У.бр.54/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 мај 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Георги Павлов од Радовиш за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Георги Павлов од Радовиш, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот содржани во низа одредби од Уставот и Европската Конвенција за заштита на основните слободи и права на човекот кои тој смета дека му се повредени со правосилната одлука на Апелациониот суд Штип Гж.бр.484/2001 од 18.04.2001 година со која е решавано по повод предметот за надомест на штета.

Во барањето подносителот наведува дека е сторена повреда на правото на фер судење, утврдено во член 6 од Конвенцијата и членот 12 и 13 од Уставот, правото на ефикасен правен лек од член 13 од Конвенцијата и членовите 15 и 50 од Уставот, со што се вршело легализирање на тортурата, што било во спротивност со членот 3 од Конвенцијата и членот 12 од Уставот, како и слободите и правата на човекот и граѓанинот. Ваквото свое становиште подносителот го базира на ставот на Апелациониот суд изнесен во оспореното решение во врска со дефинирањето на правниот основ за пресудување надомест за нематеријална штета согласно Законот за облигационите односи. Оттука, подносителот бара на некој начин Судот да ја оцени уставноста на овој став.

3. Судот на седницата утврди дека актот кој се напаѓа од страна на подносителот на барањето се однесува на спор за надомест на штета по повод незаконит престанок на работен однос на барателот. Со оспореното решение Гж.бр.484/2001 првостепеното решение се преиначува, а ту`беното барање на барателот за надомест на нематеријална штета и надомест на трошоците на постапката се одбива како неосновано. При тоа, како аргумент на кој ја засновува својата одлука, Апелациониот суд изнесол дека “претрпен душевен бол и страв како последица на незаконит престанок на работниот однос и водење судска постапка поради незаконитиот престанок на работниот однос, која постапка траела долго време, не е правно призната нематеријална штета”.

4. Со барањето подносителот бара заштита на низа слободи и права утврдени во Европската Конвенција, а индиректно содржани и во Уставот на Република Македонија: тоа се правото на фер судење, правото на ефикасен правен лек, забраната на мачење и генерално заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот. При тоа, со барањето не се посочува конкретно на ниедно право или слобода на човекот и граѓанинот за кои Судот е надлежен да одлучува.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата; политичкото здру`ување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во барањето не е наведено ниедно од посочените права што подносителот смета дека му е повредено со цитираниот акт. Тој упатува на права утврдени во Европската Конвенција, барајќи од Судот тој да ја обезбеди нивната непосредна заштита. Иако Европската Конвенција е составен дел на домашниот правен поредок, сепак таа не може да преставува непосреден и самостоен правен основ на кој Судот ќе ја базира својата одлука. Одредбите на Конвенцијата може да претставуваат само дополнителен аргумент на Судот при одлучувањето за правата и слободите за кои тој е надлежен да одлучува согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Покрај тоа, Судот оцени дека подносителот имплицитно бара Судот да даде толкување на ставот на Апелациониот суд изнесен во решението во однос на тоа дали претрпената болка и страв поради незаконит престанок на работниот однос претставува правен основ за пресудување на справедлив надомест за нематеријална штета.

Согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надле`ен да одлучува за барањето.

Оттука, со оглед на фактот што во барањето се упатува на заштита на слободи и права на човекот и граѓанинот за кои Судот не е надлежен да одлучува, Судот утврди дека не постојат процесни претпоставки Судот да одлучува за суштината на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, со оглед на тоа што со барањето се бара Судот да обезбеди заштита на слободи и права за кои, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот не е надлежен да одлучува, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од судијата Олга Лазова, која го заменува претседателот на Судот и судиите д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски и Бесим Селими.

У.бр.54/2002
15 мај 2002 година
С к о п ј е

Го заменува претседателот
СУДИЈА
на Уставниот суд на Република Македонија
Олга Лазова