Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 алинеи 1 и 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 април 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 261 став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на Република Македонија” бр.14/1998, 38/2002 и 38/2004).
2. Пано Аргиев од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 261 став 2 од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Законот била неуставна од причини што во членот 81 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата било предвидено дека одредбите од член 261 став 2 од Законот ќе се применувале по една година од денот на неговото влегување во сила, а имало случај во други закони, како што бил Законот за основното образование кој во членот 119 став 2 предвидел дека наставниците кои не ги исполнувале условите согласно членот 66 став 3 (според кои наставник во одделенска настава можело да биде лице со завршено соодветно високо образование) биле должни да се стекнат со соодветно образование најдоцна за две години повеќе од времето што било пропишано за редовно завршување на тој вид образование.
Подносителот на иницијативата противуставноста на оспорената одредба ја гледа во тоа што во Законот за основното образование рокот за стекнување со соодветно образование на наставниците бил поразумен отколку тој во сега оспорениот закон.
Подносителот на иницијативата споредувајќи ги двата закона кои за слични ситуации предвиделе различни решенија смета дека е повреден членот 9 од Уставот на Република Македонија – еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, како и членот 32 став 2 од Уставот на Република Македонија.
Понатаму подносителот на иницијативата наведува дека функцијата претседател на испитна комисија и испитувач ја има вршено совесно, чесно и во согласност со законот девет години. Со измените што биле направени со оспорената одредба тој се чувствувал оштетен и како граѓанин со нееднакви права со другите граѓани затоа што се нашол во ситуација да биде технолошки вишок.
Врз основа на изнесеното се бара Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 261 став 2 од Законот и со тоа да ја исправи неправдата така што на подносителот на иницијативата и на неговите колеги да им даде право и понатаму да ги вршат своите функции со тоа што ќе им даде можност во “разумен рок” да се стекнат со соодветно образование, а со тоа ќе биле изедначени со правата на сите други граѓани во Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 261 став 2 од Законот, претседател и испитувач може да биде лице кое има високо образование, и ако врз основа на дозвола за инструктор непрекинато оспособувало или испитувало кандидати за возачи, најмалку три години.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се уредуваат правилата на сообраќајот, системот на сообраќајните знаци, должностите во случај на сообраќајна незгода, условите за стекнување право на управување со возила, оспособување на кандидатите за возачи и полагање испити за возачи, уредите и опремата што мораат да ги имаат возилата, димензиите, вкупната маса и основното оптоварување на возилата, условите кои мора да ги исполнуваат возилата во сообраќајот, посебните мерки за безбедност, како и организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Според членот 261 став 1 од Законот испитната комисија е составена од претседател и испитувачи. Во оспорениот став 2 на овој член од Законот е предвидено дека претседател и испитувач може да биде лице кое има високо образование и ако врз основа на дозвола за инструктор непрекинато оспособувало или испитувало кандидати за возачи, најмалку три години.
Согласно членот 81 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2004), овој закон влегол во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија, освен одредбата на членот 20, што се однесува на членот 244 став 2 на овој закон, одредбата на членот 30, што се однесува на членот 261 ставови 2 и 3 на овој закон и одредбата на членот 54, што се однесува на членот 353-а што ќе влезат во сила по една година од денот на неговото влегување во сила.
Оспорената одредба од Законот веќе била предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија кој со Решение У.бр.28/2005 од 13 април 2005 година ја отфрлил иницијативата согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, затоа што постоеле процесни пречки за одлучување по иницијативата бидејќи со неа се барало оспорената одредба да содржи решение какво што сака подносителот на иницијативата.
Според подносителот на иницијативата оспорената одредба требало да им остави подолг (разумен) рок за затекнатите членови и претседателот на истпитната комисија да можат да се стекнат со соодветно образование, како што било случај со решенијата предвидени во Законот за основното образование, од каде и го извлекува заклучокот дека оспорената одредба е противуставна. Значи, подносителот на иницијативата бара оспорената одредба да содржи решение какво што тој сака да има.
Со оглед на тоа што со иницијативата противуставноста на оспорената одредба се гледа преку друг закон – Законот за основното образование, и тоа дека оспорената одредба нема содржина каква што тој смета дека треба да има, а за што Уставниот суд согласно членот 110 од Уставот не е надлежен да одлучува и со оглед на тоа што Уставниот суд веќе ја оценил уставноста на оспорената одредба, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.236/2005
26 април 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова