У.бр.32/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 мај 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на насловот „Приговорот против неправилности при извршување“ и членот 77 ставови 5 и 8 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013) и на Табела 2 точка 19 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2011).

2. Душко Чангов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот за извршување и Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите, не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, според кои како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото. Воедно, не биле во согласност и со членот 98 од Уставот, со кој е уредено дека судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Bo иницијативата е наведено дека со оспорените законски одредби законодавецот еднострано уредил претседателот на судот да ги отфрла приговорите како недозволени во случаите кога извршителот не преземал дејствија за извршување, а да ги цени приговорите само кога биле преземани дејствија од страна на извршителот, па оттука произлегувало незадоволство кај доверителите бидејќи за пропуштање на постапките и за молчење во работата, не можело да се приговора. Исто така, немало потреба од извршителот да се бара одговор по однос на приговорот, за кој наплатувал 45 евра според оспорената тарифа, со оглед на тоа што приговорот бил насочен токму против извршителот.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оцена на уставноста на оспорените акти.

3. Судот на седницата утврди дека под насловот „Приговор против неправилности при извршување“ во членот 77 ставови 5 и 8 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013), било предвидено дека приговорот се доставува до странките, учесниците и извршителите на одговор, заедно со поканата во која се утврдени датумот и времето на сослушување на странките и учесниците пред судот, ако е утврдено тоа (став 5), и претседателот на судот со решението со кое го усвојува приговорот ги утврдува сторените неправилности и ги става вон сила преземените извршни дејствија (став 8).

Судот, исто така утврди дека Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2011) во Табелата 2 точка 19 предвидувала цена од 45 евра за составување на одговор на приговор кој се наплаќал од страна на извршителот.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорените законски одредби од член 77 ставови 5 и 8 биле содржани во Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013).

Собранието на Република Македонија донело нов Закон за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016), според кој во членот 269 е утврдено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јануари 2017 година.

Со членот 268 од овој закон е уредено дека со денот на започнување со примената на овој закон престанува да важи Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013).

Исто така, министерот за правда донел Тарифа за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите број 1-4725/4 од 30 декември 2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.226/2016), во која со членот 16 е утврдено дека оваа тарифа влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе отпочне да се применува со денот на отпочнување на примената на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016). Имено, оваа тарифа започнала да се применува од 1 јануари 2017 година како и новиот Закон за извршување.

Во членот 15 од Тарифата, утврдено е дека со отпочнувањето на примената на оваа тарифа престанува да важи Тарифата за наградата и надоместокот на другите трошоци за работата на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2011)

Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека во случајов со иницијативата се оспоруваат одредби од Законот за извршување и Тарифата за награда и надоместок на други трошоци за работа на извршителите, кои не се во правниот поредок на Република Македонија, поради што постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски

У.бр.32/2017
17 мај 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски