У.бр.39/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 8 во делот “надлежноста”, член 29 став 1 точка 4 во делот “уредува и “, член 43 точка 13 во делот “и со статутот на единицата на локалната самоуправа”, член 50 точка 5, член 51, член 58 став 1 во делот “или статутот”, член 80 став 2 во делот “надлежноста и”, и член 83 во делот “статутот на единицата на локалната самоуправа и актот за основање” од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ ” бр.52/95).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Иницијаторот смета дека оспорените одредби не биле во согласност со членовите 114 став 5 и 115 став 2 од Уставот, според кои локалната самоуправа се уредува со закон, а општи-ната е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Устав и закон. Според тоа, со статут на единиците на локалната самоуправа не можела да се уредува надлежноста на органите и телата на единиците на локалната самоуправа ниту пак со стаутут или со акт за основање да се одредуваат правата и должностите на месната заедница и другите облици на месната самоуправа.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 8 од Законот за локалната самоуправа, единиците на локалната самоуправа имаат статут. Со статутот, во согласност со закон, се уредуваат: надлежноста; организацијата и работењето на органите и телата на единиците на локалната самоуправа; облиците и начинот на учество на граѓаните во одлучувањето за работи од локално значење; основањето, работењето и облиците на месната самоуправа, како и други прашања од значење за локалната самоуправа.

Член 29 став 1 точка 4 од Законот Советот на единицата на локалната самоуправа донесува одлуки со кои ги уредува и остварува надлежностите на единицата на локалната самоуправа.

Членот 43 став 1 точка 13 од Законот определува дека градоначалникот врши и други работи утврдени со овој закон и со статутот на единицата на локалната самоуправа.

Според член 50 став 1 точка 5 од Законот управните органи на единиците на локалната самоуправа вршат и други работи што ќе им ги довери советот односно градоначалникот на единицата на локалната самоуправа, а според членот 51 административните органи на единиците на локалната самоуправа ги вршат административните и други работи што им се ставени во надлежност со статутот или од страна на советот односно градоначалникот на единицата на локалната самоуправа.

Согласно член 58 став 1 од Законот во вршењето на работите од својата надлежност, а врз основа на закон или статут, градоначалникот односно управните органи на единиците на локалната самоуправа донесуваат поединечни акти.

Според член 80 став 2 од Законот со статутот на единицата на локалната самоуправа, во согласност со овој закон, поблиску се определуваат условите и постапката за основање месни заедници и други облици на месна самоуправа, надлежноста и организацијата, утврдувањето на програмата за работа, средствата што единицата на локалната самоуправа ги отстапува на месната заедница, односите со органите на единицата на локалната самоуправа и други прашања од значење за месната заедница, а според член 83 месната заедница и другите облици на месна самоуправа имаат својство на правно лице во рамките на правата и должностите утврдени со овој закон, статутот на единицата на локалната самоуправа и актот за основање.

4. Согласно член 114 став 5 од Уставот, локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 115 став 2 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Устав и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Врз основа на ова уставно овластување, донесен е Законот за локалната самоуправа кој претставува операционализација на локалната самоуправа како една од темелните вредности на уставниот поредок на државата.

Надлежностите на единиците на локалната самоуправа се определени со Законот за локалната самоуправа. Со овој закон се наброени работите кои единиците на локалната самоуправа ги вршат самостојно (член 17) и работите кои единиците на локалната самоуправа ги вршат во согласност на надлежните органи на државната управа (член 18).

Меѓутоа, покрај таксативното набројување на надлежноста на единиците на локалната самоуправа (член 17 и член 18), законот утврдува и друга надлежност односно утврдува дека содржина на статутот се и следните прашања:

– начинот и постапката за утврдување на грбот и знамето на единицата на локалната самоуправа (член 7);
– начинот на распишување и спроведување на референдумот (член 23);
– составот и начинот на изборот на работните тела на советот (член 25);
– бројот на членовите на советот според овој закон (член 27);
– начинот на одлучување во советот (член 32);
– права и должности на членовите на советот (член 36);
– овластување на градоначалникот за донесување на поединечни акти и начинот на кој тој управува со имотот на единицата на локалната самоуправа и други работи што тој ги врши (член 43);
– утврдување работи што ги вршат административните органи на единицата на локалната самоуправа (член 51);
– утврдување на општите акти што ги донесува советот (член 56);
– изработувањето, донесувањето, изменувањето и извршувањето на буџетот на единицата на локалната самоуправа (член 65);
– условите и постапката за основање месни заедници и други облици на месна самоуправа, како и други прашања од значење за функционирањето на облиците на месната самоуправа (член 80, 83 и 84).

Законот за локалната самоуправа содржи и одредба (член 16) според која единиците на локалната самоуправа во рамките утврдени со Уставот и закон имаат право со статутот да вршат работи и преземаат активности од локално значење кои не се ставени во надлежност на органите на државната власт.

Согласно овој закон, единиците на локалната самоуправа вршат и други работи утврдени со закон, при што се мисли не само на Законот за локалната самоуправа туку и на други закони, кои содржат норми од областа на локалната самоуправа.

Статутот на единиците на локалната самоуправа претставува основен акт со кој во рамките на Уставот и закон се уредуваат сите значајни прашања сврзани со функционирањето на локалната самоуправа. Со статутот, меѓу другото, се утврдува и надлежноста на единиците на локалната самоуправа. При тоа, Судот смета дека не станува збор за утврдување нова надлежност надвор од надлежностите утврдени со закон, туку се работи за систематизирање на надлежноста тргнувајќи пред се од посебните карактеристики и специфичноста на секоја единица на локалната самоуправа. Во таа смисла е и законското овластување на советот на единицата на локалната самоуправа да донесува одлуки со кои ги уредува и остварува надлежностите на единицата на локалната самоуправа.

Понатаму, со членот 43 став 1 точка 13, членот 50 став 1 точка 5 и членот 51 од Законот се определени надлежностите на градоначалникот на локалната самоуправа и на управните и административните органи и тела на единицата на локалната самоуправа. Со членот 58 став 1 е регулирано дека градоначалникот односно управните органи на единицата на локалната самоуправа донесуваат поединечни акти врз основа на закон или статут во вршењето на работите од својата надлежност.

При тоа, законското определување дека градоначалникот врши и други работи утврдени со овој закон и со статутот на единицата на локалната самоуправа, Судот смета дека не е во спротивност со членовите 114 и 115 од Уставот, имајќи ги предвид, пред се членовите 44, 74, 78 и 79 од Законот, како и карактерот на статутот како основен акт на општината со кој се уредуваат бројни прашања од значење за локалната самоуправа.

Имајќи го предвид, пак, фактот дека управните и административните органи покрај градоначалникот имаат извршна функција, неспорно е дека тие покрај надлежноста утврдена со закон можат да вршат и други работи што ќе им ги довери советот како претставничко тело и градоначалникот како извршен орган во рамките на нивната надлежност.

Исто така, неспорно е дека градоначалникот односно управните органи на единицата на локалната самоуправа донесуваат поединечни акти врз основа на закон или статут ако се има предвид дека согласно закон со статутот покрај другото е уредена организацијата и работењето на органите и телата на единицата на локалната самоуправа, како и постапката за донесување на поединечните акти од страна на градоначалникот или управните органи.

Во врска со наводите во иницијативата дека со статут или со акт за основање неможело да се одредуваат правата и должностите на месната заедница и на другите облици на месната самоуправа Судот укажува дека месната заедница и другите облици на месната самоуправа имаат својство на правно лице.

Месните заедници и другите облици на месната самоуправа ги основаат граѓаните заради одлучување за работи од непосредно и секојдневно значење за нивниот живот и работа. Во општината се основаат бројни облици на месна самоуправа во зависност од интересот на граѓаните за решавање на проблемите кои произлегуваат од секојдневното живеење и работење.

Оттука, имајќи ја предвид специфичноста на секој облик на месна самоуправа, законодавецот определил дека со статутот на единицата на локалната самоуправа, односно со акти за основање, а во согласност со закон, меѓу другото, се определува и надлежноста на месните заедници и другите облици на месна самоуправа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови од Законот со Уставот поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.39/2001
4 јули 2001 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов