У.бр.38/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 01 ноември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за поништување на Одлуката на Советот на Општина Центар бр.08-4160/30 од 22.03.2017 година за донесување на ДУП „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел“-Општина Центар-Скопје бр.07-6530/12 донесена од Советот на Општина Центар-Скопје на 13.09.2012 година и Решение бр.09-4160/31 од 22.03.2017 година за објавување на Одлука за поништување на Одлуката за донесување на ДУП „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел“-Општина Центар-Скопје, донесено од градоначалникот на Општина Центар–Скопје.

2. СЕ ЗАПИРААТ од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на Одлуката и Решението означени во точката 1 од ова решение.

3. Цуте Крајчески, Страхил Пановски, Славица Марковска, Мартина Илиќ, Влатко Миновски, Коста Јовановски и Љупчо Велков, сите од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија доставија иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од наведеното решение.

Подносителите на инцијативата наведуваат дека согласно членовите 108 и 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 11 и 12 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, ја поднесуваат иницијативата со цел да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.08-4160/30 од 22.03.2017 година, донесена од Советот на Општина Центар – Скопје и Решението бр.09-4160/31 од 22.03.2017 година донесено од градоначалникот на Општина Центар–Скопје, од причини што: претседателот на Советот на Општина Центар на 22.03.2017 година, закажал продолжение на 5-та седница на Советот на Општина Центар која била започната на 07.06.2013 година и продолжена на 10.06.2013, 11.06.2013 и 13.06.2013 година. На продолжението на споменатата седница на дневен ред било ставено разгледувањето на Предлог-одлуката за поништување на Одлуката за донесување на ДУП „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел”-Општина Центар-Скопје бр.07-6530/12 од 13.09.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје.

Првичниот предлог наслов на спорната одлука гласел: „Одлука за ставање вон сила на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел-Општина Центар-Скопје бр.07-6530/12 од 13.09.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје“.

По амандманска интервенција од страна на еден од членовите на Советот, во насловот, а и во текстот на споменатата одлука зборовите „ставање вон сила“ се заменети со зборовите „се поништува“ и оваа интервенција била прифатена од предлагачот на спорната одлука. Според подносителите на иницијативата и со првичниот текст на спорната одлука како и по амандманската интервенција во текстот на одлуката, неспорно е дека Советот извршил груба повреда на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016) или поточно речено го повредил член 41 став 4 од Законот кој гласи: „Советите на општините во Градот Скопје донесуваат: детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место“. Од наведената одредба, според подносителите, може да се заклучи дека Советот на Општина Центар нема надлежност да поништува веќе донесена, важечка и стапена во правниот промет урбанистичко планска документација. На ниедно место во споменатиот член 41 став 4 од Законот не се наведува надлежност на совет на општина да поништува урбанистичко планска документација. Ова дотолку повеќе што евентуално поништување на соодветна урбанистичко планска документација може да се изврши само во случаите, под условите и во постапката предвидени во членот 92 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Оттука може да се заклучи дека Советот на Општина Центар крајно ги пречекорил своите надлежности и извршил директна повреда на Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Прекршувањата на Законот за локалната самоуправа се огледаат во самото носење на крајно противзаконска Одлука бр.08-4160/30 од 22.03.2017 година чиј основ за е член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на Општина Центар-Скопје во кој се наведува дека: „донесување детални урбанистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места во општината“, кој член. Според подносителите оваа одредба е скоро идентичен како и член 41 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање што недвосмислено укажува дека надлежноста на општината е донесување на соодветни урбанистичко плански документации, но во никој случај не и поништување на соодветни важечки урбанистичко плански документации на чие донесување претходела соодветна законска процедура и кои се влезени во правниот промет со што се повредувале член 22 став 1 точка 1 и Законот за локалната самоуправа.

Според подносителите, оспорената одлука била во спротивност и со член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 од Законот за Градот Скопје, во кој во надлежноста на Советот е и: „донесување детални урбанистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места во општината“ при што никаде не се споменува надлежноста на совет на општина, во случајов совет на општина во градот Скопје, да поништува соодветни урбанистичко плански документации.

Според подносителите на иницијативата оспорената одлука во себе содржела и една димензија во однос на нејзиното извршување и ставање во правен промет која уште повеќе ја прави противзаконска но и ништовна како таква. Ова од причини што во членот 10 од оспорената одлука се предвидувало дека се задолжува Секторот за инспекциски работи во Општина Центар-Скопје, во рок од 7 дена од стапувањето во сила на Одлуката, да достави предлог до Градоначалникот на Општина Центар-Скопје за поништување на издадените одобренија од Општина Центар-Скопје, а за другите, во соработка со Секторот за правни и организациони работи, да подготви соодветна документација со која ќе се побара од Градот Скопје и од Министерството за транспорт и врски да ги поништат одобренијата од нивна страна. Од вака поставената одредба на член 10 на спорната одлука, а од аспект на веќе изготвените градежно-техничките документации како и издадени одобренија за градба и спроведени односно реализирани градби согласно тие издадени одобренија за градба, може да се заклучи дека се работи за акт со ретроактивна примена што не е поповолно за граѓаните, со што начин се врши груба дискриминација на граѓаните и прекршување на уставно загарантирани права. Ретроактивното дејство на оспорената одлука ја прави истата сама по себе ништовна. Ова особено ако се има предвид и член 43 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој „(3) Просторен план важи до донесување на нов Просторен план, а урбанистички план до донесување на нов урбанистички план.,, Оттука неоспорен факт е дека ретроактивноста на споменатата одлука е во директна спротивност со Уставот на Република Македонија и директно прекршување на одредбата од член 43 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (Службен весник на Р. Македонија бр. 199/2014, 44/2015, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016). Понатаму невозможна е примена на спорната одлука во правниот промет на начин кој го осмислил доносителот на истата и го пропишал особено во споменатиот член 10 од одлуката, кога недвосмислено одредбата од член 43 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање пропишува важност на определена урбанистичко планска документација и нејзина примена во правниот промет.

Оттука, според подносителите на иницијативата оспорената одлука по својата природа е неприменлив акт и пред сè, акт спротивен на Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за локалната самоуправа и Законот за Градот Скопје.

Врз основа на наведеното, подносителите предлагаат Уставниот суд да ја прифати иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлука и решение и по спроведената постапка истите да ги поништи или укине, а до донесување на конечна одука, Судот, да донесе Решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените акти, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици.

4. На седницата Судот утврди дека врз основа на член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на Општина Центар и член 41 став 4 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), Советот на Општина Центар-Скопје на 5-та седница одржана на 07.06.2013, 10.06.2013, 11.06.2013, 13.06.2013 и 22.03.2017 година донел Одлука за поништување на Одлуката за донесување на ДУП „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел“-Општина Центар-Скопје бр.07-6530/12 од 13.09.2012 година.

Според член 1 од оспорената одлука, Одлуката за донесување на ДУП „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел“-Општина Центар-Скопје бр.07-6530/12 од 13.09.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје се поништува.

Во членот 2 од оспорената одлука се наведува дека со оваа одлука се уредуваат поништувањето на Одлуката на Советот на Општина Центар–Скопје, утврдувањето на правната основа за поништување на Одлуката, влегувањето во сила на претходната одлука на Советот на Општина Центар-Скопје за донесување на ДУП на истиот плански опфат и начинот на реализација на Одлуката од Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје и Секторот за инспекциски работи во Општина Центар-Скопје.

Според член 3 од Одлуката, со оваа одлука се поништува Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Централно зеленило покрај реката Вардар – Јужен дел” – Општина Центар-Скопје бр. 07-6530/12 од 13.09.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје”бр. 9/2012).

Во членот 4 е предвидено дека Одлуката од членот 2 од оваа одлука се повлекува од правниот поредок поради тоа што ДУП, кој е составен дел на Одлуката, е во спротивност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје” бр. 18/2012), Законот за просторно и урбанистичко планирање и Уставот на Република Македонија.

Одлуката е спротивна на Законот и Уставот затоа што ДУП „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел”-Општина Центар-Скопје бр. 07-6530/12 од 13.09.2012 година не е во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, а оваа несогласност на план од пониско ниво со план од повисоко ниво е спротивна на Законот за просторно и урбанистичко планирање, во кој „Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план”, а тоа значи дека спорната одлука е спротивна и на членот 51 од Уставот на Република Македонија во кој „законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите”.

Во членот 5 од Одлуката е предвидено дека со поништувањето на Одлуката од член 2 од оваа одлука влегува во сила Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел”- Општина Центар-Скопје бр. 07-1250 од 06.07.2004 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Град Скопје” бр. 8/2004).

Според член 6 од Одлуката, за оваа одлука се известуваат Архивата на Општина Центар-Скопје, Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје, надлежниот Државен архив, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и Агенцијата за катастар на недвижности, кои треба да го повлечат од употреба ДУП „Централно зеленило покрај реката Вардар – Јужен дел” – Општина Центар-Скопје бр. 07-6530/12 од 13.09.2012 година и да го вратат во употреба претходниот Детален урбанистичи план „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел”-Општина Центар-Скопје бр. 07-1250 од 06.07.2004 година, донесен од Советот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Град Скопје” бр. 8/2004).

Во членот 7 од Одлуката е предвидено дека Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје е должен, во рок од 15 дена од донесувањето на оваа одлука, да ја повлече од употреба картираната подлога на Деталниот урбанистички план од член 2 од оваа одпука и да ја обезбеди картираната подлога од претходниот Детален урбанистички план „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел” од член 4 од оваа одлука, кој со донесувањето на оваа одлука влегува во сила.

Според член 8 од Одлуката за реализација на оваа одлука и за спроведувањето на Деталниот урбанистички план од член 4 од оваа одлука се грижат градоначалникот на Општината, Секторот за урбанизам и Секторот за инспекциски работи во Општина Центар-Скопје.

Во членот 9 од Одлуката е предвидено дека Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје е должен веднаш по стапувањето во сила на оваа одлука да ги прекине управните постапки за спроведување на Деталниот урбанистички план од член 2 од оваа одлука чие важење престанало и да ги продолжи постапките кога документациите, предмет на управните постапки, ќе бидат усогласени според Деталниот урбанистички план од член 4 од оваа одлука.

Според членот 10 од Одлуката, се задолжува Секторот за инспекциски работи во Општина Центар-Скопје, во рок од 7 дена од стапувањето во сила на оваа одлука, да достави предлог до градоначалникот на Општина Центар-Скопје за поништување на издадени одобренија од Општина Центар-Скопје, а за другите, во соработка со Секторот за правни и организациони работи, да подготви соодветна документација со која ќе се побара од Град Скопје и од Министерството за транспорт и врски да ги поништат одобренијата од нивна страна.

Според член 11 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила на денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Центар – Скопје“.

Во натамошната постапка Судот утврди дека врз основа на член 36 став 1 точка 3 и член 64 став 1 од Статутот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр.1/2006 и 12/2015), градоначалникот на Општина Центар-Скопје донел Решение за објавување на Одлуката за поништување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел”-Општина Центар-Скопје бр. 07-6530/12 од 13.09.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје.

Во Решението се наведува дека се објавува Одлуката за поништување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Централно зеленило покрај реката Вардар – Јужен дел” – Општина Центар-Скопје бр. 07-6530/12 од 13.09.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, што Советот на Општина Центар-Скопје ја донесе на 5-та седница, одржана на 07.06.2013 година, 10.06.2013 година, 11.06.2013 година, 13.06.2013 година и на 22.03.2017 година.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, меѓу темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеење на правото.

Според член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според член 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), со овој закон се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Во членот 3 од Законот е предвидено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија, урбанистичките планови, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко планската документација и урбанистичко-проектната документација се работи од јавен интерес.

Според членот 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови:

1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план;
– детален урбанистички план;
– урбанистички план за село и
– урбанистички план за вон населено место.

Според член 11 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, детален урбанистички план е урбанистички план кој се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план, а според став 6 деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план, односно, со регулацискиот план на генерален урбанистички план доколку истиот е донесен.

Во член 41 од Законот е предвидено дека:

(1) Собранието на Република Македонија го донесува Просторниот план.
(2) Собранието на Република Македонија е должно да го донесе Просторниот план, во рок од шест месеца од денот на доставувањето од Владата на Република Македонија
(3) Советот на Градот Скопје донесува генерален урбанистички план на градот Скопје и регулациски план на генералниот урбанистички план на Градот Скопје.
(4) Советите на општините во Градот Скопје донесуваат: – детален урбанистички план, – урбанистички план за село и – урбанистички план вон населено место.
(5) Советите на општините со седиште во град донесуваат: – генерален урбанистички план, – регулациски план на генерален урбанистички план, – детален урбанистички план, – урбанистички план за село и – урбанистички план вон населено место.

Во член 20 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), е предвидено дека општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Во член 21 од наведениот закон е предвидено дека:

(1) Општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење
(2) Со законот со кој се утврдуваат други надлежности на општината се определуваат и изворите на финансирање за вршење на тие надлежности.
(3) Надлежностите од ставот (1) на овој член по правило се целосни и исклучиви и не смеат да бидат одземени или ограничени, освен во случаите утврдени со закон.

Во членот 22 од Законот таксативно е утврдена листа на надлежности на општините, при што, покрај другото, општините се надлежни за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште;

Во членот 15 од Законот за Градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” број 55/2004 и 158/2011), утврдени се надлежности на општините во градот Скопје, при што, надлежности, односно, работи од јавен интерес од локално значење на општините во Градот Скопје се:

1. Планирање и уредување на просторот
– покренување иницијативи за донесување, измена и дополнување на просторниот план на Градот Скопје и генералниот урбанистички план на Градот Скопје;
– давање мислења по нацртите на просторниот план на градот Скопје и генералниот урбанистички план на градот Скопје;
– донесување детални урбанистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места во општината;
– спроведување урбанистички планови и проекти и издавање документација за изградба на објекти од локално значење (услови за – спроведување урбанистички планови и проекти и издавање документација за изградба на објекти од локално значење (услови за градба, урбанистичка согласност, одобренија за градење).

Од анализата на оспорената одлука произлегува дека: Советот на Општина Центар–Скопје,на 22.03.2017 година ја поништил Одлуката за донесување на ДУП „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел“-Општина Центар-Скопје бр.07-6530/12 од 13.09.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, и дека со поништување на наведената одлука влегува во сила Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Централно зеленило покрај реката Вардар – Јужен дел” – Општина Центар-Скопје бр.07-1250 од 06.07.2004 година, донесена од Советот на Општина Центар- Скопје („Службен гласник на Град Скопје” бр.8/2004). За донесената одлука биле известени Архивата на Општина Центар, Секторот за урбанизам во Општина Центар кој бил должен во рок од 15 дена од нејзиното донесување да ја повлече картираната подлога на Деталниот урбанистички план од 2012 година и да ја обезбеди картираната подлога од претходниот план од 2004 година, надлежниот Државен архив,органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и Агенцијата за катастар на недвижности кои треба да го повлечат од употреба урбанистичкиот план од 2012 година и да го вратат во употреба деталниот урбанистички план од 2004 година. Понатаму, со оспорената одлука се задолжува Секторот за урбанизам во општина Центар веднаш по стапување во сила на оспорената одлука да ги прекине управните постапки за спроведување на планот од 2012 година и да ги продолжи кога документациите предмет на управните постапки ќе бидат усогласени, исто така со оспорената одлука се задолжува Секторот за инспекциски работи во општина Центар во рок од 7 дена од стапување во сила на оспорената одлука да достави предлог до градоначалникот на Општина Центар-Скопје за поништување на издадените одобренија од општината, а за другите во соработка со Секторот за правни и организациски работи да подготви соодветна документација со која ќе побара од Град Скопје и од Министерството за транспорт и врски да ги поништат одобренијата од нивна страна.

Градоначалникот на општината донел решение, оспорената одлука да се објави во службеното гласило на општината

Тргнувајќи од направената анализа на оспорената одлука, наведените уставни одредби, како и одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за Град Скопје и Законот за локалната самоуправа, наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека наводите се основани.

Ова од причини што општините согласно член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 од Законот за Градот Скопје како и член 41 став 4 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање имаат овластување во постапка определена со закон (членовите од 24 до 50 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање ), да донесуваат, изменуваат и дополнуваат урбанистички план, при што тие немаат овластување да поништат веќе донесен план во законски пропишана постапка и да го вратат во правен поредок претходно донесениот план кој престанал да важи.

Ова особено затоа што не постои законски пропишана постапка за поништување на легално донесен урбанистички план кој бил во сила и се применувал повеќе години. Ваквото поништување на Деталниот урбанистички план и последиците од ваквата одлука грубо ја нарушуваат правната сигурност на граѓаните, неосновано го доведуваат во прашање правото на сопственост, на кој начин се повредува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок во Република Македонија.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за донесување Решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените акти, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, и Владимир Стојаноски.

У.бр.38/2017
01 ноември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски