У.бр.234/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 април 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за уредување на правата, обврските и одговорностите на работниците на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, бр.04-4198/1 од 26 мај 2003 година склучен помеѓу директорот и Синдикалната организација на Фондот за здравствено осигурување.

2. Јулијана Димитровска од Битола, Кире Сотировски од Крушево и Маја Петрова од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата, најпрво повикувајќи се на членот 138 од Законот за работните односи, наведуваат дека оспорениот колективен договор бил незаконит, затоа што не бил склучен од овластен орган, односно претставник на работодавачот утврден во членот 98 став 1 од Законот за работните односи (Управен орган или друг соодветен орган на управување) и дека овој договор, според членот 114, влегувал во сила со денот на потпишувањето, а се огласувал на огласна табла, поради што бил во несогласност и со членот 100 од истиот закон, во кој се утврдувало дека колективниот договор на ниво на работодавец се објавува на начин утврден во договорот.

Поради наведените причини, според подносителите на иницијативата оспорениот колективен договор истовремено не бил во согласност и со членовите 51 и 52 од Уставот и затоа предлагаат Судот да поведе постапка за оценување на неговата уставност и законитост.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот колективен договор е донесен врз основа на член 90 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 53/1997, 59/1997, 21/1998, 25/2000, 34/2000, 3/2001 и 25/2003).

Според членот 1, со овој колективен договор во согласност со закон и други прописи се доуредуваат правата, обврските и одговорностите на работниците и директорот од работниот однос, како и обемот и начинот на остварување на правата, обврските и други прашања од интерес на работниците во Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Прашањата на кои се упатува во членот 1, се уредени во вкупно 114 членови, заедно со завршните одредби, кои ја сочинуваат и содржината на оспорениот колективен договор.

Судот на седницата, исто така, утврди дека одлучувајќи по иницијатива која била поднесена од првите двајца подносители на оваа
иницијатива, со Решение У.бр.163/2003 од 18 февруари 2004 година не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 92 и 95 став 1 точка 6 од истиот колективен договор кој се оспорува со оваа иницијатива.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согланоста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Постапувајќи по оваа иницијатива, Судот утврди дека членовите 98, 100 и 138 во однос на кои се оспорува законитоста, а преку неа и уставноста на овој колективен договор се содржани во Законот за работните односи кој престанал да важи пред поднесување на самата иницијатива. Имено, согласно член 271 од новиот Закон за работните односи кој е објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.62 од 28 јули 2005 година, (иницијативата во Судот е примена на 22 декември 2005 година) со денот на неговото влегување во сила престанува да важи Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 53/1997, 59/1997, 21/1998, 25/2000, 34/2000, 3/2001 и 25/2003).

Оттука, имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, а со оглед на тоа што во конкретниот случај се бара оценување на согласноста на оспорениот колективен договор со одредби од закон кој престанал да важи и повеќе не е дел од правниот поредок на Република Македонија, Судот утврди дека поради непостоење на законот во однос на кој се оспорува овој колективен договор постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што согласно член 110 од Уставот и член 28 алинеја 3 од Деловникот одлучи истата да ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.234/2005
12 април 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова