У.бр.241/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 и 28 февруари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста член 74 став 3 алинеи 1 и 2 од Законот за внатрешната пловидба (“Службен весник на РМ” бр.27/2000).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение, затоа што со нив на заповедникот на брод му се давале полициски и судски овластувања, а тоа не било во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 (владеење на правото и поделба на власта на законодавна, извршна и судска), член 11 став 1 (неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на човекот), член 12 ставовите 1 и 2 (неприкосновеноста на слободата на човекот и ограничувањето на човековата слобода само со судска одлука и во случаи и постапка утврдени со закон), член 13 став 1 (презумпција на невиност до утврдувањето вина со правосилна судска одлука), член 54 став 1 (ограничување на слободите и правата на човекот и граѓанинот само во случаи утврдени со Уставот) и со член 98 ставовите 1 и 2 од Уставот (судската власт ја вршат судовите и тоа врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори …).

3. Судот на седницата утврди дека според член 74 став 3 од Законот “Ако член на екипажот на бродот, патник или друг субјект на бродот изврши или има намера да изврши кривично дело, заповедникот на бродот е должен да ги преземе сите мерки потребни да се спречи или ублажи кривичното дело со тоа што:

– ќе му ја ограничи слободата на движење на бродот;
– ќе го лиши од слобода,
– ќе сочини записник врз основа на сослушување на сведоци и докази кои се земаат на чување и
– во првото пристаниште извршителот на кривично дело и пишаниот материјал ќе ги предаде на надлежниот орган”.

Од означените законски одредби произлегува дека четирите алинеи на ставот 3 од член 74 претставуваат единствена заокружена целина и треба да се разберат во кумулативна смисла, а не дека алинеите се алтернативи помеѓу кои заповедникот на брод избира, при што тој требало само да го евидентира настанот и да го предаде извршителот без да го задржува насила.

Според тоа, суштината на законската одредба (член 74 став 3 во целина) е минимално задржување, во една специфична ситуација (при пловење со брод), на извршител на кривично дело или на извршител во обид од страна на заповедникот на брод, до предавањето на надлежните органи. Тоа, пак, е во согласност со положбата на заповедникот на брод за време на пловидбата. Имено, според член 70 став 1 од Законот, “Со бродот управува заповедникот на бродот”, а според член 71 став 1 “Заповедникот на бродот е одговорен за безбедноста и редот на бродот …”.

4. Имајќи ја предвид законската положба на заповедникот на брод во ситуација кога бродот се наоѓа во пловидба, а таа е – управување со бродот, грижа за безбедноста и редот на бродот …, Судот утврди дека оспорените законски решенија се со функција на остварувањето на наведената положба на заповедникот на брод и не се во несогласност со уставните одредби наведени во иницијативата.

Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.241/2001
27 и 28 февруари 2002 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов