У.бр.236/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 192 став 5 и член 194 ставови 1 и 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012 и 77/2012).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 195 став 2 од Законот означен во точката 1.

3. Леонардо Славевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на законот наведен во точката 1 од ова решение.

4.Според наводите во иницијативата законската одредба на член 192 став 1 од Законот била неодржлива од уставно-правен аспект, затоа што со истата бил повреден членот 9 од Уставот, односно се вршела поделба на персоналот според личната и семејна состојба на припадникот и се повредувало правото на еднаквост на воениот и цивилниот персонал кој работел во Армијата на Република Македонија, и тоа посебно во делот на социјалното потекло, имотната и општествената положба, а тоа при остварувањето на правата за надоместок на трошоци за закупнина на стан.

Понатаму во иницијативата е нав едено дека со одредбите од член 194 став 2 законодавецот извршил ограничување на остварувањето на правото на еднаквост на припадниците на Армијата на Република Македонија, при што дел од припадниците своето право го остварувале после три години служба, а не со денот на стапување во служба во Армијата на Република Македонија. Со таквото дефинирање на правото на еднаквост се вршела поделба на припадниците на Армијата на Република Македонија при остварување на правата според нивната имотна состојба и при тоа се земале во предвид и членовите на неговото потесно семејство.

Во однос на член 195 став 2 подносителот на иницијативата смета дека правото на исплата на стварни трошоци за превоз и користењето на организиран превоз меѓусебно се исклучувале и на тој начин законодавецот го повредувал член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Поради тоа, според наводите во иницијативата со овие законски одредби се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот и подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста.

5. Судот на седница утврди дека според член 192 став 1 воениот и цивилниот персонал за време на вршење на службата во Армијата има право на користење на службен стан. За користење на службен стан, воениот и цивилниот персонал плаќа закупнина.(став 2) Висината на надоместокот за закупнина на стан ја определува Владата на Република Македонија.(став 3) Средствата од ставот 2 на овој член се на товар на Министерството за одбрана. (став 4) При остварување на правото на закупнина на стан, особено се земаат предвид местото на службување, годините на работен стаж, чинот, семејната состојба, користење на стан под закуп и слично. (оспорен став 5) Начинот на остварување на правото на закупнина на стан го пропишува министерот за одбрана.(став 6)

Согласно член 194 став 1 од Законот, вработените во Армијата кои засновале работен однос на неопределено време, а кои на територијата на Република Македонија немаат стан во лична сопственост или во сопственост на член од нивното потесно семејство (брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноци, посвоени деца и деца земени на издржување и родители), со кои живеат во заедничко домаќинство, а не им е обезбедено користење на службен стан, имаат право на надоместок на трошоци за закупнина на стан. Вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време, правото од ставот 1 на овој член можат да го остварат по три години служба во Армијата. (оспорен став 2) Висината на надоместокот од ставовите 1 и 2 на овој член ја утврдува министерот за одбрана во зависност од местото на вршењето на службата.(став 3)

Според член 195 став 1 од Законот, надоместокот на трошоците за одвоен живот и надоместокот за закупнина на стан меѓусебно се исклучуваат. Надоместокот за закупнина на стан, правото на исплата на стварни трошоци за превоз и користење на организиран превоз меѓусебно се исклучуваат.(став 2)

6. Во член 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени принципот на владеењето на правото и на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Во членот 9 став 1 од Уставот предвидено е дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Членот 51 став 1 од Уставот предвидува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според ставот 2 на овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012 и 77/2012) се уредува статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.

Според членот 2 став 1 под служба во Армијата се смета вршење на воени должности во Армијата. Според ставот 2 како служба во Армијата се смета вршење на должности во Министерството за одбрана, Воената академија, другите органи на државната власт, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите, воените претставништва на Република Македонија во странство, учество во вежбовни активности и обука и во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија, како и должности во мултинационални воени сили формирани согласно ратификувани меѓународни договори кои Република Македонија ги склучила или им пристапила.

Согласно членот 3 став 1 од наведениот закон, служба во Армијата врши воен и цивилен персонал.

Во членот 3 точка 1 од Законот е дефинирано што според овој закон се смета за воен персонал, при што, покрај другото, воен персонал е воен старешина офицер и подофицер. Во точката 2 од наведениот член, цивилен персонал во смисла на овој закон, се смета цивилно лице поставено на должност согласно со актот за формација на Армијата.

Согласно членот 4 од Законот воениот и цивилниот персонал вршат служба во Армијата со засновање на работен однос со Министерството за одбрана, а согласно член 74 од Главата IX. насловена “Поставување на воениот и цивилниот персонал и други односи во вршење на службата во Армијата” од Законот, воениот и цивилниот персонал се поставува на соодветна должност, односно формациско место според неговата воена евиденциска специјалност и според потребите на службата во Армијата.

Според членот 80 став 1 од овој Закон, aктивниот воен и цивилен персонал поради потреба на службата може да биде упатен на должност во друга единица или установа во Републиката или во друг орган на државната власт на одредено време, а најдолго една година. По исклучок од ставот 1 на овој член, активниот воен и цивилен персонал може да биде упатен на должност и подолго од една година, но најмногу две години во текот на пет години, сметано од првото упатување. Според ставот 3, во случаите од ставовите 1 и 2 на овој член, лицето ги задржува правата од својот чин и должност на која бил поставен, доколку тоа е поповолно за него. Според ставот 4, по исклучок од ставот 1 на овој член, активниот воен и цивилен персонал без негова согласност не може да се упатува во друго место на вршење на службата, ако во наредните пет години ги исполнува условите за пензионирање, освен ако поради преместување или укинување на единицата, нема слободно формациско место во местото на вршење на службата на кое би можел да биде поставен.

Во Главата XIII. “Други примања” во член 188 став 1 од Законот, воениот и цивилниот персонал има право на надоместоци за: патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата и странство; трошоци за користење возило во лична сопственост за службени цели; трошоци за одвоен живот од семејството; парична помош во случај на смрт на член на потесно семејство (родител, брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноци, посвоени деца идеца земени на издржување), ако живееле во заедница; штета при елементарни непогоди; селидбени трошоци; трошоци за прево з; вршење на служба за дежурство, стражарска служба и служба на посебни воени објекти и за време поминато на трупно патување и служба под посебни услови. Висината на надоместоците од ставот 1 точки од 1 до 5 на овој член и начинот на распределувањето, се исти како и за државните службеници.(став 2) Начинот за исплата и висината на надоместоците од ставот 1 точки од 6 до 9 на овој член ги утврдува министерот за одбрана.(став 3)

Во Главата XIV насловена “Станбено обезбедување” во членовите од 192-198 од Законот, се уредуваат прашања кои се однесуваат на станбеното обезбедување на вработените во Армијата на Република Македонија, односно за правата и обврските на воениот и цивилниот персонал за време на вршењето на службата во Армијата, како што се право на користење на службен стан, право на надоместок на трошоците за закупнина на стан и правото на надоместок на стварни трошоци.

Согласно член 192 став 1 од Законот, воениот и цивилниот персонал за време на вршење на службата во Армијата има право на користење на службен стан. За користење на службен стан, воениот и цивилниот персонал плаќа закупнина.(став 2) Висината на надоместокот за закупнина на стан ја определува Владата на Република Македонија. (став 3) Средствата од ставот 2 на овој член се на товар на Министерството за одбрана. (став 4) При остварување на правото на закупнина на стан, особено се земаат предвид местото на службување, годините на работен стаж, чинот, семејната состојба, корист ење на стан под закуп и слично. (оспорен став 5) Начинот на остварување на правото на закупнина на стан го пропишува министерот за одбрана.(став 6)

Според член 194 став 1 од Законот, вработените во Армијата кои засновале работен однос на неопределено време, а кои на територијата на Република Македонија немаат стан во лична сопственост или во сопственост на член од нивното потесно семејство (брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноци, посвоени деца и деца земени на издржување и родители), со кои живеат во заедничко домаќинство, а не им е обезбедено користење на службен стан, имаат право на надоместок на трошоци за закупнина на стан. Вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време, правото од ставот 1 на овој член можат да го остварат по три години служба во Армијата.(став 2) Висината на надоместокот од ставовите 1 и 2 на овој член ја утврдува министерот за одбрана во зависност од местото на вршењето на службата.(став 3)

Согласно член 195 став 1 од овој закон, надоместокот на трошоците за одвоен живот и надоместокот за закупнина на стан меѓусебно се исклучуваат. Надоместокот за закупнина на стан, правото на исплата на стварни трошоци за превоз и користење на организиран превоз меѓусебно се исклучуваат.(став 2)

Според член 196 став 1 од Законот, на вработените во Армијата кои по сопствен избор трајно ќе го решат станбеното прашање со купување на стан во лична сопственост, Министерството за одбрана ќе им овозможи субвенционирање на дел од трошоците за купување на стан во лична сопственост. Согласно ставот 2 субвенционирањето на трошоците на ставот 1 на овој член се врши согласно со Програмата за изградба на станови за припадниците на Армијата, донесена од Владата на Република Македонија и тоа претставува јавен интерес.(став 3) При субвенционирањето на дел од трошоците за купување на стан во лична сопственост особено се земаат предвид местото на службување, годините на работен стаж, семејната состојба, користење на стан под закуп и слично.(став 4) Начинот на субвенционирање на трошоците за купување на стан во лична сопственост го пропишува министерот за одбрана.(став 5)

Согласно член 197 став 1 од овој закон, активниот воен и цивилен персонал кој по сопствен избор трајно ќе го реши станбеното прашање со купување на стан во лична сопственост со субвенционирање на дел од трошоците од страна на Министерството за одбрана, е должен да остане на служба во Армијата десет години по остварувањето на ова право. Според ставот 2, ако на активниот воен и цивилен персонал од ставот 1 на овој член му престане службата во Армијата по негово барање или поради изречена дисциплинска мерка престанок на работен однос, односно губење на чин, пред истекот на рокот од ставот 1 на овој член, е должен да ги надомести реалните трошоци од членот 196 став 1 на овој закон исплатени од страна на Министерството за одбрана. По исклучок од ставовите 1 и 2 на овој член, професионалниот војник на кој службата во Армијата му престанува со навршување на 38 години возраст, се ослободува од обврските утврдени во ставовите 1 и 2 на овој член.

Според член 198 став 1 од Законот, на активниот воен и цивилен персонал кој по сопствен избор трајно ќе го реши станбеното прашање со купување на стан во лична сопственост под условите и на начин утврдени во членот 196 од овој закон, трајно му престанува правото на користење на службен стан, правото на надоместок на трошоци за закупнина на стан и правото на надоместок на стварни трошоци за превоз. Според ставот 2, правото од членот 196 на овој закон, активниот воен и цивилен персонал може да го оствари само еднаш во текот на службата во Армијата. Според ставот 3, правото од членот 196 на овој закон има право да го користи само еден од брачните другари, доколку двајцата се на служба во Армијата.

Тргнувајќи од анализата на цитираните одредби од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, станува збор за одредби со кои се дава можност воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата да користи службен стан за време на службата за што треба да плаќа закупнина, а средствата за оваа намена се на товар на Министерството за одбрана (член 192); право на надоместок на трошоци за закупнина на стан во случај да не им е обезбедено користење на службен стан (член 194); право на надоместок на трошоци за одвоен живот од семејството (член 188 став 1 точка 3); трошоци за превоз (член 188 став 1 точка 7); организиран превоз и слично. Овие одредби не може да се разгледуваат изолирано туку во целинат а на другите одредби од Законот, а Законот за служба во Армијата на Република Македонија е дел од правниот поредок кој не може изолирано да се разгледува и од другите закони.

Исто така, со овој закон во целина се уредуваат прашањата што се однесуваат на статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија. Заради подобрување на стандардот на активниот воен и цивилен персонал, очигледно е дека прашањето на станбеното згрижување е од посебно значење. Новина претставува можноста за активниот воен и цивилен персонал кој по сопствен избор трајно ќе го реши станбеното прашање со купување на стан во лична сопственост, Министерството за одбрана да му овозможи субвенционирање на дел од трошоците за купување на стан во лична сопственост согласно Програмата за изградба на станови за припадниците на Армијата донесена од Владата на Република Македонија.

По однос на оспорениот член 194 став 2 според кој вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време, правото од ставот 1 на овој член можат да го остварат по три години служба во Армијата и член 192 став 5 според кој при остварување на правото на закупнина на стан, особено се земаат предвид местото на службување, годините на работен стаж, чинот, семејната состојба, користење на стан под закуп и слично, сметаме дека не постојат уставни пречки за предметното законско решение, бидејќи за сите вработени во Армијата кои засновале работ ен однос на определено време се однесува еднакво законската норма дека имаат право на надоместок на трошоци за закупнина на стан доколку не им е обезбедено користење на службен стан. Имено, вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време и оние кои во Армијата засновале работен однос на неопределено време се разликуваат во правата и обврските, бидејќи се разликуваат во видот на заснованиот работен однос и не може да се прифати како основан наводот во иницијативата дека со оспорената одредба се вршело дискриминирање, односно различно правно третирање на вработените и ограничување на остварување на правото на еднаквост бидејќи овие припадници на Армијата всушност имаат зановано различен вид на работен однос.

Имено, за повреда на принципот на еднаквост станува збор само кога се во прашање различни права и обврски за граѓани кои се наоѓаат во еднаква правна положба, што не е случај со цивилните и воените лица на служба во Армијата на Република Македонија, меѓу кои не може да се стави знак на еднаквост во однос на остварување на правата по било кој основ. За повреда на принципот на еднаквост не станува збор и во случај кога законодавецот за две различни права на иста категорија граѓани утврдил различни услови за нивно остварување.

Оттука, по однос на наводите во иницијативата за несогласност на оспорениот член од Законот со уставното начело во членот 8 став 1 алинеја 8, според кое хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на у ставниот поредок на Република Македонија, како и со уставната определба за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, согласно членот 9 од Уставот и со уставната определба дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, согласно членот 51 од Уставот, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за несогласност со овие уставни норми.

Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека за член 192 став 5 и член 194 ставови 1 и 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, содржината на оспорената одредба на член 195 став 2, наводите на кои се повикува подносителот на иницијативата, како и фактот што Уставниот суд веќе одлучувал за оценување на уставноста на оспорениот член 195 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија и со Решение У.бр.178/2010 од од 10 октомври 2012 година не повел постапка, односно не изразил сомнение по однос на неговата согласност со Уставот, Судот утврди дека во конкретниот случај по предметна иницијатива нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на наведеното Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради res judicata.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти и Владимир Стојаноски .

У.бр.236/2011
24 октомври 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски