У.бр.234/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јуни 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 188 став 1 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.234/2008 од 6 мај 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 188 став 1 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со Уставот на Република Макеедонија.

4. Судот на седницата утврди дека членот 26 од Законот, со кој било утврдено дека во основно училиште можело да се остварува и верско образование како изборен предмет, е укинат со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.202/2008 од 15 април 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2009).

Со членот 188 став 1 од Законот е предвидено дека членот 26 од овој закон ќе отпочне да се применува од 1 септември 2008 година.

5. Со оспорениот член 188 став 1 од Законот за основното образование уредено е дека одредбата на членот 26 од овој закон ќе отпочне да се применува од 1 септември 2008 година, а со оглед дека членот 26 од Законот не е во правниот поредок произлегува и дека оспорениот член 188 став 1 од Законот уредува примена на непостоечко право во Законот, со што се повредува уставниот принцип на владеењето на правото утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.234/2008
24 јуни 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски