У.бр.30/1996

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 11 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јуни 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 10 од Законот за трговијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.23/95,30/95 и 43/95).

2. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Упатството за постапката за издавање на одобрение за адаптација (пренамена) и за решение за употреба на адаптација (пренамена) на постојните објекти со што се адаптира (пренаменува) одреден простор за вршење на соодветна дејност, донесено од министерот за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, на 7 април 1995 година, а објавено во (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/96).

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Валентино Софијанов од Титов Велес му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 10 од Законот означен во точката 1 од ова решение и за оценување уставноста и законитоста на Упатството означено во точката 2 од ова решение, затоа што тие содржеле повратно дејство и биле ретроактивно применувани, што не било во согласност со член 52 од Уставот, а Светозар Георгиевски од Скопје поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Упатството означено во точката 2 од ова решение, затоа што тоа било донесено без адекватен уставен и законски основ, односно министерот немал овластување за негово донесување, што не било во согласност со Уставот и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека според член 10 став 1 од Законот за трговијата, за вршење на трговија, трговецот мора да обезбеди продажните објекти во кои се врши трговија на големо и мало, да ги исполнуваат пропишаните минимално-технички и хигиенско-санитарни услови, по претходно извршен технички преглед и добиена употребна дозвола за објектот. Според ставот 2 на овој член, покрај условите од став 1 на овој член, трговецот мора да обезбеди продажните објекти да ги исполнуваат и условите пропишани со Закон за инвестициона изградба на објекти, за заштита при работа, заштита и унапредување на животната средина, противпожарна заштита и заштита од бучавата. Со ставот 3 на овој член е предвидено минимално-техничките услови да ги пропишува Министерот за стопанство, а според ставот 4 на овој член на Законот, хигиенско-санитарните услови ги пропишува Министерот за здравство.

Со оспореното упатство се пропишува постапката според која треба да се одвива издавањето одобренија и решенија за адаптација (пренамена) на постојните објекти за вршење на соодветна дејност.

5. Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случај кога тоа е поповолно за граѓаните.

Тргнувајќи од тоа дека, како со целината на Законот за трговијата, така и со оспорената одредба, се уредуваат условите и начинот на вршење на трговија, усогласувајќи ги тие односи и прашања, кои и до сега биле уредени со законот што престанал да важи, со новиот уставно-правен поредок на Република Македонија, и почитувајќи го притоа, принципот за стечени и остварени права кои не се во директна спротивност со новите односи, дека тие односи систематски се уредуваат и се однесуваат на сите оние физички и правни лица што вршат трговија и дека во конкретниот случај, според мислењето на Судот, со оспорената одредба се определуват условите што трговецот мора да ги обезбеди за продажните објекти во кои се врши трговија на големо и мало, односно се дава овластување за поблиско нивно пропишување, Судот оцени дека оваа одредба не содржи повратно дејство, поради што не се постави прашањето за нејзината согласност со член 52 став 4 од Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата, дека оспорената одредба од страна на Министерството за стопанство и Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, ретроактивно се применувала, Уставнот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите.

6. Според член 8 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Носител на законодавната власт, според член 61 од Уставот е Собранието на Република Македонија, кое, според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, донесува закони и дава автенично толкување на законите. Носител на извршната власт, според член 88 од Уставот е Владата на Република Македонија, која согласно член 91 од Уставот, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите. Според член 95 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон. Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Од наведените уставни одредби, произлегува дека организацијата и работата на органите на државната управа, а во тие рамки и нивните надлежности, се утврдуваат со закон, имајќи ја предвид нивната уставна положба, како дел од извршната власт.

Според член 2 став 1 од Законот за органите на управата, функциите на управата во рамките на правата и должностите на Републиката ги вршат министерствата и другите органи на управата, а според член 4 од овој закон, тие, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законот. Според член 19 став 2 од Законот, покрај дригите работи за кои се овластени, органите на управата донесуваат прописи за извршување на законите, другите прописи и општи акти, кога за тоа се овластени со закон, друг пропис и општ акт. Таквите овластувања за функционерите кои раководат со органите на управата да донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите, се утврдени и во член 160 од Законот, но само ако за тоа се овластени со тие закони, прописи односно акти. Со член 161 од Законот се определува содржината на правните акти на органите на управата, при што со ставот 3 од овој член, се уредува дека со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и другите прописи и општи акти, а со член 164 од Законот се потенцира дека со прописите на функционерот кој раководи со органот на управата не можат за граѓаните, претпријатијата, установите и за другите организации и заедници да се установуват права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на органите.

Од наведените законски одредби произлегува дека органите на државната управа можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуваат законски одредби заради нивно извршување, при што законот на чие извршување тие се однесуваат, мора да ги содржи основите за уредување на односите, како и рамките на овластувањето на органот на државната управа.

Во конкретниот случај, за донесување на оспореното упатство, во услови на немање на основ од материјален закон, министерот за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, се повикува на член 138 од Законот за органите на управата, не почитувајќи го и делот од одредбата на овој член, според кој тој може да донесува прописи и други акти, но за кои е овластен.

Тргнувајќи од напред наведеното, според мислењето на Судот, оспореното упатство е донесено без посебен законски основ и е надвор од овластувањата што ги имал неговиот донесувач, поради што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот, Законот за органите на управата и Законот за трговијата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.30/96)