У.бр.64/2014-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 16.03.2016 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 12 став 1 алинеите 8 и 9 и член 63 став 3 од Законот за филмската дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр. 82/2013, 18/2014, 44/2014 и 129/2015).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Панче Докузов, адвокат од Штип, со Решение У.бр.64/2014 од 8 јули 2015 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите на членовите од Законот, означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со одредбите на Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 12 став 1 алинеи 8 и 9 од Законот за филмската дејност, надоместоците од членот 11 став 2 алинеја 4 од овој закон, кои ги стекнува Агенцијата, се:

– 3% од разликата меѓу уплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места на приредувачот на игрите на среќа во обложувалница и исплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места на приредувачот на игрите на среќа во обложувалница и
– 3% од разликата меѓу уплатениот износ од сите автомати во сите деловни простории на приредувачот на игрите на среќа во автомат клубови и казината и исплатениот износ од сите автомати во сите деловни простории на приредувачот на игрите на среќа во автомат клубови и казината.

Судот исто така утврди дека оспорениот член 63 став 3 од истиот закон, определува дека надоместоците од членот 12 став 1 алинеи 8 и 9 од овој закон за 2014 година ќе се уплаќаат на сметката на Агенцијата, во рокот од членот 13 став 4 од овој закон.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 30 став 2 од Уставот сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според став 3 од наведениот член од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со Законот за филмската дејност (“Службен весник на Република Македонија” број 82/2013, 18/2014, 14/2014 и 129/2015) се уредуваат вршењето на филмската дејност, основањето, работата, раководењето, управувањето, финансирањето, надзорот над работата и други прашања поврзани со работата на Агенцијата за филм на Република Македонија (член 1 од Законот).

Со член 2 од Законот е определено дека развојот, производството, промоцијата, дистрибуцијата и јавното прикажување на филмови се од јавен интерес за Република Македонија (во натамошниот текст: филмската дејност).

Според член 3 став 1 од Законот, Република Македонија го поттикнува и го помага развојот на филмската дејност, особено преку: поддршка на развојот на филмската дејност, континуирана поддршка на производството на домашни филмови и поддршка на проекти од национален интерес во филмската дејност, создавање на поволни услови за развој на филмската инфраструктура, стимулативна фискална политика во областа на филмската дејност, стипендирање на дефицитарни кадри во областа на филмската дејност и организирана презентација на домашното филмско творештво на врвни меѓународни фестивали и манифестации.

Со член 4 од Законот е определено дека национален интерес во филмската дејност во согласност со овој закон претставува: континуирана поддршка на производството на домашни филмови и поддршка на производство на други аудиовизуелни дела, поттикнување на создавање на домашни сценарија, поттикнување на меѓународни филмски копродукции со странски продуценти согласно со ратификуваните меѓународни договори за оваа област, меѓународна промоција на филмското творештво преку учество на филмски фестивали и манифестации, поддршка на домашни фестивали од меѓународно значење, поддршка на развојот на кината во Република Македонија, поддршка на дистрибуцијата на филмови во Република Македонија и во странство, стручно и професионално усовршување кадри во областа на филмот, поттикнување на едукативни и образовни програми преку кои се унапредува филмската култура, заштита на публиката, особено на малолетната публика преку категоризација на филмовите што се дистрибуираат и јавно прикажуваат во Република Македонија, поддршка на членувањето на Република Македонија во меѓународни филмски организации и асоцијации и поддршка на издавање на книги и публикации за филмската дејност.

Со член 7 од Законот е определено дека заради поддршка, поттикнување и развој на филмската дејност, финансирање проекти од национален интерес за Република Македонија во филмската дејност, како и заради поддршка, презентирање и грижа за филмското творештво во Република Македонија, се основа Агенција за филм на Република Македонија (во натамошниот текст: Агенцијата).

Според член 11 став 1 од Законот, средствата потребни за работа на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и од други извори утврдени со овој закон, а според ставот 2 алинеја 4 од наведениот член од Законот, Агенцијата, помеѓу другото, стекнува средства и од надоместоци на правни лица утврдени во овој закон.

Од содржината на членот 30 став 3 од Уставот, произлегува дека сопственоста не може да се одземе или ограничи, освен ако за тоа постои јавен интерес кој задолжително се утврдува со закон.

Со Уставот не е дефинирано што се подразбира под терминот „јавен интерес“ и врз основа на кои критериуми тој се утврдува со закон и оценката за тоа што е јавен интерес, но, од наведената уставна одредба произлегува дека Уставот на Република Македонија на законодавецот му дал дискреционо право да оцени кога постои јавен интерес.

Законодавецот со член 2 од Законот за филмската дејност, уредил дека развојот, производството, промоцијата, дистрибуцијата и јавното прикажување на филмови се од јавен интерес за Република Македонија (во натамошниот текст: филмската дејност), а со член 4 од Законот е уредено и што претставува националниот интерес во филмската дејност.

Тргнувајќи од уставните и законски одредби цитирани погоре, според Судот, законодавецот има право со закон да воведе за одредени субјекти одделен вид на јавни давачки, да ја одреди нивната основица и да се утврдат другите неопходни елементи, водејќи сметка за уставното начело на еднаквост на субјектите од аспект на нивната правна положба на пазарот при востановувањето на ист вид јавна давачка.

Согласно уставното овластување, законодавецот го уредил членот 11 став 2 алинеја 4 од Законот, според кој Агенцијата стекнува средства и од надоместоците на правните лица утврдени во овој закон.

Со членот 12 став 1 алинеите 1 до 9 од Законот за филмската дејност, е определено дека надоместоците од членот 11 став 2 алинеја 4 од овој закон се:

-0,9% од приходот на телевизиските програмски сервиси на национално ниво,
-0,9% од приходот на телевизиските програмски сервиси на регионално ниво,
-0,9% од приходот на телевизиските програмски сервиси на локално ниво,
-1% од приходот на операторите на јавните електронски комуникациски мрежи кои реемитуваат програмски сервиси на радиодифузерите,
-1% од приходот на правните лица кои обезбедуваат пристап до интернет,
-5% од приходот на правни лица кои вршат дејност киноприкажување на филмови,
-2% од приходот на правни лица кои вршат дејност дистрибуција, изнајмување или продажба на филмови,
-3% од разликата меѓу уплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места на приредувачот на игрите на среќа во обложувалница и исплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места на приредувачот на игрите на среќа во обложувалница и
-3% од разликата меѓу уплатениот износ од сите автомати во сите деловни простории на приредувачот на игрите на среќа во автомат клубови и казината и исплатениот износ од сите автомати во сите деловни простории на приредувачот на игрите на среќа во автомат клубови и казината.

Од содржината на членот 12 став 1 алинеите 1 до 9 од Законот, произлегува дека законодавецот со овој член од Законот ги определил правните лица од кои се наплатува надоместок за работа на Агенцијата и основите за определување на надоместоците и тоа: телевизиските програмски сервиси на национално, регионално и локално ниво (алинеите 1, 2 и 3), операторите на јавните електронски комуникациски мрежи кои реемитуваат програмски сервиси на радиодифузерите (алинеја 4), правните лица кои обезбедуваат пристап до интернет (алинеја 5), правни лица кои вршат дејност киноприкажување на филмови (алинеја 6), правни лица кои вршат дејност дистрибуција, изнајмување или продажба на филмови (алинеја 7), приредувачот на игри на среќа во обложувалница (оспорена алинеја 8) и приредувачот на игрите на среќа во автомат клубови и казината (оспорена алинеја 9).

Според тоа, од содржината на член 12 став 1 алинеите 1 до 9 од Законот, произлегува дека во кругот на субјекти кои учествуваат во финансирање на работата Агенцијата за филм на Република Македонија, се опфатени правни лица (алинеите 1 до 7), кои имаат учество во искористувањето на филмот имајќи ја предвид дејноста која ја вршат, но и правни лица (оспорените алинеи 8 и 9) кои немаат такво учество, а и тие се определени како извор на финансирање на работата на Агенцијата.

Според Судот, ваквата определба на законодавецот и правните лица од оспорените алинеи 8 и 9 од ставот 2 на членот 12 од Законот, да бидат обврзници за плаќање на надоместок за работата на Агенцијата за филм на Република Македонија, односно да издвојуваат и наплатуваат средства од нивните стекнати приходи, не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 30 став 3 од Уставот. Наведеното од причини што со опфатот и на овие правни лица, кои не можат да се подведат под правни лица кои на било кој начин учествуваат во искористувањето на филмската дејност, според Судот се создава можност од востановување на кои и да било правни лица-обврзници за плаќање на надоместок за работата на Агенцијата за филм, надвор од критериумот учество во искористувањето на филмот, кој неспорно се согледува како критериум од кој законодавецот тргнал во определувањето на правните лица-обврзници за плаќање на надоместок од нивните приходи, опфатени со алинеите 1 до 7 од ставот 2 на членот 12 од Законот, како извори за финансирање на филмската дејност.

Оттука, иако правните лица од алинеите 1 до 7 од ставот 2 на членот 12 од Законот и правните лица од оспорените алинеи 8 и 9 од ставот 2 на членот 12 од Законот, не се во иста правна положба од аспект на учеството во вршењето на филмската дејност и сферата на искористувањето на филмот, за сите нив е востановена обврска за плаќање на надоместок за работа на Агенцијата, односно и за правните лица од оспорените алинеи 8 и 9 на членот од Законот, што според Судот не е во согласност и со член 55 став 2 од Уставот, односно се повредува уставното начело на еднаква правна положба на пазарот, кој наложува еднакво постапување со субјектите кои се во иста правна ситуација, а со субјекти кои се во различна правна ситуација на различен начин.

Од анализата на оспорениот член 63 став 3 од Законот, произлегува дека овој оспорен законски член е уреден во врска со оспорениот член 12 став 1 алинеи 8 и 9 од Законот, поради што и за овој оспорен член од Законот, Судот оцени дека не е во согласност со одредбите од Уставот.

7. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 12 став 1 алинеи 8 и 9 од Законот и оспорениот член 63 став 3 од Законот, не се во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 30 став 3 и член 55 став 2 од Уставот, поради што одлучи како во точките 1 и 2 од одлуката.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.64/2014
16.03.2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.64/2014