги врши самостојно, во рамките на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, а врз основа на принципите на транспарентност, ефикасност и заштита на човековите слободи и права.

Во членот 8 од овој закон се утврдува дека Владата, покрај надлежностите утврдени со Уставот, меѓу другото, врши и други работи утврдени со закон.

Според членот 35 од Законот, за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Со Законот за странците („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2006) се уредуваат условите за влез, напуштање и престој на странците во Република Македонија, како и нивните права и должности (член 1 од Законот).

Членот 2 од Законот ја дава дефиницијата на поимот странец и според ставот 1 на овој член, странец во смисла на овој закон е лице кое не е државјанин на Република Македонија.

Според ставот 2 на истиот член, странец е и лице без државјанство, односно лице кое ниедна држава по сила на својот закон не го смета за свој државјанин.

Глава II од овој закон го регулира прашањето за „Влез на странци и напуштање на Република Македонија“.

Членот 11 од Законот за странци кој влегува во Глава II, во поднасловот I „Услови за влез во Република Македонија“ ги предвидува „Општите услови за влез“. Имено, според овој член странец може да влезе во Република Македонија ако:

– има важечка и призната патна исправа,
– поседува важечка виза, доколку е потребна,
– има средства за издржување како за периодот на престојот, така и за враќање во државата од која доаѓа или за патување во трета држава во која е сигурно дека ќе биде прифатен или ќе биде во можност законски да се стекне со тие средства,
– приложи, доколку е потребно, документи што ја оправдуваат целта и околностите на предвидениот престој во Република Македонија и документи за патничко осигурување,
– не е протеран од Република Македонија и за кого нема важечка забрана за влез и
– не претставува опасност за јавниот ред, националната безбедност, јавното здравје или за меѓународните односи на Република Македонија.

По исклучок, може да се дозволи влез во Република Македонија на странец кој не ги исполнува условите од ставот 1 на овој член, ако тоа е од хуманитарни причини, од причини на национален интерес или врз основа на прифатени меѓународни обврски на Република Македонија.

Странецот може да влезе во Република Македонија без да поседува важечка виза, ако:

– е државјанин на држава со која Република Македонија има склучено договор за укинување на визи или е државјанин на држава за која со одлука на Владата на Република Македонија се укинати визите за влез и поминување низ територијата на Република Македонија (во натамошниот текст: безвизен режим);
– поседува и државјанство на Република Македонија, и е носител на странска патна исправа и
– законски престојуваат во државата со која Република Македонија има воспоставено безвизен режим, а кои се ученици во рамките на училишна екскурзија и кои се придружувани од наставник кој располага со список на овие ученици изготвен од соодветното училиште кој треба да содржи податоци за секој од овие ученици и податоци за целта и околностите на планираниот престој во Република Македонија.

Оспорениот член 12 од Законот децидно наведува како и на кој начин странецот го докажува поседувањето на средствата за издржување.

Согласно член 13 од истиот закон гарантно писмо може да издаде државјанин на Република Македонија и странец кој има дозвола за престој во Република Македонија.

Покана од правно лице може да издаде домашно или странско правно лице регистрирано во Република Македонија кое го повикува странецот во деловна посета.

Гарантно писмо и покана од правното лице може да се прифатат како потврда за поседување на средства за издржување ако содржат изјава на давателот на гарантното писмо, односно правното лице дека ја презема обврската да обезбеди сместување и да ги покрие сите трошоци за престојот на странецот во Република Македонија и неговото напуштање на територијата на Република Македонија.
Гарантното писмо и поканата од правното лице мора да бидат заверени од страна на нотар.

Според член 14 од Законот целта и околностите на предвидениот престој во Република Македонија во смисла на членот 11 став 1 алинеја 4 и членот 38 став 1 алинеја 2 на овој закон странецот ги докажува со следниве документи:

а) за службени посети:
– покани од државни органи, трговски друштва или од други правни лица за учество на состанок или друг настан поврзан со трговија, индустрија или работа,
– друга документација врз основа на која може да се утврди постоење на трговска, деловна или друга соработка и
– покани од организатори на конгреси, семинари и други манифестации;

б) за патување заради посетување на курсеви или професионална обука чие времетраење не е подолго од три месеца:
– потврда за прием во образовна установа заради посетување на курсеви за стручна или теоретска обука;

в) за туристички или приватни посети:
– покана од лицето кај кое странецот доаѓа во посета,
– документација за платени туристички услуги,
– потврда за резервација на организираното патување и
– платена повратна патна карта или платена патна карта за државата во која странецот има намера да патува;

г) за корисници на пограничен сообраќај:
– пропусница или друг документ утврдени со билатерален меѓународен договор за пограничен сообраќај на лица и

д) за посети од други причини:
– покани од судови или други државни органи за учество во постапките што пред нив треба да се спроведат,
– покани за учество на политички, научни, културни, спортски или верски настани,
– потврди за медицински прегледи и краткотрајни медицински интервенции и
– потврди, односно уверенија, влезни билети и друго.

Во Глава IV од Законот за странци со наслов Престој на странци е содржан членот 46 во поднасловот „Дефинирање на престој на странец„, според кој престој на странец во смисла на овој закон е: 1) престој до три месеца; 2) престој врз основа на дозвола за привремен престој и 3) престој врз основа на дозвола за постојан престој.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и законски одредби во контекст на наводите во иницијативата, а имајќи ја предвид оспорената одредба од Законот, најнапред произлегува дека право на секоја држава е да ги определи општите услови за влез на странец во нејзината држава. Оттука, предвидувањето странец да може да влезе во Република Македонија ако има средства за издржување како за периодот на престојот, така и за враќање во државата од која доаѓа или за патување во трета држава во која е сигурно дека ќе биде прифатен или ќе биде во можност законски да опстане со тие средства е во согласност со Уставот на Република Македонија.

Што се однесува до наводот во иницијативата дека законското овластување Владата на Република Македонија да ја определи висината на средствата за извршување од ставот 1 на оспорениот член, го повредува темелниот принцип на уставниот поредок на Република Македонија за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, според Судот, е неоснован. Ова од причина што во конкретниов случај Законот за странците дава доволна основа Владата на Република Македонија, како носител на извршната власт со свој акт да изврши опереационализација на законот, односно да создаде услови за негово извршување.

Имено, имајќи го предвид погоре изнесеното, како и фактот дека условите и критериумите за определување на висината на средствата за издржување се утврдени во самиот Закон за странците, според Судот утврденото овластување на Владата на Република Македонија со акт да ја определи висината на средствата е во согласност со уставно утврдената положба на Владата како носител на извршната власт, чија организација и работа се уредува со закон.

Според тоа, Владата на Република Македонија при определувањето на висината на неопходните средства за издржување на странецот има јасни законски рамки за поседување на средства за издржување во кои се содржани критериумите за обемот на средствата потребни за издржување.

Оттука, овластувањето на Владата на Република Македонија, од оспорениот член 12 став 2 од Законот, претставува овластување за спроведување на законските одредби што се однесуваат на условите за влез во Република Македонија во границите на целите и критериумите утврдени во Законот, а не основ за самостојно уредување на материја што е во надлежност на законодавецот.

Поради наведеното Судот утврди дека овластувањето на Владата предвидено во оспорениот член 12 став 2 од Законот претставува операционализација на законските одредби, а во функција на нивно извршување и не може да се доведе во сомнение по однос на одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата, имено не е повредена темелната вредност од Уставот за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, ниту пак членот 91 алинеја 5 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.67/2006
31 мај 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова