У.бр.43/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 10 април 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Снежана Ѓорѓиевска, од Пробиштип, за заштита на слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Снежана Ѓорѓиевска од Пробиштип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, а кои права и биле повредени со пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев.бр.740/98 од 8.12.1999 година. Имено, подносителката на барањето смета дека со донесената пресуда на Врховниот суд неосновано бил применет законот на нејзина штета во спорот што го водела пред надлежните судови за остварување права од работен однос и предлага Уставниот суд да ја поништи пресудата на Врховниот суд.

3. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека тоа не се однесува на основните слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, според кој Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, туку барањето се однесува на остварување на судска заштита на право од работен однос.

4. Со оглед на тоа што барањето не се однесува на заштита на наведените слободи и права, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по него и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.43/2002
10 април 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов