У.бр.55/2014-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 27 мај 2015 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 73 став 2 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија, број 42/2014).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.55/2014 од 4-ти март 2015 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со одредбите од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 73 став 2 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи, кандидатот задолжително кон пријавата приложува и доказ за неизречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 106 став 4 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ брoј 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014 и 199/2014) е определено дека податоци од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат и на државни органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Според ставот 5 од членот 106 од Кривичниот законик никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Од содржината на цитираните уставни одредби, произлегува дека тие ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човековата личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права, па оттука, почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја инкорпорира и улогата на државата да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на човекот и граѓаните на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски кои во конкретниот случај во постапка за вработување можат службено да се проверат.

Во тој контекст одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик со која се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност, е уредена во функција на заштита на човековото достоинство.

Со член 73 ставови 1 и 2 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија, број 42/2014) е уредена содржината на пријавата за засновање работен однос во Министерството, како и доказите кои задолжително се приложуваат кон пријавата за податоците внесени во истата.

Конкретно, оспорениот член 73 став 2 алинеја 2 од Законот, уредува дека кандидатот задолжително кон пријавата приложува и доказ за неизречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Тргнувајќи од содржината на оспорената законска одредба која пропишува задолжително приложување на доказ по однос на околноста дали на кандидатот за вработување не му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, според Судот тоа се сведува на барање изјава за негова осудуваност или неосудуваност, со оглед на тоа што забраната за вршење на дејност е споредна казна што се изрекува како дел од осудителната пресуда (член 33 став 6 од Кривичниот законик). Оттука, по оцена на Судот тоа уредување е во спротивност со уставната гаранција за почитување на угледот и достоинствотото на секој граѓанин, но и спротивно на презумпцијата на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара доказ за осудуваност или за неосудуваност.

За Судот, не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност се додека трае забраната, меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот, туку на надлежниот орган кој врши вработување и кој што ја утврдил таа законска обврска и кој ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на Законот.

Оттука, според Судот, уредувањето со оспорениот член 73 став 2 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи, е во спротивност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 11, член 25 и член 51 од Уставот.

Судот, ги имаше предвид доставените одговори од доносителот и од предлагачот на Законот за внатрешни работи, по однос решението за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената законска одредба, но истите не се од влијание по однос изразеното правно мислење во решението.

За Судот не е спорна потребата од докажување, дека на кандидатот не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност, туку само начинот на прибавување на бараниот доказ, кој начин, според оспорената законска одредба е на товар на кандидатот кој се вработува, што според Судот, не е во согласност со одредбите од Уставот.

Ова дотолку повеќе што со Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност (“Службен весник на Република Македонија” број 79/2013), е уредена постапката за прибавувањето и размената на докази и податоци по службена должност од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон, други државни органи, правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје (во натамошниот текст: органот надлежен за решавање), кога во управните работи, непосредно применувајќи ги прописите решаваат за правата, обврските или правните интереси на физички и правни лица или на други странки (во натамошниот текст: странките).

6. Тргнувајќи од претходно наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 73 став 2 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи, не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 11, член 25 и член 51 од Уставот.

7. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.55/2014
27 мај 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева