У.бр237/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 април 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 154 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/1993, 3/1994-исправка, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005. 84/2005 и 101/2005).

2. Рамизи Весељ од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот се ограничувало остварувањето на едно стекнато право на граѓанинот по основ на работен однос од поранешен период за примање на пензија за која биле исполнети условите врз основа на вложувањата на средства во пензискиот фонд во текот на траењето на работниот однос. Оспорената законска одредба поради тоа била во несогласност со членот 54 од Уставот на Република Македонија, според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можеле да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, но конкретно во случајов ограничувањето во оспорената законска одредба не било предвидено со Уставот. Воедно, со оспорената одредба од Законот се повредувале уставните определби кои се однесувале на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, на правото на сопственост, правото на работа и правото на соодветна заработувачка, правото на социјална сигурност и социјално осигурување.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 154 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, на корисникот на пензија, додека е во работен однос или додека врши дејност во Републиката или во странство му се запира исплатата на пензија.

Судот, исто така, утврди дека со Решение У.бр.10/1997 од 26 февруари 1997 година не повел постапка за оценување на уставноста на наведената одредба од членот 154 од Законот, со образложение дека заради обезбедување на начелото на социјална праведност определено во членот 35 став 1 од Уставот, не постои уставна пречка со закон да се предвиди на лицата кои на друг начин ја обезбедуваат својата социјална сигурност по стекнувањето на право на лична пензија, привремено да им мирува користењето на пензијата. Со привременото запирање на исплатата на пензија не се задира во веќе стекнатите права, што значи дека тие ниту се оттуѓуваат, ниту се одземаат, туку како што предвидел и самиот закон во членот 6 став 3, привремено се ограничува нивното користење во случаи предвидени со закон, како што е предвидено и во наведениот случај со оспорената законска одредба.

4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот со Решение У.бр.10/1997 од 26 февруари 1997 година не повел постапка за оценување на уставноста на одредбата од ставот 1 на членот 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, од причини што не се повредувале уставните одредби кои се однесувале на правата на граѓаните утврдени со Уставот, а на кои се повикува и подносителот во иницијативата по овој предмет, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.237/2005
19 април 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова