У.бр.239/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92, на седницата одржана на 1 април 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА член 8 од Одлуката за ценовник-тарифа на услугите што ги извршува “Топлификација” преку дистрибуција топлинска енергија на подрачјето на град Скопје, донесена од Управниот одбор на Акционерското друштво “Топлификација” во Скопје на 21 октомври 1992 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во организацијата на начин предвиден за објавување на општите акти.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.239/92 од 16 декември 1992 година, по иницијатива на Месната заедница “АСНОМ” во Скопје и на станарите од улица “29 Ноември” бр.40 во Скопје, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 52 став 1 и 4 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека во член 3 од Одлуката е определено таа да влезе во сила со денот на донесувањето на 21 октомври 1992 година, кога е објавена Одлуката на Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/92), а да се применува согласно Методологијата за формирање на цената на топлинската енергија и начинот на наплатување на услуги по основ на топлинска енергија на подрачјето на град Скопје од 27 декември 1989 година.

Исто така, Судот утврди дека според означената методологија повисоките цени утврдени во оспорената одлука се применуваат од 1 август 1992 година.

5. Според член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 4 од истиот член на Уставот и законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со оглед на тоа што со член 3 од Одлуката е определено таа да влезе во сила со денот на донесувањето, а не по нејзиното објавување, и да се применува пред објавувањето, со што и е дадено повратно дејство, кое не е поповолно за граѓаните, Судот оцени дека оспорената одредба од Одлуката не е во согласност со означените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.