У.бр.273/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 ноември 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 8-в став 2 алинеја 1 и став 3, член 8-г став 2 алините 1 и 2, и член 24-а став 6 алинеја 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 127/2006, 114/2009 и 83/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување на уставноста на членовите наведени во точката 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените членови со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 8-в став 2 алинеја 1 од Законот,покрај другото, е предвидено дека финансиската состојба за добивање на лиценца се докажува и врз основа на „Потврда од надлежен орган за намирени јавни давачки спрема државата и платени придонеси за осигурување (здравствено, пензиско и инвалидско) за последните шест месеца од денот на поднесување на барањето, која не смее да биде постара од еден месец”.

Во оспорениот член 8-в став 3 од Законот, беше предвидено дека солидна финансиска состојба нема превозник кој шест месеца едно по друго не ги намирил јавните давачки спрема државата и не ги платил придонесите за осигурување (здравствено, пензиско и инвалидско), се до влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај (Службен весник на Република Македонија бр. 83/2010).

Во членот 5 од измените на Законот, меѓу другото е предвидена нова содржина на оспорениот член 8-в став 3 која гласи:

”Солидна финансиска состојба има превозник кој нема ненамирени обврски по основ на јавни давачки спрема државата за период од последните шест месеци од денот на издавањето на потврдата од надлежен орган”.

Според оспорениот член 24-а став 6 алинеја 3 од Законот, во електронското барање за одобрување на возни редови за нови линии или примена на возни редови на одобрени линии превозникот пополнува задолжителни податоци за исполнување на условите (критериумите) за одобрување на возниот ред покрај другото и „за возачите во редовен работен однос кај превозникот, податоци за платени придонеси по основ на пензиско и инвалидско осигурување и здравствено осигурување согласно со закон .

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Согласно членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Тргнувајќи од тоа дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување, Судот смета дека пропишувањето на наведените услови во оспорените одредби од член 8-в став 2 алинеја 1, став 3, и член 24-а став 6 алинеја 3 значат пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми. Ваквите ограничувања со кои не може да се стекне лиценца за вршење на превоз во патниот сообраќај влијае на остварувањето на правото на работа и намалување на обемот на достапност на работа што е уставно недопуштено, поради што Судот оцени дека оспорените делови од членовите не се во согласност со Уставот.

6. Судот, понатаму утврди дека според оспорениот член 8-г став 2 алинеите 1 и 2 од Законот, добар углед согласно со овој закон немаат правните и физичките лица и одговорното лице во правното лице ако има:
– правосилна судска пресуда за кривично дело против имотот, стопанството и од областа на безбедноста во јавниот сообраќај,
– правосилна судска пресуда за други казниви дела со затворска казна подолго од една година.

7. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 3 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Согласно член 101 став 2 од Кривичниот законик правните последици од осудата можат да се предвидат само со закон.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај како и оспорениот член 8-г став 2 од Законот наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите се основани.

Оспорената одредба од член 8-г став 2 од Законот, во суштина значи разработка на условот добар углед за добивање на лиценца во патниот превоз. Според наведената одредба, добар углед немаат правните и физичките лица и одговорното лице во правното лице ако има правосилна пресуда за кривични дела од точно утврдени области, како и правосилна пресуда за други казниви дела со затворска казна подолга од 1 година.

Според Судот, во конкретниов случај, неспорно е дека станува збор за правна последица од осуда која се состои во неможноста да се исполни условот добар углед што повлекува неможност за добивање лиценца. Притоа, иако во член 8-г став 2 алинеја 1 од Законот се наведени кривичните дела од определена област, без притоа да се прецизира санкцијата, односно видот на казната, според Судот, ваквото законско решение доведува до состојба лицето да не може да добие лиценца, односно го губи условот добар углед и во случаи кога за кривичното дело од наведените области му е изречена некоја друга казна, а не само казната затвор.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека одредбата не е доволно јасна и прецизна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото.

Во однос на оспорената одредба од член 8-г став 2 алинеја 2 од Законот, исто така, Судот оцени дека таа е непрецизна, односно недоречена и остава можност изречената казна затвор за било кое кривично дело за кое е донесена правосилна пресуда да претставува трајна забрана, односно неможност за стекнување на определено право, во конкретниов случај лиценца за вршење на превозничка дејност и во случаите кога стореното кривично дело не може да се доведе во корелација со дејноста за која се бара лиценца.

Според Судот, еднаш изгубениот добар углед, со оспорената одредба во суштина значи губење на добриот углед за секогаш што е недопустливо од уставно правен аспект, поради што оцени дека оспорените законски одредби не се во согласност со Уставот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов .

У.бр.273/2009
10 ноември 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски