У.бр.32/1997

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 март 1997 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Назим Салиу од Скопје за заштита на слободите и правата по основ на верска и национална припадност.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Назим Салиу од Скопје му поднесе барање за заштита на слободите и правата по основ на верска и национална припадност. Подносителот наведува дека до Министерството за одбрана доставил барање за откуп на стан на 6 декември 1995 година и дека документите ги комплетирал на 10 мај 1996 година, што можело да се утврди од доставната поплака до министерот за одбрана и од одговорот на поплаката. Со одлука на Уставниот суд У.бр.789/96, објавена во “Службен весник на Република Македонија, бр.36 од 19 јули 1996 година, бил укинат Законот за станбено обезбедување во Југословенската народна армија. Меѓутоа, подносителот на барањето смета дека продавачот на станот бил должен по тогаш важечкиот Правилник за откуп на станови од станбениот фонд на ЈНА, да го повика да заклучи договор за откуп на станот. Подносителот смета дека со одземањето на правото да го откупи станот по Законот кој важел кога биле комплетирани документите за откуп, врз него била извршена дискриминација врз основа на верска и национална припадност од страна на овластеното лице за потпис на договорите.

4. Судот на седницата утврди дека подносителот е вработен како градежен инспектор во инспекцијата за материјално-финансиско работење на Министерството за одбрана. На 6 декември 1995 година подносителот доставил до Војна пошта 6555-Скопје барање за откуп на станот во кој живее, кое било заведено под дов.бр.09-50/725. На 22 декември 1995 година ова барање било проследено до Одделението за градежно обезбедување и станбени работи кое било надлежно за изготвување на пресметки, проценки и договори за купопродажба на становите, каде било заведено под бр.16-70/2140. На 15 февруари 1996 година Комисијата за проценки и пресметки го разгледала барањето на подносителот и приложените документи кон барањето, при што констатирала дека подносителот немал комплетна документација, односно дека кон барањето немал приложено судски заверена изјава дека ниту тој, ниту членовите на неговото потесно семејство не поседуваат стан или куќа во сопственост на територијата на Република Македонија, судски заверена изјава дека не го искористил станбениот придонес за откуп на стан од станбениот фонд на Министерството за одбрана или поранешната ЈНА, и потврда за вработеност. Истиот ден, на 15 февруари 1996 година, подносител бил известен од Комисијата дека треба во најкус можен рок да ги достави бараните документи, како би можела да се продолжи постапката за изготвување на проценка и пресметка за откуп на станот. Подносителот ја комплетирал документацијата дури на 10 мај 1996 година, при што ги замолил членовите на Комисијата да не ја изготвуваат проценката и пресметката, а со тоа и договрот за купопродажба, до завршувањето на судскиот спор кој подносителот го водел, за што дополнително ќе ги известел. После ова, подносителот се појавил во Одделението за градежно обезбедување и станбени работи дури на 21 октомви 1996 година, кога побарал да продолжи постапката за откуп на станот, меѓутоа бил известен дека постапката не може да продолжи поради тоа што со одлуки на Уставниот суд од 19 јули 1996 година биле укинати прописите врз основа на кои се вршела продажбата на становите од поранешната ЈНА.

5. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за превземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото превземање.

Од наводите во барањето произлегува дека подносителот бара заштита на правото кое се однесува на забрана на дискриминација по основ на верска и национална припадност. Подносителот смета дека ова право му е повредено со дејствие на овластено лице во Министерството за одбрана, на начин што не била продолжена постапката по неговото барање за откуп на стан според одредбите од Законот за станбеното обезбедување во Југословенската народна армија и Правилникот за откуп на становите од станбениот фонд на Југословенската народна армија.

Меѓутоа, од приложените докази кон барањето – поплака од подносителот доставена до министерот за одбрана на Република Македонија и одговорот на поплаката, не произлегува дека на подносителот му е повредено правото на забрана на дискриминација по основ на верска или национална припадност, ниту пак некое друго право или слобода од предвидените во член 110 алинеја 3 од Уставот. Имено, во одговорот на поплаката јасно се наведени причините поради кои не продолжила постапката по барањето на подносителот за откуп на станот според одредбите од Законот за станбено обезбедување во Југословенската народна армија (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/90) и Правилникот за откуп на становите од станбениот фонд на Југословенската народна армија (“Службен воен лист” бр.9/91), а тоа е укинувањето на овие прописи од страна на Уставниот суд на Република Македонија и нивно отстранување од правниот поредок сметано од 19 јули 1996 година.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.32/97)