У.бр.244/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јануари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на:

– член 110а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на СРМ” бр.18/83, 4/87, 4/89, 18/89, 19/90 и 36/91)

– член 137 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на СРМ” бр.37/80) и

– законитоста на Решението за усогласување на пензиите на работниците од органите на управата надлежни за внатрешни работи за месец август 1992 година (“Службен весник на РМ” бр.57/92).

2. Благоја Талевски од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 110а и 137 од Законот означен во точката 1 од ова решение и законитоста на наведеното решение. Според наводите од иницијативата врз основа на оспорените одредби од наведените закони в.д. директорот на Фондот донел решение за усогласување на пензиите исклучиво само за важење на работници од МВР за 48,59% што не произлегува од Законот и општите прописи за усогласување на пензиите.

Со ваквиот начин на усогласување на пензиите за работниците од внатрешни, се врши дискриминација на категоријата воени пензионери на кои припаѓа подносителот, а чии пензии за месец август 1992 година се усогласени за 35,47%.

3. Судот на седницата утврди дека во член 110-а одЗаконот за измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување било предвидено дека заради остварување на поединечните и заедничките потреби и интереси на осигурениците и корисниците на правото од пензиското и инвалидското осигурување во Фондот се: спроведува политика на развој на пензиското и инвалидското осигурување која ја утврдува Собранието на РМ; се предлага преземање мерки за унапредување на системот на пензиското и инвалидското осигурување; се предлага висина на стапка на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување во согласност со Министерството за труд и социјална политика, се преземаат мерки за рационално користење на средствата потребни за обезбедување на правото од пензиското и инвалидското осигурување; се усвојува годишен извештај за работата на стручната служба на Фондот; се донесува статут на Фондот и општи акти за поблиско уредување на правата од пензиското и инвалидското осигурување; се донесува финансиски план и се усвојува завршна сметка; се донесуваат општи акти за формите и основите на организација на стручната служба на Фондот; се утврдуваат средства потребни за нејзиното работење; се уредуваат меѓусебните односи, права, обврски и одговорности на стручната служба и се даваат насоки за работа на стручнат аслужба, се утврдува организацијата и работата на стручната служба во војна, во непосредна воена опасност и други воени околности; се вршат други работи определени со закон и статут на Фондот.

Врз основа на член 110-а од наведениот закон Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на 5 февруари 1992 година донел Одлука за овластување на директорот на Фондот да донесува решение за усогласување на пензиите.

Во член 1 од Одлуката било предвидено дека се овластува директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување да донесува решение за процентот на усогласување на пензиите и другите пензиски примања за определување на граничниот износ на најнискиот пензиски процент и за определување на најнискиот износ на пензијата согласно званичните податоци за пораст на просечниот личен доход на Републиката и за загарантиран личен доход.

4. Исто така Судот утврди дека според членот 137 од Законот за внатрешни работи, на работниците на органите на управата надлежни за внатрешни работи кои ќе остварат право на пензија според одредбите на овој закон се врши усогласување на пензиите на почетокот на секоја година така што пензијата се зголемува за онолку проценти колку што во изминатата година во просек се зголемени личните доходи на работниците во органите на управата надлежни за внатрешни работи, ако тоа за нив е поповолно од усогласувањето на пензиите што се врши според општите прописи.

На начин утврден во став 1 на овој член се усогласуваат и пензиите на работниците на органите на управата надлежни за внатрешни работи кои оствариле право на пензија по посебни прописи пред влегувањето во сила на овој закон.

На работникот кој остварил право на пензија во годината која и претходи на годината во која се врши усогласување на

пензиите, пензијата се зголемува сразмерно на бројот на месеците за кои во изминатата година примал пензија.

Одредбите на овој член сообразно се применуваат и на корисниците на инвалидска пензија и семејна пензија кои остварила право на пензија според одредбите на овој закон или според посебни прописи пред влегувањето во сила на овој закон.

Усогласувањето на пензиите се врши по службена должност врз основа на извештај од Републичкиот секретаријат за зголемување на средствата за лични доходи на органите на управата надлежни за внатрешни работи во изминатата година.

5. Понатаму, Судот утврди дека врз основа на член 110а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и член 137 од Законот за внатрешни работи, а во врска со овластувањето на директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија за донесување на решение за усогласување на пензиите в.д директорот на Фондот, донел Решение за усогласув ање на пензиите на работниците од органите на управата надлежни за внатрешни работи за месец август 1992 година.

Во ова решение било предвидено дека на корисниците на пензии кои правото на пензија го оствариле заклучно до 31.12.1990 година како работници во органите на управата надлежни за внатрешни работи за месец август 1992 година пензиите им се усогласуваат според остварениот процент на платите во органите на управата надлежни за внатрешни работи во 1991 година за 48,53%.

6. Во врска со усогласувањето на пензиите на воените осигуреници Судот утврди дека врз основа на Одлуката за начинот и постапката за исплата на пензиите и другите примања на воените осигуреници кои остануваат на територијата на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.33/92) в.д. директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија донел Решение за усогласување на пензиите на воените осигуреници за август 1992 година, чии пензии се усогласуваат со 35,47%.

Пензиите за септември 1992 година ќе се усоглауваат како аконтација на висина на достигнатото ниво на пензијата за август 1992 година.

Подоцна усогласувањето на пензиите се вршело на ист начин и во ист процент за сите пензионери освен за воените осигуреници.

7. Од наведената одредба од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и член 137 од Законот за внатрешни работи произлегува дека во времето на нивното важење директорот на Фондот бил овластен да донесува решенија за усогласување на пензиите на работниците на органите на управата надлежни за внатрешни работи на поинаков начин од другите осигуреници пензионери, врз основа на кое е донесено оспореното решение.

8. Исто така Судот утврди дека со донесувањето на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на РМ” бр.80/93) во член 210 е предвидено дека со неговото влегување во сила, меѓу другите престанува да важи Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на РМ” бр.18/83, 4/87, 4/89, 18/89, 19/90, 361 и 12/93) и член 137 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на РМ” бр.37/80, 24/88, 36/90, 40/90, 36/91 и 45/91).

9. Со оглед на тоа што оспорените одредби од наведените закони престанале да важат, согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија нема процесни претпоставки за водење на постапката, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

10. По однос на решението за усогласување на пензиите на работниците од органите на управата надлежни за внатрешни работи за месец август 1992 година Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли, имајќи предвид дека тоа престанало да важи односно до донесување на новиот Закон за пензиско и инвалидско осигурување усогласувањето на пензиите се вршело на истоветен начин за сите пензионери освен за воените осигуреници за кои се донесувале посебни решенија од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, поради што се одлучи како во точката 1 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.244/2001
30 јануари 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов