У.бр.4/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 септември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 50 став 3 во делот на втората реченица од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 и 137/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Мирослав Грчев од Скопје, со Решение У.бр.4/2008 од 9 јули 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 50 став 3 во делот на втората реченица, од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 50 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, е предвидено:
„За градби од значење за Републиката утврдени со Законот за градење како градби од прва и втора категорија, за под­рачја кои се вон планските опфати на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, а се во согласност со Просторниот план на Републи­ката, се изработува урбанистички проект. Во случаите кога во урбани­стичките планови од членот 7 став 2 на овој закон не е оформена градежна парцела за градби како објек­ти од значење за Републиката од прва и втора категорија, се изработува урбанистички проект кој треба да содржи и Извод од урбанистичкиот план издаден од надле­жен орган.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уста­вниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Во делот на нормите на Уставот кои се однесуваат на локалната самоуправа со членот 115 став 1 од Уставот кој е изменет со амандман XVII точка 1 од Уставот, е определено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претс­тавници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детска заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според став 2 на овој член од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Според ставот 3 на овој член од Уставот, Републиката со закон може да и одобри вршење на определени работи на општината.

Законот за просторно и урбанистичко планирање во членот 1 определил дека со овој закон се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесу­вање на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Со членот 7 од овој закон е определено дека во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови:

1. Просторен план на Република Македонија и
2. Урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Во III дел од Законот, кој се однесува на „Спроведување на планови“, во членот 50 се содржани одредби кои се однесуваат на „урбанистички проект“.

Според одредбите од членот 8 став 1 алинеја 10 и членот 115 од Уставот на Република Македонија, постои уставен основ државата и единиците на локалната самоуправа да учествуваат во сферата на просторното и урбанистичкото планирање, на што и се заснова концептот на одредбите од Законот за простор­ното и урбанистичкото планирање, односно тоа не е исклучиво право на локалната самоуправа, поради што од овој аспект не може да се доведе во прашање уставноста на одредбата од членот 50 став 3 од Законот.

Со членот 5 алинеја 5 од Законот, е утврдено дека „урбанистички проект е проект за урбанистичка разработка на простор за градби до ниво на идеен проект, кои се вон планските опфати на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, а се во согласност со Просторниот план на Републиката“. Соодветно на дефинирањето во членот 5 од Законот, урбанистичкиот проект со одредбата од членот 50 став 3 од овој закон е предвиден да се изработува за подрачја вон планските опфати на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон.

Меѓутоа, втората реченица од ставот 3 на членот 50 од Законот, продолжува да нормира дека: „Во случаите кога во урбанистичките планови од членот 7 став 2 (нема став 2 има точка 2) на овој закон не е оформена градежна парцела за градби како објекти од значење за Републиката од прва и втора категорија, се изработува урбанистички проект кој треба да содржи и Извод од урбанистички план издаден од надлежен орган“. Според Судот, овде не се нормира употреба на институтот „Урбанистич­ки про­ект“ вон планските опфати на урбанистичките планови, туку внатре во рамки на овие планови можност да се оформуваат градеж­ни пар­цели со плани­рањето преку урбанистички проекти, а не со урбанистич­ките пла­нови системски утврдени со Законот, во постапка и фази на донесу­вање кои Законот ги пропишал за нив.

Во овој дел ставот 3 на членот 50 од Законот не го следи концептот на Законот кој го дефинира урбанистичкиот проект како разработка на простор за градби вон планските опфати на урбанис­тичките планови, туку го сведува на ниво на „вид на план“, кој како таков се издвојува од другите и по начинот на донесување и одоб­ру­вање. Со одредбата од ставот 5 од овој член од Законот, е предви­дено дека „со урбанистичкиот проект од ставот 3 на овој член, се утвр­дуваат границите на проектниот опфат, границите на градежната пар­цела, намената на земјиштето, условите за градење на градбите и инфраструктурите и уредувањето на просторот, врз основа на кои се изработува архитектонско-урбанистички проект или идејниот проект на градбата. Урбанистичкиот проект се изработува врз основа на извод од Просторниот план на Републиката“.

Поаѓајќи од тоа дека со одредбата од ставот 3 на членот 50 во делот кој се однесува на урбанистичкиот проект вон планските опфати на урбанистичките планови од членот 7 точка 2, и со одредбата од ставот 4 од Законот кој, исто така, се однесува на подрачја вон урбанистичките планови, а се дефинирани со Генерален урбанистички план за производни дејности, им е потребна разработка на урбанистичките проекти во смисла на ставот 5 од овој член на Законот, Судот оцени дека тие одредби се во целина и меѓусебно го уредуваат институтот „урба­нистички проект“ предвиден со Законот, за што уставноста не се доведува во прашање. Меѓутоа, ставот 3 од членот 50 од Законот, во делот од втората реченица уредува со урбанистички проект да се планира просторот внатре во рамки на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 од Законот и со тоа се овозможува и покрај тоа што со урбанистич­ките планови е испланиран просторот, тој во секое време да може да се пла­нира со нови содржини дополнително преку урбанистички проект, кој ќе го поднесе барателот претходно одобрен со решение од министерот.

Оттука, Судот утврди дека членот 50 став 3 во делот на втората реченица, од Законот не е во согласност со уставното начело на владеењето на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, имајќи предвид дека правната сигурност се доведува во прашање од аспект на обезбедување на систем на планирање на просторот каде видовите, начинот и постапката на планирањето не можат да се заменуваат со паралелни законски решенија надвор од тој систем на начин како што е тоа сторено со наведената одредба од Законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука .

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.4/2008
10 септември 2008
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски