У.бр.66/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 септември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА член 81-в став 1 алинеја 3 во делот: „со денот на изрекувањето на казната“ од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006 и 36/2007).

2. СЕ УКИНУВА член 9 став 2 од Законот означен во точката 1 на оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Љупчо Тодоровски од Скопје, со Решение У. бр. 66/2008 од 18 јуни 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 9 став 2 и член 81-в став 1 алинеја 3 во делот: „со денот на изрекувањето на казната“ од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006 и 36/2007), затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека според член 9 став 1 точка 5 од Законот за државните службеници, како државен службеник може да се вработи лице на кое не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност. Според став 2 на истиот член, исполнувањето на општиот услов од став 1 точка 5 на овој член се потврдува со акт кој го издава органот надлежен за водење на казнената евиденција.

Судот, исто така, утврди дека согласно член 81-в став 1 алинеја 3 од овој закон, на државниот службеник му престанува вработувањето по сила на закон ако му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност – со денот на изрекувањето на казната.

6. Според член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со Законот за државните службеници се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, како и системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници.

Со член 81-в од Законот се утврдуваат случаите кога на државниот службеник му престанува вработувањето по сила на закон. Според став 1 алинеја 3 од овој член, тоа е случај ако му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност – со денот на изрекувањето на казната.

Видно од содржината на оваа одредба, произлегува дека изрекувањето казна забрана за вршење професија, дејност или должност претставува еден од основите поради кои на државниот службеник му престанува работниот однос по сила на закон.

При анализа на оваа одредба, произлегува дека не е спорно дека оспорената одредба се однесува на државен службеник кој е веќе вработен во некој од органите од член 3 став 2 од Законот за државните службеници и дека вработувањето му престанува поради изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност. Со наведеното законодавецот јасно го утврдил причинско-последичниот однос на забраната на службеникот да продолжи да биде во работен однос со постоењето на изречена казна за забрана за вршење на професија, дејност или должност поради злоупотребата на својата положба при вршењето на службената должност, на кој начин, според Судот, не се повредува уставното начело на владеењето на правото. Тоа всушност претставува класичен основ за престанок на вработувањето, бидејќи државен службеник на кој му е изречена таква казна повеќе не може да биде гаранција дека успешно ќе ги извршува посебните овластувања кои му се доверени како државен службеник. Престанокот на вработувањето во ваков случај не е правна последица на осуда по сила на законот, туку последица од казната што ја изрекол судот.

Судот оцени дека поврзувањето на престанокот на вработувањето, како последица од изречената казна, со моментот на изрекувањето на казната, не е во согласност со уставното начелото на презумција на невиност. Имено, значењето на принципот на презумпцијата на невиност, меѓу другото, се состои и во тоа обвинетото лице да не може да трпи ниедна правна последица пред правосилноста на судската пресуда, ниту да се смета како виновно, односно осудено.

Имајќи го предвид наведеното, како и содржината на оспорената одредба според која престанокот на вработувањето, како последица од изречената казна, е поврзано со моментот на изрекувањето на казната, наместо со правосилна судска пресуда со која е изречена казната, во суштина значи дека државниот службеник, со оспорената одредба се смета за виновен пред да биде утврдена неговата вина со правосилна судска одлука и трпи соодветна последица поради тоа. Поради тоа, ваквата законска одредба значи повреда на начелото на презумпцијата на невиност, што воедно укажува и на повреда на принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што Судот оцени дека член 81-в став 1 алинеја 3 во делот: „со денот на изрекувањето на казната“ не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и со член 13 став 1 од Уставот.

7. Согласно член 2 на Законот за државните службеници, државните службеници ги вршат работите поврзани со функциите на државата во согласност со Уставот и со закон, професионално, политички неутрално и непристрасно.

Со членот 9 од Законот се утврдени општите услови за вработување на лице како државен службеник, при што, согласно ставот 1 точка 5 од овој член, како еден од општите услови за вработување се утврдува условот на лицето да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.

Согласно оспорениот став 2 од членот 9 од Законот за државните службеници, исполнувањето на општиот услов од став 1 точка 5 на овој член се потврдува со акт кој го издава органот надлежен за водење на казнената евиденција. Тоа значи дека доказот дали на лицето – кандидат за вработување како државен службеник, му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност се потврдува со акт издаден од првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот, односно на сторителот на прекршокот, како надлежен орган за водење на казнената едвиденција, чие водење е уредено со член 106 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005 и 50/2006), односно со член 45 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006).

Од анализата на оспорената одредба произлегува дека истата е недоволно јасна и прецизна во смисла на тоа дали доставувањето на наведената потврда како доказ за тоа дали на лицето му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност претставува обврска на лицето – кандидат за вработување како државен службеник, или пак е обврска на органот за чии потреби се врши вработувањето.

При анализата на оваа одредба, Судот имаше предвид дека, согласно член 106 став 5 од Кривичниот законик, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност. Со одредбите од ставовите 3 и 4 од овој член е пропишан ограничен круг на овластени субјекти на кои можат да им се направат достапни податоците од казнената евиденција. Така, овие податоци можат да му се дадат на судот и на јавното обвинителство во врска со кривичната постапка што се води против порано осудениот и на надлежните органи што учествуваат во постапката за давање амнестија и помилување. Податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат на државните органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Податоци од казнената евиденција, според член 45 став 4 од Законот за прекршоците, можат да се дадат по образложено барање од други државни органи, правни или физички лица кои имаат правен интерес ако се уште траат мерките на забрана.

Вака утврдениот начин на постапување со податоците од казнената евиденција, е во функција на заштита од повреда на сигурноста и тајноста на личните податоци и од повреда на личниот интегритет на граѓаните што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.

Имајќи предвид дека оспорената одредба претставува дел од членот 9 од Законот со кој се утврдуваат општите услови за вработување на државен службеник, од дикцијата на целината на законската одредба, а без јасно утврдување кој има обврска да ја достави наведената потврда, може да се толкува дека бараната потврда, исто како и другите потребни докази за исполнување на општите услови за вработување на државен службеник, ги поднесува лицето – кандидат за вработување.

Во таков случај, барањето доказ од лицето за околноста дали му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност, наместо тој факт, по службен пат, да го утврдува органот за чии потреби се врши вработувањето, се сведува на барање потврда за неговата осудуваност или неосудуваност, што несомнено има ефект врз однесувањето на поединецот и што е проблематично како од аспект на заштита на човековото достоинство, така и од аспект на презумпција на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара доказ за осудуваност или неосудуваност.

Поради наведеното, Судот оцени дека нејасноста на оспорената одредба претставува повреда на начелото на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што оцени дека член 9 став 2 од Законот за државните службеници не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.

У.бр.66/2008
24 септември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски