У.бр.3/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 15 февруари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр.160/ 2014).

2. ДОО „Транс-Аг“- с.Франгово-Струга и други 10 правни лица до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативaта, оспорената одредба на член 40-а од законот во целост била спротивна со владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија бидејќи концесијата за експлоатација на минерални суровини за потребите за изградба на државни патишта се доделувала без спроведување на постапка за издавање на дозвола за експлоатација, која пак била задолжителна за останатите субјекти. Во иницијативата се цитираат одредби од членот 55 од овој закон со кои биле уредени условите за поднесување на барање за издавање на дозвола за експлоатација, формата и содржината на истото и тоа дека истите биле еднакви за сите концесионери.

Во иницијативата е наведено дека за да се добие концесијата за експлоатација на минерални суровини за потребите за изградба на државни патишта биле предвидени различни постапки за различни групи на правни лица, со добиена дозвола за експлоатација или без да се добие дозвола за експлоатација. Понатаму, во иницијативата се цитирани членовите 20 и 25 од Законот за трговските друштва со кои биле определени формите на трговските друштва и сите предвидени дејности и откако ќе биле истите исполнети сите трговски друштва станувале рамноправни субјекти во рамките на дејноста за која биле основани, стекнувале права, превземале обврски, стекнувале сопственост и други стварни права, склучувале договори и други правни работи, имале право да тужат и да бидат тужени.

Оттука, во иницијативата е наведено дека со оспорените одредби на членот 40-а од Законот за минерални суровини биле предвидени поповолни односно привилегирани услови за стекнување на исто право и затоа оспорените одредби биле во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 55 од Уставот и се предлага истата да се поништи.

3. Судот на седница утврди дека според член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр. 160/2014) по членот 40 се додава нов член 40-а кој гласи: „Доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини за потребите за изградба на државни патишта. По исклучок од членот 40 од овој закон, концесија за експлоатација на минералните суровини од членот 4 став 2 алинеи 4 и 7 од овој закон може да се доделува за потребите за изградба на државни патишта (став 1). Барањето за доделување на концесија за експлоатациј го поднесува носителот на одобрението за градба на државниот пат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини (став 2). Кон барањето за добивање концесија од ставот 1 на овој член се приложува: – одобрение за градба на објектот, издадено од надлежен орган, – елаборат со пресметка на потребни количини на минерални суровини кои се предмет на барањето за добивање на одобрението од ставот 1 на овој член, заедно со стручна оцена (ревизија) на истиот, – топографска карта во размер 1:25000 на која се нанесени координатите на граничните точки на локацијата за која се бара одобрението од ставот 1 на овој член и – план за рекултивација на просторот по завршувањето на експлоатацијата на минералните суровини (став 3). Периодот за кој се доделува концесијата од ставот 1 на овој член не може да надминува три месеци од крајниот рок утврден во одобрението за градба на државниот пат (став 4). Концесионерот не смее да врши промет со минералните суровини од концесијата од ставот 1 на овој член (став 5). За вршењето на експлоатацијата на минералните суровини од концесијата од ставот 1 на овој член се плаќа надоместок согласно членовите 74, 75 и 76 од овој закон (став 6) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини е должен во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање концесија од ставот 1 на овој член до Владата да достави предлог одлука за доделување на концесија за експлоатација (став 7). По склучување на договорот за концесија за експлоатација од ставот 1 на овој член, концесионерот не е должен да поднесе барање за издавање на дозвола за експлоатација согласно членот 55 од овој закон и може да отпочне со експлоатација на минералните суровини веднаш по склучувањето на договорот за концесија (став 8). Одлука за доделување на концесија за експлоатација за потребите за изградба на државни патишта ја донесува Владата“ (став 9).

4. Уставот на Република Македонија во членот 8 став 1 алинеи 3 и 7, утврдил дека владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија која се остварува на начин што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите. Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Во член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија е уредено дека сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита, а согласно ставот 3 на овој член, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Од сето наведено произлегува дека Уставот го регулира прашањето на третманот на природните богатства, добрата во општа употреба и односите на државата кон овие вредности кои можат да се отстапат на користење на начин и услови утврдени со закон, односно законодавецот има право да го уреди начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката се отстапуваат на користење.

Во Законот за концесии и јавно приватно партнерство („Службен весник на Република Македонија” број 6/12, 144/14, 33/15 и 104/15), во членот 1, кој гласи: Со овој закон се уредува доделувањето на концесија на добра од општ интерес и договор за воспоставување на јавно приватно партнерство, правната заштита за секое лице кое има или имало интерес за добивање на таков договор и кое ризикувало или ризикува да биде оштетено во постапката за доделување на таков договор, како и други прашања во врска со концесиите на добра од општ интерес и договорите за воспоставување на јавно приватно партнерство.

Согласно член 2 од Законот, целта на овој закон е да овозможи ангажирање за финансирање на концесија на добра од општ интерес и договор за воспоставување на јавно приватно партнерство врз основа на начелата на еднаквост, транспарентност, недискриминација, пропорционалност, меѓусебно признавање, заштита на животната средина и ефикасност во постапката за склучување на договор за концесија на добра од општ интерес и договор за воспоставување на јавно приватно партнерство, како и квалитетно и ефикасно вршење на работите и услугите од склучениот договор за концесија и договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство.

Во членот 1 од Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија” бр.136/2012, 25/2013, 93/2013, 44/2014 и 160/2014) меѓу другото се уредуваат условите при вршењето на геолошката експлоатација и преработката на минералните суровини.

Според член 2 став 1 од овој закон, се уредува супсидијарна примена на постапките утврдени со овој закон, односно се применуваат Законот за концесии и јавно приватно партнерство, Законот за општа управна постапка, Законот за безбедност и здравје при работа и Законот за животната средина, доколку со овој закон поинаку не е уредено.

Согласно со член 39 став 1 од Законот за минерални суровини, концесијата за експлоатација на минерални суровини се доделува за период до 30 години, а во зависност од утврдените рудни резерви на минерални суровини дадени во елаборатот од извршените геолошки истражувања, со можност за продолжување за период од 30 години.

Според член 40 ставови 1 и 3 од овој закон, концесијата за експлоатација на минерални суровини се доделува врз основа на јавен повик и врз основа на барање под услови утврдени со овој закон и Законот за концесии и јавно приватно партнерство, а постапката за доделување на концесијата за експлоатација од ставот 2 на овој член ќе се спроведе согласно со членот 42 од овој закон.

Со член 42 став 1 од Законот, е уредено дека концесија за експлоатација на минерални суровини се доделува врз основа на барање од сопственикот на резултатите од извршените детални геолошки истражувања. Во случај кога барањето за доделување на концесија за експлоатација се поднесува од барателот кој е сопственик на резултатите од извршените детални геолошки истражувања од ист степен на истраженост од две или повеќе концесии за детални геолошки истражувања кои непосредно граничат меѓусебно, се доставува едно барање за доделување на концесија за експлоатација (став 2). Барањето за доделување на концесија од ставовите 1 и 2 на овој член се поднесува до органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини најдоцна во рок од 120 дена, сметано од денот на истекот на концесијата за детални геолошки истражувања (став 3).

Согласно член 59 став 1 од Законот за градење (130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 70/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/ 2014, 44/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016) постапката за издавање на одобрение за градење се води согласно со одредбите на Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено. За добивање на одобрение за градење инвеститорот поднесува писмено барање до надлежниот орган од членот 58 на овој закон со потребна документација утврдена со овој закон.

Според член 2 од Законот за јавните патишта (84/2008, 52/2009, 114/2009, 124/2010, 23/2011, 53/2011, 44/2012, 168/2012, 163/ 2013, 187/2013, 39/2014, 42/2014, 166/2014, 44/2015, 116/2015, 150/2015, 31/2016, 71/2016 и 163/2016) јавните патишта се добра во општа употреба и се користат под услови и на начин утврдени со овој закон. Согласно член 11 од овој закон, изградбата на дел од јавен пат може да биде предмет на концесија или јавно приватно партнерство под услови утврдени со Законот за концесии и јавно приватно партнерство.

Оттаму, наводите во иницијативата дека за да се добие концесијата за експлоатација на минерални суровини за потребите за изградба на државни патишта, биле предвидени различни постапки за различни групи на правни лица, со добиена дозвола за експлоатација или без да се добие дозвола за експлоатација, се неосновани.

Според Судот, законодавецот одредил дека по исклучок од членот 40 од овој закон, концесија за експлоатација на минералните суровини од членот 4 став 2 алинеи 4 и 7 од овој закон може да се доделува за потребите за изградба на државни патишта (став 1). Периодот за кој се доделува концесијата од ставот 1 на член 40-a не може да надминува три месеци од крајниот рок утврден во одобрението за градба на државниот пат (став 4). Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини е должен во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање концесија од ставот 1 на овој член до Владата да достави предлог одлука за доделување на концесија за експлоатација (став 7). По склучување на договорот за концесија за експлоатација од ставот 1 на овој член, концесионерот не е должен да поднесе барање за издавање на дозвола за експлоатација согласно членот 55 од овој закон и може да отпочне со експлоатација на минералните суровини веднаш по склучувањето на договорот за концесија (став 8). Одлука за доделување на концесија за експлоатација за потребите за изградба на државни патишта ја донесува Владата“ (став 9). Согласно наведените законски одредби законодавецот предвидел можност концесијата за експлоатација на минералните суровини да се додели и да започне процесот на експлоатација за потребите за изградба на државни патишта која се доделува за период кој не може да биде поголем од три месеци од крајниот рок утврден во одобрението за градба на државниот пат.

Тргнувајќи од изнесените законски одредби Судот утврди дека Законот за минералните суровини прави разлика во условите за доделување на концесија во зависност пред се од видот на минералната суровина која се експлоатира, и особено од периодот на експлоатација. Така постојат концесии чиј рок на експлоатација е до 30 години и период на експлоатација до три месеци, како што е случајот со оспорената одредба. Оваа концесија се доделува само за неметалични минерални суровини, песок и чакал кои не се наоѓаат на коритата и бреговите на површинските водни тела (водотоци, езера и акумулации) и собираниот кварц. Оттука, секое правно лице како инвеститор по поднесено писмено барање за градење до надлежниот орган, со потребната целокупна документација и по добиеното одобрение за изградба на државен пат може да биде предмет на доделување на концесија или јавно приватно партнерство под услови утврдени со Законот за концесии и јавно приватно партнерство, а во врска со одредбите од Законот за градење и Законот за јавните патишта.

Имајќи го во предвид наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од член 40-а од Законот за минерални суровини е во согласност со член 8 став 1 алинеји 3 и 7 и член 55 од Уставот од кои произлегува дека владеењето на правото и начелото на еднаква правна положба на субјектите на пазарот се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.3/2016
15.02.2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски