У.бр.28/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 17 мај 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 во делот: „или за консултирање на граѓаните“ и став 3, член 27 и член 28 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005).

2. Тодор Петров од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од член 8 став 1, член 8 став 3, член 27 и член 28 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Иницијативата започнува со барање за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби заради тоа што постоел ризик од отфрлање на граѓанската иницијатива пред Собранието на Република Македонија за поднесување на предлог за измена на Уставот на Република Македонија, предлагање за донесу-вање на закон и за распишување на референдум на државно ниво.

Во натамошниот тек на иницијативата се цитираат членовите 2, 51, 68 и 73 од Уставот, како и оспорените законски одредби.

Врз основа на цитираните уставни одредби подносителот на иницијативата заклучува дека Уставот утврдил дека власта не се остварува само со демократски избрани претставници, туку и по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Референдумот претставувал „истоважен“ облик на остварување на власта, покрај демократските избрани претставници и другите облици на непосредно изјаснување. Дури и мандатот на демократски избраните претставници произлегувал од граѓаните, од каде Собранието не можело со закон да го ограничува референдумот, а ексклузивното право за сите прашања да го задржи само за себе.

Референдумот бил операционализиран во членот 73 од Уставот, а во него не било утврдено ограничување на прашањата за кои може да се распише, а за кои не може да се распише референдум. Затоа неуставно било со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните да се определува за кои прашања не може да се распише референдум, како што било утврдено во членот 28 од наведениот закон.

Во членот 73 од Уставот било утврдено дека донесената одлука на референдум е задолжителна, од каде било неуставно со наведениот закон да се определува дека одлуката донесена на консултативен референдум (оспорени член 8 и член 27) не е задолжителна. Уставот не утврдил референдум за одлучување и референдум за консултирање, ниту можност донесената одлука на референдум да биде незадолжителна, независно како тој е именуван.

Оттаму, оспорените законски одредби не биле во согласност со член 2 став 1, член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 68 став 1 алинеја 9 и член 73 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата, утврди дека според член 8 став 1 од Законот, референдумот се распишува заради одлучување на граѓаните или за консултирање на граѓаните.

Одредбата се оспорува во делот: „или за консултирање на граѓаните“.

Во став 3 на член 8 од Законот се определува дека, одлуката донесена на референдум за консултирање не е задолжителна.

Според член 27 од Законот, за претходно консултирање на граѓаните за прашања од пошироко значење за Република Македонија може да се распише референдум на државно ниво за консултирање на граѓаните (референдум за консултирање).

Во член 28 став 1 од Законот е определено дека, референдум на државно ниво не може да се распише за прашања што се однесуваат на Буџетот на Република Македонија и завршната сметка на Буџетот, за јавните давачки, за резервите на Република Македонија, за прашања на изборите, за именувањата и разрешувањата и за амнестијата.

Во оспорениот став 2 од истиот член се определува дека референдум на државно ниво не може да се распише за прашања што се однесуваат на одбраната, воена и вонредна состојба и за уредбите со законска сила донесени за време на воена или вонредна состојба.

Според став 3 на член 28 од Законот, референдум на државно ниво не може да се распише за прашања за кои Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај оспорените одредби, во повеќе наврати, биле предмет на оценување од страна на Уставниот суд на Република Македонија и тоа врз основа на скоро идентични наводи по повод иницијативи на Тодор Петров и други лица.

Судот со решение У.бр.197/2005 од 13.09.2006 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 28 став 3 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005). По повод иницијатива на Светски Македонски конгрес Судот со решение У.бр.260/2009 од 26.05.2010, не повел постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 во делот:„ или за консултирање на граѓаните“ и став 3, член 9 став 1 алинеја 6 сврзникот: „и“ и алинеја 7, член 19 и член 27 од истиот закон. Со решение У.бр.51/2013 од 08.04.2015 година, Судот, исто така по повод иницијатива на Светски Македонски конгрес, не повел постапка за оценување на уставноста на член 28 ставови 1 и 2 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005) и ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 28 став 3 од истиот Закон. Судот со решение У.бр.16/2015 од 23.09.2015 година ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1, во делот: „или за консултирање на граѓаните“ и став 3, член 27 и член 28 ставовите 1, 2 и 3 од означениот закон.

Со оглед дека Судот веќе одлучувал за согласноста на оспорените одредби со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата, а нема основи за поинакво одлучување произлезе дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

Оттаму, не се исполнети и условите за донесување на решение, согласно член 27 од Деловникот на Судот, за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.28/2017
17 мај 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски