У.бр.53/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 47 став 1 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 9 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на: Одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на судските службеници за 2009 година, број 19-847/1 од 17 февруари 2009 година, (“Службен весник на Република Македонија” број 22/09) и Одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на припадниците на судската полиција за 2009 година број 19-848/1 од 17 февруари 2009 година, (“Службен весник на Република Македонија” број 22/09).

2. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесени иницијативи од Мирче Митев од Кочани, со Решение У.бр.53/2009 од 17 јуни 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за согласноста на оспорените одлуки со Уставот и законот.

3. Судот утврди дека Владата на Република Македонија врз основа на член 43 од Законот за судската служба (“Службен весник на Република Македонија” број 98/08, 161/08 и 6/09) и Буџетот на Република Македонија за 2009 година (“Службен весник на Република Македонија” број 166/08), донела Одлука за утврдување на вредноста на бодот за платите на судските службеници за 2009 година, во која се дефинирани три категории судски службеници со различна вредност на бодот. Така за категоријата раководни судски службеници, вредноста на бодот за платата е утврден на износ од 78,90 денари, за категоријата стручни судски службеници, на износ од 82,20 денари и за категоријата административно-технички судски службеници на износ од 88,02 денари. Исто така, врз основа на член 83 став 4 од Законот за судската служба и Буџетот на Република Македонија за 2009 година (“Службен весник на Република Македонија” број 166/08), исто така Владата донела Одлука за утврдување на вредноста на бодот за платите на припадниците на судската полиција за 2009 година, според која за командантот и координаторот на судската полиција, вредноста на бодот за платата бил утврден на износ од 78,90 денари, за командирот и заменик командирот на судската полиција на износ од 82,20 денари и за останатите припадници на судската полиција на износ од 88,02 денари.

4. Судот со Решение У.бр. 53/2009 од 17 јуни 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од решението, од причини што оцени дека различно утврдената вредност на бодот за платите на судските службеници и судската полиција со акт на Владата, нема основ во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 32 од Уставот на Република Македонија и членовите 43 и 83 став 4 од Законот за судска служба. Меѓутоа, на одржаната седница на 09.09.2009 година, Судот утврди дека овие одлуки имаат временско важење, односно се од темпорален карактер и истите претставуваат оперативно извршен пропис кој има овластување во членовите 43 и 83 од Законот за судската служба, чија примена заклучно со месец декември 2009 година, се исцрпува. Судот утврди дека во конкретниот случај не станува збор за превреднување на платите на судската администрација со акт на Владата, туку причината за различно утврдената вредност на бодот за платите на судските службеници и судската полиција, се должи на интенцијата за правично зголемување на платите на судската администрација со најниски плати, а во функција на операционализација на Одлуката на Владата за зголемување на платите на судската администрација за 5, 10 и 20 %, во зависност од висината на платата што им се исплаќала. Всушност, основот за усогласување на платите на оваа категорија на вработени со вработените во администрацијата и воопшто во јавниот сектор, произлегува од самиот Закон за судската служба и е во согласност со уставната определба за правата на вработените и нивната положба, поради што Судот одлучи да ја запре постапката по овој предмет.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.53/2009
9 септември 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.53/2009