У.бр.53/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 мај 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Начелен правен став на Врховниот суд на Република Македонија, бр. 0201 бр. 2218/09 од 24.12.2009 година.

2. Добрила Крстева од Скопје, Ѓорѓи Толевски од с. Пештани – Охрид и адвокат Фани Михајловска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според Добрила Крстева, како подносител на иницијативата, со оспорениот начелен став на Врховниот суд на Република Македонија, според кој овој суд е надлежен да постапува по жалбите изјавени против пресудите на Управниот суд донесени по стапувањето во сила на Одлуката на Уставниот суд со која е укинат дел од член 39 став 2 од Законот за управните спорови, а согласно членовите 337-367 од Законот за парничната постапка, повторно се ускратувало правото на жалба на оние лица кои се стекнале со право на жалба на денот кога одлуката на Уставниот суд на Република Македонија стапила на сила, независно што одлуката на Управниот суд била донесена претходно. Според подносителот на иницијативата, интенцијата на Уставниот суд всушност и била да се даде право на жалба во однос на сите одлуки на Управниот суд, што значело дека ова право го имаат оние лица кои својата одлука од Управниот суд ја добиле после донесувањето на Одлуката на Уставниот суд и во законскиот рок од 15 дена поднеле жалба до Врховниот суд на Република Македонија. Ваквиот начелен став бил спротивен на Одлуката на Уставниот суд, затоа што одлуките кои странките ги добиле по влегувањето во сила на одлуката на Уставниот суд, подлежеле на оваа одлука и странките се стекнале со право на жалба, кое Врховниот суд на Република Македонија им го одземал со оспорениот начелен став. Поради наведеното, се бара Уставниот суд да ја оцени уставноста на оспорениот начелен став на Врховниот суд на Република Македонија.

Според наводите во иницијативата на подносителот Ѓорѓи Толески, Врховниот суд на Република Македонија немало потреба да интервенира во правниот систем на државата со донесување на оспорениот начелен правен став, затоа што истиот бил само повторување или потврдување на Одлуката на Уставниот суд. Од друга страна, донесениот Начелен правен став правел само забуна (збрка) во примената на Законот за управните спорови, затоа што било спорно по кои изјавени жалби требало да постапува Врховниот суд. Имено, во пракса имало ситуации кога против пресуда донесена од Управниот суд пред стапување во сила на Одлуката на Уставниот суд, била изјавена жалба пред стапувањето во сила на Одлуката на Уставниот суд, но и кога жалба била изјавена по стапувањето во сила на Одлуката на Уставниот суд. Според оспорениот начелен правен став, Врховниот суд не требало да ги земе во работа ваквите жалби, затоа што зазел став дека по сите одлуки што ги донел Управниот суд пред стапувањето во сила на одлуката на Уставниот суд, по кои ќе биде изјавена жалба, Врховниот суд не требало да постапува. Ваквото толкување, според подносителот на иницијативата, претставувало директна повреда на начелото предвидено во Амандманот XXI од Уставот, според кое со Уставот се гарантира право на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен. Со примената на оспорениот начелен правен став повеќе од очигледно било дека сите оние кои поднеле жалби против донесените одлуки на Управниот суд, пред стапувањето во сила на Одлуката на Уставниот суд, ќе биле доведени во нерамноправна положба во однос на оние кои изјавиле жалби на таквите одлуки по стапувањето во сила на Одлуката на Уставниот суд, а особено оние кои поднеле жалби пред стапувањето во сила на Одлуката на Уставниот суд, а по нивната жалба Врховниот суд се уште не донел одлука или донел одлука со која жалабата ја одбил како недозволена. Според мислењето на подносителот на иницијативата, согласно наведениот амандман на Уставот, Врховниот суд требало да одлучува по сите изјавени жалби против одлуки на Управниот суд кои пристигнале кај него, а по кои не донел одлука, без да се врзува за денот на донесувањето на Одлуката на Уставниот суд, односно во ваквите случаи требало директно да се применува Уставот, а Одлуката на Уставниот суд да се прифати повеќе од „технички “ карактер, поточно да и се даде третман на директна примена на Уставот во конкретен правен пропис.Врховниот суд немало да направи никаква повреда на Уставот и законите доколку ги земел во работа сите изјавени жалби против одлуките на Управниот суд, по кои сеуште не донел одлука или да ги преиспита оние по кои донел одлука. Само на таков начин, сите оние кои поднеле жалба на одлуките на Управниот суд, ќе биле ставени во рамноправна положба во однос на оние кои поднеле жалба на одлуките на Управниот суд по стапување во сила на Одлуката на Уставниот суд.

Подносителот на иницијативата, воедно предлага Уставниот суд да ја преиспита сопствената одлука, во смисла наместо „СЕ УКИНУВА“ да стојат зборовите „СЕ ПОНИШТУВА“, со што ќе биле отстранети сите правни дилеми и недоразбирања околу нејзината примена во пракса, затоа што поништувачката одлука имала такво правно дејство во однос на прописот што се поништува со неа, како тој пропис никогаш и да не бил донесен, за разлика од укинувачката одлука, која имала такво правно дејство према прописот против кој била донесена, сметано од денот на нејзиното објавување во „Службен весник на Република Македонија“ , па во иднина.

Според наводите во иницијативата на адвокат Фани Михајловска, оспорениот начелен правен став бил спротивен на Амандман XXI од Уставот, затоа што спротивно на уставната гаранција за правото на жалба против сите судски одлуки (пресуди и решенија) донесени во постапка во прв степен пред суд, со Начелниот правен став тоа уставно право се ограничувало само на пресудите на Управниот суд донесени по определена дата (кога е објавена одлуката на Уставниот суд). Понатаму, се укажува дека овој начелен правен став бил став само според насловот, додека од неговата содржина произлегувало дека станува збор за нормативен акт, со кој било уредено правото на жалба против одлуките на Управниот суд, и тоа селективно и дискриминаторски: право на жалба да имаат само граѓаните по чии тужби Управниот суд донел пресуда по 25 септември 2009 година, а граѓаните по чии тужби Управниот суд одлучил со решение, како и тие по чии тужби била донесена пресуда пред 25 септември 2009 година, да немаат право на жалба. Правото на жалба на првостепена судска одлука спаѓало во основните права кои ги гарантира Уставот и тоа право не можело ни со закон да се ограничи, па требало ли да се допушти тоа да го прави суд, па било тоа и Врховниот суд, како највисок суд. Затоа, подносителот на иницијативата смета дека Уставниот суд не смее да остане на формална интерпретација на оспорениот акт, туку било нужно да ја согледа суштината на тој акт од гледиште на заштита на основните слободи и права што ги гарантира Уставот, па да го отстрани од правниот поредок оспорениот начелен правен став, кој всушност бил општ акт, на што бил обврзан со член 50 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот начелен правен став, Врховниот суд на Република Македонија е надлежен суд да постапува по жалби изјавени против пресудите на Управниот суд, донесени по стапувањето во сила на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр. 231/2008 од 16 септември 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 117/2009 од 25 септември 2009 година), со која се укинува членот 39 став 2 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006), во делот:„од членот 30 став 3 на овој закон“. Врховниот суд на Република Македонија по жалбите изјавени против пресудите на Управниот суд, ќе постапува согласно одредбите на членовите 337-367 од Законот за парничната постапка.

4.Согласно член 101 од Уставот на Република Македонија, Врховниот суд е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.

Според член 35 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија бр.58/2006 и 35/2008), Врховниот суд на Република Македонија е надлежен, помеѓу другото, да решава во втор степен по жалба на одлука на Управниот суд во случаите предвидени со закон (точка 3).

Согласно член 37 став 1 алинеја 1 на истиот закон, Врховниот суд на Република Македонија на општа седница утврдува начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единство во примената на законите од страна на судовите по сопствена иницијатива или по иницијатива на седниците на судиите или судските оддели од судовите. Според став 2 на овој член, начелните ставови и начелните правни мислења што ги утврдува Врховниот суд на Република Македонија на општа седница се задолжителни за сите совети на Врховниот суд на Република Македонија.

Врховниот суд на Република Македонија, на Општа седница одржана на 9 декември 2009 година, по сопствена иницијатива, едногласно, усвоил Начелен правен став во врска со постапувањето на Врховниот суд на Република Македонија по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр. 231/2008 од 16 септември 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 117/2009 од 25 септември 2009 година), со која се укинува членот 39 став 2 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006), во делот:„ од членот 30 став 3 на овој закон“.

Според наведениот начелен правен став, Врховниот суд на Република Македонија е надлежен суд да постапува по жалби изјавени против пресудите на Управниот суд, донесени по стапувањето во сила на наведената одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, при што Врховниот суд на Република Македонија по жалбите изјавени против пресудите на Управниот суд, ќе постапува согласно одредбите на членовите 337-367 од Законот за парничната постапка.

Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Видно од наводите во доставените иницијативи, со нив не се бара оценување на уставност на закон и уставност и законитост на пропис, за што, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, е надлежен да одлучува Уставниот суд на Република Македонија, туку се бара оценување на уставноста на начелен став на Врховниот суд на Република Македонија, донесен на општа седница на овој суд, со кој се утврдува начелен правен став по прашање од значење за обезбедување на единство во примената на законот од страна на сите совети на Врховниот суд на Република Македонија, во функција на операционализација на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр. 231/2008.

Со оглед на тоа што оспорениот начелен став на Врховниот суд не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, туку со него се обезбедува единство во примената на законот од страна на сите совети на Врховниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на овие иницијативи.

Во однос на барањето во една од иницијативите за тоа Уставниот суд на Република Македонија да ја преиспита својата Одлука У.бр. 231/2008, во смисла наместо укинувачки, да и даде поништувачки карактер, со што би се отстраниле дилемите и недоразбирањата околу нејзината примена, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на ваквото барање. Имено, со наведената одлука, Уставниот суд го укина член 39 став 2 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006), во делот:„ од членот 30 став 3 на овој закон“. Наведената одлука, согласно член 112 став 4 од Уставот, е конечна и извршна, а со иницијативата не се укажува на други основи, односно докази и факти за поинакво одлучување на Судот, поради што ваквата иницијатива Судот ја отфрли.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.53/2010
26 мај 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски