У.бр.240/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 7 мај 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 25 став 1 точка 4 од Законот за државната ревизија (” Службен весник на Република Македонија” бр.65/97 и 70/2001).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на нејзиното објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијативата на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.240/01 од 2 април 2003 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 13 став 1 од Уставот.

Собранието на Република Македонија како доносител на означената законска одредба не достави одговор на наводите содржани во Решението за поведување на постапката.

4. Судот на седницата утврди дека со означената законска одредба се определува овластениот државен ревизор да мора да го исполнува, покрај другите услови, и условот “да не е осудуван за кривични дела што го прават неподобен за професијата на ревизијата”.

5. Според член 13 став 1 од Уставот, “лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука”.

Од изнесената уставна одредба, покрај другото, произлегува дека вината на лицето обвинето за казниво дело и последиците од вината (казната) се утврдуваат со правосилна судска одлука. Надвор од судската одлука со која се определува казна (вклучително и безбедносна мерка) граѓанинот не може да трпи последици по неговите слободи и права.

Со оглед дека законската одредба предвидува надвор од правосилна судска одлука граѓанинот да трпи последици од осудуваноста, како на пример трајно да не му се достапни работните задачи на овластен државен ревизор, Судот утврди дека таквата норма не е во рамките на определбите изразени во член 13 став 1 од Уставот и дека ги повредува основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени во Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.240/2001
7 мај 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов