У.бр.234/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник” бр.70/92), на седницата одржана на 24 април 2002 година донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за основање на Генерален секретаријат како стручна служба на Владата на Република Македонија, во целина, и посебно член 5 во делот “и со службите на владите на другите држави” (“Службен весник на Република Македонија” бр. 12/2001)

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука во целина не била во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 51, 88, 89 став 6 и 91 алинеја 14 од Уставот, како и со членовите 11 став 4, 39, 40 и 41 од Законот за Владата на Република Македонија, затоа што во наведените законски одредби не било предвидено Владата на Република Македонија за своите потреби да може да основа Генерален секретаријат, како стручна служба на Владата на Република Македонија.

Оспорениот дел на членот 5 од оваа Одлука пак не бил во согласност со наведените уставни и законски одрдби, затоа што со подзаконски акт – пропис не можело да се предвидува соработка со странски влади, ако тоа не е предвидено со Устав (при тоа повикувајќи се на членот 119 став 2 од Уставот) и со закон.

Поради изнесените причини, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорената одлука во целина и посебно на членот 5 од оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 1 од оспорената одлука, со неа се основа Генерален секретаријат како Стручна служба на Владата на Република Македонија. Според член 2 од оваа одлука Генералниот секретаријат обезбедува логистичка стручна подршка на Владата на Република Македонија во целина, на претседателот на Владата, на замениците на претседателот на Владата и на министрите членови на Владта, а со цел за законито, ефикасно и транспарентно работење на Владата.

Во членот 3 од Одлуката се утврдува дека Генералниот секретаријат се организира во согласност со надлежностите на Владата утврдени со Уставот и законот на начин кој обезбедува поголема стручна оперативност и ефикасност во работењето.

Понатаму, во членот 4 е утврдено дека Генералниот секретаријат ги врши работите и задачите во согласност со Деловникот за работа на Владата, годишната програма за работа на Владата, упатствата, насоките и заклучоците на Владата и упатствата на Генералниот секретар на Владата, кој што согласно членот 6 од оваа одлука раководи со Генералниот секретаријат, а на кого според членот 7, Владата му именува заменик.

Во остварувањата на работите и задачите од својот делокруг, според членот 5 од Одлуката, Генералниот секретаријат соработува освен со стручните служби на органите на Република Македонија наведени во овој член, и со службите на владите на другите држави.

Според членот 6, внатрешната организација и систематизација на Генералниот секретаријат се уредува на начин што до израз да дојдат специфичностите на надлежностите што ги има Владата, согласно Законот за Владата, а што е основа за уредување со Правилникот за внатрешната организација и Правилникот за систематизација на работните места во Генералниот секретаријат.

И, на крај според членот 10, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Според член 89 став 1 од Уставот на Република Македонија, Владата на Република Македонија ја сочинуваат претседател и министри, а според ставот 6 од истиот член на Уставот, организацијата и начинот на работата на Владата се уредуваат со закон.

Врз основа на ваквата уставна определба, организацијата и начинот на работата на Владата е уредена со Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 59/2000).

Од аспект на наводите во иницијативата, посебно е значаен членот 39 и 41 од овој закон.

Имено, според членот 39 од Законот за Владата, Владата има генерален секретар, кој во однос на стручната служба на Владата ги има правата и должностите на директор кој раководи со орган на државната управа, а неговата работа се утврдува со Деловникот за работа на Владата на Република Македонија

Во член 41 од овој закон е утврдено дека Владата за своите потреби основа самостојни или заеднички стручни и други служби и дека со актот за основање на овие служби се утврдува нивната организација и делокруг на работа.

Од наведените законски одредби произлегува дека Владата на Република Македонија може да има една или повеќе стручни служби, за чие основање одлучува самата Влада и дека со актот за основање на овие служби се утврдува и нивната организација и делокруг на работа.

Од друга страна, и од дикцијата на членот 3 став (2) од Законот за државните службеници произлегува дека, освен во другите органи на државната власт, и во Владата на Република Македонија постојат, односно можат да се основаат стручни служби на кои се однесуваат и применуваат одредбите од овој закон.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, како и насловот и содржината на оспорената одлука Судот утврди дека таа не е во несогласност со уставните и законските одредби во однос на кои таа се оспорува во иницијативата.

Ова од причина што со оваа одлука фактички се уредуваат само прашања од сферата на организацијата и работата на Владата на Република Македонија и дека таа претставува основачки акт во смисла на членот 41 од Законот за Валадата на Република Македонија, врз чија основа и е донесена.

Имено, согласно наведениот член од Законот за Владата на Република Македонија, со оспорената одлука, освен што се врши основање на Генералниот секретаријат како Стручна служба на Владата на Република Македонија, со неа се утврдени и основите за организација и работа, односно делокругот на Генералниот секретаријат, со тоа што во членот 8 се упатува дека неговата внатрешна организација и систематизација на работните места ќе се уредат со соодветни акти (правилници), што, пак, е во согласност и со Законот за државните службеници.

Од друга страна, ниту посебно оспорениот дел на членот 5 од оваа одлука не е спорен од аспект на членот 119 став 2 од Уставот на Република Македонија, на кој се повикува подносителот, бидејќи во случајот не станува збор за остварување на меѓународни односи во смисла на овој член од Уставот, а ни на меѓународното право воопшто.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 234/2001
24 април 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов