У.бр.42/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 4 ноември 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Правилникот за организирање и спроведување на проверувањето на постигањето на успехот на учениците, како и на начинот на утврдување на завршните оценки на ученикот во јавните средни училишта („Службен весник на Република Македонија“ бр.165/2008) донесен од министерот за образование и наука на Република Македонија.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Наташа Велеска од Прилеп, со Решение У.бр.42/2009 од 16 септември 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста на Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, министерот за образование и наука, врз основа на членот 45 став 6 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/02, 40/03, 42/03, 67/04, 55/05, 113/05, 35/06, 30/07, 49/07, 81/08 и 92/08), го донел оспорениот правилник, кој е составен од 29 одредби ситематизирани во пет глави и тоа: Општи одредби, Начин на организирање и спроведување на екстерното проверување, Училишна комисија за подготовка за спроведување на екстерното проверување, Начин на утврдување на завршни оценки и Завршна одредба.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Поаѓајќи од околноста што Уставниот суд на Република Македонија, по поднесувањето на конкретната иницијатива, донесе Одлука У.бр.226/2009 од 1 јули 2009 година, со која, меѓу другото, го укина член 45 став 3, во делот: „а го организира и спроведува Министерството и Државниот просветен инспекторат“ од Законот за средното образование, Судот оцени, дека оспорениот правилник не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот, а поради следното:

Основ за донесување на оспорениот правилник е членот 45 став 6 од Законот, која одредба, меѓу другото се повикува и на ставот 3 од истиот член од Законот, чиј дел: „а го организира и спроведува Министерството и Државниот просветен инспекторат“ е укинат од страна на Уставниот суд со Одлуката У.бр.226/2009 од 1 јули 2009 година, од причини што Судот оценил дека орган на извршната власт, надвор од училиштето и воспитно-образовниот процес, не може да врши екстерно проверување и оценување на учениците во основните и средните училишта, односно дека не е во согласност со Уставот и принципот на владеењето на правото Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат да организираат и спроведуваат проверување на успехот на ученикот, а кое е од влијание на конечниот постигнат општ успех на ученикот. Ова од причина што, според образовниот систем, спроведувањето на наставниот процес и утврдувањето на општиот успех на ученикот, го спроведуваат образовни установи и тела.

Од друга страна, согласно член 1 од оспорениот правилник, со овој правилник се пропишува начинот на организирање и спроведување на проверувањето на постигањето на успехот на учениците, како и начинот на утврдувањето на завршните оценки на ученикот во јавните средни училишта.

Според членот 2 од Правилникот, екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците (во натамошниот текст: екстерно проверување) во јавните средни училишта е проверка на постигањата на учениците согласно наставните програми за средно образование, спроведено од страна на Министерството за образование и наука (во натамошниот текст: Министерството) и Државниот просветен инспекторат со тестови подготвени од Државниот испитен центар.

Според членот 5 став 1 од оспорениот Правилник, наставни предмети за екстерно оценување се определуваат од страна на министерот за образование и наука, врз основа на бројот на паралелките, распределба на наставните часови во училиштата, јазикот на кој се изведува наставата и наставниот план и програми.

Според членот 6 од Правилникот, во спроведувањето на екстерното проверување учествуваат и училишни комисии, локални координатори од редот на државните просветни инспектори, овластени лица за надзор над текот на екстерното проверување и тестатори.

Во членот 7 став 1 од Правилникот е предвидено дека, екстерното проверување се врши во термини утврдени од страна на министерот, а според ставот 2 од истиот член од Правилникот, термините за екстерно проверување министерот ги објавува најдоцна 10 дена пред завршувањето на наставната година.

Според членот 11 став 1 од Правилникот, училишната комисија за подготовка за спроведување на проверувањето во електронска форма ги доставува потребните податоци за екстерното проверување најдоцна до 31-ви декември во тековната учебна година до Министерството.

Во членот 12 став 2 од Правилникот е определено дека, за учениците, кои од оправдани причини, не може да се изврши екстерно проверување во месец јуни, истото се спроведува во дополнителен рок за проверување определен од страна на министерот за образование и наука.

Според членот 16 став 1 од Правилникот, во случаи на спреченост на започнување на екстерното проверување во определеното време, училишната комисија може да го одложи започнувањето на проверувањето најмногу до 45 минути и за тоа се известува Министерството и Државниот просветен инспекторат, а според ставот 3 од истиот член од Правилникот, ако задоцнувањето е подолго од 45 минути, од страна на Министерството, во соработка со училишната комисија, се одложува проверувањето во термин кој дополнително ќе се утврди.

Во членот 19 став 2 од Правилникот е предвидено дека, освен учениците и тестаторите, на проверувањето може да присуствуваат и други лица за надгледување на екстерното проверување кои имаат писмена дозвола од Министерството.

Според членот 21 став 7 од Правилникот, добиените оценки комисијата од член 20 став 3 од овој правилник ги доставува во електронска форма до Министерството.

Според членот 23 алинеја 8 од Правилникот, училишната комисија од член 22 на овој правилник, меѓу другото, е надлежна да извршува други задачи доделени од Министерството, Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, центарот за стручно образование и обука и Државниот просветен инспекторат.

Според воведната реченица на членот 23 став 3 од Правилникот, тестирањето за екстерното проверување го спроведува тестаторот согласно процедурите утврдени од Министерството за образование и наука и Министерството за информатичко општество.

Тргнувајќи од фактот дека цитираните одредби од оспорениот правилник уредуваат активно и директно учество на Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат, како необразовни установи и тела во организирање и спроведување на проверувањето на постигањето на успехот на учениците, како и во начинот на утврдување на завршните оценки на ученикот во јавните средни училишта, Судот оцени дека оспорениот правилник не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот. Ова од причина што Правилникот како подзаконски акт го изгубил правниот основ од кој произлегол по објавувањето на интервентната одлука на Судот У.бр.226/2008 од 1 јули 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2009 од 16 јули 2009 година) и како таков не може самостојно да опстане во правниот поредок и да ги доуредува правните односи за кои првично бил донесен од страна на министерот за образование и наука.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.42/2009
4 ноември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски