У.бр.39/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 56 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 23 декември 1992 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Илија Илиевски од Струмица за заштита на слободата на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слободата на политичко здружување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на национална, социјална и политичка припадност, утврдени во Уставот на Република Македонија.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. На Уставниот суд на Република Македонија Илија Илиевски од Струмица му поднесе предлог за заштита на слободите и правата означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што му биле повредени со одземањето на патната исправа и пропусницата за малограничен сообраќај.

4. Судот на седницата утврди дека Управата за внатрешни работи во Струмица, со решение У.бр.18-2840 од 4 октомври 1991 година, на Илија Илиевски му ги одзела патната исправа и пропусницата за малограничен сообраќај, врз основа на член 43 став 1 точка 5 од законот за патните исправи на државјаните на СФРЈ, затоа што било утврдено дека со својата активност за време на престојот во НР Бугарија им нанел штета на меѓународните интереси на земјата. Второстепениот орган-Комисијата за решавање на управни работи во втор степен од областа на народната одбрана, внатрешните работи, правосудството и управата на Владата на Република Македонија, со решение У.бр.28/55-307/1-91 од 6 јануари 1992 година, ја одбил жалбата изјавена против означеното решение. Врховниот суд на Република Македонија со пресуда У.бр.239/92 од 9 април 1992 година ја одбил како неоснована тужбата на Илија Илиевски против второстепеното решение.

Од образложенијата на наведените акти, како и од доказите во предметот, Судот утврди дека патната исправа и пропусницата за малограничен сообраќај биле одземени, затоа што за време на престојот во НР Бугарија Илија Илиевски со низа настапи во бугарските средства за информирање ги омаловажувал националните чувства на македонскиот народ, изнесувајќи дека Македонците се Бугари, односно дека Македонија е бугарска земја, со што им нанел штета на меѓународните интереси на Републиката.

5. Според член 8 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и слободно изразување на националната припадност.

Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Со член 16 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Според член 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, но програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување и повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост. Со член 48 став 2 се гарантира слободата на припадниците на националностите да ги изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и националните особености. Според член 51 став 2 од Уставот секој е должен да го почитува Уставот, а според член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Во Законот за патните исправи на државјаните на СФРЈ (“Службен лист на СФРЈ” бр.30/79, 36/79 и 53/85), врз основа на кој му е одземена патната исправа на Илија Илиевски, беше предвидено дека патната исправа може да се одземе ако лицето со својата активност за време на престојот во странство им нанело штета на меѓународните и другите интереси на земјата (член 43 точка 5 од Законот). Со оглед на тоа што Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/92) не предвидува ваков основ за одземање на патната исправа, Министерството за внатрешни работи го извести Судот дека патната исправа и пропусницата за малограничен сообраќај ќе му бидат вратени на Илија Илиевски.

Врз основа на изнесената фактичка состојба и наведените уставни и законски одредби, Судот утврди дека на Илија Илиевски не му се повредени уставните слободи и права, што, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, ги штити Уставниот суд. Имено, на предлагачот со акт на државен орган не му било попречено јавно да ја изрази својата национална припадност и политичка определеност и да изнесува свои погледи и мислења, ниту пак спрема него се преземени дискриминаторски мерки поради националната и политичката припадност, ниту поради некој друг основ.

Притоа, Судот го имаше предвид и член 54 став 1 од Уставот според кој слободите и правата можат да се ограничуваат само во случаи утврдени со Уставот, а тоа значи дека слободите и правата на човекот и граѓанинот се ограничуваат со слободите и правата на другите. Во таа смисла, Уставниот суд ги заштитува слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, а во тие рамки и слободата на јавно изразување на мислата, ако со нејзиното користење не се повредуваат слободите и правата на другите граѓани кои се гарантирани и заштитени со Уставот. Во конкретниот случај, предлагачот слободата на мислата и на изразувањето на сопствената национална и политичка припадност, ја користел за негација и ограничување на правото и слободата на другите граѓани на Македонија да го изразуваат националното чувство и определување, со што навлегол во сферата на заштитените уставни права на другите граѓани.

Одземањето на патната исправа е во врска со остварувањето на уставното право предвидено во член 27 став 2 од Уставот, според кој секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во неа, кое право, согласно став 3 на овој член од Уставот, може да се ограничи со закон во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето. За заштита на ова уставно право не е надлежен да одлучува Уставниот суд.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека предлагачот за заштита на уставните слободи и права на Илија Илиевски е неоснован, поради што одлучи како во точка 1 од оваа одлука.