У.бр.53/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 14 септември 2011 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 26 став 1 точки 4 и 8, член 40 став 3 точки 4 и 7, член 102 став 2 точките 5, 7 и 8, член 104 став 2 точки 5, 7 и 8, член 130 став 2 точка 6, член 134 став 2 точка 2 и член 141 точка 4 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011 и 51/2011).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод три иницијативи поднесени од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр. 53/2011 од 18 мај 2011 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 26 став 1 точка 4 и точка 8, трговското друштво во државна сопственост од членот 7 став 2 на овој закон, по уписот во трговскиот регистар што се води во Централниот регистар на Република Македонија и целосната уплата на основната главнина до Министерството за финансии задолжително приложува, меѓу другото и уверение издадено од надлежен орган дека управителите на трговското друштво не се правосилно осудени на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеци, како и уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган.

Според членот 40 став 3 точки 4 и 7 од Законот, трговското друштво од ставот 2 на овој член кон барањето задолжително треба да достави, меѓу другото, и уверение издадено од надлежен орган дека управителите на трговското друштво не се правосилно осудени на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеци и уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган.

Според член 102 став 2 точките 5, 7 и 8, кон барањето за издавање лиценца за производител барателот доставува: уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган; изјава од приредувачот заверена на нотар дека порано не му била одземена лиценца или друг вид на дозвола или одобрение за приредување на игри на среќа во земјата или во странство; и уверение издадено од надлежен орган дека управителите на трговското друштво не се правосилно осудени на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеци.

Според член 104 став 2 точките 5, 7 и 8 од Законот, кон барањето за издавање лиценца за производител барателот доставува и уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган, изјава од приредувачот заверена на нотар дека порано не му била одземена лиценца или друг вид на дозвола или одобрение за приредување на игри на среќа во земјата или во странство и уверение издадено од надлежен орган дека управителите на трговското друштво не се правосилно осудени на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеци.

Според член 130 став 2 точка 6 од Законот, кон барањето од ставот 1 на овој член задолжително се доставува и уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган.

Според членот 134 став 2 точка 2, доколку барањето од ставот 1 на овој член го поднесува трговец поединец, кон барањето задолжително се доставува уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган.

Според член 141 точка 4, кон понудата за добивање на овластување за утврдување на техничката исправност на автоматите за игри на среќа, правното лице – понудувач задолжително треба да достави и уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во согласност со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општестве-ната положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 25 од Уставот, определено е дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 1 од Законот за игрите на среќа и забавните игри, со овој закон се уредуваат видовите, условите и начинот на приредување на игрите на среќа и забавните игри.

Во членот 2 од Законот е определено значењето на поимите употребени во Законот, при што во одделните точки е определено следното:

„1. Игри на среќа се игрите во кои учесниците имаат еднакви можности за стекнување на добивка со посредна или непосредна уплата на одреден износ (влог), а резултатот од играта исклучиво или претежно зависи од случајноста или од некој неизвесен настан во играта;

2. Забавни игри се игрите на компјутери, симулатори, видеоавтомати, флипери и други слични апарати кои се ставаат во погон со помош на пари, жетони или на друг начин, како и пикадо, билијарди и други слични игри во кои се учествува со уплата, а во кои учесникот не може да оствари добивка во пари, предмети или права, туку стекнува право на една или повеќе бесплатни игри од ист вид, како и други игри од забавен карактер во кои се подразбира дека учесникот во забавните игри кој губи ги сноси трошоците за играта или каде што уплатите (влоговите) и добивката се незначителни;

3. Приредувач на игра на среќа е трговско друштво со седиште во Република Македонија на кое му е издадена лиценца, односно дозвола за приредување на игри на среќа и трговско друштво во кое содружник или акционер е Република Македонија и е основано за приредување на игри на среќа;

4. Приредувач на забавна игра е трговско друштво и физичко лице – трговец поединец на кои им е издадена дозвола за приредување на забавни игри“.

Согласно членот 7 од Законот, приредувањето на игрите на среќа и забавните игри утврдени со овој закон е право на Република Македонија, ако со овој закон поинаку не е уредено.

Според ставот 2 на овој член од Законот, лотариските и електронските игри на среќа, освен томболата од затворен тип, Република Македонија самостојно ги приредува со основање на трговско друштво за приредување на игрите на среќа во кое Република Македонија е содружник или акционер со најмалку 51% од основната главнина.

Според ставот 3 на истиот член од Законот, правото на приредување на останатите игри на среќа и забавните игри утврдени со овој закон, вклучувајќи ја и томболата од затворен тип, Република Македонија го пренесува со издавање на лиценца, односно дозвола на трговски друштва, односно трговец поединец, кои ги исполнуваат условите утврдени со овој закон (став 3).

Лиценцата, односно дозволата од ставот (3) на овој член не смее да се пренесе на друго трговско друштво, односно трговец поединец (став 4).

Според членот 9 став 1 од Законот, забавните игри, наградните игри и интерактивните игри на среќа се приредуваат врз основа на дозвола.

Според членот 11 од Законот, за издавање на лиценца и дозвола се плаќа надоместок, освен ако со овој закон поинаку не е уредено. Надоместокот за лиценцата се плаќа така што 50% од надоместокот се уплаќа при издавање на лиценцата, а остатокот од 50% на еднакви годишни рати додека трае лиценцата. Надоместокот од 50% кој се плаќа при издавање на лиценцата, приредувачот на игрите на среќа е должен да го плати во рок од 15 дена од денот на приемот на лиценцата. Во спротивно ќе се смета дека лиценцата не била воопшто издадена. Роковите на достасаност на годишните рати за надоместокот во износ од 50% се утврдуваат во лиценцата. Доколку приредувачот на игрите на среќа пропушти да го плати износот на годишната рата до утврдениот датум согласно со лиценцата, Владата на Република Македонија ја одзема лиценцата.

Според членот 16 од Законот, средствата остварени по сите основи од приредувањето на игри на среќа и забавни игри се користат за финансирање на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија на граѓани за борба против семејното насилство и за Црвениот крст на Република Македонија. Износот на средствата за намената утврдена во ставот (1) на овој член се определува на 50% од вкупниот приход од игрите на среќа и забавните игри утврден во претходната календарска година, но не помалку од 60 милиони денари и не повеќе од 120 милиони денари.

Според членот 17 од Законот, надоместоците и посебните давачки од игрите на среќа утврдени со овој закон се приход на Буџетот на Република Македонија.

6. Во однос на одредбите од член 26 став 1 точка 4 и точка 8, член 40 став 3 точка 4 и точка 7, член 102 став 2 точките 5, 7 и 8, член 104 став 2 точките 5, 7 и 8, член 130 став 2 точка 6, член 134 став 2 точка 2 и член 141 точка 4, Судот во Решението за поведување постапка за оценување на уставноста У.бр. 53/2011 од 18 мај 2011 година, ја доведе под сомнение уставноста на наведените одредби, оценувајќи дека со нив се пропишуваат определени обврски, за кои Судот во повеќе наврати во својата уставно-судска практика се изјаснил дека се спротивни на Уставот, како што се обврската за доставување на доказ за неосудуваност, или пак доказ за платени даноци и други јавни давачки.

Имено со одредбите од член 26 став 1 точка 4, член 40 став 3 точка 4, член 102 став 2 точка 8 и член 104 став 2 точка 8, се пропишува обврска за доставување на уверение издадено од надлежен орган дека управителите на трговското друштво не се правосилно осудени на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеци, додека пак со одредбите од членовите 102 став 2 точка 7 и член 104 став 2 точка 7, се пропишува обврска за давање изјава од приредувачот, заверена на нотар дека порано не му била одземена лиценца или друг вид на дозвола или одобрение за приредување на игри на среќа во земјата или во странство.

Тргнувајќи од содржината на член 11 став 1 и член 25 од Уставот, јасно произлегува дека нивната содржина ја истакнува вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што изречно се препознава во член 25 од Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.

Bo тој контекст, забраната од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност е јасен израз на овој втор аспект на заштита на човековото достоинство, како што тоа е општо прифатениот принцип на забрана за самообвинување на осомничениот во казненото право, кој што е изграден подеднакво врз презумпцијата на невиност и заштитата на достоинството на поединецот.

Во конкретниот случај, барањето доказ од трговското друштво за приредување на игри на среќа, од барателот на лиценца за приредување на томбола од затворен тип, барателот на лиценца за производител на софтвер за приредување на интернет игри на среќа и барателот на лиценца за приредување на интернет игри на среќа, дека управителите на трговското друштво не се правосилно осудени на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеци, во суштина се сведува на барање изјава за нивната осудуваност или неосудуваност. Иако овие докази не се бараат во кривично-правен контекст (туку во постапката за издавање на лиценци за приредување на игри на среќа) и немаат самообвинувачки квалитет, самата обврска за нивното соопштување има ефект врз однесувањето на поединецот, што е проблематично како од аспект на заштита на човековото достоинство, така и од аспект на претпоставката на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара било доказ за осудуваност, било доказ за неосудуваност. Меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот кој е во прашање, туку на надлежниот орган што одлучува за давање на соодветни лиценци за вршење на дејноста и кој што за утврдување на таа законска обврска ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на законот.

Одредбите од членовите 102 став 2 точка 7 и член 104 став 2 точка 7 со кои се пропишува обврска за давање изјава од приредувачот, заверена на нотар дека порано не му била одземена лиценца или друг вид на дозвола или одобрение за приредување на игри на среќа во земјата или во странство, според оценката на Судот, исто така не се во согласност со Уставот, посебно со членовите 11 и 25 од Уставот. Ова поради тоа што според членот 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а согласно членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја опфаќа и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе се обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат обврски кои можат службено да се проверат. Оттука, фактот дали на приредувачот на игри на среќа порано му била одземена лиценцата односно одобрението или дозволата за приредување на игри на среќа, треба да го провери органот надлежен за издавање на лиценци односно дозволи, по службен пат, а не тоа да претставува обврска за приредувачот на игрите на среќа, поради што Судот утврди дека и овие одредби не се во согласност со наведените одредби од Уставот.

7. При оценката на уставноста на одредбите од членовите 26 став 1 точка 8, 40 став 3 точка 7, 102 став 2 точка 5, 104 став 2 точка 5, 130 став 2 точка 6 и член 134 ств 2 точка 2 од Законот, Судот тргна од одредбите од членовите 32 и 33 од Уставот.

Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Имајќи ја предвид одредбата од член 33 од Уставот произлегува дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување.

Судот поаѓајќи од наведените уставни одредби, содржината на оспорените членови и уставно-судската практика, оцени дека пропишувањето на обврска за барателите на лиценци и дозволи за приредување на игри на среќа и забавни игри, да достават уверение за платени јавни давачки издадено од надлежен орган, излегува надвор од соодветните законски механизми. Тоа доведува до состојба исполнувањето на обврската на лицето од одреден статус да влијае на остварувањето на право од друг статус што е уставно недопуштено и води кон стеснување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови. Поради наведеното Судот оцени дека наведените одредби од Законот за игрите на среќа и за забавните игри не се во согласност со членовите 32 и 33 од Уставот.

13. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

14. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите Наташа Габер – Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.53/2011
14 септември 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски