У.бр.52/2011-1 и У.бр.76/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 март 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 1 во деловите: „како и лицето кое било носител на јавна функција, а кое не е починато“ и „како и лицето кое било носител на јавна функција“, член 2 став 1, член 5 точка 29 во делот:„и организации“, член 6 став 3, член 7 во делот: „и лицата кои биле носители на јавни функции, а кои не се починати“, член 10-а, член 10-б и член 12 став 3, член 30 став 1, член 32 и член 35-а алинеја 3 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на Република Македонија” бр. 14/2008, 64/2009 и 24/2011) и член 25 од Законот за изменување и дополнување на Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција („Службен весник на Република Македонија” бр. 24/2011).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените одредби означени во точка 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативи поднесени од Стамен Филипов, д-р Мирјана Начевска и Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ) со Решение У.бр.52/2011 и У.бр.76/2011 од 25 јануари 2012 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точка 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека според член 1 на Законот за определување на дополнителен услов за вршење на јавна функција, со овој закон се определува дополнителен услов за лице кандидат за носител или носител на јавна функција, како и лицето кое било носител на јавна функција, а кое не е починато, изборна или во државна и јавна служба или во јавна дејност или друго јавно овластување (во натамошниот текст: кандидат за носител или носител на јавна функција, како и лицето кое било носител на јавна функција) и за други работи од јавен интерес и дејности на правни лица; се уредува основањето и надлежноста на Комисијата за верификација на факти (во натамошниот текст: Комисијата) и се уредува постапката за верификација и проверка на факти пред Комисијата и судот за утврдување несоработка со органите на државната безбедност и правните последици од таквата соработка.

Според член 2 став 1 од Законот, лицето кандидат за носител или носител на јавна функција, како и лицето кое било носител на јавна функција, а кое не е починато (во натамошниот текст: лице опфатено со овој закон), кое од периодот на донесувањето на Декларацијата на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, не е евидентирано во досиејата на органите на државната безбедност на Република Македонија и цивилните и армиските органи на државната безбедност на СФРЈ како таен соработник или таен информатор при оперативно прибирање известувања и податоци (во натамошниот текст: информации) што биле предмет на обработка, чување и користење од органите на државната безбедност, во облик на автоматизирани или рачни збирки на податоци и досиеја, оформени и водени за одредени лица, со кои се кршени или ограничувани основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини, го исполнува дополнителниот услов за кандидирање или за вршење јавна функција.

Согласно член 5 точка 29 од Законот, лица опфатени со овој закон се вршителите на функции и овластувања во други организации и дејности и служби од јавен карактер регистрирани согласно со закон.

Според член 6 став 3 од истиот закон, лицето од членот 5 на овој закон, кое било носител на јавна функција, а кое не е починато, е должно да поднесе писмена изјава заверена кај нотар до Комисијата со која изјавува дека не соработувал со органите на Државната безбедност од периодот определен со членот 2 став (1) од овој закон.

Согласно член 7 од овој закон, лицата кандидати за носители, носители на јавни функции и лицата кои биле носители на јавни функции, а кои не се починати кои поднесуваат изјава, согласно со одредбите на овој закон во поглед на постапката за верификација на фактите пред Комисијата, се ослободени од обврската за чување државна, службена, воена или деловна тајна, како и строго доверлива, доверлива и интерна информација за која дознале во текот или по повод соработката со органите на државната безбедност.

Според член 10-а од Законот, Комисијата по службена должност, веднаш и без расправа, со решение го утврдува неподнесувањето на писмената изјава на лицето кое било носител на јавна функција (став 1). Решението од ставот 1 на овој член Комисијата е должна веднаш, а најдоцна во рок од три дена, да го достави до Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија и Државната изборна комисија (став 2). Лицето кое било носител на јавна функција, за кое Комисијата донела решение со кое е утврдено неподнесувањето на писмената изјава, не го исполнува дополнителниот услов за кандидирање за носител на јавна функција, во периодот на примената на овој закон (став 3).

Согласно член 10-б од истиот закон, Комисијата по службена должност врши проверка на фактите заради утврдување несоработка со органите на државната безбедност и правните последици од таквата соработка за лицето кое било носител на јавна функција, а не доставило писмена изјава согласно со членовите 6 став 3 и 25 на овој закон.

Според член 12 став 3 од Законот, постапката за утврдување на вистинитоста на изјавата на лице кое било носител на јавна функција, а кое не е починато, Комисијата е должна да ја поведе во рок од 15 дена од денот на приемот на изјавата.

Согласно член 30 став 1 од Законот, обврска за поднесување писмена изјава до Комисијата, во смисла на овој закон, имаат и основачи и вработени новинари, уредници во трговско радиодифузно друштво и непрофитна радиодифузна установа кои имаат дозвола за вршење радиодифузна дејност и основачи и вработени во друштва од областа на печатот, адвокат, адвокатско друштво и медијатор во рокот определен во членот 6 став 4 на овој закон.

Според член 32 од овој закон, основач на радиодифузно друштво и друштво од областа на печатените медиуми е должен да предвиди дополнителен услов, во смисла на овој закон, за кандидатите за вработување, вработените во друштвото и другите ангажирани лица во внатрешните акти за систематизација на работните места или соодветни новинарски етички кодекси.

Според член 35-а алинеја 3 од Законот, глоба во износ од 3.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на лицето кое било носител на јавна функција, ако не поднесе писмена изјава заверена кај нотар до Комисијата, во рокот пропишан со членот 25 од овој закон.

Судот, исто така, утврди дека според член 25 од Законот за изменување и дополнување на Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција („Службен весник на Република Македонија, бр. 24 од 25.02.2011 година), лицето кое било носител на јавна функција, а кое не е починато, е должно да поднесе писмена изјава заверена кај нотар до Комисијата, согласно со овој закон во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

6. Согласно член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, a сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Собранието на Република Македонија, согласно своите надлежности утврдени во член 68 од Уставот, со закон ги уредува областите во општествениот живот. Во таа смисла, Собранието го има донесено Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, со кој се определува дополнителен услов за лице кандидат за носител или носител на јавна функција, изборна или во државна и јавна служба или во јавна дејност или друго јавно овластување и за други работи од јавен интерес и дејности на правни лица; се уредува основањето и надлежноста на Комисијата за верификација на факти и се уредува постапката за верификација на факти пред Комисијата и судот за утврдување несоработка со органите на државната безбедност и правните последици од таквата соработка.

Уставниот суд на Република Македонија, со Одлука У.бр.42/2008 и У.бр.77/2008 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 45/2010), оцени дека временскиот опфат на Законот, утврден во член 2 од Законот, според кој лустрацијата, освен да ги опфаќа поединците кои ги кршеле или ограничувале основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини, заради остварување на материјална корист или погодности при вработување или напредување во службата во претходниот општествено-политички систем, кој се засновал на еднопартиско владеење и правен систем кој овозможувал жртвите да не можеле да ги остварат своите права, а извршителите да не можеле да бидат соодветно казнети, предвидува лустрацијата да се протега и на периодот по 1991 година, кога е донесен актуелниот Устав на Република Македонија, кога е изграден демократски систем врз основа на поделба на власта, кој во својата основа ги има вградено заштитата на човековите права и слободи, како темелна вредност на уставниот поредок, врз која основа се изградени нормативни правила и институции за заштита на поединечните човекови права и слободи, нема уставна оправданост. Ова затоа што со актуелниот Устав на Република Македонија се дадени основите за изградба на демократско општество во кое владеењето на правото и заштитата на човековите права и граѓански слободи се издигнати на ниво на темелни вредности на уставниот поредок, поради што опфатот и на овој период со Законот всушност значи негирање на вредностите и институциите изградени во Република Македонија во согласност со актуелниот Устав и доведување под сомнение на функционирањето на правниот систем, односно владеењето на правото, како темелна вредност на сегашниот општествено политички систем. Тргнувајќи од сфаќањето дека актуелниот Устав на Република Македонија треба да биде основата во однос на која ќе се врши лустрацијата на поединците кои се опфатени со Законот, односно дека со лустрацијата треба да се заштитат вредностите што ги утврдува овој устав, Судот оцени дека определбата во Законот, лустрацијата да се однесува и на периодот по 1991 година, кога е донесен овој устав, до донесувањето на Законот, во суштина води кон негирање на вредностите и институциите изградени во Република Македонија во согласност со овој устав, што води до повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок, поради што го укина член 2 став 1 во делот: „до денот на влегување во сила на овој закон“ од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на Република Македонија” бр. 14/2008 и 64/2009).

По донесувањето на наведената одлука на Уставниот суд, Собранието на Република Македонија донесе Закон за изменување и дополнување на Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција („Службен весник на Република Македонија“, бр. 24/2011). Во образложението за неговото донесување е наведено дека се врши доуредување на веќе воспоставената законска рамка со која се уредува определувањето на дополнителен услов за лице кандидат за носител или носител на јавна функција, изборна или во државна и јавна служба или во јавна дејност на правни лица, а согласно Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.77/2008. Понатаму, во образложението се наведува дека согласно наведената одлука на Уставниот суд, Законот всушност само го определувал почетниот датум од кој Комисијата за верификација на факти ќе требало да проверува дали некој бил соработник со органите на државната безбедност, па тргнувајќи од правилото дека ако во законот не е определен временскиот период на спроведување на одредено дејствие, тогаш дејствието се спроведувало заклучно со денот на примената на законот, со предложениот закон се прецизирало дека дополнителниот услов за кандидирање или вршење на јавна функција го исполнувале лицата кандидати за носител или носител на јавна функција кое од периодот на донесување на Декларацијата на Антифашистичкото собрание на народносто ослободување на Македонија – АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година до денот на примената на Законот за определување на дополнителен услов за вршење јавна функција, не било евидентирано како соработник со органите на државната безбедност.

Во текстот на Законот, ова образложение е операционализирано на начин што во член 2 став 1 , зборовите „во периодот од“ се заменети со зборовите „ од периодот на“. Анализата на овие одредби укажува дека со наведените законски измени, законодавецот го прецизирал моментот од кога ќе се врши процесот на лустрација, кој не беше спорен ни пред измените, но не го определил периодот (временскиот опфат) за кој треба да се однесува лустрацијата, како клучно прашање поврзано со уставноста на овој процес.

Во ваква ситуација, уставно-правно оправдано и можно е во примената на Законот, да се почитува Одлуката на Уставниот суд со која е укината можноста лустрацијата да се спроведува за периодот по донесување на Уставот од 1991 година, која одлука е конечна и извршна, што би било во функција на обезбедување на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Тоа би значело дека моментот на влегување во сила на Уставот ( денот на прогласувањето на Уставот од Собранието на Република Македонија – 17 ноември 1991 година) е крајниот датум до кој може да се врши процесот на лустрација. Меѓутоа, доколку овој датум, без конкретизација на тоа прашање од страна на законодавецот (особено имајќи предвид дека се извршени измени на Законот во поглед на временскиот опфат на лустрацијата по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд), биде прифатен како датум до кој ќе се спроведува процесот на лустрација, присутен е ризикот тоа да се сфати како Уставниот суд да ја преземал улогата на законодавец и тој да го определува временскиот опфат на лустрацијата, што не е негова надлежност според Уставот.

Од друга страна, недореченоста и неопределеноста во Законот на периодот за кој може да се врши лустрација, особено имајќи го предвид образложението за донесување на овие законски измени, остава сомнеж и можност временскиот опфат на лустрацијата да се протега до денот на примената на Законот (според член 42 од Законот, тој ќе се применува десет години од денот на изборот на составот на Комисијата за верификација на фактите), што значи и за периодот по донесувањето на Уставот од 1991 година, што уставно не е дозволено и за кое прашање Уставниот суд веќе се произнел со своја одлука која е конечна и извршна.

Оттука, според Судот, член 2 став 1 од Законот на недоволно јасен и прецизен начин го определува периодот за кој треба да се однесува лустрацијата, кое прашање е суштинско за самиот процес на лустрација, поради што не го задоволува критериумот на јасна и прецизна норма која е нужен елемент за обезбедување на владеењето правото. Ова од причина што создадената норма треба да биде лесно разбирлива и за оној што ја креирал, но исто така и за оние што ја применуваат и оние на кои се однесува, а во овој случај тоа е една широка популација на граѓани кандидати или носители на јавни функции.

Освен тоа, недефинираноста на крајниот рок за кој треба да се однесува лустрацијата, ги става во нееднаква положба граѓаните опфатени со овој процес. Имено, наместо периодот за лустрација да е јасно определен и единствен за сите лица на кои се однесува, независно кога е донесено решението за верификација од страна на Комисијата, произлегува дека периодот на лустрација, односно крајниот рок за проверка, зависи од датумот кога Комисијата го донела решението за тоа дали лицето го исполнува дополнителниот услов за вршење на јавна функција, кој со оглед на големиот број лица кои имаат обврска за поднесување на изјава за несоработка со органите на државната безбедност, објективно се протега на десет години од денот на изборот на составот на Комисијата за верификација на факти, односно 2019 година. Тоа би значело дека за некои лица периодот на лустрација завршил во 2010 година, кога е донесено решението од страна на Комисијата, за други 2011 година, а за некои ќе заврши во 2019 година, до кога е определена примената на Законот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека член 2 став 1 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.

7. Со последните законски измени, кругот на лица за кои важи дополнителниот услов за вршење на јавна функција е проширен и ги опфаќа и лицата кои биле носители на јавна функција, а кои не се починати (член 1 и член 2 од Законот), во која смисла за оваа категорија граѓани се пропишува обврска за доставување изјава за несоработка со органите на државната безбедност (член 6 став 3 од Законот и член 25 од Законот за изменување и дополнување на Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011), со цел да се утврди дали го исполнуваат дополнителниот услов за вршење на јавна функција и се пропишува прекршочна санкција доколку не поднесат таква изјава (член 35-а од Законот). Исто така, се пропишува постапката пред Комисијата за верификација на факти во врска со изјавите на поранешните носители на јавна функција (членови 7, 10-а, 10-б и 12 став 3 од Законот).

Во одговор на покренатото прашање дали ваквото законско решение има уставна основа, Судот го имаше предвид следното:

Според ставот на Судот искажан по повод уставно-судската анализа на Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција (Решение У.бр.42/2008 и У.бр.77/2008), легитимно право на законодавецот е да пропише посебни услови за вршење на определени јавни функции, таксативно утврдени во Законот (член 5), при што негово право е да ја цени основаноста и оправданоста на условите кои ги пропишува со цел да се обезбеди и заштити јавниот интерес, во која смисла е и пропишаниот дополнителен услов кој значи исклучување од правото на вршење на тие функции на лицата за кои претходно се потврдило дека со своето однесување директно или индиректно учествувале во ограничување и повреда на основните слободи и права на граѓаните, од политички или идеолошки причини, заради остварување материјална корист или погодности при вработување или напредување во службата. Пропишувањето на ваквиот посебен услов, како гаранција за имплементација на уставните одредби за заштита на основните човекови права и слободи, според Судот, е во согласност со одредбата од член 23 од Уставот, од причина што Уставот не ги пропишува условите за здобивање на јавна функција, од каде произлегува дека ваквата функција може да се добие само под услови пропишани со закон. Поради тоа Судот оцени дека пропишувањето на дополнителниот услов за вршење јавна функција претставува операционализирање на уставните определби дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите и дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, основано се поставува прашањето дали поранешните носители на јавни функции, кои не се починати, само поради фактот дека се поранешни носители на јавни функции, треба да подлежат на процес на лустрација и која е целта на нивното лустрирање во смисла на Законот кој по својата суштина треба да се однесува само на носителите на јавни функции во актуелниот демократски систем и со кој се ограничува пристапот на такви функции на лицата за кои претходно се потврдило дека со своето однесување директно или индиректно учествувале во ограничување и повреда на основните слободи и права на граѓаните, од политички или идеолошки причини, заради остварување материјална корист или погодности при вработување или напредување во службата, што е во интерес на целата заедница. Ова затоа што доколку поранешните носители на јавни функции повторно се најдат во ситуација да бидат кандидати за носители на јавна функција, според Законот, тие секако ќе подлежат на обврска за поднесување на изјава за несоработка со органите на државната безбедност, заедно со сите други кандидати, што има своја оправданост како мерка која е во насока на обезбедување и заштита на јавниот интерес. Но, доколку тие нема да бидат повторно кандидати или носители на јавни функции, како впрочем и многу други граѓани кои, за разлика од поранешните носители на јавни функции, немаат обврска да подлежат на процес на проверка, останува нејасно која е потребата да се утврди дали го исполнуваат дополнителниот услов за вршење на јавна функција, односно која е смислата на нивната лустрација, имајќи предвид дека лустрацијата значи процес на справување со минатото, со цел да се одбележат и отстранат можностите за натамошно кршење на човековите права во актуелниот општествено политички систем, односно целта на лустрацијата е заштита на иднината, а не справување со минатото, само по себе.

Поради наведеното, според Судот, пропишаната обврска за поднесување на изјави за несоработка со органите на државната безбедност, на поранешните носители на јавни функции, кои не се починати, а кои воопшто не се кандидати или носители на јавни функции во актуелниот општествен систем, води кон повреда на нивниот морален интегритет и достоинство заштитени со Уставот, без основ и потреба, ги дискриминира и ги става во нееднаква положба со другите граѓани, што не е во согласност со владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Оттука, Судот оцени дека член 1 во деловите: „како и лицето кое било носител на јавна функција, а кое не е починато“ и „како и лицето кое било носител на јавна функција“, член 2 став 1 во делот:„ како и лицето кое било носител на јавна функција, а кое не е починато“, член 6 став 3, член 7 во делот: „и лицата кои биле носители на јавни функции, а кои не се починати“, член 10-а, член 10-б и член 12 став 3 и член 35-а алинеја 3 од Законот, како и член 25 од Законот за изменување и дополнување на Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011) не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 11 и член 25 од Уставот.

8. Со член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2010), член 5 точка 29 од Законот е дополнет со зборот:„организации“. Имајќи предвид дека со член 5 од Законот се определува кругот на лица опфатени со овој закон, со последното дополнување на Законот произлегува дека со лустрацијата треба да бидат опфатени и организациите регистрирани согласно со закон.

При ваква ситуација, се поставува прашањето дали со наведеното дополнување на Законот, законодавецот повторно определува дека вршителите на функции и овластувања во здруженијата на граѓаните и фондациите треба да подлежат на лустрација, овојпат задолжителна, иако Уставниот суд, со Одлуката У.бр.42/2008 и У.бр.77/2008 го укина член 34 од Законот, со кој, меѓу другото, се пропишуваше можност дополнителниот услов за вршење на јавна функција да се однесува и за лицата кои членуваат во здруженија на граѓани и фондации. Во оваа своја одлука, Судот оцени дека пропишувањето можност со член 34 став 2 од Законот, обврската за давање изјава, односно дополнителниот услов за вршење на јавна функција да се однесува и за лицата кои членуваат во здруженија на граѓани и фондации, значи инволвирање на државата во нивното работење, со што се надминуваат уставните гаранции на слобода на граѓаните на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, поради што ја укина оваа можност како несогласна со член 20 од Уставот.

Во одговор на ова прашање, Судот го имаше предвид следното:

Според член 3 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија, бр. 52 од 16.04.2010 година), со кој се дефинира значењето на одделните изрази употребени во овој закон, „Организација” е секое здружение, фондација, сојуз, како и секој организационен облик на странска организација, како и друга форма на здружување, регистрирани согласно со одредбите на овој закон.

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека здруженијата, фондациите, сојузите, како и секој организационен облик на странска организација, како и друга форма на здружување, се организации регистрирани согласно овој закон, што значи дека вршителите на функции и овластувања во овие организации спаѓаат во кругот на лица опфатени со член 5 точка 29 од Законот за определување на дополнителен услов за вршење на јавна функција.

Анализата на оваа одредба покажа дека со наведеното дополнување на Законот, законодавецот повторно определува дека вршителите на функции и овластувања во здруженијата на граѓаните и фондациите треба да подлежат на лустрација, овојпат задолжителна, иако Уставниот суд, со Одлуката У.бр.42/2008 и У.бр.77/2008 го укина член 34 од Законот, со кој, меѓу другото, се пропишуваше можност дополнителниот услов за вршење на јавна функција да се однесува и за лицата кои членуваат во здруженија на граѓани и фондации, како несогласна со член 20 од Уставот, што несомнено повторно укажува на непочитување на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

9. Според член 30 став 1 од Законот, обврска за поднесување писмена изјава до Комисијата, во смисла на овој закон, имаат и основачи и вработени новинари, уредници во трговско радиодифузно друштво и непрофитна радиодифузна установа кои имаат дозвола за вршење радиодифузна дејност и основачи и вработени во друштва од областа на печатот, адвокат, адвокатско друштво и медијатор во рокот определен во членот 6 став 4 на овој закон.

Според член 32 на истиот закон, основач на радиодифузно друштво и друштво од областа на печатените медиуми е должен да предвиди дополнителен услов, во смисла на овој закон, за кандидатите за вработување, вработените во друштвото и другите ангажирани лица во внатрешните акти за систематизација на работните места или соодветни новинарски етички кодекси.

Според Судот, со наведените законски одредби се ограничува правото на приватност при вработување во приватниот сектор на лица кои се евентуални поранешни соработници со органите на државната безбедност, со што се повредува член 25 од Уставот.

Имено, кругот на лица опфатени со овие одредби ја надминува рамката на лица на кои треба да се однесува процесот на лустрација, дефинирани со член 1 од Законот, од причина што подразбира ограничување на правото на приватност при вработување на овие лица во приватниот сектор и особено што широкиот опфат на лицата (сите вработени) на кои треба да се примени дополнителниот услов очигледно ги опфаќа и вработените во тој приватен сектор кои воопшто немаат пристап до јавна функција и немаат можност за загрозување на јавната и државната безбедност или на заштитата на правата и слободите на другите.

Поради наведеното, Судот оцени дека член 30 став 1 и член 32 од Законот не се во согласност со член 25 на Уставот.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
11. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.52/2011
У.бр.76/2011
28 март 2012 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски