У.бр.58/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 септември 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 129-а и член 129-б од Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2009 и 35/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативи поднесени од Љупчо Кузмановски, адвокат од Скопје, Стево Атанасовски, Јосиф Матевски и Благој Талевски, сите од Битола, како и Мирче Павловски и седум други подносители од Битола, со Решение У.бр.58/2010 од 30 јуни 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 129-a став 1 од Законот за внатрешни работи, Министерството ги прекинува договорите за вработување на овластените службени лица и на работниците кои дополнително се стекнале со статус на овластено службено лице, по сила на закон, со навршување на 40 години пензиски стаж на овластеното службено лице, без оглед на неговите години на возраст. Според став 2 на истиот член, старосната пензија од ставот 1 на овој член се утврдува во висина од 80% од просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж.

Според член 129-б од истиот закон, на работникот кој стекнал право на пензија му следува еднократен надоместок во вид на отпремнина, во висина од пет просечни месечни нето плати остварени по работник во Република Македонија, објавена до денот на исплатата.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Од содржината на наведените одредби од Уставот произлегува дека правата на вработените и нивната положба, како и правата од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување, се уредуваат со закон и со колективен договор.

Со Законот за внатрешни работи се уредуваат внатрешните работи, организацијата и надлежноста на Министерството за внатрешни работи (во натамошниот текст: Министерството), категориите, статусот и посебните должности и овластувања на работниците во Министерството, контролата на вршењетo на работите на Министерството, правата и обврските од работен однос на работниците во Министерството, должностите на работниците во Министерството, материјалната одговорност, односно надоместокот на штета и дисциплинската одговорност на работниците во Министерството ( член 1).

Според член 2 на овој закон, внатрешни работи, во смисла на овој закон се:
– остварување на системот на јавна и државна безбедност;
– спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија;
– заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните;
– спречување на разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост;
– спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела;
– граѓански работи и
– други работи утврдени со овој и посебен закон.

Согласно член 29 став 1 од Законот, во Министерството работниците имаат статус на: овластени службени лица, согласно со овој закон; државни службеници, согласно со Законот за државните службеници и работници, согласно со Законот за работните односи. Според став 2 на овој член, овластени службени лица од ставот 1 алинеја 1 на овој член се: овластени службени лица за вршење стручни или граѓански работи; овластени службени лица за безбедност и контраразузнавање и полициски службеници.

Според член 31 од Законот, работниците во Министерството кои се со статус на овластени службени лица, имаат посебни должности и овластувања, утврдени со овој и друг закон, поради видот, сложеноста и тежината на работата, како и условите и начинот на нејзиното вршење.

Согласно член 45 од овој закон, правата и обврските од работниот однос, работниците во Министерството ги остваруваат согласно со овој закон, Законот за полиција, Законот за државните службеници, прописите за работните односи и Колективниот договор на Министерството.

Според член 129 од истиот закон, кој е систематизиран во главата VI. Работни односи, точка 11. Прекинување и откажување на договор за вработување, на овластено службено лице во Министерството му се прекинува договорот за вработување кога ги исполнува условите за остварување на правото на пензија утврдени со овој и посебен закон.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2010), по членот 129 од основниот текст на Законот, се додаваат шест нови членови 129-а до 129-ѓ, а членовите 147, 153, 154, 162 и 163 се бришат. Според образложението за донесување на Законот, со овие измени не се нудат квалитативно нови законски решенија, туку преку поместување на одредени членови од Законот и нивно систематизирање во соодветна глава, се има за цел да се добие системски номотехнички пристап во регулирањето на делот што се однесува на прекинување и откажување на договорот за вработување во Министерството за внатрешни работи. Истовремено, она на што се укажува како суштинско, е што со измените се врши бришење на преодниот период од пет години за пензионирање на овластените службени лица под одредени услови што беа предвидени со членовите 162 и 163 од основниот текст на Законот, така што тие членови стануваат членови 129-а и 129-б од Законот, со што се надминувал нееднаквиот законски пристап во областа на пензионирањето на овластените службени лица во Министерството, кои со постојниот преоден период од пет години утврден во Законот, според оценка на Уставниот суд на Република Македонија (Решение У.бр. 223/2009 од 2 декември 2009 година), биле ставени во нерамноправна положба и по истекот на петте години преоден период ќе биле пензионирани под суштински различни услови од оние службени лица кои ќе бидат пензионирани во тој период.

Според членот 129-а од Законот, Министерството ги прекинува договорите за вработување на овластените службени лица и на работниците кои дополнително се стекнале со статус на овластено службено лице, по сила на закон, со навршување на 40 години пензиски стаж на овластеното службено лице, без оглед на неговите години на возраст (став 1). Старосната пензија од ставот 1 на овој член се утврдува во висина од 80% од просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж.

Согласно член 129-б од Законот, на работникот кој стекнал право на пензија му следува еднократен надоместок во вид на отпремнина, во висина од пет просечни месечни нето плати остварени по работник во Република Македонија, објавена до денот на исплатата.

Од анализата на наведените законски одредби и на Законот во целина, произлегува дека законодавецот го уредил прашањето на посебни должности и овластувања на Министерството за внатрешни работи, како надлежен орган на државната управа кој ги врши внатрешните работи утврдени со овој закон, во која смисла ги утврдил и правата и должностите на овластените службени лица, како работници на Министерството кои имаат посебни должности и овластувања, различни од работните задачи на другите вработени во Министерството.

Во главата VI. Работни односи, точка 11. Прекинување и откажување на договор за вработување, законодавецот ги утврдил случаите кога престанува вработувањето на овластено службено лице на Министерството по сила на закон (со навршување 40 години пензиски стаж без оглед на возраста, со право на стекнување старосна пензија), како и случаите кога на работник во Министерството му се откажува договорот за вработување (во случај на дисциплинска одговорност, ако биде оценет „не задоволува“ двапати последователно или во последните пет години најмалку три пати, ако се утврди дека при вработувањето премолчил или дал невистинити податоци во однос на општите и посебните услови за вработување, ако во рок од 15 дена по завршувањето на неплатеното отсуство не се врати на работа согласно со членот 123 на овој закон и ако од неоправдани причини во рок од три дена од денот на врачувањето на решението за распоредување не се јави на работното место на кое е распореден, како и во случај кога со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност поради која не може да врши работи подолго од шест месеца или заради издржување на казна затвор да отсуствува од работа повеќе од шест месеца).

Од анализата на наведените одредби произлегува дека новина која законодавецот ја внел со вградување на членовите 129-а и 129-б од Законот е тоа што го избришал преодниот период од пет години за престанувањето на вработувањето на овластените службени лица по сила на закон заради навршување на 40 години пензиски стаж, без оглед на возраста (член 162 и член 163 од Законот), со што овој основ за престанување на вработувањето на овластените службени лица по сила на закон станува трајно законско решение, кое треба да се применува на сите овластени службени лица во Министерството за внатрешни работи. Трајно решение станува и определбата на законодавецот овие лица да можат да остварат старосна пензија во висина од 80% од просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж, како и правото на еднократен надоместок во вид на отпремнина, во висина од пет просечни месечни нето плати остварени по работник во Република Македонија, објавена до денот на исплатата. Новина е што ваквото право на отпремнина, според законските измени, се однесува на сите работници во Министерството за внатрешни работи кои стекнале право на пензија, а не само на овластените службени лица.

При наведената ситуација се поставува прашањето – дали со определбата на овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи кои навршиле 40 години пензиски стаж, без оглед на нивната возраст, да им престане вработувањето, со право да стекнат старосна пензија во висина од 80% од просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж, како и правото на еднократен надоместок во вид на отпремнина, во висина од пет просечни месечни нето плати остварени по работник во Република Македонија, за сите вработени во Министерството за внатрешни работи, се повредува начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Во одговор на ова прашање, Судот ги имаше предвид одредбите од Законот за работните односи кои ја уредуваат материјата за престанок на работниот однос, како и одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување кои ја уредуваат материјата за стекнување на пензија како право од работен однос.

Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010 и 52/2010) нема одредби според кои договорот за вработување престанува поради исполнување на услови за пензија, туку содржи одредби за прекин на договорот за работа поради возраст на работникот, односно одредба според која работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж (член 104 став 1) и одредба според која работодавачот, на барање на работникот од ставот 1 на овој член може да му го продолжи договорот за вработување најмногу до 65 години возраст, доколку со закон поинаку не е утврдено (член 104 став 2).

Според одредбите на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005 , 70/2006, 153/07, 152/2008, 161/2008, 81/2009 и 156/2009), осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж (член 17 став 1). Притоа, Законот за пензиското и инвалидското осигурување има отстапувања од овие општи принципи за стекнување на правата од пензиското и инвалидското осигурување за одредени категории на работници и тоа осигуреници во одбраната, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Казнено-поправните и Воспитно-поправните домови (Глава IV. Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови , членови 94 – 109). Имено, на овие овластени службени лица, стажот на осигурување им се смета со зголемено траење и истите можат под поповолни, односно различни услови од општите да остваруваат право на пензија и тоа поради специфичноста, тежината на работното место и условите под кои ги извршуваат работите и работните задачи и обврски. Така, работник на Министерството за внатрешни работи кој има најмалку 25 години пензиски стаж, од кои најмалку 15 години ефективно поминати на работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење и 55 години (маж), односно 50 години живот (жена), може да оствари право на старосна пензија, ако работниот однос му престане по потреба на службата (член 100). На работниците од членовите 100, 102 и 104 на овој закон им се определува старосна пензија која за 25 години пензиски стаж изнесува 62,0% од пензиската основа за маж, односно 65,6% од пензиската основа за жена и се зголемува за по 1,2% од пензиската основа за секоја натамошна навршена година до 40 години пензиски стаж (маж), односно за по 1,44% од пензиската основа за секоја натамошна навршена година до 35 години пензиски стаж (жена), така што старосната пензија не може да изнесува повеќе од 80% од пензиската основа (член 105).

Од наведената законска регулатива произлегува дека работодавачот ќе го прекине договорот за работа во ситуација кога работникот ќе постигне возраст од 64 години, односно 65 години, која пак возраст, покрај најмалку 15 години пензиски стаж, е услов истиот да може да оствари старосна пензија, како и дека за категоријата овластени службени лица во одбраната, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Казнено-поправните и Воспитно-поправните домови, законодавецот пропишал различни, поповолни услови за стекнување право на старосна пензија, кои исто така, се условени со потребен пензиски стаж и со одредена возраст на лицето.

Имајќи го предвид изнесеното, произлегува дека содржината на оспорената одредба од членот 129-а став 1 од Законот за внатрешните работи отстапува од општо утврдените принципи за престанок на работниот однос согласно Законот за работните односи и од општите и посебните услови за стекнување старосна пензија за категоријата овластени службени лица во Министерството за внатрешни работи согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Постоењето на Законот за работните односи и на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како lex generalis, со кои се уредуваат работните односи и правата од областа на пензиското и инвалидското осигурување, во која смисла се уредува прекинувањето на договорот за вработување поради возраст и стекнувањето на старосна пензија како едно од правата во сферата на пензиското и инвалидското осигурување, според Судот, не претставува пречка законодавецот во рамките на своите уставни овластувања (член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот) со други закони да доуреди одредени прашања од оваа област, и тоа, само по себе, не претставува повреда на уставниот принцип на еднаквост (член 9 од Уставот) и на принципот на владеењето на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот). Сепак, посебното, различно уредување, односно доуредување на овие прашања, мора да се заснова на оправдани причини и да биде во прифатлив сооднос со општите принципи на регулирање на тие прашања во соодветната област, односно без оправдан основ да не ги издвојува осигурениците од групацијата на која и припаѓаат, за да не би се довела во прашање одредбата од член 1 од Уставот на Република Македонија со која Република Македонија е дефинирана како демократска и социјална држава што индиректно може да се рефлектира врз останатите уставни принципи што се однесуваат на еднаквоста, владеењето на правото и социјалната праведност.

Стекнувањето на право на старосна пензија во системот на пензиското и инвалидското осигурување во Република Македонија, покрај минималниот пензиски стаж, е условено со возраста на осигуреникот, а законодавецот посебноста на работата на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи веќе ја има вградено во постојниот систем за пензиско и инвалидско осигурување, на начин кој овозможува поповолни услови за нивно стекнување со право на старосна пензија, и тоа и во однос на возраста и во однос на пензискиот стаж. При вака утврдена фактичка и правна состојба, произлегува дека со пропишувањето во член 129-а став 1 од Законот за внатрешни работи, на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи да им престанува вработувањето, по сила на закон, со навршени 40 години пензиски стаж, без оглед на возраста, со право на стекнување старосна пензија, законодавецот пропишува нови, различни услови за престанување на вработувањето и стекнување право на пензија на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, со што истите ги одвојува од другите овластени службени лица во Армијата на Република Македонија, во Министерството за правда, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, за кои исто така, поради спецификата на работата која ја вршат, во системот за пензиско и инвалидско осигурување се пропишани различни, поповолни услови за остварување на правото на старосна пензија кои зависат од должината на пензискиот стаж и возраста, на кој начин, без за тоа да постојат оправдани основи, законодавецот ги доведува овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи во привилегирана положба во однос на другите овластени службени лица, а со тоа и во однос на сите останати осигуреници во системот на пензиското и инвалидското осигурување.

Судот утврди дека решението во член 129-а став 2 од Законот за внатрешни работи според кое, пензиска основа за лицата на кои ќе им престане работниот однос по сила на овој закон и кои ќе остварат право на старосна пензија, претставува просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж, битно отстапува од решението за утврдување на пензиската основа утврдено во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според кое, пензиската основа се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година (член 19 став 1). Со наведеното отстапување овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи на кои се однесува ова право, а кои се осигуреници во системот на пензиското и инвалидското осигурување под исти услови како и сите други осигуреници во овој систем, законодавецот ги става во привилегирана положба во однос на другите овластени службени лица и во однос на сите останати осигуреници во системот на пензиското и инвалидското осигурување, овозможувајќи им само на оваа категорија осигуреници во системот на пензиското и инвалидското осигурување, пресметување и остварување на висина на пензија под различни, несомнено привилегирани услови, без за тоа да постои оправдан основ.

Судот, исто така, утврди дека решението во член 129-б од Законот за внатрешни работи, според кое на работникот кој стекнал право на пензија му следува еднократен надоместок во вид на отпремнина, во висина од пет просечни месечни нето плати остварени по работник во Република Македонија, објавена до денот на исплатата, битно отстапува од правилата на уредување на испратнината поради заминување во пензија на работниците во Република Македонија, како право кое произлегува од работниот однос и кое се однесува на сите вработени при заминување во пензија. Имено, според член 113 став 2 од Законот за работните односи, работникот има право на отпремнина при одење во пензија, како и јубилејни награди, а според став 3 на истиот член, висината, основицата и рокот за пресметување и исплата на надоместокот на овие трошоци се утврдува со закон и колективен договор.

Според член 16 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2010 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 156 од 25.12.2009 година), во случај на заминување на работникот во пензија му се исплатува двократен износ за отпремнина пресметан врз основа на просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена до денот на исплатата.

Правото на испратнина при заминување во пензија за вработените во Министерството за внатрешни работи, согласно член 87 став 3 алинеја 3 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 8/1998, 12/2000, 2/2003,3/2004, 16/2006 и 21/2009) изнесува трикратен износ од просечната месечна плата во стопанството на Републиката исплатена во последните три месеца.

Од анализата на наведените одредби произлегува дека законодавецот, со одредбата од член 129-б од Законот за внатрешни работи со која испратнината при заминување во пензија на вработените во Министерството за внатрешни работи ја утврдил на пет просечни месечни нето плати остварени по работник во Република Македонија, ги ставил во привилегирана положба овие вработени во однос на сите други вработени во јавниот сектор кои, исто така остваруваат плата и надоместоци од Буџетот на Република Македонија, за кои утврдил дека испратнината изнесува две просечни месечни нето плати остварени по работник во Република Македонија, без за тоа да постои оправдан основ.

Правото на еднаквост е еден од темелните правни принципи утврдени во Уставот на Република Македонија. Ова право опфаќа два елементи, и тоа прво, дека сите граѓани имаат право да бидат еднакво третирани пред законите и второ, дека законот еднакво се применува кон сите граѓани од страна на државните органи. Со други зборови, правото на еднаквост пред законот значи заштита на граѓанинот од секаков вид на дискриминација во уживањето на правата, но и во остварувањето на обврските.

Од анализата на наведената уставна одредба произлегува дека уставното начело на еднаквост го обврзува законодавецот во уредувањето на односите начелото на еднаквост да го согледа на конкретен, а не на апстрактен начин преку правилото дека со еднаквите еднакво треба да се постапува, а со нееднаквите нееднакво.

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека со член 129-а од Законот за внатрешни работи, законодавецот ги ставил овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи во привилегирана положба во однос на другите овластени службени лица и другите граѓани, без за тоа да постојат оправдани основи, а со член 129-б од Законот ги ставил вработените во Министерството за внатрешни работи во привилегирана положба во однос на сите други вработени во јавниот сектор кои исто така заминуваат во пензија и имаат право на испратнина, без за тоа да постојат оправдани основи, што води до повреда на уставното начело на еднаквост на граѓаните и повреда на принципот на начелото на владеењето на правото, поради што Судот оцени дека наведените одредби од Законот за внатрешни работи не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.58/2010
29 септември 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски