У.бр.234/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 17 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 13 став 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2005, 13/2007, 165/2008, 146/2009, 18/2011 и 51/2011).

2. Милка Прокопиева од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба била спротивна на принципот на владеењето на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 30 став 3 од Уставот. Правото на откуп на земјиштето во државна сопственост требало да го добие секој според поседувањето на делот од сопственоста на објектот, а не според упишаните идеални делови затоа што таквата нереална состојба за поседување на сопственост на објектот со запишаните идеални делови на користење на земјиштето во катастарската евиденција била сторена уште при востановувањето на катастарската евиденција при излагањето на јавен увид и корисничкото право на земјиштето било заведено според учеството на носителите на сопственост на објектот (ако се двајца на по ½ идеален дел, ако се тројца на 1/3 идеален дел), а не според поседувањето на сопственичките делови од објектот и со секоја понатамошна делба нереалноста се зголемувала. Сопственоста на објектот со Уставот била гарантирана и никој не смеел да му ги одземе ниту ограничи на сопственикот на објектот и да добие еднакви права на владение на правото за откуп на земјиштето што му припаѓало и според Законот за сопственост и други сопственички права и според општата природа на правото на сопственост.

Во првото дополнение на иницијативата, подносителoт ја објаснува фактичката состојба со поседувањето на објектите на катастарската парцела која била евидентирана во идеални делови, кои меѓутоа, не соодветствувале со поседувањето на сопственоста на објектите изградени на таа парцела. Имено, станувало збор за две згради – зграда 1 и зграда 2. Зграда 1 била заведена како два стана сопственост на три различни физички лица со заеднички скали и ходник (кои и од катастар и од суд се делени на идеални делови). Приземјето (стан 1) било заведено како сопственост на 3 физички лица во идеални делови, а спратот (стан 2) сопственост на едно физичко лице кое е носител на идеален дел од приземјето. Зградата 2 била евидентирана како сопственост само на физичкото лице кое е евидентирано како сопственик на идеален дел од приземјето (ставнот 1) и сопственик на катот (станот 2) од зграда 1. Од наведеното произлегувало дека сопствениците на објектот заведени на таа катастарска парцела биле евидентирани како етажни сопственици за кои во постапката за приватизација требало да се примени членот 13 став 3 и надоместокот за приватизација да се определи според површината на посебниот дел од зградата спрема вкупната површина на земјиштетот односно да се воспостават односи помеѓу етажните сопственици кои произлегуваат од правната содржина на правото на заедничка сопственост на градежно изградено земјиште според Законот за градежното земјиште и Законот за сопственост и други стварни права, а не според евидентираните идеални делови на корисничкото право на земјата. Само Република Македонија како носител на сопственоста на земјата имала право да го дели земјиштето и никој друг, а корисничкото право можело само да го пренесува како право, а не и во идеални делови на правото.

Во второто дополнение кон иницијативата подносителката наведува дека во постапката за приватизација не треба да се дозволи некој со помала сопственост од зградата да има право да купи поголем дел од земјиштето затоа што во катастарската евиденција тој е евидентиран како корисник на земјиштето во поголем идеален дел и бидејќи со таквиот начин на продажба на земјиштето се пореметувала сопственоста на некој што поседува поголема сопственост од зградата. Подносителката прашува дали заради тоа што постои запишано право на користење на општествено земјиште во идеален дел сопствениците на објектот на тоа земјиште треба да трпат штета, да им бидат пореметени сопственоста и правата што им се загарантирани со Устав (да не можат да го купат земјиштето сразмерно на поседување на сопственост од објектот) за разлика од сопствениците на објектите каде не се евидентирани како носители на користење на општествено земјиште кои земјиштетот можат да го купат сразмерно на поседувањето на сопственоста од објектот, односно како етажни сопственици. Кон дополнението на иницијативата подносителката поднесува и копии од документи (Уверение од Агенцијата за катастар, оставинско решение од суд) кои според неа треба да докажат како дошло до упишување на идеални делови, а со тоа и до нереално поседување на идеални делови.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 13 став 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2005, 13/2007, 165/2008, 146/2009, 18/2011 и 51/2011), градежното изградено и градежното неизградено земјиште на кое постојат сокориснички права евидентирани во катастарот на земјиште, односно запишани во катастарот на недвижности во идеални делови се приватизира сразмерно на големината на идеалниот дел од сокорисничкото право.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 6, правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Согласно член 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, со овој закон се уредува приватизацијата, долготрајниот закуп, времениот закуп, одземањето и престанувањето на правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост, на кое право на користење имаат физички и правни лица.

Во членот 2 точка 1 од Законот, е определено дека под градежно земјиште се подразбира градежно изградено и градежно неизградено земјиште, определено како такво со Законот за градежното земјиште.

Во точката 3 е дадена дефиниција според која „приватизација на градежно земјиште во државна сопственост“ е стекнување на право на приватна сопственост на градежното земјиште во државната сопственост на кое право на користење имаат физички и правни лица, а во точката 4 е дадена дефиниција на терминот „корисници на градежно земјиште” кој опфаќа физички и правни лица кои правото на користење на градежно земјиште во државна сопственост го стекнале со правна основа и физичките и правните лица кои користат градежно земјиште по основ на сопственост на објект стекнат со правна основа, а не се евидентирани како корисници на земјиштето во катастарот на земјиште, односно не се запишани како корисници на земјиштето во катастарот на недвижности, при што земјиштето е евидентирано, односно запишано како сопственост на Република Македонија согласно со Законот за основните сопственосноправни односи (“Службен лист на СФРЈ“ број 6/80 и 36/90), Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ“ број 36/75, 41/75,10/79, 51/88, 38/91 и 4/93), Законот за промет со земјишта и згради (“Службен весник на СРМ“ број 10/79,18/89, 21/91 и “Службен весник на Република Македонија“ број 71/96 и 18/99) и Законот за сопственост на делови од згради (“Службен весник на СРМ“ број 20/74 и 14/75);“

Според членот 3 од Законот, корисниците на градежно земјиште во државна сопственост, за стекнување на право на сопственост, долготраен закуп и времен закуп се должни да поднесат барање, под услови, на начин и во постапка утврдени со овој закон. Ако корисниците на градежно земјиште во државна сопственост за стекнување на правата од ставот 1 на овој член во роковите определени со овој закон не поднесат барање, правото се установува под услови и на начин утврден со овој закон (став 2). Со стекнувањето на правата од ставот 1 на овој член, врз основа на овој закон престанува правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост на досегашните корисници на градежното земјиште (став 3).

Во членот 12 од Законот е определено дека градежното земјиште во државна сопственост (во натамошниот текст: градежното земјиште), може да се приватизира од државна сопственост во сопственост на домашни физички и правни лица корисници на градежното земјиште.

Според оспорениот член 13 став 1 од Законот, градежното изградено и градежното неизградено земјиште на кое постојат сокориснички права евидентирани во катастарот на земјиште, односно запишани во катастарот на недвижности во идеални делови се приватизира сразмерно на големината на идеалниот дел од сокорисничкото право.

Според ставот 2 на овој член, градежното изградено земјиште на кое се изградени станови, деловни простории, визби, гаражи и други посебни делови од станбени и деловни згради што имаат два или повеќе станови, односно деловни простории и други посебни делови кои се во сопственост на различни физички или правни лица, а на кое земјиште во катастарот на земјиште не се евидентирани, односно во катастарот на недвижности не се запишани идеални делови од сокорисничкото право, се приватизира во заедничка сопственост на физичките или правните лица како етажни сопственици.

Според ставот 3 на овој член од Законот, делот од надоместокот што го плаќа секој од етажните сопственици од ставот 2 на овој член се определува сразмерно на бројот на посебните делови од зградата спрема вкупната површина на земјиштето предмет на приватизација, при што се воспоставуваат односи меѓу етажните сопственици кои произлегуваат од правната содржина на правото на заедничка сопственост на градежно изградено земјиште согласно со Законот за градежно земјиште и Законот за сопственост и други стварни права. Надоместокот за секој етажен сопственик се пресметува на начин што вкупната површина на земјиштето предмет на приватизација се дели со бројот на посебните делови од зградата и се множи со висината на надоместокот по метар квадратен утврден според соодветната намена согласно со Уредбата за висина на надоместокот за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместокот за приватизација на градежно земјиште. Бројот на посебни делови од зграда се утврдува од страна на органот на државната управа надлежен за имотноправните работи со увид на самото место.

Според ставот 4 на член 13, кога не е извршена целосна приватизација на градежното земјиште од сите етажни сопственици, во Јавната книга за запишување на правата на недвижностите покрај етажните сопственици кои го приватизирале земјиштето останува запишана Република Македонија како заеднички сопственик на земјиштето се доцелосна приватизација на земјиштето.

Според членот 14 став 1 од Законот, градежното земјиште може да се приватизира во целост или во дел. Градежното земјиште може да се приватизира во површина на стекнатото право на користење, а во рамките на градежната парцела чија површина е дефинирана со актот за урбанистичко планирање со кој се утврдува градежната парцела (став 2).

Градежното земјиште на кое право на користење имаат правни лица може да се приватизира во рамките на градежната парцела чија површина е дефинирана со актот за урбанистичко планирање со кој се утврдува градежната парцела (став 3).

Според членот 27, барањето за приватизација од членот 26 на овој закон може да се поднесе до 31 декември 2012 година.

Од наведените одредби од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, произлегува дека целта на овој законски проект е корисниците на градежното земјиште да станат нови титулари на сопственоста на градежното земјиште, со што воедно треба да престане категоријата право на користење на градежното земјиште во државна сопственок како остаток од поранешниот општествено-политички систем и која не постои како категорија во правниот систем на Република Македонија по усвојувањето на Уставот. Градежното земјиште кое не е приватизирано е во сопственост на Република Македонија и на него во најголем дел постои право на користење на физички и правни лица кое право е дадено согласно прописите со кои била регулирана општествената сопственост.

Како титулар на градежното земјиште државата, Република Македонија има право да го уреди прашањето за трансформација на правото на користење во право на сопственост преку приватизација на градежното земјиште, поради што Судот смета дека не постои уставно ограничување Република Македонија тоа да го направи со закон со кој ќе го уреди начинот, условите и постапката на приватизирање и закуп на тоа земјиште.

Она што за подносителката на иницијативата е спорно во овој предмет е токму начинот на приватизација на земјиштето на кое се изградени објекти и врз кое право на користење имаат повеќе лица.

За Судот се неприфатливи аргументите во иницијативата, од причина што приватизација на градежното земјиште не претставува мерка на одземање ниту ограничување на правото на сопственост, туку напротив мерка со која се овозможува корисниците на правото врз градежното земјиште да станат и негови сопственици, односно нивното право на користење да се трансформира во право на сопственост. Како што беше погоре наведено државата како сопственик на тоа земјиште има право да го определи начинот на приватизација. Тоа што во конкретната оспорена одредба државата се определила приватизацијата да се врши сразмерно на големината на идеалниот дел од сокорисничкото право кое како такво е евидентирано односно запишано, значи дека таа се определила да ги почитува веќе стекнатите права на користење. Значи за градежното земјиште на кое веќе е запишано право на користење во идеални делови, состојбата не може да се менува во смисла на тоа со решението за приватизација да се создаваат права поинаку од веќе запишаните права на користење бидејќи се работи за веќе стекнати права – правото на користење на градежното земјиште сопственост на Република Македонија, запишано во катастарот на недвижности врз одредена правна основа (поранешна сопственост на земјиштето, доделување на користење со акт на државен орган или слично).

Судот смета дека во иницијативата не се дадени доволно аргументи зошто со ваквиот начин на приватизација на градежното земјиште, во зависност од запишаното право на користење во идеални делови се нарушува сопственоста, ако се знае дека и досега сопствениците на објекти изградени врз државно земјиште немале право на сопственост, туку само корисничко право врз земјиштето, што сепак не било пречка тие слободно да го користат заедно со објектот, и слободно и непречено да располагаат со објектите во нивна сопственост, изградени врз тоа земјиште.

При тоа треба да се напомене дека во определен период од важењето на овој Закон, градежното изградено земјиште на кое се изградени објекти со повеќе станови односно посебни делови во сопственост на различни физички или правни лица, воопшто не било предмет на приватизација. Така, со измените и дополнувањата на овоја закон од 2008 година („Службен весник бр.165/2008) бил воведен член 6-а од овој закон, според кој градежното изградено земјиште на кое се изградени станови, деловни простории, визби, гаражи и други посебни делови од станбени и деловни згради што имаат два или повеќе станови, односно деловни простории и други посебни делови кои се во сопственост на различни физички или правни лица (етажна сопственост), не е предмет на приватизација. Оваа одредба важела се до декември 2009 година, кога со Законот за измени и дополнувања на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 146/2009) била укината, со што практично се овозможува приватизација на градежното изградено земјиште на кое постојат објекти во етажна сопственост.

Наводите на кои што инсистира подносителот во иницијативата и во двете дополнувања, дека во нивниот случај де факто станувало збор за објекти во етажна сопственост на кои правото на користење требало да биде само запишано како право, а не и во идеални делови и документите што при тоа ги приложува како доказ за тоа како дошло до упишување на правото во идеални делови, се фактички прашања, поврзани со примената на законот, кои не се во надлежност на Уставниот суд и кои што треба да се разрешат во постапката за приватизација на градежното земјиште.

Поради наведеното, Судот оцени дека не постојат основи за поведување постапка за оценување на уставноста на член член 13 став 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост од аспект на наводите во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.234/2011
17 октомври 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски