У.бр.24/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 20 ноември 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Бекташиската верска заедница (во основање), Арбен Сулејмани, од с. Равен, Гостивар, Абдулмуталип Бекири од с. Здуње, Гостивар и Таџудин Идризи од Тетово за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на верска припадност, за која што сметаат дека им е сторена со Решение РЕГ.РГ бр.1/11 од 27 мај 2011 година на Основниот суд Скопје II Скопје и Решение ГЖ.бр.3967/11 од 17 ноември 2011 година на Апелациониот суд Скопје.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Бекташиската верска заедница (во основање), Арбен Сулејмани, од с. Равен, Гостивар, Абдулмуталип Бекири од с. Здуње, Гостивар и Таџудин Идризи од Тетово, преку адвокатското друштво Гоџо, Кичеец и Новаковски од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободите и правата означено во точката 1 на оваа одлука.

Според наводите во барањето, подносителите се државјани на Република Македонија чија што религиозна припадносt е бектешизмот што го практицираат подолго време во рамките на нивната заедница. Како религиозен субјект, тие пред стапувањето во сила на Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група („Службен весник на Република Македонија бр. 113/2007) имале свое устројство, свои органи, во правниот промет учествувале рамноправно со други лица и се воделе во регистарот на верски заедници и религиозни групи согласно тогаш важечките прописи, биле поканувани како верски субјект за учество на конференции и собири и комуницирале со највисоките претставници на власта во Македонија.

Во барањето е дадена хронологија на обидите за регистрација на верската заедница пред надлежните судови.

Во текот на 2010 година, заради усогласување со Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, tie побарале од Основниот суд Скопје II Скопје да им биде признат континуитетот на Бекташиската верска заедница на Rепублика Македониjа, заради формално-правно задоволување на критериумите за пререгистрација согласно новиот закон. Но судовите (најпрвин oсновниот, а потоа и Апелациониот суд Скопје) одбиле тоа да го сторат со образложение дека и претходно оваа верска заедница не била регистрирана, за да може да се бара утврдување на нејзиниот континуитет.

Поради тоа подносителите одлучиле да достават нови документи за регистрација на нивната верска заедница под името Бекташиска верска заедница на Република Македонија и доставиле пријава за регистрација до надлежниот основен суд во Скопје. Истовремено побарале од Министерството за правда дозвола за користење на името Македонија во називот, која што дозвола никогаш не била дадена, ниту пак било одговорено на нивното брање, поради што подоцна во пријавата до судот, го промениле името во Бекташиска верска заедница.

Основниот суд го одбил барањето со образложение дека називот е ист со назив содржан во името на регистриран верски субјект во Единствениот судски регистар, дека изворите на учење биле исти како кај друг регистриран религиозен субјект и дека не бил доставен доказ за сопственост на седиштето наведено во барањето.

Апелациониот суд го укинал решението со напатствија првостепениот суд да не инвентира нови услови надвор од оние утврдени во законот, особено во поглед на изворите на учењето и доказот за сопственост на седиштето.

При повторното постапување Основниот суд Скопје 2 Скопје го донел Решението РЕГ.РГ бр.1/11 од 27 мај 2011 година (првооспорен акт во предметното барање) со кое барањето за регистрација го одбил од причина што во името бил содржан зборот „бекташиска“ кој бил содржан во името на регистриран верски субјект Ехлибејтска бекташиска религиозна група на Македонија и поради тоа што изворите на учење не биле поинакви и различни од оние на веќе регистриран субјект – Исламската верска заедница.

Апелациониот суд Скопје по жалба го донел Решението ГЖ.бр.3967/11 од 17 ноември 2011 година (второоспорен акт со барањето) со кое жалбата ја одбил, со што првостепеното решение станало правосилно. Подносителите во барањето укажуваат дека Апелациониот суд во своето претходно решение дал напатствија дека исти извори на учење не можат да бидат пречка за регистрација, бидејќи со тоа се наметнувал услов кој не бил предвиден во законот, но при повторното одлучување овој свој став не го афирмирал, со што му дал легитимитет на првостепеното решение во тој дел.

Во барањето подносителите се повикуваат на одредбите на Уставот и Деловникот кои се однесуваат на надлежноста на Уставниот суд за заштита на слободите и правата.

Во образложението на барањето, подносителите ги цитираат релевантните одредби од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група (член 4, член 10, член 12, 13 и 14) нагласувајќи дека Законот не пропишувал што се тоа материјални услови за регистрација на верските субјекти, со што се отварала врата при толкувањето на Законот, на формалните услови да им се дава третман на материјални и да се излегува надвор од рамките на законот, што било сторено во конкретниот случај.

Во барањето тие укажуваат дека со одбивањето на Судот да регистрира религиозен субјект кој во називот содржи термин „бекташиска“ и преку наметнување на услов кој Законот не го бара за регистрација на верски субјект – неидентичност на изворите на учење, кон нив е извршена дискриминација. Истата, тие ја поткрепуваат со компаративен пример. Имено од списокот на регистрирани религиозни субјекти во Република Македонија, произлегувало дека во називот на 6 цркви се наоѓал терминот „христијанска“, во називот на 1 верска заедница се наоѓал терминот „христијанска“ и во називот на 2 религиозни групи се наоѓал терминот „христијанска“ (или 9 религиозни субјекти од вкупно 29 регистрирани, користат ист назив во името, или речиси 30% од регистрираните религиозни субјекти користат ист назив). Понатаму во називот на 2 цркви се наоѓал терминот „евангелска“, а од вкупно 7 регистрирани верски заедници, кај 2 од нив се јавува називот „исламска“ во нивните имиња. Од тука подносителите извлекуваат заклучок дека за определени субјекти не било пречка да се регистрираат, иако нивните имиња содржеле називи од други религиозни субјекти, што според нив претставувало дискриминација.

Во врска со условот за неидентичност на изворите на учење, во барањето се наведува дека не е спорно дека во светот преовладуваат неколку религии, кои како свои основни извори на учење ги имаат Библијата и Евангелијата, Куранот, Еврејската тора итн. Исто така не било спорно дека христијаните (православни, католици, методисти, евангелисти итн.) користат ист извор на учење, кој различно или исто се толкува во целина или во свои делови. Истото се однесувало и на Исламот, бекташизмот, кои практикувале ист правец во религијата (ислам), користеле исти извори на учење кои различно или исто се толкувале во целина или во делови, што ги правело различни од другиот субјект.

Првостепениот суд и Апелациониот суд Скопје, со самото тоа што навлегле во испитување на идентичноста на изворите на учење и што истите ги компарирале со извори на учење на друг религиозен субјект, направиле сериозно отстапување од темелните вредности на забрана за дискриминација, бидејќи кога одлучувал за регистрацијата на останатите религиозни субјекти (особено оние кои имаат заеднички називи како Исламска, Христијанска, итн.) не се впуштил во вакво испитување како во случајот со подносителите. Од друга страна пак, argumentum a contrario, бидејќи судовите веќе дозволиле регистрација на Ехлибејтска бекташиска религиозна група, подносителите прашуваат дали тоа значи дека се согласиле со евентуалната идентичност на верското учење со Исламската верска заедница. Со тоа што навлегле во испитување на верските учења и во изворите на верата и во носење заклучоци за тоа дали постои еднаквост на извршување на богослужба, молитва, обред и друго и изразување на верата и со заклучокот до кој дошле и го употребиле како аргумент за одбивање на уписот, спротивно на законот, граѓанските судови направиле недозволена интерференција во оваа сфера, спротивно на член 1 став 2 од Законот.

Во барањето се наведува дека како лаик во познавањето на религијата, нејзината историја и особено толкувањето, не е примерно за судот во еден пасус да ги сублимира верските учења на една религија, правец во религијата или верување и притоа да подвлече знак на равенство со друга, само заради оправдување на една одлука и разрешување на една правна ситуација.

Подносителите предлагаат Уставниот суд на Република Македонија да поведе итна постапка за заштита на слободите и правата на граѓанинот, да закаже јавна седница на која ќе бидат повикани подносителите и нивните полномошници и да донесе одлука со која ќе утврди дека со правосилните акти Рег.Рг.бр.1/22 на Основниот суд Скопје II Скопје од 27 мај 2011 и со Решението на Апелациониот суд Скопје Гж.бр.3967/11 од 17 ноември 2011 година е сторена дискриминација на нивна штета и наведените акти да ги поништи.

4. Судот на седницата, од извршениот увид во доставените и прибавени докази ја утврди следнава фактичка сосстојба:

Подносителите на барањето во текот на 2010 година, како доброволна заедница на физички лица означена како Бекташиска верска заедница во Република Македонија, преку истиот полномошник, до Основниот суд Скопје II Скопје, поднеле барање за упис во единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозните групи.

Основниот суд Скопје II Скопје со Решение РЕГ.РГ-21/10 од 20.12.2010 го одбил барањето за упис со образложение дека не се исполнети материјалните услови за упис во регистарот од причина што во името бил содржан зборот „бекташиска“ кој назив бил содржан во името на регистриран верски субјект, а постојниот закон не овозможувал регистрирање на нов верски субјект со име кое е веќе внесено во регистарот за друг регистриран верски субјект и дека изворите на учење воопшто не биле поинакви и поразлични од изворите на учење на веќе регистриран верски субјект во единствениот судски регистар. Според мислењето на судот изразено во Решението, изворите на учење претставуваат официјално обележје на црквата, верската заедница и религиозна група и тие треба да се разликуваат од изворите на учење на веќе регистрираните цркви. Барањето било одбиено и поради тоа што доброволната заедница на физички лица не доставила доказ за сопственост или друг правен основ врз основа на кој судот би можел да утврди дека седиштето Арабати Баба Теќе е нивен имот, па оттука тие не можеле да бараат упис со седиште на наведената адреса на која се наоѓал Комплексот Арабати Баба Теке.

Незадоволни од ваквото решение, подносителите преку истите полномошници поднеле жалба до Апелациониот суд Скопје, кој со Решение ГЖ.бр.717/11 од 14 април 2011 година жалбата ја усвоил, решението РЕГ:РГ.21/10 од 20 декември 2010 година го укинал и го вратил предметот на првостепениот суд на повторно одлучување. Во образложението на Решението Апелациониот суд укажал:

„Основано се укажува во изјавената жалба дека не е јасно од што се раководел судот кога прифатил дека не се исполнети материјалните услови за запишување на Бекташиска верска заедница во Единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи на доброволната заедница на физички лица, затоа што во името бил содржан зборот „бекташска“ кој назив бил содржан во името на веќе регистриран верски субјект, без при тоа судот да наведе кој е тој верски субјект за да може да се утврди дали станува збор за идентична верска заедница.
Од друга страна судот не дал образложени причини за тоа од која законска одредба произлегува ограничување за користење на исти извори на учење од страна на повеќе верски заедници и религиозни групи, имајќи ги во предвид уставното право за слобода на вероисповест како и условите под кои може да дојде до ограничување на слободата на изразување на религијата или убедувањето кои се предвидени во членот 8 од Законот за правната положба на црква, верска заедница или религиозна група.
Воедно судот го задолжил подносителот на барањето да достави доказ за сопственост на седиштето на Бекташиска верска заедница, па една од причините за одбивање на уписот е и недоставување на доказ за сопственост, за кое нешто основано се укажува во жалбата дека судот немал во предвид дека тоа не е еден од условите кои се предвидени во законот за упис на доброволната заедница на физички лица во Единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи“.

Со првооспорениот акт – Решението на Основниот суд Скопје II Скопје РЕГ.РГ.бр.1/11 од 27 мај 2011 година, било одбиено барањето за упис во Единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи, на доброволнотоа заедница на физички лица означена во барањето како Бекташиска Верска Заедница.

Одбивањето на регистрацијата било поради тоа што судот оценил дека не се исполнети материјалните услови за запишување на доброволната заедница на физички лица, односно дека во името е содржан зборот „бекташиска“ а истиот назив е содржан во името на регистриран верски субјект Ехлибејтска бекташиска религиозна група на Македонија кој веќе бил регистриран во Единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи, а постојниот закон не овозможувал регистрирање на нов верски субјект со име кое е веќе внесено во регистарот за друг регистриран верски субјект.

Во образложението на решението, регистарскиот суд се повикал на член 13 став 1 алинеја 3 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група кој пропишува дека при пријавување на нова црква, верска заедница и религиозна група се бара опис на учењето, што според судот значело дека врз исти верски извори не може да се регистрираат два и повеќе верски субјекти. Бекташиска верска заедница во описот на своето учење ги навела токму изворите на учење на исламската вера со нагласување дека тие се изворите на исламската вера и учењето на Светиот Куран, знаењето и практиките на Пророкот Мухамед и имамот Али, Светиот ехли-бејт и Светиот пат на Хаџи Бекташ Вели. Судот заклучил дека изворите на учење на доброволната заедница на физички лица означена во барањето како Бекташиска Верска заедница воопшто не биле поинакви и поразлични од изворите на учењето на веќе регистриран верски субјект – Исламската верска заедница која била запишана во регистарот во 2008 година. По мислење на судот, изворите на учење претставуваат официјално обележје на црква, верска заедница и религиозна во смисла на член 10 став 1 од Законот и тие треба да се разликуваат од изворите на учење на веќе регистрираните цркви, верски заедници и религиозни групи. Доколку истите не се разликуваат, односно не содржат посебни крактеристики, особености кои се разликуваат од изворите на учење на веќе регистрираните цркви, верски заедници и религиозни групи, истото би значело повреда на чле.10 став 1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група.

Постапувајќи по жалбата, Апелациониот суд Скопје, на 17 ноември 2011 година донел Решение ГЖ.бр.3967/11 со кое жалбата ја одбил како неоснована, а решението на Основниот суд Скопје II Скопје РЕГ.РГ.бр.1/11 го потврдил. Апелациониот суд нашол дека обжаленото решение било јасно, разбирливо и содржело доволно јасни и образложени причини за решителните факти. Судот укажал дека во конкретниот случај и покрај тоа што нема целосно совпаѓање на називот на веќе формираната религиозна група и на подносителот на барањето како верска заедница, првостепениот суд правилно заклучил дека се работи за исти називи, од причина што во двата случаи постои совпаѓање на суштинскиот збор „бекташиска“ кој е всушност суштина и синоним на верскиот субјект, па со регистрирање на два вeрски субјекти кои во називот го содржат суштинскиот збор „бекташиска“ може да се створи забуна кај верниците при определување на начинот на изразувањето на нивните верски чувства. Апелациониот суд Скопје, понатаму нашол дека со одбивањето на уписот не е повредено уставното право на слобода на вероисповед бидејќи со тоа не е оневозможено, ниту ограничено интимното чувство на верување и слободата на вероисповед на подносителот на барањето. Но за да истото се институционализира во верска заедница, истото мора да е во правна рамка која ја предвидува Законот за правната положба на црква, верска заедница или религиозна група и бидејќи во конкретниот случај не се исполнети материјалните услови, правилно го применил материјалното право првостепениот суд кога го одбил барањето за упис.

Со оглед на наводите за дискриминација содржани во барањето, кои упатуваат на тоа дека во постапката за регистрација судот имал различен третман при одлучувањето во споредба со другите регистрирани верски заедници и религиозни групи, Уставниот суд по службена должност од Основниот суд Скопје II Скопје ја прибави листата на запишани цркви, верски заедници и религиозни групи, како и Решението РЕГ РГ-10/20 од 10 септември 2010 година со кое во Едниствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи, била запишана Ехлибејтската бекташиска религиозна група на Македонија, со седиште во Кичево.

Од увидот во наведеното решение, се заклучува дека Основниот суд при утврдувањето дали се исполнети материјалните услови за запишување, ги оценувал следните околности односно факти: државјанскиот статус на основачите, поднесените акти за статусот, организацијата и дејствувањето на субјектот, (статутот), називот за кој Судот утврдил дека се разликува од името и обележјата на веќе регистрираните субјекти, ознаките за кои Судот оценил дека не содржат домашни или странски државни ознаки и симболи.

Во образложението на наведеното решение Судот воопшто не се осврнал на анализа и оценка на изворите на учењето, ниту пак истите ги споредувал со изворите на учењето на исламската вера, како што постапил судот во сега оспореното Решение РЕГ.РГ.бр.1/11, во кое како една од причините за одбивање на регистрацијата се наведува идентичноста на изворите на учењето со изворите на учењето на исламската вера. Во оваа смисла напоменуваме дека и во времето на регистрацијата на Ехлибејтската бекташиска религиозна група на Македонија (2010), Исламската верска заедница на Република Македонија постоела како регистриран верски субјект (регистрирана со Решение РЕГ.ВЗ.бр.1/08 од 14 ноември 2008 година).

5. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Во членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, е определено дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Членот 19 став 1 и 2 ја гарантира слободата на вероисповеста и слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.

На меѓународен план, слободата на религијата и правото на еднаквост и недискриминација, се гарантирани со речиси сите меѓународни инструменти за заштита на човековите слободи и права.

Според член 18 од Универзалната декларација за човекови права, секој има право на слобода на мислата, совеста и религијата и секој има право да ја промени својата религија или убедување, како и слободно, индивидуално или во заедница со други луѓе, приватно или јавно, да ја манифестира својата религија или убедување преку подучување, практикување, одржување служби или обреди, а според член 29 став 2 од оваа Декларација, при користењето на своите права и слободи, секој ќе подлежи само на такви ограничувања, какви што се определени со Закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите и со цел да се задоволат предметните барања во врска со моралот, јавниот ред и општата благосостојба во едно демократско општество.

Според член 18 став 1 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, секое лице има право на слобода на мислата, совеста и вероисповедста. Ова право ја подразбира слободата на исповедувањето и на примањето на вера или убедување по свое наоѓање, како и слободата таа вера или убедување да го манифестира поединечно или заедно со други, како јавно, така и приватно, преку култ, преку вршење на верски и ритуални обради и преку веронаука. Според ставот 3 на овој член од Пактот, слободата на манифестирањето на верата или убедувањето може да биде предмет само на оние ограничувања што ги предвидува законот, а што се нужни заради заштита на јавната безбедност, на редот, на здравјето или на моралот или пак на основните права и слободи на други лица.

Во член 26 од Пактот е определено дека сите лица се еднакви пред законот и имаат право без никаква дискриминација на подеднаква заштита пред законот. Во таа смисла, законот мора да ја забранува секоја дискриминација и да им осигура на сите лица подеднаква и успешна заштита против секаква дискриминација, особено во поглед на расата, бојата, полот, јазикот, верата, политичкото или друго убедување, националното или социјалното потекло, имотната состојба, раѓањето или секоја друга состојба.

Според членот 9 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, секој има право на слобода на мислата, совеста и верата. Ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, како и слободата на изразување на својата вера или убедување, сам или заедно со другите, јавно или приватно, преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали. Слободата на изразувањето на својата вера или на своите убедувања може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат мерки во интерес на јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштита на правата и слободите на други, неопходни во едно демократско општество.

Во членот 14 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, уживањето на правата и слободите признати со неа, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Членот 1 од Протоколот бр. 12 кон Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи воведува општа забрана на дискриминација, во однос на сите права и слободи независно дали се гарантирани со Конвенцијата или не. Согласно став 1 на овој член од Протоколот, уживањето на кое и да било право утврдено со закон ќе се обезбеди без дискриминација по кој и да било основ како што е полот, расата, бојата, јазикот, религијата, политичкото или друго мислење, национално или социјално потекло, припадноста кон национално малцинство, имот, раѓање или друг статус. Никој нема да биде дискриминиран од страна на јавен орган по кој и да било основ од оние наведени во ставот 1.

Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007) го уредува основањето и правниот статус на црквата, верската заедница и религиозната група, уредување на богослужба, молитва и верски обред, верска поука и образовни дејности, приходи на црквата, верската заедница и религиозната група, како и други прашања. Црквата, верската заедница и религиозната група се одвоени од државата и се еднакви пред закон (член 1).

Според членот 2 од Законот, црква, верска заедница и религиозна група, во смисла на овој закон, е доброволна заедница на физички лица кои со своето верско убедување и изворите на нивното учење ја остваруваат слободата на вероисповедта соединети по вера и идентитет изразен со подеднакво извршување на богослужба, молитва, обреди и друго изразување на верата.

Во членот 3 од Законот е определено дека правото на слобода на уверување, мисла и совест, ја вклучува слободата на манифестирање на својата вера или убедување, што сам или заедно со другите, јавно или приватно го има секој човек.

Членот 4 од Законот утврдува дека не е дозволена верска дискриминација.

Согласно членот 6 од Законот, државата го почитува идентитетот на црквите, верските заедници, религиозните групи и другите облици на религиозно здружување и со нив воспоставува однос на постојан дијалог и развива облици на постојана соработка.

Во членот 8 од Законот е утврдено дека со закон може да се ограничи слободата на изразување на религијата или убедувањето доколку тоа е неопходно во интерес на јавната сигурност, поредокот, здравјето, моралот или заштита на правата и слободите на другите.

Според членот 9 од Законот, црква, верска заедница и религиозна група се запишуваат во Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозните групи (во натамошниот текст: надлежниот регистар), со што стекнуваат својство на правно лице. Органот на државната управа надлежен за работите во врска со односите меѓу државата и верските заедници води евиденција за регистрираната црква, верска заедница и религиозна група. Во надлежниот регистар се запишува црква, верска заедница и религиозна група доколку претходно веќе не е извршена регистрација на таква црква, верска заедница и религиозна група.

Во членот 10 став 1 од Законот е утврдено дека името и официјалните обележја на секоја нова црква, верска заедница и религиозна група треба да се разликуваат од називите и официјалните обележја на веќе регистрираните цркви, верски заедници и религиозни групи.

Според член 11 став 1, надлежен суд за водење на Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозни групи е Основниот суд – Скопје II – Скопје.

Согласно членот 12 од Законот, запишувањето во надлежниот регистар се врши врз основа на барање. Кон барањето од ставот 1 на овој член се доставуваат:
– записник од одржано основачко собрание;
– акт за основање;
– акт со кој се уредува статусот, организацијата и дејствувањето;
– опис на изворите на учењето од членот 2 став (1) на овој закон;
– одлука за определување на лице овластено за застапување и претставување на црква, верска заедница и религиозна група и
– доказ за државјанство на основачите и лицето овластено да застапува и претставува црква, верска заедница и религиозна група.
(3) Црквата, верската заедница и религиозната група се должни да определат одговорно лице, кое до надлежниот регистар ќе поднесе барање за запишување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на одлуката за основање.
(4) Ако кон барањето од ставот (1) на овој член не се доставени сите потребни документи, надлежниот суд ќе го повика подносителот на барањето во рок од 15 дена од известувањето да ги достави потребните документи, а во спротивно барањето ќе го отфрли.

Членот 14 од Законот пропишува дека ако се исполнети условите утврдени во членовите 12 и 13 од овој закон, регистарскиот суд е должен во рок од осум дена од денот на поднесувањето на барањето да ја запише црквата, верската заедница и религиозната група во надлежниот регистар.

Во член 16 од Законот е предвидено дека доколку не се исполнети материјалните услови од овој закон за запишување на црква, верска заедница и религиозна група, судот ќе го одбие барањето. Против решението со кое се одбива барањето, жалба до второстепениот суд може да поднесе само подносителот на барањето во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

Од наведените одредби од Уставот на Република Македонија произлегува дека слободата на вероисповеста ужива висок степен на заштита во Уствот – таа е издвоена во посебна одредба од Уставот (член 19 и Амандман VII) , но е сепак составен дел на општиот уставен контекст на слободата на уверувањето и совеста (член 16 од Уставот). Слободата на уверувањето, вклучително и слободата на религиското уверување претставуваат апсолутни слободи кои не се ограничени со некои други слободи или права или други уставни вредности. Слободата на вероисповеста, нужно во себе ги содржи принципите дека секој има слобода, без влијание од никого, да го определи своето верско уверување, да прифати или да не прифати одредена вера или да прифати друга вера, или да не прифати никаква вера, да ја исповеда или да не ја исповеда својата вера, да учествува или да не учествува во верски обреди итн. Но, таа околност во Уставот на Република Македонија не може да значи апсолутна слобода на ниво на нејзината манифестација, со оглед на тоа што иако ненапишан, важи принципот дека слободите и правата на човекот ја имаат својата граница во слободите и правата на другиот човек, но и во некои вредности што го овозможуваат заедничкиот живот на луѓето во една општествена заедница. Уставниот концепт на религиската слобода во уставно-правниот поредок на Република Македонија ги опфаќа и следните елементи како што се: правото на еднаквост без оглед на верското уверување и припадност, слободата на основање на верски здруженија и принципот на секуларност, односно одвоеност на верските заедници и групи од државата.

Поаѓајќи од наведените одредби од Уставот и одредбите од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, посебно оние кои се однесуваат на статусот на верските субјекти, Судот смета дека во овој конкретен предмет треба да утврди дали со одбивањето на регистрацијата на Бекташиската верска заедница на овие верници им е повредена слободата на вероисповеста и дали во одбивањето на регистрацијата постојат елементи на дискриминација по верска основа.

Во однос на првиот дел од прашањето, од одредбите од членот 9 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група произлегува дека регистрирањето во единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи е предуслов за стекнување на својство на правно лице на верскиот субјект, но не и предуслов за вршење на верски обреди, богослужби и молитви што верниците, поаѓајќи од уставно прокламираната слобода на вероисповест, можат да ја практикуваат независно од тоа дали се организирани во форма на верски субјект кој е регистриран и има својство на правно лице.

Во конкретниот случај, од наводите во поднесеното барање и утврдените факти произлегува дека подносителите на барањето кои по вероисповест се определуваат како припадници на бектешизмот повеќе години наназад слободно го практицираат ова свое религиско убедување, учествуваат во јавниот живот, комуницираат со државните органи, учествуваат на верски собири и конференции, од што може да се заклучи дека иако не се формално регистрирани согласно Законот, тие можат слободно да ја практицираат својата вероисповест и да обавуваат верски обреди согласно правилата на исламската вера, без да бидат изложени на притисок и прогон, од што следува заклучокот дека слободата на верското уверување на подносителите на барањето не е повредена.

За да одговори на прашањето дали во одбивањето на барањето за регистрација на Бектешиската верска заедница, постојат елементи на дискриминација, Уставниот суд проценувал дали судовите што одлучувале во постапката за регистрација на верската заедница на подносителите на барањето (Основниот суд Скопје 2 Скопје и Апелациониот суд Скопје кој одлучувал по жалбата) дале доволно образложени причини од кои може да се утврди дека во конкретниот случај одбивањето на регистрацијата на Бектешиската верска заедница било поради објективни и разумни причини, односно дали одбивањето на регистрацијата било заради остварување на некоја легитимна цел и дали постои пропорционалност помеѓу употребените средства и целта што требала да се оствари со оваа мерка. Ова произлегува од таму што правото на еднаквост пред законот и еднаква законска заштита без дискриминација не ги прави сите разлики во третманот дискриминаторски, бидејќи диференцијацијата која се темели на разумни и објективни критериуми не претставува забранета дискриминација. И според практиката на Европскиот суд за човекови права, дискриминација согласно членот 14 од Конвенцијата постои кога постои различен третман на лица во иста или слична ситуација и кога таквата разлика во третманот нема „објективно и разумно оправдување“. „Објективно и разумно оправдување“ постои ако мерката за која што станува збор има легитимна цел и доколку постои „разумна врска на пропорционалност помеѓу употребените средства и целта што треба да се оствари (Belgian Linguistics Case, Judgment of 23 July 1968). На слична линија е и практиката на Комитетот за човекови права на ООН, кој во повеќе случаи (покренати пред него врз основа на членот 26 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права), утврдил дека самата дистинкција по некој од забранетите основи од членот 26 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права не е пресудна, односно дека не е дадено доволно оправдување за таквата дистинкција. Во својата General Comment No. 18

Комитетот за човекови права нагласил дека различниот третман е допуштен доколку: е во функција на остварување на легитимна цел и доколку критериумите за диференцијација се разумни и објективни.

Во конкретниот случај, од побиваното решение на Основниот суд Скопје II Скопје РЕГ:РГ.бр.1/11 од 27 мај 2011 година со кое е одбиено барањето на Бектешиската верска заедница за упис во Единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи, произлегува дека во основа Судот ја одбил нивната регистрација поради две причини и тоа: 1) името, односно називот на верската заедница во кој бил содржан зборот „бектешиска“ кој бил составен дел на името на претходно регистриран верски субјект Ехлибејтска бекташиска религиозна група (регистрирана со решение на истиот суд РЕГ:РГ.бр.19/10 од 10 септември 2010 година) и 2) втората причина а тоа е идентичноста на изворите на учење со изворите на учењето на веќе регистриран верски субјект – Исламската верска заедница (регистрирана со решение на истиот суд РЕГ:ВЗ.бр.1/08 од 14 ноември 2008 година).

Одбивањето на регистрацијата во конкретниот случај било од причини предвидени со закон – Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, кој закон, според мислењето на Уставниот суд, бил правилно применет во конкретниот случај. Основот за одбивање поради наведените причини е членот 10 став 1 од наведениот закон, според кој името и официјалните обележја на секоја нова црква, верска заедница и религиозна група треба да се разликуваат од називите и официјалните обележја на веќе регистрираните цркви, верски заедници и религиозни групи.

Уставниот суд го прифаќа ставот на првoстепениот суд, според кој покрај името, и изворите на учењето претставуваат официјални обележја на верскиот субјект од причина што изворите на учењето на една вера и името на верскиот субјект се суштински карактеристики кои се иманентни на верскиот субјект и преку нив тој верски субјект се идентификува и препознава во јавноста.

Ова е уште поизразено кога се во прашање верски субјекти кои се помалубројни т.е. кои се потесно и поконкретно препознатливи верски субјекти кои со овие два елементи ја одразуваат својата специфика. Оттука и идентификацијата на барателот на регистрацијата со друг верски субјект кој е веќе регистриран, може да ја доведе јавноста во заблуда, односно да ги доведе верниците во конфузија, што воедно претставува нарушување на нивните верски чувства. Значи неспорно е дека правото на регистрација на одреден верски субјект треба да биде загаранитрано како дел од остварувањето на верските права, но од друга страна истото не треба да ги нарушува верските права и чувства на припадниците на веќе регистрираните верски субјекти.

Наводите во барањето дека судовите требало да водат сметка за тоа дека подносителите барале да се регистрираат како верска заедница, за разлика од верскиот субјект со наводно идентично име кој бил регистриран како религиозна група, според Судот, не се од значење, со оглед на тоа што условот за неидентичност на името и неидентичност на изворите на учењето согласно членот 10 од Законот е даден кумулативно, односно тој важи за сите верски субјекти, независно од тоа дали станува збор за црква, верска заедница или религиозна група.

Секој верски субјект, независно од тоа дали се работи за црква, верска заедница или религиозна група треба да има право на дистинктивност, препознавање во јавноста со својот тесно- специфичен идентитет, кој ако не постои или има конкуренција може да создава забуни, конфузија во јавноста, во случај да постојат повеќе такви паралелни субјекти меѓу кои се развива компетитивност, бескраен паралелизам и фрагментираност.

Целта на законското барање за неидентичност на името и на официјалните обележја на верските субјекти, во што спаѓаат и изворите на учењето, како и на законската определба од членот 9 од наведениот закон според која во надлежниот регистар се запишува црква, верска заедница и религиозна група доколку претходно веќе не е извршена регистрација на таква црква, верска заедница и религиозна група, е да се спречи, односно оневозможи заблудување на верниците во смисла на создавање на конфузност, погрешна перцепција и легализирана бесконечна поделба на верниците од иста вероисповест на повеќе верски заедници или субјекти. Ова се цели кои според оценката на Судот се сосема легитимни бидејќи се неопходни заради заштита на слободите и правата на другите и заради обезбедување на верска толеранција и спречување на верски конфликти, како елемент на заштита на јавниот поредок за што одговорност има државата.

Поради наведеното, Уставниот суд оцени дека со одбивањето на регистрацијата на Бектешиската верска заедница не е повредена слободата на вероисповеста на подносителите на барањето, ниту пак е сторена дискриминација спрема нив по верска основа.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.24/2012
20 ноември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски