У.бр.36/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 17 мај 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 10-б од Законот за Царинската управа на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2004, 81/2005 107/2007,103/2008, 64/2009, 105/2009, 48/2010, 158/2010, 53/2011, 113/2012, 43/2014, 167/2014, 33/2015, 61/2015, 129/2015 и 23/2016).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата подносителот смета дека при постоење на состојба кога со Законот за управување со движење на предметите во судовите не се пропишуваат одредби од чија содржина би произлегол начинот на кој правни или физички лица би презеле одлуки во анонимизирана форма и така преземените одлуки да ги користат во постапки или јавно објавуваат во печатен, електронски и друг медиум или пак ги ставаат на интернет сајтови, оспорената одредба е беспредметна.

Во иницијативата се цитираат оспорените одредби на членот 10-б од Законот за Царинската управа на Република Македонија кои се компарираат со одредбите на член 10 ставови 1, 2 и 5 од Законот за управување со движење на предметите во судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.171/2010), од аспект на тоа зошто биле пропишани како такви, и оттука, повикувањето на одредби од друг закон, кој постои во правниот поредок, требало да претставува функционална целина, што не било во конкретниот случај и се наведува дека биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија и од тие причини се бара истите да бидат укинати.

3. Судот на седница утврди дека согласно членот 10-б од Законот за Царинската управа, истата управа може на веб-страница да ги преземе судските одлуки од областа на царините, други извозни и увозни давачки, даноци и други јавни давачки и надоместоци кои ги наплатува при увоз, извоз или транзит на стока, од веб-страниците на судовите согласно Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

4. Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во член 1 став 1 од Законот за Царинската управа на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2004, 81/2005 107/2007,103/2008, 64/2009, 105/2009, 48/2010, 158/2010, 53/2011, 113/2012, 43/2014, 167/2014, 33/2015, 61/2015, 129/2015 и 23/2016) се уредува организацијата, делокругот на работа, начинот на вршење на работата и управувањето со Царинската управа, царинските надлежности, класификацијата на работните места, како и овластувањата и одговорностите при собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоци во врска со работите на Царинската управа. Со овој закон се уредуваат специфичностите во правата, обврските и одговорностите на царинските службеници од работен однос, кодексот на однесување, наградите и признанијата, како и финансирањето на Царинската управа (став 2).

Согласно член 10-а став 1, од овој закон, за водењето на прекршочната постапка и изрекување на прекршочна санкција и посебна прекршочна мерка за сторен царински прекршок, исклучива надлежност има царинскиот прекршочен орган. Царински прекршочен орган од ставот 1 на овој член е Царинската управа, а постапката пред прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок (став 2). Претседателот и членовите на Комисијата од ставот 2 на овој член се царинските службеници, дипломирани правници, а претседателот е дипломиран правник со положен правосуден испит (став 3). Комисијата од ставот 2 на овој член е посебна организациона единица на царинската управа определена со актот од член 11 и член 51 став 2 на овој закон. За претседателот и членовите на оваа Комисија соодветно се применуваат одредбите на членот 67 став 3 од овој закон (став 4). Со актот од ставот 4 на овој член се определува и начинот на работа и постапката при донесувањето на одлуките на Комисијата од ставот 2 на овој член (став 5). Комисијата од ставот 2 на овој член постапувајќи во прекршочна постапка ги применува и своите одлуки ги донесува согласно со Законот за прекршоците и Законот за општата управна постапка (став 6). Комисијата од ставот 2 на овој член води евиденција за сторителите на прекршок, за видот на изречените санкции и донесените одлуки на начин пропишан од функционерот кој раководи со прекршочниот орган (став 7). Против решенијата на прекршочниот орган со кои се изрекува прекршочна санкција може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка (став 8).

Во членот 10-б од Законот е уредено дека Царинската управа може на веб-страница да ги преземе судските одлуки од областа на царините, други извозни и увозни давачки, даноци и други јавни давачки и надоместоци кои ги наплатува при увоз, извоз или транзит на стока, од веб-страниците на судовите согласно Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

Според членот 1 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.171/2010) се уредуваат прашањата во врска со управувањето со движењето на предметите во судовите во Република Македонија.

Согласно членот 2 од овој закон е утврдено дека цели на Законот се: управување со движењето на предметите во судовите во Република Македонија преку користење на автоматизиран компјутерски систем за управување со судски предмети, почитување на законските рокови за преземање на процесните дејствија, законските рокови за донесување, изготвување и објавување на судските одлуки и роковите определени со овој закон, спречување на застој во движењето на судските предмети и спречување на создавање на заостаток на нерешени судски предмети.

Објавувањето на судски одлуки на веб страница на судот е уредено во член 10 став 1 од овој закон, според кој овластениот судски службеник во рок од два дена од денот на приемот на правосилната судска одлука е должен да ја објави на веб страницата на судот со име и презиме на странките, односно називот на правното лице, при што се анонимизира адресата на живеалиште, односно престојувалиште или седиштето на странките, единствениот матичен број на граѓанинот или единствениот матичен број на субјектот на упис и личните податоци на сведоците во постапката. Овластениот судски службеник во рок од два дена од денот на приемот на неправосилната судска одлука е должен да ја објави на веб страницата на судот со целосно анонимизирање на личните податоци на учесниците во постапката, освен името и презимето на судиите, јавните обвинители, државните правобранители и законските застапници на странките (став 2). Во случаите кога јавноста е исклучена согласно со Уставот на Република Македонија, законот и ратификуваните меѓународни договори, судските одлуки не се објавуваат на веб- страницата на судот (став 3). Објавените кривични судски одлуки на веб- страницата на судот се бришат по истекот на рокот за бришење на осудата, согласно со одредбите од Кривичниот законик, а другите судски одлуки се бришат по истекот на пет години од денот на нивното објавување (став 4). Софтверското решение за објавување на судските одлуки на веб-страницата на судот содржи можност за нивно печатење, без да може да се врши менување, копирање и обработка на текстот на објавениот документ (став 5). Начинот на објавување и пребарување на судските одлуки на веб-страницата на судот се уредува со акт на министерот за правда (став 6).

Со иницијативата не се дадени аргументи и образложени причини за спротивноста на оспорената законска одредби со конкретно наведените одредби од Уставот. Поточно законската одредба се оспорува како несогласна со одредби од друг закон, поради што се бара оцена и на нејзината законитост и од аспект на нејзината фактичка примена во смисла дека во Законот за управување со движење на предметите во судовите не биле пропишани одредби од чија содржина би произлегол начинот на кој правни или физички лица би требало или би можело да преземаат судски одлуки од областа на царините, други извозни и увозни давачки, даноци и други јавни давачки и надоместоци кои ги наплатуваат при увоз, извоз или транзит на стока на веб- страниците на судовите во анонимизирана форма и кои би можело да бидат користени во постапки или јавно би можело да бидат објавени во печатен, електронски или друг медиум или на интернет сајтови.

Во рамките на надлежностите на Уставниот суд е да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Оттука, предмет на оцена на овој суд е согласноста на уредената содржина на законите и одредбите од законите со одредбите на Уставот, а не и нивната согласност со одредбите од Уставот од аспект на нивната фактичка примена. Исто така, Уставниот суд не ја оценува меѓусебната согласност на прописите кои се од ист ранг, а како што се бара со иницијативата оцена на законитост на оспорената одредба од Законот со одредби од Законот за управување со движењето на предметите во судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.171/2010).

Поради изнесеното, со оглед на тоа што иницијативата отсуствува со наводи и аргументи за неуставноста на оспорениот член 10-б од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикуваат во иницијативата, истото претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата, како и со оглед дека Уставниот суд не ја цени меѓусебната согласност на законите, туку нивната согласност со Уставот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.36/2016
17.05.2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски