У.бр.36/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28, 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 март 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Благоја Макариовски, Соња Талевска, Игор Каревски, Билјана Гаревска, Горданчо Мирчевски и Бошко Костовски, членови на Советот на Општина Демир Хисар за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на јавното изразување на мислата, повредени со 22 решенија за именување на претседатели и членови на работните тела на Советот на Општина Демир Хисар и на претставници во органите и телата на јавни претпријатија и установи од локално значење, донесени од Советот на Општина Демир Хисар на 3 декември 2002 година.

2. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на слободите и правата што се однесуваат на избирачкото право, повредени со решенијата означени во точката 1 од оваа одлука

3. Членовите на Советот на Општина Демир Хисар наведени во точката 1 од оваа одлука, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на избирачкото право и јавното изразување на мислата , повредени со решенијата означени во точката 1 од оваа одлука , затоа што во составите на работните тела на Советот, како и во другите органи и тела во кои свои претставници именувал Советот, не била применета пропорци -оналната застапеност на политичките партии, на советниците на Советот избрани на листата на ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО ВМРО и Социјалистичката партија, им се ускратувало избирачкото право и јавното изразување на мислата.

4. Судот на седницата утврди дека оспорените решенија се донесени од Советот на општина Демир Хисар, на 3 декември 2002 година, а се евидентирани под бр. 07-178/4 до 25, и со истите се именуваат претседатели и членови на работните тела на Советот, како и претставници на Општината во органите и телата на одделни комунални и други организации од локално значење.

5. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, односно ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, а имајќи предвид дека подносителите на барањето на обопштен начин се повикуваат на заштита на слободите и правата, барајќи заштита на нивното избирачко право, кое не е во надлежност на Уставниот суд, како и од барањето за заштита на јавното изразување на мислата, што според мислењето на Судот, со ништо не е ускратено, односно преку пропорционалната застапеност или отсуството на примената на таквиот принцип при конституирањето и именувањето на работните тела на органите на локалната самоуправа, не се однесува на принципот на јавното изразување на мислата, поради што Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојм ен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.36-б/2003
26 март 2003 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов