У.бр.26/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 2 јули 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 34 од Правилникот за работни односи на Друштвото за трговија на мало и големо КАМ ДООЕЛ – Скопје, донесен од органот на управување на 1 декември 2005 година.

2. Димитрија Атанасовски – адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 34 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 34 од Правилникот не бил во согласност со член 8 став 1, член 32 став 5, член 51 од Уставот како и со членовите 12 и 156 од Законот за работните односи. Ова од причина што наместо со закон или колективен договор надоместокот на штета во конкретниов случај изворно се уредувал со правилник на работодавачот.

3.Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 34 од Правилникот е предвидено дека „Раководителот на маркетот е лично одговорен за целокупната стока во маркетот. При евентуален кусок на стока во маркетот истиот се надомествува во следниов сооднос: 80% од утврдениот кусок, согласно спроведен попис и финансиски извештај во текот и резултатот на пописот го надоместува раководителот на маркет, а останатите 20% од утврдениот кусок го надоместува заменикот на раководител на маркет поради фактот што раководителот на маркет, а поретко заменикот на маркет ја примаат стоката во маркет.

4.Според членот 110 став 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Поаѓајќи од карактерот на Правилникот, како акт со кој се уредуваат меѓусебните односи на вработените во друштвото за трговија на мало и големо КАМ ДООЕЛ Скопје, произлегува дека истиот претставува конкретен, интерен акт кој има правно дејство само за субјектите на друштвото, а не за неограничен број на субјекти и како таков не подлежи на уставно-судска оцена. Со оглед на тоа што оспорениот правилник е интерен акт и истиот не е пропис кој е подобен за уставно-судска анализа, односно оцена, произлегува дека и оспорениот член 34 од истиот не може да има карактер на одредба која уредува односи за неограничен број на субјекти.

Имајќи ја предвид содржината и карактерот на оспорената одредба, како составен дел на предметниот правилник, наведената одредба од Уставот, според која Уставниот суд нема надлежност да ја оценува уставноста и законитоста на интерните акти кои намаат карактер erga omnes, настапени се деловнички претпоставки за отфрлање на иницијативата согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5.Со оглед на наведеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.26/2014
2 јули 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева