У.бр.55/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28, 68 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 31 март 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Љубе Бошкоски од Скопје за заштита на избирачкото право, што според него му било повредено со Решението на Државната изборна комисија бр.07-111/5 од 25 март 2004 година, потврдено со Решението на Врховниот суд на Република Македонија Урп.бр.1/2004 од 27 март 2004 година.

2. Љубе Бошкоски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на избирачкото право.

Подносителот на барањето во својот допис насловен како барање за заштита на избирачкото право на кандидатот за избор на претседател на Република Македонија Љубе Бошкоски, за изборите закажани за 14 април 2004 година, наведува дека со Решение на Државната изборна комисија бр.07-111/5 од 25 март 2004 година се отфрла Листата на кандидатот за избор на претседател на Република Македонија со која како кандидат за претседател на Република Македонија се предлага Љубе Бошкоски од Скопје, предложена од најмалку 10.000 избирачи, поднесена преку овластениот претставник на подносителот на Листата, Горан Митевски од Скопје.

Државната изборна комисија во Решението утврдила дека претседателскиот кандидат Љубе Бошкоски не го исполнува условот од член 80 став 5, а во врска со член 132 од Уставот, затоа што не бил жител во Република Македонија и Република Хрватска најмалку 10 години во последните 15 години до денот на изборите за претседател на Република Македонија – 14 април 2004 година, сметајќи дека времето на жителство во другите републики на СФРЈ во смисла на член 132 од Уставот се смета од 14 април 1989 година до 17 ноември 1991 година, денот кога е донесен Уставот на Република Македонија, поради што имал жителство во Република Македонија 7 години 9 месеци и 22 дена.

Врховниот суд на Република Македонија, на 27 март 2004 година донел Решение Урп.бр.1/2004 со кое жалбата се одбива како неоснована, а Решението на Државната изборна комисија бр.07-111/5 од 25 март 2004 година се потврдува.

Со Решението на Државната изборна комисија и со Решението на Врховниот суд, според подносителот на барањето се врши повреда на избирачкото право на претседателскиот кандидат Љубе Бошкоски спротивно од членовите 8 алинеја 1 и 3, 22, 23 и 132 од Уставот и од член 3 на Протоколот бр. 1 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Подносителот на барањето, исто така предлага Уставниот суд да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што ги презема Државната изборна комисија во постапката за избор на претседател на Република Македонија во согласност со Законот за избор на претседател на Република Македонија, до донесувањето на конечната одлука на Уставниот суд.

3. Судот на седницата утврди дека со Решението на Државната изборна комисија, листата на кандидат за избор на претседател на Република Македонија, со која како кандидат за претседател на Република Македонија се предлага Љубе Бошкоски од Скопје, предложена од најмалку 10.000 избирачи, поднесена преку овластениот претставник на подносителот на листата, Горан Митевски од Скопје се отфрла.

Со Решението на Врховниот суд на Република Македонија, жалбата на кандидатот за претседател на Република Македонија Љубе Бошкоски од Скопје, поднесена од овластениот претставник Горан Митевски, се одбива како неоснована, а Решението на Државната изборна комисија се потврдува.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Според член 8 алинеја 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.

Согласно член 22 од Уставот секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Според член 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Врз основа на изнесените уставни одредби произлегува дека едно од најбитните политички права е избирачкото право кое може да биде активно и пасивно. Определувајќи дека секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право, Уставот единствено поставил ограничување дека избирачко право немаат само лицата на кои им е одземена деловната способност.

Уставот на Република Македонија не прави разлика меѓу активното и пасивното избирачко право, што подразбира дека со исполнувањето на утврдените услови граѓанинот стекнува право да избира и да биде избран. При тоа, Уставот не предвидува никакви посебни услови за стекнување на пасивното избирачко право. Од овие уставни постулати единствен исклучок е одредбата на членот 80 кој се однесува на избор на претседател на Република Македонија. Според оваа одредба претседателот на Републиката мора да е државјанин на Република Македонија, на денот на изборите да има наполнето најмалку 40 годни живот и до денот на изборите да е жител на Република Македонија најмалку 10 години во последните 15 години.

Во Законот за избор на претседател на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 20/94, 48/99 и 11/2004) е утврдена постапката за избор на претседател на Република Македонија поради престанок на мандатот, како и заштитата на избирачкото право.

Според член 10-д од овој закон ако Државната изборна комисија утврди дека листите се поднесни ненавремено, односно констатираните пропусти и неправилности подносителите на листите не ги отстраниле во рокот предвиден во членот 10-г став 2 на овој закон, Комисијата поднесената листа во рок од 24 часа ќе ја отфрли со Решение. Против Решението на Државната изборна комисија може да се поднесе жалба до Врховниот суд на Република Македонија во рок од 24 часа по приемот на Решението. Врховниот суд на Република Македонија е должен да донесе Одлука по жалбата во рок од 24 часа по приемот на жалбата.

Според член 10-и од овој закон постапката за заштита на избирачкото право е итна. Поднесоците (приговорите и жалбите) за заштита на избирачкото право се доставуваат до надлежните органи преку органите кои претходно одлучувале. Второстепените одлуки на надлежните органи се конечни.

Врз основа на наведените уставни и законски одредби произлегува дека заштитата на избирачкото право е во надлежност на Државната изборна комисија и на Врховниот суд на Република Македонија.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд нема надлежност во врска со изборниот процес, односно со заштитата на избирачкото право, ниту, пак, Уставниот суд има надлежност да постапува како инстанционен суд за да го цени решението на Врховниот суд на Република Македонија.

Во врска со барањето за заштита на избирачкото право во однос на член 3 од првиот Протокол кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, според кој: “Високите страни договорнички се обврзуваат во разумни интервали да организираат слободни избори со тајно гласање, под услови што му овозможуваат на народот слободно да го изрази своето мислење за изборот на законодавното тело”, Уставниот суд согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, исто така не е надлежен да одлучува.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Врз основа на наведеното, а согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Судот оцени дека не е надлежен да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на избирачкото право, поради што одлучи барањето на Љубе Бошковски да го отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.55/2004
31 март 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова