У.бр.5/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинаја 1 и 2 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), по одржаната јавна расправа, на седницата одржана на 1 ноември 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВАТ:

а) член 2, член3, член 5 став 2, член 6, член 10 во делот што се однесува на статусот на радиодифузната организација како самоуправна организација на здружен труд или како основна организација на здружен труд во областа на радиодифузијта, член 17, член 36 во делот што се однесува на обврската надоместокот за користење на радиодифузен приемник да се плаќа на Радиотелевизија-Скопје, член 42 и член 43 од Законот за радиодифузијата (“Службен весник на СРМ” бр.20/74), и

б) Правилникот за начинот на пријавување и одјавување на приемниците, за начинот на водењето на евиденцијата за приемниците и нивните корисници, како и за начинот на собирање и плаќање надоместок за користење на радиодифузни приемници, донесен од Советот на РТС (МРТ) на 27 ноември 1974 година (“Службен весник на СРМ” бр.50/74).

2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на член 10 освен во укинатиот дел, член 18 став 2, член 19 став 2, член 23 став 2 и 3 и членовите 32, 33, 34, член 36 освен во укинатиот дел, членовите 37, 38, 39, 40, 41, 44, 45, 47, 48, 49, 50 и 51 од законот означен во точката 1 под а) од ова решение

3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесени иницијативи од повеќе граѓани, поединечно и групно во Охрид, Прилеп, Ресен, Свети Николе, Скопје, Титов Велес, Штип како и од Радио “Гевгелија” и Собранието на Општина Битола, со Решение У.бр.5/92 од 24 март 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на одделни одредби од законот и на правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

5. На седницата Судот утврди дека со оспорените одредби од Законот: 1) радиодифузијата се определува како дејност од посебен општествен интерес; на радиодифузната организација и се определува статус на самостојна и самоуправна организација или основна организација на здружен труд; се утврдува обврска на радиодифузната организација, во соработка со основачот, да ја унапредува радиодифузијата на Републиката; се дава овластување на Републичкиот секретаријат за информации да определува поблиски услови за основање на радиодифузна организација; се утврдува обврска на радиодифузната организација да му поднесува на Републичкиот секретаријат за информации докази дека во поглед на главниот уредник не постојат пречки за негово именување и да ја пријавува промената на податоците за главниот и одговорниот уредник; се определуваат органите на радиодифузната организација, нивната положба, статус и надлежност на советот (член 2, член 10, член 18 став 2, член 19 став 2, член 23 став 2 и 3 и членовите 24-27 од Законот); 2) правото на искажување на мислења и објавување на информации се условува од нивното значење за јавноста, односно се создава обврска за радиодифузните организации да ги објавуваат таквите информации (член 3 од Законот; 3) се забранува емитување на радиодифузна програма наменета за општ јавен прием од страна на поединци, група граѓани и граѓански правни лица; општините, Републиката и општествено-политичките организации се утврдуваат како единствени можни основачи на радиодифузна организација; за поставување на радиодифузна станица се бара мислење од РТС (МРТ); се забранува основање на радиодифузна организација што ќе создава и емитува програма со комерцијален или комерцијално-забавен карактер (член 6, член 17, член 20 став 2 и член 22 став 1 од Законот); 4) се допушта цензура во случаи предвидени со закон (член 5 став 2 од Законот); 5) се утврдува посебен статус и овластувања на РТС МРТ (членовите 32-35 од Законот); 6) се воведува задолжителен надоместок за користење на радиодифузните приемници наменет само за една радиодифузна организација (РТС-МРТ), се определуваат обврските за корисникот односно набавувачот и продавачот на радиодифузниот приемник спрема таа организација и овластувањата за вршење на контрола на пријавувањето на радиодифузните приемници (членовите 36-45 од Законот и 7) се пропишуваат прекршоци за повреда на оспорените одредби (членовите 47-51 од Законот).

Судот, исто така, утврди дека со оспорениот правилник се уредува начинот на пријавување на приемниците, начинот на водењето евиденција за приемниците и нивните корисници, како и начинот на собирање и плаќање на надоместок за користење на радиодифузните приемници. Притоа, е утврдена обврска за секој корисник на приемник истиот да го пријави, односно одјави на РТС (МРТ), а оваа организација преку свои овластени работници да ги контролира запечатените приемници.

6. На јавната расправа одржана на 3 јуни 1993 година, претставниците на подносителите на иницијативите останаа при своите барања, нагласувајќи дека оспорените одредби од Законот го ограничувале слободното основање на институции за јавно информирање и ја ограничувале слободата на јавно изразување на мислата, со што се спречувало остварувањето на Уставот во делот на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, а по однос на надоместокот за користење на радиодифузен приемник дека немал основа во Уставот, дека преку плаќањето само на една радиодифузна организација се создавало монополска положба и монополско однесување на пазарот и дека овој надоместок немал карактер на јавна давачка.

Претставниците на Владата на Република Македонија не оспорувајќи ги наводите во решението за поведување на постапката, изнесоа стојалиште според кое поголем дел од оспорените одредби биле дерогирани со самиот Устав и не се применувале и дека нивното евентуално укинување би било само од формален аспект. По однос на можноста од подведување на категоријата посебен општествен интерес под уставниот поим јавен интерес, искажаа мислење дека во одделни елементи овие два поима би можело да се поистоветат, иако нивните уставни основи биле различн, а по однос на надоместокот за користење на радиодифузен приемник, дека тој има елементи на јавна давачка, но со оглед на изменетите услови и односи во радиодифузната сфера, во идното законодавство треба да се преоцени.

Претставниците на Македонската радиотелевизија, неспорејќи го фактот дека постојниот закон во многу елементи не можел да се вклопи во новиот уставен поредок, укажаа на потребат дека до донесување на нов закон оспорените одредби би требало и натаму да егзистираат, имајќи ги предвид посебните општествено-економски услови и неусогласеноста на правниот поредок, како и поледиците што би настанале со нивното евентуално укинување.

7. Со член 16 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на мислата и јавното изразување на мислата, слободата на јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање, како и слободниот пристап кон информациите и слободата на примање и пренесување на информации. Исто така, се утврдува дека цензурата е забранета.

Според член 30 став 3 од Уставот, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Согласно член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањата на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 3, ограничувањето на слободите и правата, по сила на Уставот, не може да се однесува и на јавното изразување на мислата.

Со член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и се задолжува Републиката да обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и да презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, а слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон, единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или на здравјето на луѓето.

Според член 56 од Уставот, Републиката обезбедува посебна заштита за добрата од општ интерес.

Согласно член 58 став 1 од Уставот сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, а според ставот 2, учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

8. Имајќи предвид дека Уставот на Република Македонија востанови нови темелни вредности на уставниот поредок битно различни од претходниот, а особено во однос на јавното изразување на мислата, слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање, и слободното основање на институции за јавно информирање (член 16 од Уставот), Судот оцени дека дел од одредбите на Законот, не се во согласност со постојниот уставен систем.

Во таа смисла член 2 од Законот, според кој радиодифузијата се прогласува за дејност од посебен општествен интерес, според мислењето на Судот, не може да опстане во сегашниот уставен систем, затоа што институтот посебен општествен интерес, со кој се обезбедуваше пошироко општествено влијание во одделни дејности, кои, во услови на општествена сопственост и самоуправувањето како интегрален систем, се организираа и работеа врз самоуправна основа, Уставот на Република Македонија не го предвидува, поради што Судот оцени дека член 2 од Законот не е во согласност со Уставот.

Од истите причини, Судот оцени дека и одредбите на членовите 24 до 27 од Законот, со кои се уредува начинот на остварувањето на посебниот општествен интерес во радиодифузните организации и се утврдуваат облиците на општественото влијание во нив, не се во согласност со Уставот.

Тргнувајќи од уставните одредби дека јавниот интерес како уставна категорија, може да биде утврден со закон, како основ за одземање или ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа (член 30 од Уставот), дека добрата од општ интерес за Републиката уживаат посебна заштита (член 56 од Уставот), и дека учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон (член 58 од Уставот), Судот смета дека не е во несогласност со Уставот, со закон да се уреди режимот и системот на користење на просторот на Републиката за радиодифузија, како и да се утврдат интересите на државата во оваа област, за чие остварување може да основа посебна организација или нивното вршење да го довери на друга радиодифузна организација. За финансирање на овие потреби, со закон може да се утврдуваат посебни извори на средства во вид на јавна давачка (член 33 од Уставот). Притоа, не може да се ограничуваат уставните слободи утврдени со член 16 од Уставот, ниту да се доведуваат во нееднаква правна положба субјектите што ја вршат радиодифузната дејност, а нејзиното вршење не смее да биде на штета на граѓаните и другите корисници на услугите и на нивните со Устав и закон загарантирани права и интереси.

Во таа смисла, Судот оцени дека член 3 од Законот, не е во согласност со член 16 од Уставот, затоа што правото на искажување на мислења и објавување на информации се условува од нивното значење за јавноста, а за радиодифузните организации се утврдува обврска да ги објавуваат таквите информации, а член 5 став 2 од Законот, не е во согласност со член 16 став 7 од Уставот, затоа што дава можност за воведување цензура во случаи предвидени со закон.

Понатаму, одредбите на член 6, член 17, член 20 став 2 и член 22 став 1 од Законот, Судот оцени дека не се во согласност со член 9 став 2, член 16, член 54 и член 55 од Уставот, затоа што со нив се забранува емитување на радиодифузна програма наменета за општ јавен прием од страна на поединци, група граѓани и граѓанско-правни лица, се резервира можноста за основање на радиодифузна организација само за општините, Републиката и општествено-политичките организации, се бара мислење од една радиодифузна организација за поставување на радиодифузна станица и се забранува основање на радиодифузна организација што ќе создава и емитува програма со комерцијален или со комерцијално-забавен карактер.

Судот, исто така, оцени дека одредбата на член 10 од Законот, во делот во кој го утврдува статусот на радиодифузната организација како самоуправна организација или како основна организација на здружен труд, не е во согласност со Уставот, како ни одредбата на член 35 од Законот.

Тргнувајќи од карактерот на радиодифуизијата како специфична дејност и надлежностите и обврските на државата во оваа сфера, Судот утврди дека надоместокот за користење на радиодифузните приемници има карактер на јавна давачка, што државата ја востановила со Законот, заради изградба, развој и унапредување на радиодифузната програма и мрежа на територијата на Републикта и дека ваквата давачка може да ја утврдува само Собранието на Република Македонија, ќе ги определува обврзниците, основицата, висината и нејзината немана. Поради тоа, Судот оцени дека член 36 во делот што се однесува на обврската на корисникот на радиодифузниот приемник да и плаќа надоместок на радиотелевизија – Скопје (МРТ)и член 43 од Законот, според кој висината на надоместокот ја определува таа радиодифузна организација, не се во согласност со член 33 и член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Судот, исто така, утврди дека со одредбата на член 42 од Законот, не се исклучува можноста од повреда на уставната гаранција на неповредливост на домот, поради што оцени дека таа не е во согласност со член 26 од Уставот.

9. Тргнувајќи од оценката дека изградбата, развојот и унапредувањето на радиодифузната програма и мрежа на територијата на Републиката е грижа на државата, што Собранието на Република Македонија ја утврдува со посебна програма и дека остварувањето на тие задачи, како и вршењето на определени технички работи во однос на надоместокот за користење на радиодифузните приемници, со оспорените одредби, како јавно овластување, се доверуваат на Радиотелевизија-Скопје (МРТ) и дека со тоа не се воспоставува монополска положба за таа организација, туку се остварува грижат на државата за извршување на нејзините обврски во областа на радиодифузијата, Судот оцени дека член 18 став 2, членовите 32, 33, 34, 36 освен во укинатиот дел, како и членовите 37, 38, 39,40, 41, 44 и 45 од Законот, не се во несогласност со Уставот.

Судот, исто така, оцени дека член 19 став 2 од Законот, не е во несогласност со Уставот, затоа што со него се создава законска основа за поблиско определување на услови кои се рамковно утврдени со Законот за системите за врски (“Службен лист на СФРЈ” бр. 41/88, 80/89 и 25/90), кој, согласно член 5 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, е преземен како републички.

Судот оцени дека и член 23 ставовите 2 и 3 од Законот, не се во несогласност со Уставот, затоа што условите што треба да ги исполнува главниот уредник се утврдени со прописите за јавно информирање, а со овие одредби се утврдува само обврска за евидентирање на податоците што се однесуваат на главниот уредик и на промените во нив.

Понатаму, Судот оцени дека казнените одредби утврдени со членовите 47, 48, 49, 50 и 51 од Законот, не се во несогласност со Уставот, од истите причини заради кои ја запре постапката за оценување уставноста на одредбите од Законот со кои се уредуваат основните односи и во оваа дејност, за чие непочитување се пропишуваат прекршоци и се определуваат казни за нив.

10. Со оглед на тоа што основ за донесување на оспорениот правилник означен во точката 1 под б) од ова решение, претставуваше член 43 од Законот, што со ова решение на Судот е укинат, Судот оцени дека повеќе нема законска основа за неговото постоење, поради што одлучи како во точката 1 под б) од оваа одлука.

11. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

12. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранкс Циривири Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.