У.бр.63/2006

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 20 став 4 точка 4 и став 5 алинеја 3, член 21 точка 1, член 24 став 1 алинеја 4, член 25 став 1 алинеја 4 и член 30 став 1 точка 5 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006 и 126/2006).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 36 став 4 и на член 166 став 2 во делот: „против ова решение не е дозволена жалба“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за стечај означени во точките 1 и 2 од ова решение.

4. Според подносителот на иницијативата оспорените одредби од Законот не биле во согланост со одредбите на член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4, членовите 13 став 1, 14 став 1, 23, 32 став 1 и 2, 51, 54 став 1, 98 став 1 и 2 и членот 112 став 3 од Уставот на Република Македонија.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ги предвид и содржините на оспорените законски одредби, според кои осудуваноста за кривични дела што го правеле некого неподобен за стечаен управник биле ограничувачки фактор лицето да врши функција на стечаен управник, по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука. Со таквото огрнаичување, подносителот на иницијативата смета дека се повредува уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето и се огрнаичувало правото на работа и учество во вршење на јавна функција.

Имено, правните последици од осудата не можеле да настапуват автоматски по сила на законот, како што било предвидено во оспорените законски одредби, туку тоа можело да се прави само со правосилна судска одлука. А дека тоа било така, произлегувало и од Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.210/2001 од 6 февруари 2002 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2002) со која е укинат член 101 став 2, во делот: „и настапуваат по сила на законот со кој се предвидени“ од Кривичниот законик.

Покрај тоа, оспорените одредби се повикувале на кривични дела што осудуваниот го правеле неподобен за стечаен управник, кои во постојаниот Кривичен законик ги немале, односно попримиле сосема друга содржина и форма, така што оспорените одредби биле практично неприменливи и по тој основ.

Со оспорените одредби на член 24 став 1 алинеја 4 и на член 25 став 1 алинеја 4 од Законот за стечај се барало од лицето да достави и доказ дека не е осудувано за кривични дела што го прават неподобно за стечаен управник или доказ дека престанале правните последици од таквата осуда.

Меѓутоа, во член 106 став 5 од Кривичниот законик било предвидено дека никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Со одредбите од член 36 став 4 и член 166 став 2 од Законот, подносителот на иницијативата смета дека се повредува членот 8 став 1 алинеја 3, Амандманот XXI на Уставот на Република Македонија и членот 51 од Уставот.

Имено, од изнесените уставни одредби не произлегувало правото на законодавецот дека со закон можело да го исклучи правото на жалба против поединечни правни акти донесени во прв степен.

Поради изнесеното, подносителот на иницијативата бара, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на наведените оспорени одредби од Законот.

5. Судот на седницата утврди дека според член 20 став 4 точка 4 од Законот за стечај лиценца за вршење работа на стечаен управник може да добие физичко лице – трговец поединец, ако ги исполнува меѓу другото и условот:

– да не е осудуван за кривични дела што го прават неподобен за стечаен управник. Доколку физичкото лице – трговец поединец е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник, лиценца за вршење на стечаен управник може да добие по престанувањето на правните последици од осудата.

Според оспорениот член 20 став 5 алинеја 3 од Законот, лиценца за вршење работи на стечаен управник може да добие друштвото ако ги исполни меѓу другото и следниот услов:

– друштвото да не е осудувано за кривични дела што го прават неподобно за стечаен управник. Доколку друштвото е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник, лиценца за вршење на стечаен управник може да добие по престанувањето на правните последици од осудата.

Според оспорениот член 21 точка 1 од Законот, друштво, односно физичко лице не може да стекне лиценца за вршење на работи од стечаен управник ако е осудено за кривично дело кое го прави неподобно за стечаен управник додека трае забраната утврдена со одлука на судот.

Според оспорениот член 24 став 1 алинеја 4 од Законот, министерот за економија ќе му издаде лиценца за овластен стечаен управник на лицето кое ќе достави:

– доказ дека не е осудувано за кривични дела што го прават неподобно за стечаен управник. Доколку лицето е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник, министерот за економија ќе издаде лиценца за овластен стечаен управник кога лицето ќе достави докз дека престанале правните последици од осудата.

Според оспорениот член 25 став 1 алинеја 4 од Законот, министерот за економија ќе му издаде лиценца на друштвото стечаен управник кое ќе поднесе барање и ќе достави меѓу другото и:

– доказ дека друштвото не е осудено за кривични дела што го прават неподобно за стечаен управник. Доколку друштвото е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник, министерот за економија ќе издаде лиценца на друштвото, кога друштвото ќе достави доказ дека престанале правните последици од осудата.

Во членот 30 став 1 точка 5 од Законот е утврдено дека министерот за економија со решение ја одзема лиценцата за работа на друштовто стечаен управник, ако:
друштвото стечајниот управник е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник се додека траат правните последици од пресудата.

Според оспорениот член 36 став 4 од Законот, стечајниот управник нема право на жалба против решението со кое се разрешува.

Според оспорениот член 166 став 2 од Законот, Стечајниот управник донесува решение со кое констатира дека договорот за вработување на работникот престанал. Против ова решение не е дозволена жалба.

6. Според член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдени со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно член 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Со член 32 став 1 од Уставот се уредува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според став 2 на овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно член 98 став 1 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, а според став 2 од овој член на Уставот, судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

а) Уставниот суд на Република Македонија се произнел по однос на предметното прашање и со Одлука У.бр.235/2001 од 6 март 2002 година го укинал членот 20 став 2 точка 3 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/1997 и 53/2000).

Во образложението на одлуката меѓу другото стои: „Осудуваноста на граѓанинот за одделни кривични дела е ограничувачки фактор лицето да врши функција на стечаен управник, по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, според мислењето на Судот, со таквото ограничување се повредува уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето и се ограничува правото на работа и учество во вршење на јавна функција“.

Новиот Закон за стечај е донесен на 14 март 2006 година, а влегол во сила на 28 март 2006 година. Со денот на влегување во сила на овој закон престанал да важи Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/1997, 53/2000, 37/2002 и 17/2004). Меѓутоа, истата содржина од укинатата одредба е пренесена и во новиот Закон за стечај во сега оспорените одредби од членот 20 став 4 точка 4 и став 5 алинеја 3 и член 21 точка 1, со тоа што членот 20 став 4 точка 4 содржи дополнителна содржина која гласи: „Доколку физичкото лице – трговец поединец е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник, лиценца за вршење на стечаен управник може да добие по престанувањето на правните последици од осудата, а членот 21 точка 1 дополнително содржи: „додека трае забраната утврдена со одлука на судот“.

Тргнувајќи од наведеното, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби на член 20 став 4 точка 4 и став 5 алинеја 3 и член 21 точка 1 од Законот, според кои осудуваноста на физичкото лице, односно правното лице за одделни кривични дела е ограничувачки фактор лицето да врши функција на стечаен управник, по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, според мислењето на Судот, со таквото ограничување се повредува уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето и се ограничува правото на работа и учество во вршење на јавна функција. Имено, правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на законот, туку дека тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот. Покрај тоа, оспорените одредби се повикуваат на кривични дела што осудуваниот го правеле неподоебен за стечаен управник, кои во постојниот Кривичен законик ги нема, односно попримиле друга содржина и форма, така што одредбите практично се неприменливи и по тој основ.

Со оглед на тоа што станува збор за нов закон, а имајќи го предвид фактот дека укинатата одредба од членот 20 став 2 точка 3 од Законот за стечај кој престанал да важи со донесувањето на новиот закон (28 март 2006 година), е вградена и во новиот закон кој е во важност, Судот утврди дека и во случајов се исполнети условите за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 20 став 4 точка 4 и став 5 алинеја 3 и членот 21 точка 1 од Законот.

б) Што се однесува до оспорените членови 24 став 1 алинеја 4 и 25 став 1 алинеја 4 од Законот дека министерот за економија ќе им издаде лиценца за овластен стечаен управник на лицето односно друштвото стечаен управник кои ќе достават, меѓу другите документи и доказ дека лицето/друштвото не е осудено за кривични дела што го прават неподобно за стечаен управник. Доколку лицето/друштвото е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник, министерот за економија ќе издаде лиценца за овластен стечаен управник, односно лиценца на друштвото, кога лицето/друштвото ќе достави доказ дека престанале правните последици од осудата, Судот утврди дека со одредбите од општиот дел од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004 и 81/2005), е уредено прашањето на казнената евиденција. Според членот 106 став 1 казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот. Според ставот 2 на истиот член, за лицата родени во странство или за оние чие место на раѓање е непознато како и за правните лица казнената евиденција ја води судот определен со закон.

Со одредбите од ставовите 3 и 4 од овој член од Кривичниот законик е пропишан ограничен круг на овластени субјекти на кои можат да им се направат достапни податоците од казнената евиденција. Имено, овие податоци можат да му се дадат на судот и на јавното обвинителство во врска со кривичната постапка што се води против порано осудениот и на надлежните органи што учествуваат во постапката за давање амнестија и помилување. Податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат на државните органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Согласно ставот 5 на овој член од Законот, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, а според ставот 6 на граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради остварувањето на нивните права во странство.

Врз основа на изнесените законски одредби произлегува дека никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Тргнувајќи од содржината на оспорените одредби од членовите 24 став 1 алинеја 4 и 25 став 1 алинеја 4 од Законот за стечај, произлегува дека со нив за да се добие лиценца за овластен стечаен управник како на физичко лице така и на правно лице, потребно е да се достави доказ како посебен услов за добивање на лиценца за стечаен управник. Овој посебен услов се однесува на доставување на доказ дека лицето, односно друштвото не е осудено за кривично дело што го прават неподобно за стечаен управник, а доколку лицето/друштвото се осудени за такво кривично дело, тогаш министерот за економија ќе издаде лиценца за овластен стечаен управник, лиценца на друштвото, кога лицето и друштвото ќе достават доказ дека престанале правните последици од осудата.

По однос на член 24 став 1 алинеја 4 Судот смета дека согласно член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 33 став 1 точка 3 од Кривичниот законик, забраната за вршење професија, дејност или должност е предвидена како вид на казна.

Според член 106 став 5 од истиот законик, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за нивната осудуваност или неосудуваност.

Тргнувајќи од содржината на член 11 став 1 и член 25 од Уставот, Судот оцени дека истите ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што изречно се препознава во член 25 од Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.

Почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски кои во конкретниот случај во постапка на регистрација можат службено да се проверат.

Во тој контекст одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик со која се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност е јасен израз на овој втор аспект на заштита на човековото достоинство, како што тоа е општо прифатениот принцип на забрана за самообвинување на осомничениот во казненото право, кој што е изграден подеднакво врз презумпцијата на невиност и заштитата на достоинството на поединецот.

Во конкретниот случај барањето од физичкото лице (член 24 став 1 алинеја 4) да достави докз дека не е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник, иако овој доказ не се бара да се достави во кривичноправен контекст, односно нема самообвинувачки квалитет, обврската за неговото доставување има ефект врз однесувањето на поединецот, што е проблематично како од аспект на заштита на човековото достоинство, така и од аспект на презумцијата на невиност на која се надворзува забраната од лицето да се бара доказ за осудуваност, односно неосудуваност.

Исто така, и по однос на членот 25 став 1 алинеја 4 од Законот, Судот смета дека обврската на друштвата, да достават доказ дека друштвото не е осудено…, не е во согласност со наведените уставни принципи, што од друга страна пак значи дека обврската за доставување на таков доказ не треба да постои како услов за добивање лиценца за стечаен управник и за друштвото.

Поради наведените причини, Судот утврди дека оспорените одредби од член 24 став 1 алинеја 4 и член 25 став 1 алинеја 4 од Законот можат да се доведат под сомнение по однос на нивната согласност со Уставот.

По однос на членот 30 став 1 точка 5 од Законот, според кој министерот за економија со решение ја одзема лиценцата за работа на друштвото стечаен управник ако друштвото е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник се додека траат правните последици од пресудата, исто така, Судот смета дека поради горенаведените аргументи и за оваа оспорена одредба од Законот може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

в) Со иницијативата се оспоруваат и членот 36 став 4 и членот 166 став 2 од Законот.

Според член 15 од Уставот, а на кој се повикува подносителот на иницијативата се гарантира правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или друга институција што врши јавно овластување.

Според Амандман XXI со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и други орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Од анализата на уставната одредба од член 15 од Уставот произлегува дека со него се гарантирало правото на жалба против поединечни правни акти донесени од страна на суд во прв степен и против поединечните правни акти донесени од управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Со Амандман XXI со кој е заменет член 15 од Уставот, гаранцијата на правото на жалба се однесува само на одлука донесена во прв степен пред суд, а правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа на определен начин е релативизирано, односно не е веќе уставна гаранција како што тоа беше порано, туку тоа е препуштено да се уреди со закон.

Со Законот за стечај се уредуваат целите и условите за отворање на стечајната постапка, органите на стечајната постапка, управувањето и расплагањето со имотот што влегува во стечајната маса, намирувањето на побарувањата на доверителите во стечајната постапка, правните последици од отворањето на стечајната постапка, планот за реорганизација, личното управување, ослободувањето од другите обврски, посебните видови стечајни постапки за поединци со статус на трговец, стечајни постапки со странски елемент и други прашања во врска со стечајот.

Во членот 2 од Законот е утврдено значењето на употребените поими. Така, во точката 66 на овој член од Законот е утврдено дека „стечајна постапка“ е колективна постапка што ја води надлежниот суд за реорганизација или за ликвидација на должникот, а во точката 67 од истиот член од Законот е утврдено дека „Стечаен управник“ е лице кое е овластено во стечајната постапка да ја води реорганизацијата или ликвидацијата на должникот.

Стечајната постапка е уредена во „Главата Прва“ на Законот. Така, според членот 6 став 1 од Законот во стечајната постапка месно надлежен е судот на чие подрачје се наоѓа седиштето на должникот. Еднаш заснована месна надлежност на судот, од денот на поднесувањето на предлогот за отварање стечајна постапка, не може да се измени без оглед на околностите на случајот.

Во ставот 2 од овој член од Законот е утврдено дека судот кој донел решение за отворање на стечајната постапка е исклучиво надлежен за решавање по тужбите за утврдување на оспорените побарувања кои настанале по отворањето на стечајната постапка Судот пред кој се водат постапките е должен по барање на судот кој што донел решение за отворање на стечајна постапка, без одлагање да го достави предметот со сите списи.

Тргнувајќи од содржината на членот 6 од Законот произлегува дека стечајната постапка претставува судска постапка и месно надлежен е судот на чие подрачје се наоѓа седиштето на должникот.

Членот 7 од Законот утврдува дека на стечајната постапка соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, ако со овој закон поинаку не е определено.

Во членот 8 од Законот се утврдени начелата на стечајната постапка, меѓу другото, дека стечајната постапка се поведува по предлог (став 1), дека стечајната постапка е итна (став 2) Судот може да ги донесува одлуките и без усна расправа (став 3), како и други начела специфични за стечајната постапка.

Според член 11 став 1 од Законот одлуките во стечајната постапка се донесуваат во форма на решение и заклучок.

Според ставот 2 од овој член од Законот, со заклучокот се издава налог на службено лице или на орган на стечајната постапка за вршење одделни дејствија, а за сите други случаи судот одлучува со решение, ако со овој закон поинаку не е определено.

Имајќи предвид дека според членот 7 од Законот на стечајната постапка соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, во членот 368 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005) е утврдено дека ако овој закон изрично определува дека посебна жалба не е дозволена, решението на првостепениот суд може да се побива само во жалбата против конечната одлука.

Стечајниот управник е орган на стечајната постапка кој се именува со решение на стечајниот судија, по предлог на доверител или самиот должник.

Односот помеѓу доверителите и стечајниот управник се темели на доверба, а доколку доверителите немаат доверба во стечајниот управник или ја изгубиле во текот на постапката од било кои причини, тие може да се сложат тој да не ги застапува нивните интереси, туку согласно членот 36 став 1 од Законот имаат можност да бараат од стечајниот судијата да го разреши стечајниот управник. Согласно членот 32 од Законот, стечајниот судија е должен во рок од три дена наместо разрешениот да именува нов стечаен управник, а тоа што според оспорениот став 4 на членот 36 од Законот, против решението за разрешување стечајниот управник нема право на жалба, се оправдува со фактот да не би се одолговлекувала постапката што би било директно во спротивност со начелото за итност на постапката и интересите на доверителите.

Покрај тоа што стечајната постапка се води по општите правила на парничната постапка таа е постапка sui generis и наместо со тужба се поведува со предлог на доверител или самиот должник. Во конкретниов случај помеѓу стечајниот управник како орган на постапката и доверителите нема контрадикторност на интересите туку тие се идентични, стечајниот управник е застапник на интересите на доверителите и нема место за жалба против решението за негово разрешување. Исто така, не е предвидено правото на жалба и против решението за разрешување на член на одборот на доверителите кој исто така е орган на стечајната постапка.

Според тоа, поаѓајќи од содржината на оспорената одредба од член 36 став 4 од Законот за стечај, дека стечајниот управник нема право на жалба против решението со кое се разрешува, исто така, Судот утврди дека со наведеното решение судот (стечајниот судија) не одлучува за главната работа на стечајната постапка во прв степен за која неминовно се предвидува право на жалба на одлука на првостепениот суд, туку во конкретниот случај станува збор за решение со кое се разрешува стечајниот управник поради причините утврдени во членот 36 од Законот од страна на стечајниот судија како контролор на работата на стечајниот управник.

г) Што се однесува до оспорениот член 166 став 2 од Законот, Судот оцени дека Законот за стечај е усогласен со Законот за работните односи кој предвидува дека работен однос се заснова и престанува со договор за вработување. Како еден од условите за престанок на договорот за вработување, во Законот за работните односи се предвидени стечај или ликвидација на работодавачот. Ваквото решение од Законот за работните односи е преземено и во Законот за стечај. При донесување на решението со кое се констатира дека договорот за вработување престанал, стечајниот управник не донесува поинакво решение од договорот за вработување туку, како што и самиот подносител на иницијативата наведува, тој само констатира состојба која е настаната како последица на престанок на договорот за вработување и тоа решение е од исклучиво деклараторен карактер. Тоа повеќе му служи на вработениот како доказ за остварување на своите права во случај на невработеност, бидејќи во Агенцијата за вработување поранешните вработени кај стечајниот должник презентират решение со кое се констатира престанок на договорот за вработување.

Во овој контекст, жалба против решение со кое се констатира дека договорот за вработување престанал со отворање на стечајна постапка над стечајниот должник (работодавач) би била беспредметна поради непостоење на околности за жалба (договорот за вработување престанал со отворање на стечајната постапка). Воедно со отворање на стечајната постапка се раскинуваат и договорите за вработување на органите на управување на стечајниот должник, и стечајниот должник го губи правниот субјективитет (се гасне неговата сметка и се брише од трговскиот регистер). При ваква состојба се поставува прашање кому ќе биде упатена жалбата, кој ќе решава по неа кога и кој ќе го спроведе решението по жалба кога веќе е престаната функцијата на органите на управување.

Имено, прашањето на престанувањето на договорот за вработување на работникот иако во формална смисла е одлука на стечајниот управник (дека го носи наведеното решение) меѓутоа, стечајниот управник само констатира една состојба која е уредена во ставот 1 на членот 166 од Законот според кој со денот на отварањето на стечајната постапка договорите за вработување склучени меѓу работникот и работодавецот – должник престануваат.

Оттука, имајќи го во предвид наведеното, како и правната теорија по однос на поединечните правни акти кои во суштина може да се јават како поединечни управни акти или поединечни судски акти, како и фактот што според Амандман XXI кој е предвиден во делот на одредбите од Уставот кој се однесува на основни слободи и права на човекот и граѓанинот, правото на жалба е препуштено да биде уредено со закон, (како што впрочем е во случајов со оспорените одредби од Законот), Судот утврди дека наводите во иницијативата дека оспорените членови 36 став 4 и 166 став 2 од Законот за стечај не биле во согласност со членот 8 и Амандманот XXI, не се основани.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов. Решението под точка 1 во однос на членот 21 точка 1 е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.63/2006
26 септември 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски