У.бр.264/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 ставови 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 30 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Марјанчо Ангеловски од Куманово за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, кои се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност.

2. Марјанчо Ангеловски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесe барање за заштита на слободите и правата. Со барањето подносителот бара заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесуваат на заштита од дискриминација по однос на политичка определеност, односно неопределеност, повредени со: Наредба на Министерствoто за внатрешни работи на Република Македонија број 27-2993 од 09.03.2007 и Решение на Управниот суд У.бр.665/2008 и У.бр.666/2008 година од 09.09.2009 година.

Подносителот во барањето ги наведува актите и дејствијата со кои му биле повредени слободите и правата, што довеле до тоа тој да биде прераспореден на друго работно место и поради што настанале сериозни здраствени проблеми кај него и кај членовите на неговото семејство.

Подносителот на барањето смета дека слободите и правата што се однесувале на слободно политичко уверување, односно политичко определување му биле повредени со Решението У.бр 666/08 од 09.09. 2009 година на Управниот суд со кое било отфрлено тужбенотo барањe против управен акт-Наредба на Министерствто за внатрешни работи на Република Македонија број 27-2993 од 09.03.2007, која била издадена и потпишана од страна на Зоран Величковски, началник на Секторот за внатрешни работи Куманово, со која подносителот бил задолжен за извршување на работи и работни задачи.

Наводите во барањето, исто така, се однесуваат и на решението број У.бр.665/08 од 09.09.2009 година на Управниот суд со кое било отфрлено тужбеното барање против решението број 45-724/3-07 од 14.01.2007 година донесено од страна на Комисијата за решавање во управната постапка во втор степен (кои не биле во надлежност на Агенцијата за државните службеници) од областа на работните односи при Владата на Република Македонија. Имено, ваквата одлука на судот се должела заради неговата политичка неприпадност на некоја од политичките партии од актуелната власт.

Подносителот на барањето наведува дека од страна на Управниот суд решението било донесено со погрешна примена на законските одедби од членот 299 од Законот за парнична постапка и погрешно утврдена фактичка состојба со непочитување на одредбите на членот 51 на Законот за управните спорови, член 26 и член 34 став 3 од Колективниот договор на МВР, односно со неправично судење му била извршена дискриминација по основ на неговото политичко уверување, односно политичко определување и со таквата одлука на судот му било оневозможено да ги оствари своите права по однос на штетата која му била нанесена со издавањето на незаконит управен акт на Министерството за внатрешни работи – СВР Куманово, наредба 27-2993 од 09.03.2007 година.
Во барањето се наведува дека тужбените барања ги поднел на 21.02.2008 година против првостепен управен акт.

Подносителот смета дека слободите и правата му биле повредени и со тоа што донесените одлуки-решенија не биле во согласност со темелните вредности и уставниот поредок на Република Македонија, со владеењето на правото и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право согласно член 8 алинеи 3 и 11 од Уставот на Република Македонија. Тој исто така, смета дека ваквата одлука се должела на неговото политичко уверување, односно политичко нездружување, со што била изршена дискриминација по основ на политичка припадност односно политичка неприпадност и слободно политичко уверување што било спротивно со член 9 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Подносителот во барањето предлага да биде поништено решението односно управниот акт како незаконски односно да биде прогласен за ништовен и да бидат отстранети последиците од примената на актот.

3. Судот на седницата утврди дека со Решение број 15.2-8318/1 од 13.02.2003 година на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, подносителот на барањето бил распореден на работно место виш инспектор за безбедност на патен сообраќај во одделение за полиција при СВР Куманово, кое работно место одговарало на образованието кое истиот го има, завршен седми степен – звање сообраќаен инженер на Техничкиот факултет при Униварзитетот во Битола.

Судот исто така констатира дека со Наредба за извршување на работи и работни задачи, бр. 27-2993 од 09.03.2007 година, издадена од страна на Началникот на СВР Куманово, г-дин Зоран Величковски именуваниот бил задолжен да извршува работи и работни задачи на работно место Заменик командир во ПС Матејче, се до добивање на решение, кога ќе престане да важи изготвената наредба.

Судот утврди дека со Решение број 16.4-79859/1 од 06.12.2007 година на Министерството за внатрешни работи, подносителот на барањето бил распореден во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, на работно место помошник командир во полициската станица за обезбедување на државната граница Белановце при Региналниот центар за гранични работи Север-Скопје, сметано од 10.12.2007 година. Против ова решение истиот поднел приговор до Комисијата при Владата на Република Македонија од областа на работните односи, кој со Решение бр.45-724/3-07 од 14.01.2008 година бил одбиен како неоснован.

Судот, исто така, утврди дека подносителот на барањето, на 15.02.2008 година поднел тужба до Управниот суд за поведување на управен спор против наведеното решението на Комисијата при Владата на Република Македонија од областа на работните односи, заведена во Управниот суд под бр. У.бр. 665/08.

На 21.02.2008 година, подносителот на барањето поднел нова тужба до Управниот Суд, против истото решение на Комисијата при Владата на Република Македонија од областа на работните односи и против Наредбата бр.27-2993 од 09.03.2007 година, со која бил задолжен да извршува задачи од работно место виш инспектор за безбедност на патен сообраќај на работно место заменик командир во Полициска станица Матејче при СВР Куманово, заведена во Управниот суд под У.бр.666/08.

Управниот суд, по извршениот увид во списите во предметите, извршил спојување на тужбите од причина што управно-судските предмети У.бр.665/08 и У.бр.666/08 се однесувале на исти странки и биле со ист правен основ.

Управниот суд донел Решение У.бр.665/2008 и У.бр.666/2008 година од 09.09.2009 година со кое тужбата на тужителот била отфрлена со образложение дека согласно членот 7, членот 9 став 1 точка 1 од Законот за управните спорови (“Службен весник на РМ” бр.62/06), оспореното решение и оспорената наредба не претставувале управен акт, туку се работело за одлука донесена во работите од областа на работните односи, за што судска заштита е обезбедена согласно одредбите од Законот за судовите (“Службен весник на РМ” бр.58/06), односно споровите од работните односи се во надлежност на основните судови.

Основниот суд во Куманово постапувајќи по тужбата на тужителот Марјанчо Ангеловски од Куманово за поништување на одлука за прераспоредување поднесена против Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, донел пресуда II.РО.бр.70/08 од 05.12.2008 година со која било уважено тужбеното барање на тужителот, оспореното решение и оспорената наредба биле поништени како незаконити, на тужениот му било наложено да го врати тужителот на работното место виш инспектор за безбедност на патен сообраќај на кој бил распореден со решението под број 15.2-8318/1 од 13.02.2003 година во рок од 8 дена од денот на правосилноста на пресудата а по страв на присилно исполнување. Против оваа одлука била поднесена жалба до Апелациониот суд Скопје кој донел одлука заведена под број РОЖ.466/09 од 10.09.2009 година, со која била потврдена првостепената пресуда. Врз основа на одлуката на Апелациониот суд Скопје, Министерството за внатрешни работи донело Решение бр. 18.6-74105 од 12.11.2009 година со кое именуваниот е распореден во Министерството за внатрешни работи-Сектор за внатрешни работи-Куманово на работно место виш инспектор за превенција по сообраќајни работи во ПС за БПС во СВР Куманово, сметано од 15.11.2009 година.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ги предвид наводите во барањето, произлегува дека подносителот на барањето незадоволен од одлуките на надлежните органи и судови, всушност бара Уставниот суд да постапува како инстанционо повисок суд и да утврди дека конкретните акти на органите и судовите биле неправилни и незаконити, а со тоа Уставниот суд да се впушти во оценка на нивната законитост, при што барателот заради остварување на права од работен однос (распоредување) само начелно се повикува на заштита на слободи и права пред Уставниот суд. Правата од работен однос сака да ги оствари барајќи Уставниот суд да утврди дискриминација врз основа на политичка припадност преку поништување на конкретните одлуки како незаконити.

Од означените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на судовите и другите органи, а во таа смисла ниту има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапката и одлуките донесени од овие органи по конкретни предмети на граѓаните.

Поради сето изнесено, Судот утврди дека во конкретниов случај подносителот бара од Уставниот суд уставно-судска заштита на права и интереси по конкретен предмет во надлежност на судовите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува поради што одлучи барањето да го отфрли согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски , д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.264/2009
30 декември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски