Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеа 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 9 мај 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Љупчо Наумов од Битола,за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, а кои се однесуваат на слободата на мислата и јавно изразување на мислата, како и дискриминација по основ на социјална припадност,повредени со Пресуда на Основниот суд Битола П.бр.552/2000 од 23 мај 2007 година и Пресуда на Апелациониот суд Битола ГЖ.бр.3138/2007 од 15 мај 2008 година.
2. Љупчо Наумов од Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеа 3 од Уставот,повредени со пресудите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на барањето, поднесокот го доставува како последен правен лек во Република Македонија заради заштита на слободите и правата, како и за сторена апсолутна суштествена повреда на одредбите на парничната постапка од член 343 став 2 точка 7 од Законот за парничната постапка, од причини што спротивно на законот, на подносителот не му била дадена можност да расправа пред Основниот суд во Битола. Имено Основниот суд во Битола ги одржувал рочиштата во негово отсуство со констатација дека бил уредно викан, при што судот не го имал предвид фактот дека тужениот Љупчо Наумов своето отсуство го најавувал лично кај судијата како и со писмен поднесок -извештај од специјалист преку приемно одделение дека во понеделник, среда и петок тужениот треба да биде приклучен на апарат за хронична хемодијализа во клиничкиот центар Битола како и во ортопедската клиника. На подносителот на барањето не му било познато зошто судечкиот судија и покрај наведеното упорно закажувал седници во понеделник, среда и петок.
Подносителот на барањето наведува дека тој бил пасивно легитимиран затоа што доставената документација гласела на правно лице, а тој бил тужел со фалсификат на потпис на една испратница, не почитувајќи го неговиот депониран потпис во банка и во суд.
Понатаму, подносителот на барањето дава приказ на фактот дека правните односи биле настанати помеѓу правни лица АД „Братство“ од Охрид во стечај и АД „Книжарапромет“ – Битола, но со оглед на фактот што според него настапило застарување на меѓусебните побарувања, АД „Книжар“ – Битола, го тужел него.
Имајќи ги предвид наводите во барањето во судот се формирал предмет Р.бр.22/2013 година, а од подносителот било побарано да го прецизира барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот.
Подносителот на барањето со поднесок – појаснување на барањето од 11.03.2013 година, наведува дека од страна на Основниот суд во Битола му била скратена слободата на мислата и јавното изразување на мислата од причина што судот во врска со доставениот материјал не му дозволил да се произнесе, а воедно бил дискриминиран по однос на социјална припадност како граѓанин со настапената инвалидност.
Исто така, Судот во Битола го уверувал подносителот дека буквите Љ.Н. биле негов потпис не земајќи го како веродостоен неговиот потпис депониран во банка и во суд, како и во некои фактури платени од други фирми,на кој начин му била повредена слободата на уверувањето.
Имајќи го предвид прво поднесеното барање и дополнителното појаснување предметот Р.бр.22/2013 година е трансформиран во У.бр.34/2013 година, како барањето за заштита на слободите и правата повредени со наведените пресуди.
3. Судот на седницата утврди дека Основниот суд Битола по тужбата на тужителот ИМП Виор Ростфреи АД во стечај против тужениот Љупчо Наумов од Битола на 23.05.2007 година донел Пресуда П.бр.552/2000 со која се уважува тужбеното барање.
Се задолжува тужениот Љупчо Наумов да му плати на тужителот ИМП Виор Ростфреи АД во стачај од Охрид, по основ долг во износ 138.472,00 со законска затезна камата за точно одреден период како и надоместок за процесни трошоци во износ од 36.859,00 во рок од 15 дена по приемот на пресудата.
Основниот суд во Битола утврдил дека врз основа на усмен договор меѓу тужителот и тужениот, кој бил вработен во Книжара промет – Битола. Тужителот му испорачувал стока на тужениот, а тужениот лично ја преземал стоката од тужителот за да ја продава на вработените и другите лица. Парите добиени од продажба ги плаќа на тужителот и дека тужениот се наоѓал во својство на налогопримач спрема тужителот.
Наведената пресуда тужениот лично ја примил на 17.10.2007 година.
Незадоволен од наведената пресуда тужениот во предвидениот рок поднел жалба.
Апелациониот суд во Битола, решавајќи по жалбата на тужениот против пресудата на Основниот суд во Битола П.бр.552/2000 од 23 мај 2007 година на 15 мај 2008 година донел Пресуда ГЖ.3138/2007 со која жалбата на тужениот се одбива, а пресудата П.бр.552/2000 од 23 мај 2007 година се потврдува.
Апелациониот суд утврдил дека тужениот е пасивно легитимиран иако бил вработен во „Книжара промет“ – Битола и дека предметните фактури не биле затворени како платени што било докажано со вештачење на вешто лице економист бидејќи во случајот се работело за синдикална продажба за која правното лице каде бил ввработен сега тужениот не бил во должничко доверителски однос со тужителот.
Наведената Пресуда ГЖ.бр.3138/2007 тужениот лично ја примил на 28 мај 2008 година.
Против донесената пресуда на Апелациониот суд во Битола тужениот изјавил Ревизија поради суштествени повреди на одредбите на парничната постапка. Врховниот суд на Република Македонија постапувајќи по Ревизијата на 3.12.2009 година донел Решение Рев.бр.124/2009 со кое Ревизијата се отфрла како недозволена, кое решение странката го примила на 11.02.2010 година.
Во натамошната постапка е утврдено дека тужениот Љупчо Наумов поднел предлог за повторување на постапката завршена со правосилна пресуда П.бр.552/2000 од 23 мај 2007 година, кој предлог Основниот суд во Битола со решение ПП-21/10 од 28.06.2010 година го одбил предлогот како неоснован и го задолжил тужениот да плати трошоци на тужителот во износ од 16.750,00 денари во рок од 15 дена од приемот на решението.
Подносителот на предлогот на 7.07.2010 година одбил да ја потпише доставницата за прием на решението.
Меѓутоа, незадоволен од одлуката на првостепениот суд во предвидениот рок вложил жалба.
Апелациониот суд во Битола постапувајќи по жалбата со Решение ГЖ.бр.2835/2010 на 2 февруари 2011 година жалбата ја уважил, Решението по предметот ПП.-21/2010 од 28.06.2010 година го укинал и предметот го вратил пред првостепениот суд за повторно одлучување.
Во образложението на решението Апелациониот суд во Битола навел дека на тужителот не му било дадено можност да расправа пред судот од причини што барал одлагање на расправата поради одење на хемодијализа, а Судот одлучувал во негово отсуство, како и тоа што предлагачот немал можност да ги презентира новите документи, уплатници и картици кои предлагачот не можел да ги истакне во претходна постапка.
Решението подносителот го добил лично на 15 март 2011 година.
Основниот суд во Битола на 19.10.2011 година,а во врска со предлогот за повторување на постапката по предметот ПП-21/10 донел Решение со кое предлогот на тужениот Љупчо Наумов од Битола за повторување на постапка завршена со правосилна пресуда П.бр.552/2000 од 23.05.2007 година, се одбива како неоснован и се задолжува тужениот да ги надомести трошоците на тужителот во износ од 95.387,00 во рок од 15 дена.
На расправата на која присуствувал тужениот, Судот утврдил дека доставените докази за кој тужениот сметал дека се нови и не се однесуваат на спорниот период туку после тоа, како и тоа дека предложениот доказ за графолошко вештачење за утврдување на фактот дали потписот е негов, немал квалитет на нов доказ, ниту пак доказот и кога би бил приложен во претходната постапка би се донела поповолна одлука.
Видно од доставницата подносителот на предлогот, Решение на Основниот суд во Битола од 19.10.2011 година, по предметот ПП.бр.21/2010 го примил на 2.11.2011 година.
Незадоволен од одлуката на Основниот суд во Битола тужениот навремено изјавил жалба со која решението го побива по сите основи од член 342 од Законот за парничната постапка.
Апелациониот суд во Битола со решение ГЖ.бр.3351/11 од 12.03.2012 година донел Решение со кое жалбата на тужителот се одбива како неоснована, а Решението ПП.-21/10 од 19.10.2011 година се потврдува.
По повод Решението на Апелациониот суд во Битола, подносителот – тужен Љупчо Наумов поднел повторно жалба до Основниот суд Битола. Основниот суд во Битола по предметот ПП-21/10 од 17.04.2012 година вон расправа донел Решение со кое жалбата на тужениот Љупчо Наумов од Битола против Решението на Апелациониот суд во Битола ГЖ.бр.3351/11 од 12 март, се отфрла како недозволена.
Решение е доставено лично на тужениот на 25.04.2012 година.
Незадоволен од наведеното решение подносителот во предвидениот рок поднел жалба до Апелациониот суд во Битола. Апелациониот суд во Битола со Решение ГЖ.бр.1793/12 на 12.11.2012 година ја одбил жалбата како неоснована, а Решението на Основниот суд во Битола ПП-21/10 од 17.04.2012 година го потврдил.
Видно од доставницата тужениот Решението ГЖ.бр.1793/12 го примил на 27.11.2012 година.
Незадоволен од постапката што се водела пред судовите во Битола како и постапката пред Врховниот суд, тужениот на 1 март 2013 година до Уставниот суд на Република Македонија поднел барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот со кое барање смета дека со Пресудата на Основниот суд во Битола П.бр.552/2000 од 23.05.2007 година и Пресудата на Апелациониот суд ГЖ.бр.3138/2007 од 15.05.2008 година му била повредена слободата на мислата и јавно изразување на мислата, како и тоа дека тој бил дискриминиран по основ на социјална припадност.
4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Од наведените деловнички одредби произлегува дека основ за постапување на Судот во постапката за заштита на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, освен постоење на конечен или правосилен поединечен акт со кој се наведува дека се повредуваат некои од наведените слободи и права, е барањето за заштита до Судот да е поднесено во рок од 2 месеци, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Барањето за заштита на слободите и правата на Љупчо Наумов од Битола повредени со Пресуда на Основниот суд Битола П.бр.552/2000 од 23 мај 2007 година и Пресуда на Апелационен суд Битола ГЖ.бр.3138/2007 од 15 мај 2008, до Уставниот суд е поднесено на 01.03.2013 година.
Од увидот во доставената документација Судот утврди дека подносителот на барањето за заштита на слободите и правата ги искористил редовните и вонредните правни лекови во врска со спорот по основ на долг, како и тоа дека тој го пропуштил рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на правосилен и конечен акт, од кои причини постојат процесни пречки за постапување по барањето, односно се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на барањето.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.34/2013
9 мај 2013 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски