У.бр.60/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 4 мај 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Марјанчо Ангеловски од Куманово за заштита на слободите и правата.

2. Марјанчо Ангеловски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата, според него повредени со: решение бр.18.6-74105/1 од 12 ноември 2009 година на Министерството за внатрешни работи, решение бр.37-3/2 од 16 февруари 2010 година на Комисијата за решавање на прашањата од областа на работните односи во втор степен при Владата на Република Македонија, пресуда РО.бр.65/10 од 8 јуни 2010 година на Основниот суд Куманово и пресуда РОЖ.бр.1203/10 од 15 февруари 2011 година на Апелациониот суд Скопје.

Во поднесокот насловен како „Уставна жалба-Барање за заштита на слободите и правата по основ на политичко здружување и дејствување и заштита од дискриминација по основ на политичка припадност, односно неприпадност“, подносителот наведува дека донесените судски одлуки биле противправни бидејќи биле донесени во постапки проследени со низа неправилности, погрешно било применето материјалното право, односно биле применети стари, неважечки прописи. Тоа било резултат на долгогодишната политичка дискриминација спрема подносителот од страна на државните органи, заради неговото политичко нездружување со ниту една политичка партија што била на власт во Република Македонија.

Имено, врз основа на претходно донесена правосилна пресуда на Основниот суд Куманово (РО.бр.70/08 од 5 декември 2008 година), на Министерството за внатрешни работи му било наложено да го врати, Марјанчо Ангеловски, во таа постапка тужител, на поранешното работно место-виш инспектор за безбедност на патен сообраќај во Одделението за полиција при СВР Куманово, на кое бил распореден на 13 февруари 2003 година. Меѓутоа, Министерството донело решение бр.18.6-74105/1 од 12 ноември 2009 година со кое го распоредило на работно место-виш инспектор за превенција по сообраќајни работи во Полициската станица за безбеност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Куманово, кое работно место ни приближно не кореспондирало на работното место на кое било наложено да биде вратен со правосилната пресуда.

По одбивање на приговорот од страна на Комисијата Марјанчо Ангеловски поднел тужба до Основниот суд Куманово со барање за поништување на наведеното решение, кое било одбиено како неосновано од страна на Судот со пресудата РО.бр.65/10 од 8 јуни 2010 година. Оваа пресуда била потврдена со пресудата РОЖ. бр.1203/10 од 15 февруари 2011 година на Апелациониот суд Скопје.

Според понодителот на барањето судовите не ги почиту-вале одредбите од Законот за парничната постапка и одредбите од Законот за внатрешни работи, бидејќи одобриле да се применуваат стари, неважечки одредби од Колективниот договор на Министе-рството за внатрешни работи, со што флагрантно го прекршиле мате-ријалното право. Исто така, неправилно била утврдена фактичката состојба, бидејќи судовите не прифатиле сослушување на сведоци кои тој ги предложил.

Во натамошниот текст на поднесокот се наведува дека Марјанчо Ангеловски бил ставен во нерамноправна, потчинета состојба по однос на тужениот (Министерство за внатрешни работи) кој, пак, од страна на Судот имал третман на привелегиран субјект во постапката, од причина што нему не му било дозволено да изврши увид во Правилникот за систематизација на работните места во Министерството заведен под СД бр.13.1-5296/1 од 12 септември 2008 година, како и во извадоците од претходно донесениот Правилник. Првостепениот суд, пак, ги прифатил доставените извадоци од правилниците, без да утврди со сигурност дека тужителот бил распо-реден на најсоодветно работно место и го игнорирал фактот дека според Правилникот од 2008 година постоеле работни места од областа на сообраќајот кои биле далеку посоодветни на описот на работните задачи и по хиерархиската поставеност од она на кое бил распореден со актот на Министерството.

Дискриминаторскиот однос кон него од страна на второ-степениот суд, подносителот на барањето, го согледува во фактот што Судот ја потврдил првостепената пресуда со игнорирање на сите факти и докази изнесени во неговата жалба. Ваквото тврдење подносителот на барањето го поткрепува со околноста што судовите при носењето на одлуките воделе сметка само по однос на неговиот степен на образование (VII/1), но не и за видот на образованието и постапиле спротивно на членот 88 и 165 став 3 од Законот за внатрешните работи кога прифатиле дека тужениот правилно го донел решението со кое му се утврдила плата од 650 бодови, наместо 700 бодови како што било определено во првично донесената пресуда РО.бр.70/08 од 5 декември 2008 година.

Врз основа на наведеното подносителот на барањето смета дека се повредени темелните вредности на уставниот поредок содржани во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот со оглед на тоа што во наведените пресуди не се одразувало владеењето на правото, а пресудите биле одраз на долгогодишен дискриминатосрки однос кон него од страна на Министерството за внатрешни работи и судските органи. Тоа било резултат на неговата политичка неприпадност на некоја од политичките партии на власт, односно неговото нездружување-неприпадност кон некоја од политичките партии што дејствуваат во Република Македонија.

Имајќи ја предвид заштитата определена во членот 110 алинеја 3 од Уставот подносителот на барањето предлага Уставниот суд да ги укине пресудите и да ги поништи решенијата со кои, според него, била направена повредата, како и да се задолжи Министе-рството за внатрешни работи да донесе решение за негово распоре-дување на работно место соодветно на хиерархиската поставеност, описот и пописот на работните места и висината на платата, на кој начин во целост ќе се спроведела претходно донесената правосилна пресуда на Основниот суд Куманово РО.бр.70/08 од 5 декември 2008 година.

3. Судот на седницата, врз основа на приложените и прибавени докази утврди дека, со решение број 15.2-8318/1 од 13 февраури 2003 година, на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија подносителот на барањето бил распореден на работно место-виш инспектор за безбедност на патен сообраќај во одделение за полиција при СВР Куманово кое работно место одговарало на образованието кое истиот го има, завршен седми степен, звање сообраќаен инжињер на Техничкиот факултет при Униварзитетот во Битола.

Со решение заведено под број 16.4-79859/1 од 06 декември 2007 година, на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија подносителот на барањето бил распореден на работно место-помошник командир во полициската станица за обезбедување на државната граница Белановце при региналниот центар за гранични работи Север-Скопје при МВР на РМ, сметано од 10 декември 2007 година. Против ова решение истиот поднел приговор кој бил одбиен како неоснован.

По повод тужба за поништување на наведеното решение Основниот суд во Куманово донел пресуда РО.бр.70/08 од 5 декември 2008 година со која било уважено тужбеното барање на тужителот, оспореното решение и оспорената наредба биле поништени како незаконити, на тужениот му било наложено да го врати тужителот на работното место виш инспектор за безбедност на патен сообраќај на кое бил распореден со решението под број 15.2-8318/1 од 13 февруари 2003 година. Апелациониот суд Скопје со пресуда РОЖ. бр. 466/09 од 10 септември 2009 година ја потврдил првостепената одлука.

Со Решение бр.18.6-74105/1 од 12 ноември 2009 година Министерството за внатрешни работи го распоредило Марјанчо Ангеловски на работното место-виш инспектор за превенција по сообраќајни работи во Полициската станица за безбеност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Куманово сметано од 15 ноември 2009 година.

Со решение бр.37-3/2 од 16 февруари 2010 година Комисијата за решавање на прашањата од областа на работните односи во втор степен при Владата на Република Македонија го одбила како несонован приговорот на Марјанчо Ангеловски.

Основниот суд Куманово со пресуда РО.бр.65/10 од 8 јуни 2010 година го одбил како несоновано тужбеното барање на Марјанчо Ангеловски за поништување на наведеното решение наоѓајќи дека тужениот (МВР) во функција на спроведување на претходно донесената пресуда соодветно го распоредил тужениот на работно место според неговиот степен на образование, при тоа имајќи предвид дека Правилникот за систематизација од 2003 година повеќе не постоел во време на одлучувањето. Првостепената пресуда Марјанчо Ангеловски ја примил на 5 август 2010 година.

Апелациониот суд Скопје со пресуда РОЖ.бр.1203/10 од 15 февруари 2011 година ја потврдил првостепената пресуда наоѓајќи дека не се сторени суштествени повреди на постапката, целосно и правилно е утврдена фактичката состојба и правилно е применето материјалното право. Второстепената пресуда Марјанчо Ангеловски ја примил на 3 март 2011 година.

Барањето за заштита на слободите и правата е понесено до Судот преку пошта на 22 март 2011 година.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здру-жување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од цитираните уставни одредби, произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за заштита на сите права на човекот и граѓанинот, туку само на оние кои се децидно утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Имено, Судот неможе да се впушти во оцена на основаност на наводите за суштествени повреди на одредбите од Законот за парничната постапка, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, за што надлежност имаат апелационите судови, според правилата на Законот за парничната постапка. Исто така, Уставниот суд нема надлежност да наложи спроведување на пресудата на Основниот суд Куманово РО.бр.70/08 од 5 декември 2008 година, што е основно барање на Марјанчо Ангеловски.

Судот по однос на наводите за дискриминација по основ на политичка припадност, или како што подносителот означува-политичка неприпадност смета дека преставуваат само декларативно повикување на сторена дискриминација кое не е поткрепено со соодветни факти и докази, од каде произлегува дека подносителот на барањето само начелно се повикува на така сторена дискриминација и сака да постигне впуштање на Уставниот суд, како инстанционо повисок орган, во оцена на законитоста на актите, односно пресудите со кои тврди дека му се повредени слободите и правата, а заради остварување на конкретно право од работен однос.

Имајќи предвид дека наводите во барањето за заштита на слободите и правата за сторена дискриминација по основ на поли-тичка припадност се изнесени само декларативно без да истите се поткрепат со соодветни факти и докази, како и фактот што Уставниот суд може да ги оценува донесените акти и пресуди само од аспект на можна сторена повреда на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, но не и да се постави како инстанционо повисок суд или орган по однос на другите правосудни или управни органи, како и да наложи извршување на пресуди донесени од редовните судови произлегува дека иницијативата треба да се отфрли.

Поради сето изнесено, произлегува дека, во конкретниов случај, подносителот бара од Уставниот суд уставно-судска заштита на права и интереси по конкретен предмет во надлежност на судовите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува поради барањето го отфрли согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.60/2011
4 мај 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски