У.бр.3/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 7 јуни 2017 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 91 став 2 во делот: „освен судскиот администратор“ од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2014, 33/2015, 98/2015 и 6/2016).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Ѓорге Поп-Кочев, адвокат од Скопје, со Решение У.бр.3/2017 од 5 април 2017 поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 на оваа одлука, поради тоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 91 став 2 во делот: „освен судскиот администратор“ од Законот за судска служба, со уставното начело на еднаквост од членот 9 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 91 став 2 од Законот за судската служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. бр 43/2014, 33/2015, 98/2015 и 6/2016), за повреда на службената должност судскиот службеник, освен судскиот администратор, одговара дисциплински.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 1 од Законот за судската служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2014, 33/2015, 98/2015 и 6/2016), со овој закон се уредуваат правата, должностите, одговорностите на судските службеници, системот на плати и надоместоци на плати на судските службеници.

Во членот 2 од Законот е определено дека судската служба ја сочинуваат судските службеници, лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи и судската полиција.

Согласно членот 3 од Законот, судските службеници се лица со статус на административен службеник кои во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичко-аналитички и материјално-финансиски работи во согласност со овој и друг закон. Судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон и колективните договори.

Според член 4 од Законот, судските службеници работите утврдени со закон ги извршуваат врз основа на начелата на законитост, професионалност, стручност и компетентност, одговорност, ефикасност, професионална етика, непристрасност и објективност, сервисна ориентираност, транспарентност и доверливост, спречување судир на интереси и економичност.

Во членот 7 од Законот за судските службеници работните места на судските службеници се класифицираат во четири категории, и тоа:
категорија А – судски администратор,
категорија Б – раководни судски службеници,
категорија В – стручни судски службеници и
категорија Г – помошно-стручни судски службеници.

Според член 8 од Законот, за судските службеници, нивоата во рамките на категориите дополнително се опишуваат со звање и тоа:
А1 – судски администратор во Врховниот суд на Република Македонија,
А2 – судски администратор во Вишиот управен суд, Управниот суд, апелационите судови, основните судови со проширена надлежност,
Б1 – самостоен судски советник,
Б2 – раководител на служба,
Б4 – раководител на судски оддел, раководител на судско одделение, раководител на оддел и раководител на одделение,
В1 – виш судски советник, судски советник и советник,
В2 – виш судски соработник,
В3 – судски соработник и соработник,
В4 – помлад судски соработник и помлад соработник,
Г1 – самостоен судски референт и самостоен референт,
Г2 – виш судски референт;
Г3 – судски референти и референт и
Г4 – помлад судски референт и помлад референт

Според членот 9 од Законот за судската служба, во рамките на категоријата А се утврдуваат следниве нивоа на работни места на секретар:
А1 – Судски администратор од прво ниво и
А2 – Судски администратор од второ ниво.

Според ставот 2 на истиот член од Законот, судски администратор се избира во Врховниот суд на Република Македонија, Вишиот управен суд, Управниот суд, апелационите судови и основните судови со проширена надлежност, Според ставот 3, судскиот администратор од ставот (2) на овој член, од редот на судските службеници од категоријата Б во постапка за вработување преку јавен оглас го избира претседателот на судот и истиот треба да ги исполнува посебните услови за работното место за нивото Б1 на раководни судски службеници.

Надлежностите на судскиот администратор се утврдени во член 16 од Законот за судската служба според кој судскиот администратор :
– раководи со судската служба,
– одговорен е за остварување и вршење на стручните и административно-техничките работи на судот,
– врши работи од судската управа во рамките на својот делокруг на работа утврдени со овој закон , Судскиот деловник и други прописи и подзаконски акти и
– соработува со претседателот на судот во вршењето на работите од судската управа кои се во делокругот на работите на претседателот на судот.

Како раководител на стручната служба на судот судскиот администратор има определени овластувања поврзани со вработувањето на судските службеници, нивната мобилност и унапредување, а согласно членот 87 од Законот за судските службеници тој го врши оценувањето на судските службеници, а тој самиот подлежи исто така на оценување кое што го врши претседателот на судот.

Согласно членот 95 од Законот за судска служба, дисциплинските мерки против судскиот службеник ги изрекува судскиот администратор, односно претседателот на судот во кој не е избран судски администратор, а по претходен писмен извештај од непосредно претпоставен судски службеник или судија со кој работи.

6. Од наведените одредби од Законот за судската служба произлегува дека судскиот администратор е судски службеник кој раководи со судската служба и кој како раководител на стручната служба во судот има определени посебни обврски и одговорности кои се поврзани со судската управа и работните односи на судски службеници со кои тој раководи. Меѓутоа, посебните обврски и одговорности на судскиот администратор според мислењето на Судот, не го менуваат статусот на судскиот администратор како судски службеник, статус кој јасно произлегува од одредбите од членот 7, 8 и 9 од Законот за судска служба. Како судски службеник и судскиот администратор е должен да ги извршува работните обврски стручно, законито, професионално и компетентно и тој треба да одговара за извршување на неговите должности. Посебните обврски и одговорности што ги има судскиот администратор како раководител на стручната служба во судот не можат да претставуваат основ за негово исклучување од дисциплинска одговорност на која што подлежат другите судски службеници, со оглед на тоа што и судскиот администратор како и другите службеници во судот има статус на судски службеник. Според Судот, со изземањето на судскиот администратор од секаква одговорност за непочитување на работната дициплина, стручното и совесно вршење на службената должност, судскиот администратор се става во привилегирана положба во однос на другите службеници во судот кои исто така имаат статус на судски службеници. Од друга страна пак, со неговото изземање од дисциплинска одговорност, на судскиот администратор му се оневозможува тој да ја користи правната заштита од членот 105 од Законот за судска служба, односно му е оневозможено правото на жалба во постапката за одговорност на судските службеници, со што тој на определен начин е ставен во понеповолна положба во споредба со другите судски службеници.

Судот исто така смета дека одговорноста на секој вработен во државните органи пред законот претставува составен елемент на принципот на владеењето на правото, така што изземањето на одделни категории на лица од одговорност, претставува повреда на уставното начело на владеењето на правото.

Поради наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од член 91 став 2 во делот: „освен судскиот администратор“ од Законот за судска служба не е во согласност со принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со уставното начело на еднаквост од членот 9 од Уставот на Република Македонија.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.3/2017
07.06.2017 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски