У.бр.67/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 56 и 70 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 декември 2004 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВААТ барањата на Ванѓа Грамбозова од с. Вељуса Струмица, Перо Петров од с.Водоча Струмица, Кољчо Колев од с. Радово Струмица, Стојан Петров од с. Сушица Струмица, Зоран Трајков од с. Пиперово Струмица, Катерина Манчева, Јадранка Марангозова, Валентина Јончевска, Гоце Ристов, Ѓорѓи Раденовски, Васил Чорев, Дарко Илиев, Магдалена Кицева, Марлена Пиљарова, Велика Бундевска и Владимир Ивановски сите од Струмица, поднесени преку Тања Дедејска адвокат од Струмица за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, а кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Наведените граѓани преку полномошникот адвокат Тања Дедејска од Струмица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, а кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност повредени со:

1) Решение бр.04-40/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 13 јануари 2004 за престанок на работен однос на работникот Кољчо Колев, потврдено со Одлука бр.02-195/1 од Управниот одбор на ЈП од 11 февруари 2004 година.
2) Решение бр.04-59/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 19 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Стојан Петров потврдено со Одлука бр.02-235/1 од Управниот одбор на ЈП од 13 февруари 2004 година.
3) Решение бр.04-45/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 15 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Катерина Манчева потврдено со Одлука бр.02-236/1 од Управниот одбор на ЈП од 13 февруари 2004 година.
4) Решение бр.04-27/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 12 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Јорданка Марангозова потврдено со Одлука бр.02-205/1 од Управниот одбор на ЈП од 11 февруари 2004 година.
5) Решение бр.04-24/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 12 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Валентина Јанчевска потврдено со Одлука бр.02-192/1 од Управниот одбор на ЈП од 11 февруари 2004 година.
6) Решение бр.04-20/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 20 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Перо Петров потврдено со Одлука бр.02-234/1 од Управниот одбор на ЈП од 13 февруари 2004 година.
7) Решение бр.04-19/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 12 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Гоце Ристов потврдено со Одлука бр.02-202/1 од Управниот одбор на ЈП од 11 февруари 2004 година.
8) Решение бр.04-21/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 12 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Ѓорѓи Раденовски потврдено со Одлука бр.02-206/1 од Управниот одбор на ЈП од 11 февруари 2004 година.
9) Решение бр.04-18/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 12 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Ванѓа Грамбозова потврдено со Одлука бр.02-197/1 од Управниот одбор на ЈП од 11 февруари 2004 година.
10) Решение бр.04-23/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 12 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Васил Чорев потврдено со Одлука бр.02-199/1 од Управниот одбор на ЈП од 11 февруари 2004 година.
11) Решение бр.04-58/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 19 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Дарко Илиев потврдено со Одлука бр.02-237/1 од Управниот одбор на ЈП од 13 февруари 2004 година.
12) Решение бр.04-42/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 14 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Магдалена Кицева потврдено со Одлука бр.02-193/1 од Управниот одбор на ЈП од 11 февруари 2004 година.
13) Решение бр.04-25/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 12 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Зоран Трајков потврдено со Одлука бр.02-194/1 од Управниот одбор на ЈП од 11 февруари 2004 година.
14) Решение бр.04-28/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 12 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Марлена Пиљафова потврдено со Одлука бр.02-201/1 од Управниот одбор на ЈП од 11 февруари 2004 година.
15) Решение бр.04-22/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 12 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Велика Бундевска потврдено со Одлука бр.02-196/1 од Управниот одбор на ЈП од 11 февруари 2004 година и
16) Решение бр.04-30/1 донесено од директорот на ЈП – Подрачна единица Струмица на 12 јануари 2004 година за престанок на работниот однос на работникот Владимир Ивановски, донесени од директорот на Јавното претпријатие П.Е. Струмица потврдено со Одлука бр.02-198/1 од Управниот одбор на ЈП од 11 февруари 2004 година, како и со Одлуката за утврдување на список на работниците на кои им престанува работниот однос со отказ поради економски, технолшки и структурни промени и правата што им се обезбедуваат, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие на 6 октомври 2003 година.

4. Според наводите во барањето донесените решенија и одлуки за престанок на работниот однос на наведените работници поради економски, технолошки и структурни промени донесени од Подрачната единица на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор – Струмица биле незаконски, неосновани, крајно тенденциозни и дискриминаторски затоа што единствен критериум според кој на работниците им престанал работниот однос било политичко уверување односно припадноста на одредена политичка партија, а мерило за тоа било кога работникот засновал работен однос.

Исто така во барањето се наведува дека работниците Кољчо Колев, Стојан Петров, Катерина Манчева, Јорданка Марангозова и Гоце Ристов по усвојување на Елаборат за потребите од воведување на економски, структурни и слични промени и усвојување на Програмата за мерките за ублажување на последиците од промените, биле распоредени на други работни места, а за кои се знаело дека ќе бидат укинати. Имено, на местото од каде биле прераспоредени биле донесени други работници кои се согласиле да работат на работни места за кои се бара понизок степен на образование.

Овие наводи подносителите на барањето ги поткрепуваат со фактот што сите подносители односно 15 од нив се членови на ВМРО-ДПМНЕ и дека тој факт му бил познат на директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор – Подрачна единица Струмица, поради што на сите нив им престанал работниот однос.

Воедно во барањето се наведува дека наведените решенија и одлуки не биле во согласност со член 125 и член 134 од Законот за работните односи и со членовите 111 и 112 од Колективниот договор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија.

Понатаму во барањето се наведува дека со Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за организациона поставеност и систематизација на работните места на Јавното претпријатие од 17 септември 2003 година, работните места Раководител на служба за технички работи и Раководител на граничен премин со царински терминал се укинати, за повторно да бидат предвидени со Правилникот за организациона поставеност и систематизација на работните места на Јавното претпријатие од 26 јануари 2004 година, но сега како работни места “шеф”. Притоа, за овие работни места се предвидени истите услови што биле и претходно предвидени. Тоа во суштина значи дека само се менува називот на работното место со истите услови.

Со Правилникот од 2003 година во Работната единица Радовиш која работела во состав на Подрачната единица Струмица на Јавното претпријатие исто така сите се прогласени за технолошки вишок освен работното место Самостоен референт.

Во барањето се наведува дека Јавното претпријатие нема внесено никакви нови технологии во работата ниту се работи за структурни реформи, бидејќи никаде не е наведена квалификационата структура на работниците и не е извршено бодирање на работниците на кои им престанал работниот однос согласно колективниот договор.

5. Судот на седницата утврди дека пред донесување на оспорените решенија и одлуки Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија презело одредени активности. Имено, прво изготвило Елаборат за потребата од воведување на економски и слични промени во Јавното претпријатие, видот на промените и нивното влијание врз работниот однос на работниците.

Во Елаборатот покрај другото е даден преглед на бројот на вработени во Јавното претпријатие од неговото основање 1994 – 2002 година, од кој може да се види дека во периодот од 2000 – 2002 година има рапидно зголемување на вработените во Јавното претпријатие, односно од 479 работници во 2000 година, во 2002 нивниот број изнесува 812.

Понатаму во Елаборатот е даден Преглед на бројот на вработени во Скопје и во подрачните единици; Преглед за потребниот број на вработени, како и Преглед на бројот на работници кои претставуваат технолошки вишок.

Врз основа на направените согледувања Јавното претпријатие изготвило Програма за мерките што ќе ги презема Јавното претпријатие за спречување и ублажување на последиците од економските и структурни промени кои ќе доведат до престанок на работен однос на 310 вработени односно 38,60% од вкупниот број вработени.

Наведените акти Управниот одбор на Јавното претпријатие ги усвоил на 4 јули 2003 година.

Во меѓувреме, на 2 јули 2003 година претставникот на ОО на Синдикатот и претставник на Управниот одбор на Јавното претпријатие склучиле Колективен договор на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија во кој, покрај другото, во членовите 106 – 113 се уредени прашањата кои се однесуваат на престанок на работниот однос со отказ поради економски, технолошки и структурални промени.

Во натамошната постапка Судот утврди дека по донесување на наведените акти во Јавното претпријатие Подрачна единица Струмица, а пред донесување на Правилникот за организациона поставеност и систематизација на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор работниците Кољчо Колев, Катерина Манчева, Гоце Ристов, Јорданка Марангозова и Стојан Петров биле распоредени од едни на други работни места.

Во образложението на сите решенија за распоредување, а кои се потврдени со одлуки на директорот на Јавното претпријатие се наведува дека согласно одредбите од член 15 од Колективниот договор на Јавното претпријатие, а според потребите на процесот на трудот се очекува на новите работни места работниците да остваруваат подобри резултати.

Судот понатаму утврди дека на 17 септември 2003 година Управниот одбор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија донел Правилник за измена и дополнување на Правилникот за организациона поставеност и систематизација на работните места на Јавното претпријатие со кој се укинати работните места на подносителите на барањето, а меѓу нив и работните места на работниците кои претходно биле распоредени на тие места.

Судот исто така утврди дека на 6 октомври 2003 година Управниот одбор на Јавното претпријатие … донел Одлука за утврдување на список на работници на кои им престанува работниот однос со отказ поради економски, технолошки и структурни промени и правата што им се обезбедуваат на овие работници согласно Законот за работните односи.

Во оваа одлука поименично се утврдени работниците на кои ќе им престане работниот однос во ЈП кое опфаќа Дирекција 73; ПЕ Скопје (59), ПЕ Битола (27), ПЕ Куманово (10), ПЕ Гевгелија (19), ПЕ Прилеп (10), ПЕ Струмица (22), ПЕ Кичево (14), ПЕ Штип (7), ПЕ Кавадарци (6), ПЕ Велес (6), ПЕ Охрид (9), ПЕ Струга (22), ПЕ Тетово (11) и ПЕ Кочани (13).

По донесување на наведената одлука во текот на месец јануари 2004 година, директорот на ПЕ Струмица за 22 работници донел решение за престанок на работниот однос од кои 16 работници се подносители на барањето.

Во решенијата кои се речисисо идентичен текст е наведено на кој работник кој работи на конкретно работно место му престанува работниот однос поради економски, технолошки и структурни промени со денот на конечноста на решението и е наведено правото на еднократен паричен надоместок и неговата висина согласно Законот за работните односи и Колективниот договор.

Во образложенито на секое од решенијата се наведени активностите што ги презело Јавното претпријатие за рационализација на бројот на вработените со намера за спроведување на позначајни промени кои ќе предизвикаат потреба од намалување на бројот на работниците во претпријатието почнувајќи од донесување на Елаборат за потребите од воведување на економски промени, донесување на Програма за мерките што ќе ги презема Јавното претпријатие за спречување и ублажување на последиците како и Правилник за измена и дополнување на Правилникот за организациона поставеност и систематизација.

Со преземените активности од страна на Јавното претпријатие на 21 работници им престанал работниот однос поради технолошки и структурни реформи од кои 16 работници се подносители на барањето, а 15 од нив се членови на ВМРО-ДПМНЕ.

6. Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд во конкретниов случај не се впушти во утврдување дали постапката за воведување на технолошки и структурни реформи е спроведена согласно Законот за работните односи и Колективниот договор на Јавното претпријатие, што е во надлежност на друг суд и во друга постапка, туку дали од околностите на случајот и сплетот на околностите во Јавното претпријатие некои или сите работници подносители на барањата биле дискриминирани поради припадност кон определена политичка партија или поради политичко уверување, односно дали припадноста на лицата кон определена политичка партија била основ за престанувањето на работниот однос.

Во одговор на вака поставеното прашање Судот најпрво оценуваше дали укинувањето на работните места генерално било направено во зависност од тоа кои работници работеле на тие работни места во моментот кога започнал процесот на преструктуирање или укинувањето на работните места е резултат на потребата за преземање на економски и структурни реформи во претпријатието, потоа, дали на органите на управување морало да им биде познато дека подносителите на барањето се членови на одредена политичка партија и конечно, во случајот на распоредувањето на работниците Кољчо Колев, Стојан Петров, Катерина Манчева и Јорданка Марангозова кои биле распоредени откако бил донесен Елаборатот во Јавното претпријатие, односно откако отпочнала постапката за економски и структурни реформи, дали постојат разумни причини за распоредувањето и дали органите на управување можеле да знаат дека местата на кои ќе бидат распоредени подоцна ќе бидат укинати.

7. а) Од анализата на презентираните активности Судот утврди дека во Јавното претпријатие во текот на 2001 и 2002 година постоело интензивно вработување, па согласно направените процени и анализи на состојбата во самото јавно претпријатие било оценето дека е потребно да се спроведат економски и структурни промени, кои опфаќаат и укинување на одредени работни места.

За Судот е неспорно дека е право на јавното претпријатие да одлучува за спроведување на економски и структурни промени и да презема мерки за ублажување на последиците од тие промени. Тоа е легитимна одлука на јавното претпријатие и Судот не може да навлегува во тоа дали тоа било економски оправдано или на друг начин корисно за интересите на јавното претпријатие.

Притоа, Судот смета дека е неспорно дека воведувањето на структурни реформи кои доведуваат до укинување на работни места или намалување на бројот на извршителите доведува нужно и до престанок на работниот однос на одредени работници. Тоа во конкретниот случај се 21 работници од кои 15 се членови на ВМРО-ДПМНЕ според нивните изјави и потврда од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Факт е исто така дека процесот на структурните промени се одвивал на ниво на целото јавно претпријатие и во сите негови организациони единици низ Републиката и тоа врз основа на општи параметри за постигнување на определено ниво на рационализација.

Имајќи го предвид изнесеното, како и содржината на оспорените решенија и одлуки, Судот утврди дека политичката припадност на подносителите на барањето како и на кои било други работници на кои им престанал работниот однос поради структурни промени во јавното претпријатие во овој генерален контекст се појавува како случаен факт, а не како одлучувачки основ за престанок на работниот однос на подносителите на барањето.

Очигледно е дека сите работници на кои им престанал работниот однос биле затечени на работни места кои биле укинати, па оттука наводите во барањето дека укинувањето на работните места во одделни единици е засновано на намерата работниците кои се примени во време на владеење на една политичка партија да бидат отстранети од работа само поради политичката припадност не можат да се поткрепат со разумни и логични тврдења. Ова затоа што ниту може да се тврди дека сите лица вработени во време, како што се наведува, на владеење на една политичка партија се нужно припадници на таа партија ни дека сите лица на кои им престанал работниот однос во јавното претпријатие се исклучиво лица од таа партија.

Оттука, Судот не може да го прифати наводот за генерална дискриминација во процесот на структурните реформи и рационализацијата во јавното претпријатие.

б) Во однос на наводите на барањата дека работниците Кољчо Колев, Стојан Петров, Катерина Манчева, Јорданка Марангозова и Гоце Ристов биле распоредени на други работни места, откако процесот на рационализација бил започнат, а за кои се знаело дека ќе бидат укинати, Судот одржа консултативен разговор на кој присуствуваа наведените работници освен Јорданка Марангозова, како и претставници на Јавното претпријатие и преставник на синдикалната организација.

На консултативниот разговор на поставените прашања овие подносители на барањето истакнаа дека поради фактот што Струмица е мало место и луѓето меѓусебно доволно се познаваат и знаат на која партија припаѓаат, дека поради одредени роднински врски со членови на ВМРО-ДПМНЕ или поради политичка припадност на брачниот другар или поради носење на партиски обележја на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ, на работодавецот кој бил од друга политичка партија, морало да му биде познато дека и тие се членови на ВМРО-ДПМНЕ. Притоа тие сметаат дека не постоела никаква потреба, ни причина за распоредување што покажува дека биле распоредени исклучиво поради нивната политичка припадност, а со цел подоцна да им престане работниот однос.

Подносителите на барањето на консултативниот разговор изјавија дека со своето дејствување или однесување во јавното претпријатие на конкретен начин не ја декларирале својата политичка припадност.

Од друга страна директорот на Јавното претпријатие наведе дека распоредувањето на работниците е направено со цел да се овозможи на соодветни места да се распореди соодветен стручен кадар и да се намалат трошоците на работењето, што било право на работодавецот.

Анализирајќи ги овие искази и наводи Судот утврди дека во рамките на работењето во претпријатието, односно во релациите помеѓу подносителите на барањето и органите на управување, односно директорот на подрачната единица, подносителите на барањето не ја манифестирале нивната партиска припадност или политичко уверување, ниту презеле активности или дејствија со кои тоа би го декларирале. Оваа констатација на Судот неспорно произлегува од изјавите на подносителите на барањето. Оттука, Судот не може да прифати дека на директорот на подрачната единица морало да му биде позната нивната партиска припадност, затоа што не може да се утврди постоење на околности што би биле очигледна основа за тоа.

Притоа, Судот ги ценеше и наводите на подносителите на барањето дека нивната партиска припадност можело да биде лесно препознаена поради нивните брачни или семејни врски односно јавни дејствија надвор од претпријатието, како и меѓусебното познавање на луѓето во мало место како што е Струмица, но истите не можеше да ги прифати затоа што се засновани на определени лични уверувања, а не на околности со кои би се покажало дека раководните органи, односно директорот на подрачната единица на јавното претпријатие бил во положба да знае за таквиот вид врски и активности. Освен тоа семејните и брачните врски и кога би биле познати, не се ирелевантни за процена за политичките ставови и партиската припадност на поединците.

Врз основа на тоа Судот утврди дека во конкретниов случај не може да се прифати тврдењето за мотивираноста на решенијата односно одлуките за распоредување поради партиска припадност на подносителите на барањето затоа што не може претходно да се постави елементарниот услов, а тоа е објективното знаење на раководниот кадар за таквата припадност на овие лица.

в) Судот исто така не може да го прифати наводот дека за распоредувањето на работниците немало никаква потреба од аспект на процесот на работењето во подрачната единица на јавното претпријатие што би требало да покаже дека тие распоредувања биле арбитрерни и исклучиво засновани на политичката припадност на работниците. Имено, иако дел од означените распоредувања може да изгледаат нелогични, особено распоредувањето на работните места кои што не функционираат (магационер без магацин), Судот не можеше да ги отфрли причините што за тие распоредувања се наведени во решенијата односно во исказите на директорот на претпријатието.

Судот не може да го оспорува правото на јавното претпријатие односно на раководните работници да донесуваат одлуки од ваков вид според нивната процена за корисноста на таквите потреби на претпријатието.

Во тој контекст разлозите за финансиски заштеди и за подигање на квалификационата структура во извршување на работите на работните места не може да се отфрли како разумен основ за преземените мерки на распоредување, дури и кога Судот би имал поинакво мислење за тоа.

Оттука, со оглед на тоа што за Судот во овој или во вакви предмети не е задача да ја утврдува делотворноста или економската или друга оправданост на мерките, туку да утврди дали тие мерки се арбитрерни како релевантен основ за поставување на прашањето за дискриминација по основ на политичка припадност, оцени дека означените распоредувања не се без рационален основ и дека затоа не можат да се третираат како арбитрерни.

Друго е прашањето дали тие мерки биле целосно во согласност со Законот за работните односи и Колективниот договор на Јавното претпријатие што, како што е веќе нагласено, не е прашање на Уставниот суд.

Врз основа на изнесеното, Судот смета дека во конкретниов случај престанувањето на работниот однос и на овие пет работници што настапил како последица на укинување на работните места на кои претходно биле распоредени не може да се смета за случај на дискриминација по основ на политичка припадност, односно уверување.

Конечно за Судот е неспорно дека во времето на распоредувањето на овие работници се уште не бил донесен Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за организациона поставеност и систематизација на јавното претпријатие со кој овие места се укинати (неговото донесување следува после 2 месеци) и дека со оглед на тоа не може објективно да се тврди дека на директорот на подрачната единица на јавното претпријатие уште тогаш му било познато кои места подоцна ќе бидат укинати. Судот прифаќа дека е можно да се прават претпоставки за таа околност како што тоа го прават подносителите на барањето врз основа на фактот дека структурните реформи веќе биле започнати но тие не можат да бидат доволни за да се тврди дека означените распоредувања биле авансиран потег за отстранување на подносителите на барањето од претпријатието по основ на нивната политичка припадност, односно политичко уверување.

8. Во однос на наводите во барањето дека во Јавното претпријатие нема внесено никакви технолошки и структурни реформи, дека не е изврешено бодирање на работници на кои им престанал работниот однос, дека одредени работни места според новиот Правилник за организациона поставеност и систематизација на работните места на јавното претпријатие од 26 јануари 2004 година се именувани со друг термин иако во суштина се работи за исти работни задачи, се прашања за кои Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

9. Судот исто така не е надлежен да одлучува и по однос на наводите во барањето дека оспорените решенија и одлуки не се во согласност со Законот за работните односи и со Колективниот договор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

11. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.67/2004
8 декември 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова