У.бр.4/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Сашко Тодоровски од Скопје за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Сашко Тодоровски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата.

Во барањето за заштита на слободите и правата, се наведува дека Решението со кое подносителот бил распореден од местото државен советник на местото раководител на сектор било донесено врз основа на два Правилника кои не биле објавени во Службен весник на Република Македонија. Имено, принципот за објавување на прописите, според подносителот на барањето, бил услов за нивна правна сила и примена. Дискриминацијата била сторена на начин што министерот, користејќи ја својата државна и партиска функција, односно социјална и политичка припадност, го ставил Решението во примена, користејќи ги механизмите на правна сила и принуда, со што го ставил подносителот во услови да мора да го почитува и применува Решението.

Поради наведените причини бара Уставниот суд да го поништи Решението на Министерот за надворешни работи.

3. Судот на седницата утврди дека Министерот за надворешни работи донел Решение бр.04-1947/1 од 10 март 2008 година, со кое Сашко Тодоровски го распоредил на работно место раководител на Секторот за дијаспора во звање раководител на сектор.

Агенцијата за државни службеници со Одлука бр.12-3177/2 од 17 април 2008 година, го одбила приговорот на Сашко Тодоровски и Решението на министерот за надворешни работи го потврдила.

Основниот суд Скопје II Скопје со Одлука РО.бр.768/208 од 22 декември го одбил тужбеното барање на тужителот Сашко Тодоровски од Скопје утврдувајќи дека утуженото Решение било во согласност со позитивните законски прописи.

Апелациониот суд во Скопје со пресуда РОЖ.бр.543/2009 од 1 октомври 2009 година ја одбил жалбата на тужителот како неоснована и првостепената пресуда ја потврдил во целост, утврдувајќи дека решението било правилно донесено и законито, бидејќи со новиот правилник била извршена промена на внатрешната организација со која што работното место државен советник за дијаспора било укинато поради што и престанала потребата од тоа звање и произлегла потребата од распоредување на тужителот, сега подносител на барањето, на работно место раководител на сектор за дијаспора.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичко здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечниот или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземеното дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во членот 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите врз основа на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот, како и од содржината на цитираните деловнички одредби, произлегува дека за остварување на заштита на слободите и правата пред Уставниот суд не е доволно само да се означат повредените слободи и права, туку во барањето треба да се наведат и причините поради кои се бара заштитата, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, а ако станува збор за заштита од дискриминација потребно е да се наведе и појасни основот на дискриминацијата.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека по однос на наводите за дискриминација по основ на политичка припадност, барањето содржи само начелно повикување на забраната на дискриминација по основ на социјална и политичка припадност, а конкретни факти и докази на оваа околност во барањето и појаснувањето по барањето, не се содржани.

Имајќи ги предвид наводите во барањето, како и фактот што подносителот на барањето наведува определено дејствие на министерот за надворешни работи – необјавувањето на правилниците за внатрешна организација и систематизација на Министерството за надворешни работи, во Службен весник на Република Македонија, со кои според подносителот му биле повредени слободите и правата, од целината на барањето, несомнено произлегува дека истиот е незадоволен од работата на надлежните органи и овластени лица, од каде таквите наводи всушност се сведуваат на барање Уставниот суд да ја преиспита работата и преземените дејствија на Министерството за надворешни работи, Агенцијата за државни службеници, Основниот суд Скопје II Скопје и Апелациониот суд Скопје, односно Уставниот суд да се стави во улога на инстанционо надлежен суд за оцена на уставноста и законитоста на донесените акти и превземените дејствија на наведените органи и лица.

Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не може да постапува како инстационо повисок суд кој ќе ја цени уставноста и законитоста на одлуките и преземените дејствија на судовите и други државни органи.

Поаѓајќи од наведеното Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.4/2010
17 февруари 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски