У.бр.32/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 24 април 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Цветанка Малческа од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, социјална и политичка припадност, за кои смета дека и´ се повредени со Пресудата РОЖ бр. 2139/12 од 06.12.2012 година на Апелациониот суд Скопје.

2. Цветанка Малческа од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, социјална и политичка припадност.

Во барањето се наведува дека со Пресуда РОЖ бр. 2139/12 од 06.12.2012, година, Апелациониот суд во Скопје, извршил дискриминација спрема барателката Цветанка Малческа од Скопје, на начин што по повод поднесени жалби против Пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје РО.бр. 684/11 од 11.04.2012 година, а во врска со правната работа по тужба од барателката, против туженото Основно училиште “Лазо Ангеловски” Скопје, Апелациониот суд ја преиначил првостепената пресуда и пресудил во корист на тужената страна.

Барателката смета дека со погоре наведената судска одлука, второстепениот суд сторил повреда на уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, односно истата ја дискриминирал по основ на пол, социјална и политичка припадност од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Причините за дискриминација, барателката ги образложува со пресудувањето на Судот во корист на тужената страна, односно со наводи дека судовите во други постапки од работен однос, конкретно исплата на надоместоци од работен однос, досудувале во корист на тужителите кога работодавачите неправилно им пресметувале плата, што не било случај и со работниот спор за надомест на разлика во плата, која таа го водела.

Од наведените причини, барателката смета дека Апелациониот суд дискриминаторски се поставил спрема неа, поради што бара заштита на нејзините слободи и права по наведените основи, како и поништување на Пресудата од Апелациониот суд во Скопје.

3. Од увидот во доставената и прибавена документација произлегува дека барателката е во работен однос како наставник во Основното училиште “Лазо Ангеловски” Скопје. За учебната 2009/10, од страна на директорот како законски застапник на училиштето, на барателката и бил доделен неделен фонд од 16 наставни часови, односно четири часа помалку од вкупно 20 часа неделно, колку што дотогаш и биле доделувани согласно Законот за основното образование. Незадоволна, барателката побарала писмено образложение од директорот за таквата распределба на часовите, кој писмено и одговорил дека постапувал во рамките на неговите овлстувања и согласно членот 130 од Законот за основното образование, со правна поука дека на одговорот има право да поднесе приговор до Училишниот одбор.

Барателката поднела приговор до Училишниот одбор, кој го усвоил приговорот, но без задолжување за директорот за преземање конкретни мерки во врска со начинот на распределбата на часовите. Барателката поднела барање до директорот за спроведување на одлуката од училишниот одбор, но писмено од негова страна повоторно била известена дека при распределбата на часовите за предметниот период, постапувал согласно со Законот за основното образование, конкретно со членот 130 од Законот.

Претставка по повод таквата распределба на часовите, барателката, поднела и до Државниот просветен инспекторат при Министерството за образование и наука, градоначалникот на Општина Аеродром и Народниот правобранител.

Барателката водела и спор против Основно училиште “Лазо Ангеловски” Скопје, за право од работен однос, дискриминација и мобинг, како и за исплата на разлика во плата до полн фонд на часови за периодот од 01.09.2009 година до донесување на пресудата.

Постапувајќи по тужбеното барање, Основниот суд Скопје II Скопје, со Пресуда 1РО 1057/09 од 02.07.2010 година, во целост го одбил тужебеното барање поради недостиг на пасивна легитимација на страната на тужениот, со образложение дека погрешно тужителката ја насочила тужбата кон туженото Основно училиште “Лазо Ангеловски” Скопје, како работодавец на тужитлеката, а која согласно дефиницијата на мобинг од Законот за работни односи, требало да биде насочено кон едно или повеќе физички лица извршители на психичко вознемирување на работно место, а не спрема Основното училиште.

Барателката ја обжалила првостепената пресуда, при што Апелациониот суд во Скопје со Пресуда РОЖ.бр. 96/11 од 03.03.2011 година, по однос на тужбеното барање за утврдување на постоење на дискриминација и мобинг, ја одбил жалбата од тужителката како неоснована и ја потврдил обжалената пресуда во тој дел, со образложение дека правилно првостепениот суд постапил кога го одбил тоа тужбено барање поради немање на пасивна легитимација на страната на туженото Основното училиште “Лазо Ангеловски” од Скопје, со оглед дека во случајот тужено е правно лице, а не физичко лице, одговорно лице или работник односно поединец или група.

Во останатиот дел, односно во делот од тужбеното барање за исплата на разлики во плати, Апелациониот суд, ја укинал првостепената пресуда и предметот го вратил на повторно одлучување, со напатствија судот, врз основа на предложени и изведени докази, мериторно да се впушти во основаноста на тужбеното барање, со образложение дека не може да се прифати дека тужениот Основното училиште “Лазо Ангеловски” од Скопје, нема пасивна легитимација за тоа тужбено барање.

Барателката во барањето наведува дека додека предметот бил по жалба во Апелациониот суд, тужениот постапил по дел од тужбеното барање и и´ овозможил да работи толку часови колку што било предвидено со Законот за основното образование, како и дека заради новонастанатата ситуација, го повлекла тужбеното барање во делот со кој барала да и се определат минимум 20 работни часови неделно, бидејќи директорот и го вратил законскиот минимум на часови, со тоа што го прецизирала тужбеното барање само на барање за исплата на разлика во плати за периодот од 01.09.2009 до 31.08.2010, во кој период таа работела со 16 часа неделно, а не со законскиот минимум од 20 часа неделно.

Првостепениот суд, при повторното одлучување, со Пресуда 1РО 684/11 од 11.04.2012 година, го уважил прецизираното тужбено барање од барателката, со тоа што ја задолжила тужената страна да и ги исплати бараните износи на име разлика во плати за прецизираниот период со законска затезна камата, како и задолжување за тужениот за уплата на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, согласно изготвен вешт наод.

Незадоволна од првостепената пресуда останала тужената страна, односно Основното училиште “Лазо Ангеловски” од Скопје, кое ја обжалило истата поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право.

Во жалбената постапка, второстепениот суд нашол дека жалбата од тужениот е основана, односно дека првостепениот суд погрешно го применил материјалното право кога го усвоил тужбеното барање од тужителката Цветанка Малческа. Имено, во услови кога првостепениот суд утврдил дека тужителката во периодот од 01.09.2009 до 31.08.2010 година, имала вкупен фонд на часови 16, за кои и биле исплатени плати и придонеси, второстепениот суд не прифатил дека на тужитлеката и следува разлика во плати и придонеси до предвидените 20 часови, бидејќи истата изработила 16, а не 20 наставни часови, па според тоа таа немала право на разлика за неизработени часови.

Поради тоа Апелациониот суд во Скопје, со Пресуда РОЖ бр. 2139/12 од 06.12.2012 година, ја преиначил првостепената Пресуда 1РО 684/11 од 11.04.2012 година на Основнито суд Скопје II Скопје, одбивајќи го тужбеното барање од тужителката како неосновано.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Подносителката Цветанка Малческа, во барањето наведува дека во работен спор кој се водел пред Основниот суд Скопје II Скопје, било прифатено нејзиното тужбено барање и одлучено во нејзина корист, меѓутоа, во жалбена постапка пред Апелациониот суд Скопје, второстепениот суд одлучувајќи по жалбата на тужениот, ја преиначил првостепената одлука, на начин што го одбил нејзиното тужбено барање за надомест на име разлика во плати.

Барателката смета дека Апелациониот суд во Скопје, со донесувањето на второстепената одлука со која го одбил нејзиното тужебено барање, дискриминаторски се поставил, затоа што судовите во други случаи, односно постапки од работен однос, носеле одлуки за исплата на разлика во плати на работниците, доколку нивниот работодавач неправилно им ја пресметал платата или неосновано им задржал определен износ од платата. Со оглед дека барателката не успеала во судскиот спор за исплата на разлика во плати, смета дека со тоа е повреден уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, поради што бара заштита од дискриминација по основ на пол, социјална и политичка припадност од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Тргнувајќи од податоците кои треба да бидат содржани во барањето за заштита на слободи и права, а согласно цитираната деловничка одредба од членот 52 од Уставот, Судот во конкретниот случај утврди дека не se ispolneti процесниte претпоставки за впуштање на овој суд во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права, односно по барање за забрана на дискриминација на граѓаните по сите три наведени основи наведени во барањето.

Имено, вo барањето, Цветанка Малческа, како акт со кој смета дека се повредени нејзините слободи и права, посочува одлука на Апелациониот суд во Скопје, односно Пресуда РОЖ бр. 2139/12 од 06.12.2012 година. Во конкретниот случај наведениот акт, претставува акт на надлежен суд донесен во конкретна постапка за работен спор помеѓу две страни, со правна завршница од која барателката останала незадоволна, бидејќи второстепениот суд утврдил дека тужителката во периодот од 01.09.2009 до 31.08.2010 година, имала вкупен фонд од 16 часови за кои и биле исплатени плати и придонеси, поради што второстепениот суд не прифатил дека на тужителката и следува разлика во плати и придонеси до предвидените 20 часови, бидејќи истата изработила 16, а не 20 наставни часови, па според тоа таа немала право на разлика за неизработени часови.

Барателката смета дека со донесувањето на наведената пресуда со која е одбиено нејзиното тужбено барање, второстепениот суд дискриминаторски се поставил, односно дека со тоа таа била дискриминирана по основ на пол, социјална и политичка припадност.

Во конкретниот случај, барателката причините за поднесување на барањето за заштита на слободи и права што се однесуваат на забрана од дискриминација по основ на пол, социјална и политичка припадност, ги темели на незадоволството од неуспехот во спорот, а не на релевантни факти и докази дека таквото одлучување на надлежниот суд било исклучиво заради нејзината полова, социјална и политичка припадност, односно дека половата, социјалната и политичката припадност на барателката, биле единствена причина од која судот се раководел при формирањето на правното мислење при одлучувањето.

Изразот дискриминација подразбира секое разликување, исклучување по однос на остварување на некое право или остварена предност заснована врз раса, боја на кожа, пол, вероисповед, политичко мислење, национално или социјално потекло, кои доведуваат до уништување или намалување во поглед на можностите или третманот на граѓаните во определена работа во определена област, пред надлежни органи и други организации, институции или слично. Самиот статус на граѓаните по некои од наведените основи, сам по себе не имплицира дискриминација, туку нивниот нееднаков и различен третман и постапување во еднакви случаеви, а во конкретниот случај, барањето отсуствува со релевантни факти и докази за евентуално фаворизирање на некој граѓанин во остварувањето на некои слободи и права во однос на барателката, односно факти и докази дека на барателката и се намалени или воопшто исклучени можностите во остварувањето на истите слободи и права, токму поради нејзината полова, социјална и политичка припадност.

Повикувањето на подносителката на барањето, за сторена дискриминација по основ на пол, социјална и политичка припадност, со барањето не е поткрепено со правно издржани релевантни факти и докази, кои би пружиле доволна основа и причина, овој суд да се впушти во анализа по однос на прашањето дали Апелациониот суд во Скопје, различно се раководел во формирањето на правното мислење и примената на материјалното право при одлучување, исклучиво заради неговиот различен став и гледиште спрема граѓаните од различен пол, социјална или политичка припадност, односно дека причините од кој се раководел судот во одлучувањето по правната работа од барателката било резултат на нејзино дискриминирање по наведените основи, а не како резултат на правно засновани релвантни факти и докази во постапувањето и одлучувањето во врска со конкретната правна работа на барателката. Во случајов одлуката на судот на која се повикува барателката како акт за нејзина дискриминација, е исход од водена судска постапка по конкретно барање воконкретна постапка и одлучување, засновано на правна оцена на приложените факти и докази од страна на надлежниот суд.

Оттука, наводите во барањето дека одлуката на Апелациониот суд во Скопје, била донесена заради дискриминаторскиот однос на судот, а не како епилог од законито спроведена постапка, според Судот овие наводи како причини за барање за заштита на слободи и права што се однесуваат на забрана од дискриминација по основ на полова, социјална и политичка припадност, не можат да имплицираат впуштање на овој суд во испитување на евентуална повреда на слобода и права, односно заштита од дискриминација по наведените основи во барањето.

Судот ги имаше предвид наводите во барањето дека судовите во други постапки од работен однос, конкретно исплата на надоместоци од работен однос, досудувале во корист на тужителите кога работодавачите неправилно им пресметувале плата, што не било случај и со работниот спор за надомест на разлика во плата, која таа го водела, меѓутоа тоа не се аргументи за поинаков и нееднаков третман на барателката во однос на други граѓани кои се во иста правна положба како и барателката, односно аргументи за нивно фаворизирање во поглед можностите за уживање на слободи и права наспроти барателката, исклучиво поради нејзината различна полова, социјална или политичка припадност.

Имајќи ја предвид содржината на барањето во кое отсуствуваат релевантни факти и докази за сторена дискриминација по основ на пол, социјална и политичка припадност, според Судот, тоа се сведува на барање за преиспитување на одлука на надлежен судски орган. Меѓутоа, Уставниот суд не е надлежен арбитер од аспект на повисок инстанционен суд да одлучува за законитоста на конкретни акти на надлежни органи, да одлучува од аспект на воедначена судска пракса, односно не е надлежен да врши контрола на законитоста на работењето на органите.

5. Поради изнесеното, а во отсуство на процесните претпоставки за мериторно одлучување по барањето, согласно цитираните уставни и деловнички одредби, Судот оцени дека во конкретниот случај настапени се условите за отфрлање на барањето поради што одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.32/2013
24 април 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски